На тинејџерите им е потребно да минуваат време со возрасните
СЕКОЈ грижлив родител знае дека малите дечиња добро напредуваат кога се опкружени со љубов и внимание и дека, кога им треба гушкање, ќе долазат до скутот на родителот. Но, кога ќе влезат во пубертет, поверојатно е дека ќе ги оттурнат родителите од себе, вели д-р Барбара Стагерс, директор на одделот за адолесцентна медицина во Children’s Hospital and Research Center во Оукланд (Калифорнија, САД). Сепак, овој период од животот е времето кога најмногу им треба внимание од родителите. Зошто е тоа така?
Кога ќе навлезат во тинејџерските години, младите поминуваат сѐ повеќе време без надгледување, а тоа е една од најголемите опасности со кои се соочуваат тинејџерите, како што вели д-р Стагерс. „Адолесценцијата“, вели таа за весникот Toronto Star, „е време кога децата учат кои се тие и како се вклопуваат во светот околу нив. Ако на ова се додадат склоноста да се впуштаат во ризични ситуации и силата на притисокот од врсниците, опасноста може да биде огромна.“ Адолесценцијата се состои од различни етапи и проблемот не е во годините. Наместо тоа, како што вели д-р Стагерс, „проблемот е во тоа како [тинејџерите] функционираат, како ги обработуваат информациите и како експериментираат“. Раната адолесценција е време на осознавање на самиот себе, преокупираност со промените во телото и време на импулсивност. Средната адолесценција се карактеризира со повеќе експериментирање, а доцната адолесценција со самостојно размислување.
Да, тинејџерските години можат да бидат возбудливи, но можат да бидат и збунувачки — и за родителите и за тинејџерите. Д-р Стагерс, која преку 20 години работи со адолесценти, вели дека на повеќето од нив „им е потребно да минуваат време со некој возрасен што ги сака“. Како се постигнува ова?
Секогаш бидете спремни отворено да разговарате! Родители, уверете ги своите деца дека ги сакате со тоа што внимателно ќе ги слушате. Покажете дека се грижите за нив така што ќе поставувате прашања со кои ќе им помогнете да си ги средат мислите и идеите и со кои ќе им помогнете да ги увидат последиците од секоја немудра одлука што ќе ја донесат. Пофалете ги за добрите резултати од исправните одлуки. Помогнете им да сфатат какво однесување е прифатливо.
Ако родителите се водат од општоприфатеното мислење дека децата мораат да научат сами да ги решаваат проблемите, ги изложуваат децата на штетното влијание на нечесните и бескрупулозни луѓе (Пословици 13:20). Од друга страна, пак, родителите кои се држат за библиските совети, ќе им ја дадат на своите деца најдобрата шанса што постои за успешно да ја поминат адолесценцијата и да станат одговорни возрасни личности. Затоа родители, морате да научите ‚да го упатите детето по неговиот пат‘ (Пословици 22:6).
Практични совети за добра комуникација и за воспитување на тинејџерите се наоѓаат во книгата Тајната на семејната среќа.a Во неа има и практични библиски совети за секој член од семејството.
[Фуснота]
a Издадена од Јеховините сведоци.