ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g 9/08 стр. 16-19
  • Роботи — колку се усовршени?

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Роботи — колку се усовршени?
  • Разбудете се! 2008
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • За што се користат
  • Можат ли да се мерат со луѓето?
  • Нивната примена во иднина
  • Дизајнер на роботи зборува за својата вера
    Разбудете се! 2013
  • Содржина
    Разбудете се! 2008
  • Како да го израдуваме Бог
    Учи од Големиот Учител
  • Сурлата на слонот
    Разбудете се! 2012
Повеќе
Разбудете се! 2008
g 9/08 стр. 16-19

Роботи — колку се усовршени?

ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО ЈАПОНИЈА

РОБОТИ. Што ти доаѓа на ум кога ќе го чуеш овој збор? За некои луѓе, роботите се корисни помошници. За други, тие се закана — машини со супериорна интелигенција кои еден ден можеби ќе ги заменат луѓето. А за трети, роботите се поприсутни во научната фантастика отколку во реалноста.

Каква е вистинската состојба? Според резултатите од едно истражување што во 2006 год. ги објави Меѓународната федерација за роботика, се проценува дека низ целиот свет се користат речиси еден милион индустриски роботи, од кои половината се во Азија. Зошто постои толкав интерес за роботи?

За што се користат

Замисли си еден работник што никогаш не изостанува од работа, никогаш не се жали и може да работи нонстоп — 24 часа на ден, седум дена во седмицата. Индустриските роботи го прават токму тоа! Тие непрестајно произведуваат автоделови, електрични уреди и апарати за домаќинството. Нивното име, кое доаѓа од чешкиот збор робота, кој значи „принудна работа“, не може да биде посоодветно. Се проценува дека 10 отсто од работната сила во автомобилската индустрија во 2005 год. ја сочинуваат роботи!

Но, роботите наоѓаат примена и надвор од индустријата. Денешните роботи се опремени со компјутерски програми за препознавање на гласот, жироскопи, систем за безжичен пренос на податоци, глобален систем за позиционирање (GPS), разни сензори — за топлина, за мерење на применета сила, за ултразвук, за радијација, хемиски сензори итн. Бидејќи се толку моќни и толку сестрани, тие можат да прават работи кои, до пред неколку години, се сметаа за невозможни. Да спомнеме само неколку примери.

◼ Јавни служби. Една болница во Велика Британија има робот кој, во улога на аптекар, за неколку секунди наоѓа и дели лекови со своите механички раце. Американската поштенска служба користи многу роботи кои класифицираат, дигаат и редат поштенски пакети. Роботите со змиеста „рака“ можат да досегнат и до тесните места, како што е внатрешноста на авионските крила, за да извршат проверка и поправки.

◼ Како друштво. Остарените пациенти во еден старечки дом во Јапонија, еден по еден, галат една слатка, крзнеста мала фока-робот. Таа реагира на допир, светлина, звук, температура, па дури и на тоа како ја држат. Се однесува како животно и може да гука, да намига и да мавта со перките. Овој робот се препишува како терапија бидејќи, според некои, тој задоволува една главна потреба кај луѓето — потребата од друштво.

◼ Медицина. Пред пациентот стои робот со три раце. На неколку метри од него, еден хирург стои пред една огромна конзола и, преку оптички уред, го гледа тродимензионално срцето на пациентот. Служејќи се со рацете на роботот, хирургот коригира една аномалија на срцевиот залисток. Бидејќи роботот е многу прецизен, се прават многу малку засеци, пациентот има помали рани, губи помалку крв и побрзо заздравува.

◼ Домаќинство. Доволно е да притиснете едно копче, и робот во форма на диск почнува да ви го смука подот. Тој поминува по површината со кружни движења, ги препознава ѕидовите и, на крајот, „учи“ каде треба да се движи за да ја исмука целата просторија. Може да ги препознае и да ги избегне скалите. Роботот автоматски се исклучува кога ќе заврши со чистењето, а потоа оди да се полни. Моментално се користат околу два милиона вакви роботи.

◼ Вселенски истражувања. Подвижен робот на шест тркала, кој е наречен Spirit (дух), ја истражува површината на Марс. Со помош на научните инструменти и алатки кои му се прицврстени за „раката“, овој робот го испитува составот на почвата и карпите. Тој е опремен со неколку фотоапарати и има направено повеќе од 88.500 фотографии од Марс на кои можат да се видат релјефот, кратерите, облаците, песочните бури, зајдисонцата итн. Spirit е еден од неколкуте автоматизирани возила кои во моментов се користат на Марс.

