Промени кај затворениците во мексиканските затвори
Од дописникот на Разбудете се! во Мексико
ПОНЕКОГАШ, како причина зошто криминалците се ставаат во затвор се наведува намерата да им се помогне да се променат. Меѓутоа, еден затвореник не може да се промени само со тоа што ќе биде ставен в затвор. Мотивацијата за тоа мора да доаѓа од неговиот ум и од неговото срце, проследено со искрено каење за направените престапи и со желба да се однесува поинаку. Во многу затвори низ светот, затворениците успешно прават промени со помош на библиската поука што ја овозможуваат Јеховините сведоци. Да ја разгледаме нивната програма во Мексико.
Јеховините сведоци посетуваат 150 затвори во Мексико и нудат програма за читање на Библијата и поука за моралот и библиските доктрини. На пример, во затворот во Сиудад Хуарез (Чихуахуа), Јеховините сведоци редовно им проповедаат на околу 1.200 затвореници. Затворениците многу ги почитуваат, па дури и ги штитат во опасни ситуации. Еднаш, кога имало бунт во тој затвор, некои од најнасилните осуденици ја смириле толпата за да можат Сведоците безбедно да си заминат.
Изданието на Разбудете се! од 8 мај 2001 (не е издадено на македонски), чии уводни статии говореа на тема „Можат ли затворениците да се променат?“, го привлече вниманието и на затворениците и на затворските власти. Во затворот во Сан Луис Рио Колорадо (Сонора), 12 Сведоци оставија 2.149 примероци од ова списание.
Кога ќе наидат на вистинска заинтересираност, Јеховините сведоци се враќаат од седмица во седмица за да поучуваат за Библијата и да одржуваат верски состаноци. Во колкава мера ваквата библиска поука успева да им го промени животот на затворениците?
Затворениците стануваат христијански проповедници
Хорхе западнал во криминал уште пред да наполни 20 години. По 13 години поминати во затворот во Ислас Маријас, бил ослободен. Но, наскоро повторно почнал со криминал — трговија со дрога. Како платен убиец, следел наредби да убива и на крајот бил одговорен за смртта на 32 лица. Повторно се нашол в затвор, но адвокатите му рекле дека неговите поранешни мафијашки шефови биле спремни да платат голема сума пари за да го ослободат. Сакале да го извадат од затвор за да може да убие уште еден човек за нив. Но, овој пат Хорхе ја проучувал Библијата со Јеховините сведоци. Напредувал духовно, се крстил и станал полновремен проповедник, или пионер, во затворот. Дали сакал да ја прифати понудата да биде на слобода и повторно да работи за наркошефовите или да остане во затвор и да му служи на Јехова? „Повеќе сакам да останам во затвор и да платам за сите злосторства што сум ги направил“, одговорил Хорхе. „Сега му служам на Јехова Бог, Севишниот Господар.“ Хорхе му останал верен на Јехова и умрел со надеж за воскресение. Неговите духовни браќа за него велат: „Тој ‚ја спозна вистината, и вистината го ослободи‘“ (Јован 8:32).
Давид, кој отслужува затворска казна од 110 години за убиство, киднапирање и кражба, е затворен во затворскиот оддел со високо обезбедување каде што лежат опасните криминалци. Меѓутоа, поради тоа што значајно го променил своето однесување откако почнал да ја проучува Библијата со Јеховините сведоци, добил посебна дозвола да оди на состанок надвор од овој оддел, под придружба на стражар. Го променил својот живот според барањата од Библијата, па сега учествува во проповедањето и поучува за Библијата осуммина други затвореници од тој оддел. Во неговото семејство толку се импресионирани од тоа колку се променил што одат да го посетат за да ги поучува за Библијата. Давид вели: „Никогаш не ми е доста од благодарење на Јехова за тоа што духовно ме ослободи“.
Како резултат на програмата за библиска поука што ја извршуваат Јеховините сведоци, 175 затвореници во 79 затвори во Мексико ги исполнуваат условите да проповедаат, а 80-мина од нив се крстени. Тие поучуваат за Библијата вкупно 703 други затвореници. Освен тоа, околу 900 затвореници одат на состаноците што се одржуваат во затворите.
Пофалба од властите
Затворските власти им оддаваат признание на Јеховините сведоци за она што го прават. На пример, управата на затворот во Текаш (Јукатан), им даде пофалница со признание за нивната „голема несебична и човекољубива помош“ што им ја дадоа на затворениците во текот на 2002 година.
Кога Сведоците почнаа со програмата за библиска поука во овој затвор, нивните состаноци се одржуваа под строг надзор од неколкумина стажари. Но, со текот на времето, како што затворениците се подобруваа, групата ја стекна почитта од стражарите, и на крајот само еден стражар беше одреден да ги чува.
Затворот во Сиудад Хуарез има своја Сала на Царството. Беше дозволено да се внесат градежни материјали за да може една метална конструкција да се преуреди во место за состаноци. Целата работа ја завршија тринаесетте крстени затвореници и затворениците што тие ги поучуваа за Библијата. Во Салата има систем за озвучување, тоалет, удобни седишта и место за 100 луѓе. На петте седмични состаноци редовно има околу 50 присутни.
Да, со библиска поука може да се направат големи промени. Исто како што библискиот лик Манасиј — јудејски цар што направил големи злосторства и кој бил затвореник во Вавилон — се покајал и се молел за простување, денес затворениците можат да ја променат својата личност и да станат богобојазливи лица (2. Летописи 33:12, 13).
[Слика на страници 20 и 21]
Крштавање во еден затвор
[Слика на страници 20 и 21]
Полновремените проповедници и нивните инструктори на Школата за пионерска служба, одржана во затворот