Кога микробите нема да му штетат никому
МИКРОБИТЕ, т.е. микроорганизмите, се неопходни за живот. Тие во голема мера влегуваат во составот на почвата и во составот на нашите тела. Како што е наведено во рамката „Видови микроби“ на 7. страница, „во нашиот организам живеат билиони бактерии“. Повеќето од нив се корисни — всушност, неопходни за здравјето. Иако само релативно малку од нив предизвикуваат болести, можеме да бидеме уверени дека, со текот на времето, микробите нема повеќе никому да му причинуваат штета.
Пред да испитаме на кои начини ќе биде отстрането сето штетно дејство на микробите, да видиме какви напори се вложуваат во моментов во борбата против микробите што предизвикуваат болести. Покрај тоа што ќе ја разгледате придружната рамка „Што можете да сторите“, да видиме и какви напори вложуваат стручњаците на полето на здравството во борбата против отпорните микроби.
Глобална стратегија
Д-р Гро Харлем Брандлан, поранешен генерален директор на Светската здравствена организација (СЗО), објаснила какви напори се вложуваат. Во Извештајот за заразните болести за 2000, под наслов „Совладување на отпорните микроби“, таа истакнала дека треба да се развие „некоја глобална стратегија за да се ограничи отпорноста“ на микробите. Зборувала и за тоа да се „здружат сите здравствени установи“, нагласувајќи: „Имаме прилика да лансираме голем напад против заразните болести“.
Во 2001, СЗО предложила една „Глобална стратегија за ограничување на отпорните микроби“. Овој документ изнел план што бил наменет за здравствените установи и за луѓето воопшто во врска со тоа „што да се прави и како да се прави“. Таа стратегија вклучувала да се информираат луѓето за тоа како да се заштитат од болести, но и поука како да ги користат антибиотиците и другите антимикробни средства кога ќе дојде до некоја инфекција.
Освен тоа, здравствените работници — лекарите и медицинските сестри, како и другиот персонал во болниците и во старечките домови — биле поттикнати да преземаат подобри мерки за да се избегне ширењето на инфекции. За жал, испитувањата откриле дека многу здравствени стручњаци сѐ уште пропуштаат да ги мијат рацете или да ги сменат ракавиците по прегледот на секој пациент.
Анкетите исто така покажале дека лекарите препишуваат антибиотици дури и кога нема потреба. Една причина за ова е тоа што луѓето вршат притисок врз лекарот да им даде антибиотик за да оздрават побрзо. Па така, лекарите попуштаат едноставно за да им угодат на пациентите. Честопати лекарите не одвојуваат време за да ги поучат своите пациенти ниту, пак, имаат на располагање средства за да го откријат микробот што ја предизвикал инфекцијата. Исто така, можеби препишуваат понови но поскапи антибиотици со широк спектар на дејство. И ова го влошува проблемот со микробите што се отпорни на лекови.
Други подрачја на кои се обрнува внимание во Глобалната стратегија на СЗО се болниците, државните здравствени институции, производителите на храна, фармацевтските компании и законодавните тела. Извештајот охрабрува на соработка помеѓу сите нив за да се добие битката против глобалната закана од микробите отпорни на лекови. Но, дали оваа програма ќе биде успешна?
Пречки на патот до успехот
Глобалната стратегија на СЗО алудираше на една од главните пречки за решавање на здравствените проблеми. Тоа е желбата за профит, т.е. пари. Библијата вели дека љубовта кон парите е причина за „секакви штетни работи“ (1. Тимотеј 6:9, 10). СЗО поттикнува: „Мораат да се земат предвид и односите со фармацевтската индустрија, да се воведе соодветна контрола на пристапот што го имаат трговските претставници до клиничкиот персонал, како и надгледување на образовните програми за здравствени работници што ги финансира оваа индустрија“.
Компаниите за производство на лекови нападно им ги презентирале своите производи на лекарите. Сега ѝ ги презентираат своите производи директно на јавноста преку телевизиските реклами. Ова очигледно придонело за претераната употреба на лекови, што било еден од главните фактори за ширењето на микроби отпорни на лекови.
Во поглавјето во кое се зборува за употребата на антимикробни средства кај животните од кои се добиваат продукти за исхрана, Глобалната стратегија на СЗО наведува: „Ветеринарите во некои земји заработуваат цели 40% или повеќе од својот приход со продажба на лекови, а тоа претставува пречка во ограничувањето на употребата на антимикробни средства“. Како што е добро документирано, отпорните микроби се појавиле и се рашириле поради претераната употреба на антибиотици.