◼ Спасувачки мисии. Под зачадениот куп од распарчен бетон и усвитени и извиткани челични носачи — кои останаа по уривањето на Светскиот трговски центар — 17 роботи со големина на кошаркарска топка тргнаа во потрага по преживеаните. Оттогаш беа усовршени и понапредни модели, како што е роботот на сликава подолу.

◼ Подводни истражувања. Научниците користат независни подводни машини со кои ги истражуваат длабочините на океаните — единствената неистражена област на Земјата. Овие роботи немаат екипаж и можат да се движат со сопствена енергија. Вакви роботи се ангажирани и во истражувања на потонати бродови, за проверка на телекомуникациски кабли, за следење на миграциите на китовите и за отстранување мини од дното на океаните.

Можат ли да се мерат со луѓето?

Човекот со векови сонува да направи хуманоид — робот сличен на човек. Но, колку е технички изводливо да се оствари тој сон? Списанието Business Week го даде следниов коментар: „Предизвикот да се направат суперкомпјутери, облакодери, па дури и урбанистички планови на цели градови е ништо во споредба со задачата да се дизајнираат машини со човечка моторика, со вештачко сетило за вид, мирис, слух и допир, а згора на тоа и со приближно човечка интелигенција“.

Ќе земеме за пример една навидум лесна задача — да се направи робот што ќе оди како човек. Ова им појде од рака на група јапонски инженери во септември 1997 год., но дури по 11 години макотрпно истражување и дизајнирање, во кое беа вложени безброј милиони долари. Оттогаш, ваквите роботи беа усовршени до тој степен што денес можат да се качуваат по скали, да трчаат, да играат, да носат предмети на послужавник, да буткаат количка, па дури и да станат од подот кога ќе паднат!

Нивната примена во иднина

Колку застапени ќе бидат роботите во иднина? НАСА моментално усовршува „робонаут“ — хуманоид кој ќе може да извршува опасни задачи во вселената. Познатиот пионер на полето на компјутерската технологија, Бил Гејтс, вели дека најверојатно „роботите многу ќе се користат за да им давааат физичка помош на остарените, па дури и за да им прават друштво“.

И јапонската влада предвидува дека, до 2025 год., роботите ќе живеат заедно со луѓето служејќи им како негуватели, воспитувачи и куќни помошнички. Научниците се надеваат дека, до 2050 год., ќе видат како фудбалска екипа составена само од роботи ќе победи човечка фудбалска екипа. Друга цел им е за неколку децении да направат машини што ќе ги надминат способностите на човечкиот мозок.

Меѓутоа, сите не се толку оптимисти во врска со исполнувањето на ваквите смели предвидувања. Коментирајќи за техничките предизвици, Џордан Б. Полак, истражувач на полето на вештачката интелигенција, вели: „Крајно го потценивме фактот дека мајката природа е многу подобар програмер“.

Колку ќе бидат усовршени роботите, останува да видиме. Но, едно е сигурно — љубовта, мудроста и правдата се особини што засекогаш ќе бидат својствени само за луѓето. Зошто? Библијата јасно ни кажува дека, за разлика од другите живи суштества, само човекот е создаден според Божјиот лик (1. Мојсеева 1:27). Луѓето не се бесчувствителни, аналитички машини. Тие имаат слободна волја, совест и способност да го обожаваат Бог. Ваквата слобода нека нѐ поттикне да му се приближиме на нашиот Творец, Јехова Бог! (Јаков 4:8).

[Извори на слики на страница 16]

Со љубезна дозвола на Арон Едсингер

Со љубезна дозвола на OC Robotics

[Извори на слики на страница 17]

Со љубезна дозвола на AIST

© 2008 Intuitive Surgical, Inc.

Со љубезна дозвола на iRobot Corp.

[Извори на слики на страница 18]

Горе: NASA/JPL-Solar System Visualization Team; лево: NASA/JPL/Cornell University

© The RoboCup Federation

Greg McFall/NOAA/Gray’s Reef National Marine Sanctuary

[Извор на слика на страница 19]

© 2007 American Honda Motor Co., Inc.

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели