Средба со луѓето од Источен Тимор
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО АВСТРАЛИЈА
ИСТОЧЕН ТИМОР, или Тимор-Лесте, е малечка земја што се наоѓа на источниот дел од островот Тимор. И малајскиот збор од кој е изведено името „Тимор“ и португалскиот збор Лесте значат „исток“. Кај нас оваа земја е позната како Источен Тимор. Ова име одговара затоа што островот се наоѓа на најисточниот дел на индонезискиот архипелаг.
Источен Тимор има површина од околу 14.800 квадратни километри, или малку повеќе од половина Македонија. Овој остров е мал, но природата на островот е комбинација од природната средина на Азија и Австралија. Во Источен Тимор има тропски џунгли, но има и суви предели со еукалиптуси и спржени тревни површини. И животинскиот свет е мешавина од австралиски и азиски видови. На пример, заедно со австралиските торбари и птици, тука живеат и азиски мајмуни и тропски морски крокодили. Но, какви се луѓето во Источен Тимор? Би сакал ли да ги запознаеш?
Спомени од времето кога бил колонија
Португалските морепловци веројатно првпат стигнале на Источен Тимор околу 1514 год. Во тоа време, ридовите биле прекриени со бескрајни шуми со сандалово дрво. Сандаловото дрво, кое било многу скапо, било доволно силна причина Португалците да основаат трговска населба на островот. И Католичката црква се заинтересирала за тоа подрачје и сакала да испрати мисионери со цел да ги преобратат староседелците. Мотивирани од овие два фактора, Португалците почнале да го колонизираат островот во 1556 год.
Меѓутоа, Источен Тимор останал запоставена и речиси напуштена колонијална населба. Кога Холанѓаните ја презеле контролата над западната половина од островот во 1656 год., Португалците се повлекле во источниот дел. На крајот, по речиси 400 години колонијално владеење, Португалците сосема се повлекоа од островот во 1975 год.
Истата таа година, во Источен Тимор избувна граѓанска војна. Се проценува дека, во текот на 24-те години што следеле, во борбите биле убиени 200.000 жители на Источен Тимор — околу една третина од населението. Во 1999 год., земјата ја зафати бран на насилство во кој беа уништени 85 отсто од домовите и поголемиот дел од инфраструктурата. Стотици илјади луѓе избегаа во планините. На крајот, Обединетите нации интервенираа за да го запрат уништувањето и да ја стабилизираат состојбата во земјата.
Оттогаш жителите на Источен Тимор се борат да си го вратат уништениот живот во нормала. Во мај 2002 год., Источен Тимор беше и официјално признат како нова држава.
Крстопат на култури
Поради долговековната трговија, миграциите од Азија и Австралија и поради европската колонизација, во Источен Тимор има мешавина од разни култури и јазици. Иако португалскиот и понатаму е службен јазик, 80 отсто од населението зборува на службен лингва франка наречен тетум кој содржи многу португалски зборови. Различните етнички групи што живеат во земјата зборуваат најмалку 22 други јазика.
По селата, голема улога сѐ уште играат традиционалните кралеви. Тие ги организираат и ги надгледуваат разните прослави, поделбата на земјиште и другите работи што се дел од традицијата, а за работите поврзани со државната управа е одговорен поглавица кој се бира на избори.
Религијата претставува мешавина од традиционалниот анимизам и католицизмот што го донеле доселениците. Обожавањето предци, гатањето и спиритизмот се навлезени во секое подрачје од животот. Обично оние што редовно одат в црква бараат помош и од локалниот матан-доок, или врач, за да им ја претскаже иднината, за да ги лекува или да ги штити од зли духови.
Љубопитни и гостопримливи луѓе
Луѓето од Источен Тимор по природа се весели, љубопитни и гостопримливи. „Ние многу сакаме да учиме, да разговараме и да се дружиме, дури и со туѓинци“, вели претседателот Кеј Рала Шана Гушмау.
Кога некој ќе им дојде на гости на жителите на Источен Тимор, најверојатно ќе вечера заедно со мажот како поглавар на семејството. Жената и децата ќе ги послужуваат, а самите ќе јадат подоцна. Учтиво е прво да се земе малку храна. Потоа, гостинот ќе им укаже чест на домаќините со тоа што ќе побара репете.
Жителите на Источен Тимор главно јадат ориз, пченка или маниока и најразличен зеленчук. Еден специјалитет наречен сабоко, се прави со сардини, сос од тропското овошје тамаринд и разни зачини, а сите состојки се завиткуваат во лист од палма. Но, месото е толку скапо што малкумина можат да си го дозволат.
Детска врева
Источен Тимор е земја на млади луѓе. Речиси половина од населението се деца, а многу семејства имаат од 10 до 12 деца кои сѐ уште живеат во домот.
Кога одат на училиште, децата честопати се држат за рака — машко со машко и женско со женско — а по пат пеат и се смеат. Училишниот систем во оваа земја е воспитно-образовен.
Едно дете од Источен Тимор никогаш не си игра само ниту, пак, тивко, напротив, секогаш е во друштво на целото маало. Омилена игра е дуду карета. За оваа игра обично се користи бандаж од старо велосипедско тркало. Растрчани и насмеани, децата го тркалаат тркалото со помош на еден стап.
Но, животот на децата од Источен Тимор не се состои само од игра. На пример, понекогаш мораат да мелат пченка со помош на една тешка челична шипка. Сепак, додека работат, весело се смеат, како да не се свесни дека живеат во една од десетте најсиромашни земји во светот.
Болно раѓање на нацијата
Како последица од крајната сиромаштија, луѓето во Источен Тимор живеат на работ на егзистенцијата. Четириесет отсто од населението заработува помалку од 1,5 евро на ден — најмалата сума која е неопходна за да се покријат основните трошоци за храна и живеачка. Инфраструктурата е лоша. Во еден извештај на владата се вели: „Во целата земја, тројца од четворица живеат без струја, тројца од петмина немаат соодветни санитарии, а секој втор нема чиста вода за пиење“.
Во вакви услови, има многу здравствени проблеми. Поради неисхранетоста, маларијата, туберкулозата и други болести, просечниот животен век е до 50 години. Отприлика секое десетто дете умира пред да наполни пет години. Во текот на 2004 год., за 800.000 луѓе се грижеа помалку од 50 лекари.
Многу странски земји сега соработуваат со Обединетите нации за да им помогнат на жителите на овој остров повторно да ја кренат на нозе својата разорена земја. Надеж за подобрување на лошата економска состојба нудат и богатите наоѓалишта на нафта и природен гас. Но, највредното нешто во Источен Тимор се издржливите и понизни луѓе. Една жена од Тимор го изјави следново за Разбудете се!: „Можеби сме сиромашни, но не сме несреќни“.
„Добра вест за нешто подобро“
Во последните години, Јеховините сведоци им носат на жителите на Источен Тимор „добра вест за нешто подобро“ (Исаија 52:7; Римјаните 10:14, 15). Во 2005 год., Сведоците од единственото собрание во земјата поминаа речиси 30.000 часа зборувајќи им на другите за прекрасните ветувања од Библијата во врска со Рајот на Земјата (Псалм 37:10, 11; 2. Петрово 3:13).
Откако ја дознале вистината од Библијата, некои жители на островот се ослободиле од тешките пранги на спиритизмот. На пример, Џејкоб, семеен човек со пет деца, бил длабоко вовлечен во традиционалните спиритистички обичаи. Редовно им принесувал животински жртви на духовите на мртвите. Бидејќи трошел многу пари на овој обичај, неговото семејство страдало. Една кокошка за жртва чини речиси колку една дневница, а посебна коза или свиња чини колку платата за неколку седмици.
Со текот на времето, Франсиска, жената на Џејкоб, почнала да ја проучува Библијата со Јеховините сведоци. Таа му покажала на Џејкоб библиски стихови од кои се гледа дека мртвите не се свесни за ништо и дека не можат да им наштетат на живите (Проповедник 9:5, 10; Езекиел 18:4). И двајцата го прифатиле она што го вели Библијата и решиле да престанат да им принесуваат жртви на духовите. Поради тоа, гневните роднини се одрекле од нив и им рекле дека наскоро одмаздољубивите духови сигурно ќе ги убијат. Меѓутоа, Џејкоб и Франсиска не попуштиле и рекле дека Јехова ќе ги заштити.
Во меѓувреме, Џејкоб почнал да ја проучува Библијата и да оди на христијанските состаноци заедно со своето семејство. Како резултат на тоа, направил и други промени во животот. Ги откажал цигарите иако веќе со години пушел по една кутија на ден. Освен тоа, научил да чита и да пишува. Франсиска, пак, престанала да џвака бетелов орев, кој има наркотично дејство. Во 2005 год., Џејкоб и Франсиска се крстиле и станале Јеховини сведоци. Денес мудро ги користат своите пари за да ги школуваат децата и за да ги покријат потребните лекарски трошоци.
Да, токму како што прорекол Исус, добрата вест за Божјето Царство се проповеда „сѐ до крајот на земјата“ — дури и на љубопитните, гостопримливи и широкогради жители на Источен Тимор (Дела 1:8; Матеј 24:14).
[Рамка/слика на страница 17]
„Уште едно со вретено и фурка в рака“
„Уште едно со вретено и фурка в рака“ е израз што се користи во Источен Тимор кога ќе се роди девојче. Со него се укажува на традиционалната улога што ја имаат жените во Источен Тимор како ткајачки на таис, долги парчиња шарена ткаенина. Оваа ткаенина се користи за да се направи раскошна облека која се носи на посебни свечености, но се користи и за изработка на ќебиња и на предмети што се пренесуваат од поколение на поколение. Постарите жени ги учат помладите да одгледуваат памук, а потоа да го берат, да го предат, да го бојадисуваат и да го ткајат во материјали со прекрасни, разнобојни шари. Во зависност од сложеноста на шарата, понекогаш е потребно година или повеќе за да се исткае едно парче таис. Добриот познавач на овие ткаенини може веднаш да одреди каде бил исткаен таисот зашто секој крај си има свои традиционални шари.
[Карта на страница 14]
(Види во публикацијата)
ПАПУА НОВА ГВИНЕЈА
ИНДОНЕЗИЈА
ИСТОЧЕН ТИМОР
АВСТРАЛИЈА
[Слика на страница 15]
Традиционална куќа во облик на конус
[Слика на страница 16]
„Дуду карета“ — омилена детска игра
[Слика на страници 16 и 17]
Џејкоб со семејството