Всушност, производството на антибиотици е зачудувачки големо. Само во Соединетите Држави секоја година се произведуваат околу 20 илјади тони антибиотици! Од вкупното светско производство, луѓето користат само околу една половина. Останатиот дел се користи за да се прскаат посевите или служи како сточна храна. Антибиотиците обично се мешаат со сточната храна за да се забрза растот на животните што се користат за исхрана на луѓето.
Улогата на владите
Значајно е тоа што во главното резиме на Глобалната стратегија на СЗО стои: „Голем дел од одговорноста да се примени оваа стратегија лежи на секоја земја поединечно. Клучна улога во тоа имаат владите“.
Всушност, многу влади вовеле програми за борба против отпорните микроби, ставајќи нагласок врз соработката во и надвор од нивните државни граници. Овие програми вклучуваат подобрена евиденција на употребата на антимикробните средства и на отпорните микроби, подобрена контрола на инфекциите, соодветна употреба на антимикробни средства во медицината и во земјоделството, истражување за да се разбере отпорноста на микробите, како и развој на нови лекарства. Извештајот за инфективни болести за 2000 на СЗО не беше оптимистичен. Зошто?
Извештајот укажа на „недостиг на политичка волја од страна на владите чиј приоритет можеби не е здравјето на луѓето“. Во него стоело и следново: „Болестите — а според тоа и отпорноста на микробите — цветаат во услови на граѓански немири, сиромаштија, масивна миграција и загадување на животната средина, бидејќи голем број луѓе се изложени на заразни болести“. За жал, токму овие проблеми човечките влади никогаш не можеле да ги решат.
Меѓутоа, Библијата зборува за една влада која не само што ќе ги реши проблемите кои предизвикуваат болести туку и сосема ќе ги отстрани сите болести. Можеби мислите дека некои микроби секогаш ќе им нанесуваат штета на луѓето, но имаме добри причини да веруваме дека во иднина работите ќе бидат далеку подобри.
Кога микробите нема да нанесуваат штета
Библискиот пророк Исаија уште многу одамна укажал на една влада со натчовечки извор и го идентификувал нејзиниот владетел. Забележете како гласи тоа пророштво: „Зашто, ни се роди Дете, Син ни се даде, власта му е на рамото. Името ќе Му биде: Чудесен Советник, Силен Бог, Вечен Татко, Кнез на Мирот“ (Исаија 9:6, курзивот е од нас).
Кое е ова дете, овој кнез, кој ќе добие владетелство? Забележете како е идентификуван уште пред да се роди. Ангелот Гавриел ѝ рекол на девојката Марија: „Еве, ќе зачнеш во утробата и ќе родиш син, и треба да му го дадеш името Исус. Тој ќе биде голем . . . и неговото царство нема да има крај“ (Лука 1:31—33).
Кога Исус достигнал физичка зрелост, дал доказ дека навистина бил ветениот Владетел на Божјето Царство. Не само што Исус одел низ земјата и ја објавувал „добрата вест за царството“ туку покажал и дека има моќ да ги отстрани сите болести. Библијата известува: „Му пријдоа големи мноштва, доведувајќи со себе куци, сакати, слепи, неми и многу други и, така да се каже, ги фрлија пред неговите нозе, а тој ги излекува; така што мноштвото беше восхитено, гледајќи како немите зборуваат, куците одат и слепите гледаат“ (Матеј 9:35; 15:30, 31).
Навистина, сеедно каква болест или инвалидност имал некој, Исус можел да го излекува. Тој дури и вратил во живот неколку луѓе што умреле! (Лука 7:11—17; 8:49—56; Јован 11:38—44). Точно, оние што биле излекувани, па дури и оние што биле воскреснати, на крајот умреле. Сепак, чудата што ги направил Исус покажале што ќе направи тој во иднина за луѓето што ќе живеат на земјата под владата на Царството. Библијата ветува дека во тоа време „ниеден жител нема да рече: ,Болен сум!‘ “ (Исаија 33:24; Откровение 21:3, 4).
Денес, како што сите добро знаеме, секој е подложен на болест и смрт. Микробите им нанесуваат штета на милиони луѓе, честопати предизвикувајќи смрт. Сепак, човечкото тело е толку чудесно конструирано што некои се чудат зошто воопшто се разболуваме. Доктор Луис Томас пишувал за многу битната улога на бактериите и забележал дека болестите се нешто „како несреќен случај“. Тој рекол: „Изгледа дека одбрамбените механизми на заболените пациенти имаат некаков посебен недостаток“.
