ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g05 8/11 стр. 22-23
  • „Си спомнуваме како јадевме . . . лук“

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • „Си спомнуваме како јадевме . . . лук“
  • Разбудете се! 2005
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Јак лек
  • Одгледување лук во Констанца
  • Малку лук, многу мирис
  • Да се служи под Јеховината љубезна рака
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1996
Разбудете се! 2005
g05 8/11 стр. 22-23

„Си спомнуваме како јадевме . . . лук“

Од дописникот на Разбудете се! од Доминиканската Република.

АКО сте далеку од дома и стомакот Ви е празен, какво јадење би посакале да јадете? Можеби ќе помислите на свежиот зеленчук и овошје што растат во вашата родна земја, или можеби на сочните чорби со месо или риба што Ви ги правела мајка Ви. Но, Ве фаќа ли зазабица кога ќе помислите на лук?

Пред околу 3.500 години, додека израелскиот народ талкал низ пустелијата Синај, рекле: „Си спомнуваме како јадевме бесплатно во Египет: риби, краставици, дињи, праз, кромид и лук“ (Броеви 11:4, 5). Да, тие копнееле по лук. Евреите толку многу го сакале лукот што, според традицијата, се нарекувале себеси љубители на лук.

Како Израелците го засакале толку лукот? За време на 215-те години во Египет, лукот бил дел од нивната исхрана. Археолошките докази укажуваат дека Египќаните одгледувале лук долго пред Јаков и неговото семејство да дојдат во Египет. Грчкиот историчар Херодот кажува дека египетските власти купувале огромни количини кромид, ротквици и лук со што ги хранеле робовите што им ги граделе пирамидите. Ваквата исхрана, богата со лук, изгледа дека им давала поголема сила и издржливост на работниците. Кога Египќаните го погребале фараонот Тутанкамон, во неговиот гроб оставиле многу вредни работи, меѓу кои и лук. Се разбира, лукот не им бил од никаква корист на мртвите, но им бил од голема корист на живите.

Јак лек

Докторите од многу одамна користат лук во лекувањето на своите пациенти. Пред многу векови, грчките лекари Хипократ и Диоскорид го препорачувале лукот при проблеми со варењето, при лепра, рак, рани, инфекции и проблеми со срцето. Во 19 век, францускиот хемичар Луј Пастер го проучил лукот и ги опишал неговите антисептички својства. Во текот на 20 век, во Африка, познатиот мисионер и лекар Алберт Швајцер го користел лукот за да лекува амебна дизентерија и други болести. Кога за време на II светска војна останале без лекарства, руските воени лекари користеле лук за да ги лекуваат повредените војници. Затоа, лукот станал познат како руски пеницилин. Во поново време, научниците проучиле колку е корисен лукот за циркулацијата на крвта.

Значи, лукот има голема вредност и во исхраната и во медицината, а неговиот мирис и вкус се навистина уникатни. Каде првпат почнал да се одгледува лукот? Некои ботаничари сметаат дека потекнува од централна Азија и дека оттаму се раширил низ целиот свет. Да се запознаеме со едно прекрасно место на западната хемисфера каде што лукот е многу омилен.

Одгледување лук во Констанца

Долината Констанца во Доминиканската Република има умерена клима. Опкружена со планини, оваа долина е богата со плодна почва и обилни врнежи. Констанца е идеално место за одгледување лук.

Во септември или во октомври, земјоделците од Констанца ги расчистуваат и ги ораат своите полиња, оставајќи длабоки бразди разделени со насипи од земја што се широки отприлика 1 метар. На секој од овие насипи копаат по три или четири поплитки бразди во кои ќе го посадат лукот. Во меѓувреме, лукот се двои на чешниња. Откако чешнињата ќе отстојат во вода околу 30 минути, се ставаат во браздите подготвени за садење. Во Доминиканската Република, лукот расте во текот на благата зима.

Во март или во април почнува бербата. Зрелиот лук се корне и се остава да стои на полето пет или шест дена. Потоа се собира, му се сечат корењата и врвовите, а исчистените главици лук се ставаат во отворени садови наречени криби. Полните криби се оставаат да стојат на сонце еден ден за да се суши набраниот лук. Потоа, лукот е спремен за продажба.

Малку лук, многу мирис

Кога ќе седнете да јадете некоја вкусна чорба или салата, носот веднаш Ви кажува дали во храната има лук. Но, зошто лукот не мириса кога си е цел во главицата? Лукот содржи силни хемиски супстанции што се одвоени една од друга сѐ додека чешнето не се сомеле, исече или столчи. Кога ќе столчите чешне лук, еден ензим што се вика алиназа доаѓа во контакт со една супстанција по име алиин. Веднаш доаѓа до реакција при што се создава алицин, кој е изворот на мирисот и вкусот на лукот.

Кога ќе каснете едно парче свеж лук, алицинот како да експлодира во Вашата уста. Сакале Вие или не, мирисот на лукот набрзо се шири околу Вас. Можете ли да направите нешто за да го ублажите мирисот на лук во Вашиот здив? Можете да пробате да џвакате ливчиња магдонос или малку каранфилче за да го прикриете мирисот.

Но, имајте на ум дека лукот во здивот доаѓа главно од белите дробови. Кога јадете лук, дигестивниот систем го пренесува во крвотокот, кој го носи до белите дробови. Кога ќе издишете, неговиот остар мирис излегува низ Вашиот здив. Затоа, миењето на устата и магдоносот не го неутрализираат мирисот на лукот. Има ли некакво конкретно решение за овој проблем? Не баш. Но, ако ги натерате и другите околу вас да јадат лук, тогаш можеби никој нема ни да забележи!

Во многу земји тешко е и да се замисли храна без лук. Па дури и таму каде што обично се внимава како се користи лукот, многу луѓе што јадат лук сметаат дека користите од него се многу побројни отколку неговите лоши страни.

[Слика на страница 23]

Сушење на набран лук

[Слика на страница 23]

Долината Констанца

[Слика на страница 23]

Зошто лукот мириса само откако ќе се столчи?

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели