Науката и Библијата ми помогнаа да ја најдам смислата на животот
РАСКАЖАЛ БЕРНД ОЕЛШЛЕГЕЛ
Дваесет години трагав по смислата на животот. Две работи ми помогнаа да ја најдам: науката и Библијата. Тоа што ја изучував науката ми потврди дека животот мора да има смисла. Но Библијата ми кажа која е таа смисла и ми помогна да ја разберам.
МОЖЕБИ сте чуле дека некои луѓе тврдат дека науката ѝ противречи на Библијата. Јас ги изучував и двете, и не можам да се сложам со тоа тврдење. Веројатно ќе сакате да знаете зошто.
Роден сум 1962 во Штутгарт, град во јужна Германија. Татко ми работеше како конструктор на машини, а и тој и мајка ми беа активно вклучени во црквата. Сестра ми Карин е родена четири години пред мене. Значаен настан во моето детство беше кога татко ми ми подари комплет за научни експерименти. Многу ми беше интересно кога испробував основни експерименти од хемијата и физиката. Да, учењето ми беше уживање.
Подоцна, комплетот за експерименти го заменив со компјутер. Уште како тинејџер сфатив дека најдобриот компјутер е мозокот. Но, се прашував: ‚Од каде доаѓа мозокот? Кој ни го дал? И која е смислата на животот?‘
Одам на факултет
Го оставив училиштето на 16 години и почнав да учам занает, работејќи како помошник во една фото лабораторија. Бидејќи нешто што најмногу го сакав беше учењето, имав за цел да одам на факултет да студирам физика. Но, тоа не се случи скоро. Ми требаа пет години само за да ги исполнам условите за запишување. Го започнав факултетското образование во Штутгарт во 1983 година и продолжив со студиите во Минхен. На крајот, во 1993 година, станав доктор по физика на Универзитетот во Аугсбург.
Во почетокот, не ми беше лесно на факултет. Во амфитеатарот обично имаше по 250 студенти, од кои мнозина се откажаа за неколку месеци. Јас бев решен да не се откажам туку да го довршам она што го почнав. Бидејќи живеев во студентски дом, се дружев со мнозина на кои изгледа најважно им беше да се забавуваат. Дружењето со такви луѓе не беше секогаш добро. Како последица од тоа, почнав да одам по журки и да земам дрога.
Потрагата ме води во Индија
Со изучувањето на физиката подобро ги разбрав природните закони во универзумот. Се надевав дека со текот на времето науката ќе ми открие која е смислата на животот. Меѓутоа, физиката не беше моќна да го објасни тоа. Во 1991 година, отидов со една група во Индија за да научам ориентална медитација. Прекрасно доживување беше кога од прва рака ги запознав земјата и луѓето! Но бев шокиран од разликата меѓу богатите и сиромашните.
На пример, во близина на градот Пуне, посетивме еден гуру кој тврдеше дека човек може да се збогати ако ги користи исправните техники за медитација. Секое утро медитиравме заедно како група. Исто така, овој гуру продаваше лекови по многу висока цена. Очигледно беше дека добро заработува; од тоа како живееше се гледаше дека е богат. Но, видовме и монаси кои, за разлика од гуруто, се гледаше дека живеат многу сиромашно. Се прашував: ‚Зошто и тие не станале богати со медитацијата?‘ Се чинеше дека патувањето во Индија ми одговори многу прашања, но се појавија и исто толку нови прашања.
Еден сувенир што го донесов од Индија беше едно ѕвоно за медитација. Ми рекоа дека ако го удрам како што треба, ѕвоното ќе испушти звук кој ќе ми помогне исправно да медитирам. Кога се вратив во Германија, си купив хороскоп што го беше изработил еден човек кој тврдеше дека може да ми ја претскаже иднината. Но, со медитацијата не открив ништо за мојот живот. Дознав, на мое разочарување, дека хороскопот е само безвреден лист хартија. Така, моите прашања во врска со смислата на животот останаа неодговорени.
Ги најдов одговорите во Библијата
Животот неочекувано ми се смени во 1993 година. Ги завршив студиите и истражувањата и пишував докторска дисертација на тема квантна физика. За да ја завршам дисертацијата навреме, работев речиси деноноќно, занемарувајќи сѐ друго. Тогаш, едно попладне некој ми тропна на вратата. Отворив и видов две жени.
„Знаете ли дека, според Библијата, 1914 година е многу важна година?“, ме прашаа. Останав занемен. Никогаш немав чуено нешто такво; ниту, пак, имав време да испитувам во врска со тоа. Сепак, прашањето ме заинтересира. Како можеа да тврдат дека Библијата уште многу одамна укажала на 1914 како на значајна година?
„Сакате ли да дознаете нешто повеќе?“, продолжија тие. ‚Ако ги ислушам‘, си мислев, ‚сигурно ќе најдам некои противречности во нивните аргументи.‘ Но наместо противречности, најдов убедливи докази дека Библијата е точна. Дознав дека библиските пророштва јасно укажуваат дека Божјето Месијанско Царство — небесна влада која со текот на времето ќе владее со целата Земја — било воспоставено во 1914 година.a
Жените беа Јеховини сведоци и ми ја дадоа книгата Ти можеш засекогаш да живееш во рајот на Земјата.b Ја прочитав за неколку дена и сѐ ми беше логично и разумно. Сведоците ми покажаа во Библијата дека Јеховината волја е сите луѓе да живеат вечно во рај на Земјата. Според библиските пророштва, ова ветување наскоро ќе се исполни. Колку прекрасна надеж за иднината! Оваа надеж силно ме трогна и очите ми се наполнија со солзи. Зарем е можно ова да е тоа што го барав 20 години?
Веднаш ја сфатив смислата на мојот живот: да го запознаам Јехова Бог и да му служам од сѐ срце. Продолжив да ја проучувам Библијата со Јеховините сведоци, чувствувајќи дека тоа што го учев е вистината. Бев ненаситен да учам за духовните работи. Додека ја довршував докторската дисертација, за три месеци ја прочитав половина Библија.
Наоѓам повеќе отколку одговори
Во мај 1993 година, првпат отидов на состанок во локалното собрание на Јеховините сведоци во Салата на Царството во Аугсбург. Учењата што ги чув звучеа вистинито. Освен тоа, убаво се чувствував меѓу Сведоците. Тие срдечно ме поздравија и направија да се чувствувам добредојден, иако не ме познаваа. Една постара жена седна близу до мене и се потруди да ми најде песнарка. Следните седмици, еден Сведок и неговиот син ме носеа со автомобил до Салата на Царството. Овие нови пријатели набрзо почнаа да ме канат кај нив дома. Со текот на времето, посакав да им го кажувам и на другите она што го дознав за смислата на животот.
Бидејќи искрено го применував она што го учев од Библијата, направив многу промени во животот. На пример, повеќе не сакав да имам никакви предмети поврзани со окултизмот. Затоа, ги исфрлив хороскопите, ѕвоното за медитација и другите религиозни сувенири од Индија. Напредував во проучувањето на Библијата, му се предадов на Јехова Бог и се крстив како Јеховин сведок во Минхен во јуни 1994 година. Со тоа, од сѐ срце ја прифатив вистинската смисла на животот.
Во септември 1995 година, станав општ пионер, полновремен проповедник кај Јеховините сведоци. Ова значеше дека треба да поминувам повеќе време разговарајќи со луѓето за Божјите намери. За да успеам во тоа, се потпирав на силата што ја дава Јехова. Многупати, по неколку часа во служба, си доаѓав дома навечер чувствувајќи радост и задоволство какви што немав доживеано пред да го запознаам Јехова. Во јануари 1997 година, бев повикан да продолжам со мојата полновремена служба во подружницата на Јеховините сведоци во Селтерс (Германија), која се нарекува Бетел, каде што живеам и сега. Моите родители ме имаат посетено неколкупати, и иако немаат исти религиозни верувања како мене, го почитуваат Бетел и среќни се што сум таму.
Науката и Библијата
Некои можеби се чудат како може еден човек кои долги години ја изучувал науката да верува во она што го вели Библијата. Па, јас не гледам никакви противречности меѓу науката и Библијата. Како физичар, ги изучував законите на животот, а тие закони даваат доказ дека се создадени од натчовечка интелигенција.
На пример, во физиката, хемијата и биологијата има многу теории. И иако тие теории во основа можат да бидат едноставни, математиката што е поврзана со нив може да биде многу сложена. Интелигентните научници предложуваат теории и за својот труд добиваат Нобелова награда. Колку поинтелигентен мора да е Оној кој го осмислил и го создал универзумот, кој научниците толку многу се трудат да го разберат!
Претпоставката, како што многу еволуционисти претпоставуваат, дека животот настанал случајно, го надминува логичното. Да земеме еден пример: Наредете десет фудбалски топки во права линија на едно фудбалско игралиште, а топките да се оддалечени 1 метар една од друга. Шутнете ја првата топка и обидете се секоја топка да ја удри следната, така што сите десет топки да бидат погодени. Понатаму, обидете се да претпоставите каде точно ќе застане секоја топка. Веројатноста да успеете во тоа е толку мала што повеќето луѓе би сметале дека тоа е невозможно.
Со оглед на ова, како може некој да тврди дека развојот на една човечка клетка — во кој се вклучени многу посложени процеси од шутирањето фудбалски топки — можел да настане по чиста случајност? Најлогичното објаснување е дека едно суперинтелигентно Битие ги создало луѓето и сите други облици на живот на Земјата. Дали ова Битие, овој Творец, би направил такво нешто без некаква цел? Нормално дека не. Тој мора да има цел, а таа цел е откриена и разјаснета во Библијата.
Како што гледате, и науката и Библијата ми помогнаа да ги најдам одговорите на прашањата за животот кои долго ме мачеа. Можете ли да си замислите колкаво олеснување и задоволство е кога ќе најдете нешто што сте го барале 20 години? Најголема желба ми е да им помогнам на колку што можам повеќе луѓе да го најдат она што го најдов јас — не само одговори на моите прашања, туку што е уште поважно, точниот начин на кој треба да го обожаваме единствениот вистинит Бог, Јехова!
[Фусноти]
a За детална дискусија, видете го 10. поглавје, „Божјето Царство владее“, од книгата Спознание кое води во вечен живот, издадена од Јеховините сведоци, страници 90-97.
b Издадена од Јеховините сведоци. Повеќе не се печати.
[Истакната мисла на страница 13]
Како физичар, ги изучував законите на животот, а тие закони даваат доказ дека се создадени од натчовечка интелигенција
[Слика на страница 11]
Кога имав 12 години
[Слика на страница 12]
Барајќи ја смислата на животот, се свртев кон ориенталната медитација
[Слика на страница 14]
Тоа што им проповедам на другите ми носи вистинска радост и задоволство
[Извор на слика]
Насловна страница на книга: J. Hester and P. Scowen (AZ State Univ.), NASA