Навистина, оние што имаат јак имунолошки систем скоро воопшто не заболуваат од некоја заразна болест. Сепак, со текот на времето луѓето им подлегнуваат на староста и на смртта. Библијата вели дека гревот што е наследен од првиот човек, Адам, кој во почетокот бил совршен, е недостатокот што е причина за болестите и смртта. „Преку еден човек“, објаснува Библијата, „гревот влезе во светот и преку гревот смртта, така и смртта се прошири на сите луѓе, бидејќи сите згрешија“ (Римјаните 5:12).
Меѓутоа, Бог го испратил својот Син на земјата да го даде својот совршен живот како откуп за да ги ослободи луѓето од последиците на гревот (Матеј 20:28). Библијата објаснува: „Платата што ја дава гревот е смрт, а дарот што го дава Бог е вечен живот преку Христос Исус, нашиот Господ“ (Римјаните 6:23; 1. Јованово 5:11). Под владата на Божјето Царство ќе ги видиме резултатите од Христовата откупна жртва врз здравјето на луѓето. Тогаш, сите микроби, дури и оние што денес предизвикуваат болести, нема да му причинуваат штета на ниеден човек.
Зарем не е разумно да дознаете нешто за владата на Царството што е ветена во Библијата, која ќе ги реши сите проблеми на човештвото? Јеховините сведоци со задоволство ќе Ви помогнат да дознаете нешто повеќе за тоа.
[Рамка на страница 9]
Што можете да сторите
Што можете да сторите за да ја сведете на минимум заканата од отпорни микроби? Светската здравствена организација дала некои совети. Прво, таа изнела мерки што можеме да ги преземеме за да ги намалиме болестите и ширењето на инфекциите. Второ, опишала на кој начин луѓето можат подобро да ги користат антимикробните средства.
Логично, најдобар начин да се намалат болестите и нивното ширење е да се стори сѐ што е потребно за да се зачува здравјето. Што можете да направите за да не се разболите?
Како да не се разболите
1. Дајте сѐ од себе за да ги обезбедите следниве три работи: правилна исхрана, доволно вежбање и доволно одмор.
2. Водете сметка за личната хигиена. Здравствените лица истакнуваат дека најефикасен начин да не дозволите да се разболите и да не им пренесете инфекција на другите е да си ги миете рацете.
3. Погрижете се храната што ја јадете Вие и Вашето семејство да биде како што треба. Особено водете сметка да Ви бидат чисти рацете и површината врз која ги подготвувате оброците. Исто така, погрижете се да биде чиста водата што ја користите за да ги миете рацете и храната. Бидејќи микробите се размножуваат во храната, добро сварете го месото. Исправно складирајте ја храната и чувајте ја во фрижидер.
4. Ако живеете во земја каде што крилестите инсекти пренесуваат тешки болести, ограничете ги активностите што ги вршите надвор ноќе или рано наутро, кога овие инсекти се најактивни. Исто така, редовно користете заштитни мрежи.
5. Вакцините можат да му помогнат на имунолошкиот систем да се избори против некои микроби што се вообичаени во местото каде што живеете.
Користење на антимикробни средства
1. Пред да купите или да земете некој антибиотик или антимикробно средство, посоветувајте се со некое медицинско лице. Рекламите што им се упатени директно на потрошувачите честопати повеќе му користат на продавачот отколку на купувачот.
2. Не вршете му притисок на својот лекар да Ви препише антибиотик. Ако го правите тоа, тој може да Ви даде антибиотик само затоа што се плаши дека ќе Ве изгуби како пациент. На пример, настинките ги предизвикуваат вируси и затоа не можат да се излечат со антибиотици. Ако земате антибиотик кога имате вирус, може да се спречи дејството на корисните бактерии и така да им се овозможи на отпорните бактерии да се размножуваат.
3. Не инсистирајте да го добиете најновиот лек — можеби тој не е најдобар за Вас и можеби ќе платите многу повеќе отколку што е потребно.
4. Информирајте се за секој лек од сигурен извор: За што е наменет? Кои се можните нуспојави? Како дејствува во комбинација со други лекови и кои се други фактори поради кои е опасно да се внесе во организмот?
5. Ако навистина треба да се лекувате со антибиотици, обично ќе Ве советуваат да ја примите целата доза што Ви е препишана, дури и ако се чувствувате подобро уште пред да ја завршите. Последниот дел од дозата се зема за да се засигури целосно повлекување на инфекцијата.
[Слика на страница 10]
Под Божјата праведна влада, луѓето ќе уживаат во живот без микроби што причинуваат штета