Го набљудуваме светот
Кога да ги миете забите
Ако ги миете забите веднаш откако сте пиеле кисели пијалаци или сте јаделе кисела храна, можете да ја оштетите глеѓта, пишува во весникот Milenio, кој излегува во Мексико Сити. Известувајќи за една анкета спроведена во германскиот Универзитет во Гетинген, овој весник предупредува дека киселата храна „привремено ја ослабува глеѓта на забите“. Затоа може да биде штетно да се мијат забите веднаш по ручекот. Наместо тоа, „препорачливо е да почекате некоја минута за да можат забите повторно да се зацврстат“.
Облаците и слоновите
Колку тежи еден облак? Еден кумулус може да содржи околу 550 тони вода, известуваат вестите Еј-Би-Си. „Или, ако сакате да го претворите тоа во нешто што би можеле полесно да го разберете . . . сетете се на слоновите“, вели метеорологот Пеги Лемон. Ако речеме дека еден слон тежи околу шест тони, тогаш водата што се наоѓа само во еден просечен кумулус би тежела колку 100 слона. Сета таа вода се одржува во воздухот во вид на многу ситни капки што ги носи потоплиот воздух, кој се подига одоздола. За разлика од еден „надуен“ кумулус, некој голем облак што најавува бура може да содржи вода што тежи колку 200.000 слонови. А што е со ураганот? Пеги Лемон пресметала колку тежи водата што ја содржи еден кубен метар облак од ураган и ја помножила добиената цифра со вкупниот волумен на ураганот. Кој бил резултатот? Тежина еднаква на четириесет милиони слонови. „Тоа значи дека водата во еден ураган тежи повеќе од сите слонови на планетава“, вели тој извештај, „можеби дури и повеќе од сите слонови што живееле досега“.
Штичката за сечкање нека биде чиста!
Што е побезбедно — дрвена или пластична штичка за сечкање? “Која и да е, ќе биде добра ако ја одржувате многу чиста“, стои во UC Berkeley Wellness Letter. „Сеедно дали пилешкото или секое друго незготвено месо го сечете на дрво или на пластика, откако ќе завршите, добро истријте ја штичката со жешка насапунета вода“. Ако штичката е длабоко засечена или на неа има маснотии, уште повнимателно погрижете се добро да ја исчистите. „Исто така, можете да ја дезинфицирате на тој начин што ќе ја исплакнете со разреден раствор од варикина (1 кафена лажичка варикина со 1 литар вода)“, стои во Wellness Letter. Рацете и ножевите исто така треба да бидат добро измиени и суви.
Заморот може да биде знак за срцев удар
Според една анкета, „необичниот замор и несоницата би можеле да бидат рани предупредувачки знаци за срцев удар кај жените“, се известува во меѓународното издание на The Miami Herald. Додека само 30 проценти од анкетираните жени известиле дека еден од првите знаци бил болката во градите, 71 процент чувствувале необичен замор повеќе од еден месец пред срцевиот напад. „Заморот е необјаснив и необичен“, вели професор Жан Мексвини од Медицинскиот факултет во Арканзас, и додава дека „некои толку се заморуваат што не можат да го постелат креветот без да се одморат . . . Срцевите болести се убиец бр. 1 кај жените“. Таа забележува: „Ако можеме да ги научиме жените рано да ги препознаваат симптомите, тогаш ќе можеме да ги лекуваме и да го спречиме или да го одложиме срцевиот напад“.