Поглед во светот
◼ Ако се пресмета нивното богатство во американски долари, тогаш во 2007 год. во Кина „имало 106 милијардери. За разлика од ова, [во 2006 год.] имало 15, а во 2002 год. ниту еден“ (CHINA DAILY, КИНА)
◼ „Индијците кои ги запоставуваат своите остарени родители би можеле да добијат затворски казни според новиот закон кој е донесен поради загриженоста дека брзата модернизација... го поткопува традиционалното поголемо семејство кое постои со векови“ (РОЈТЕРС, ИНДИЈА).
◼ „Можеби денес во Англија има исто толку активни муслимани колку што има активни верници во Англиканската црква“ (THE ECONOMIST, БРИТАНИЈА).
Дрвјата во Сибир „ископуваат“ благородни метали
Во сибирските шуми „може да се најде злато во гнилите трупци“, се известува во руското списание Вокруг Света. Научниците од Улан-Уде (Иркутск) и од Новосибирск откриле дека зимзелените дрвја што растат над наоѓалиштата на руда во Сибир ги впиваат металите што се растворени во почвата. Кога дрвјата умираат и почнуваат да гнијат, металите се таложат на шумското тло. Од само еден тон остатоци од вакви гнили дрвја, сибирските научници издвоиле 5 грама платина, речиси 200 милиграми злато и три килограми сребро.
Прва помош при погреби
На гробарите на едни гробишта во Австралија им бил даден дефибрилатор (апарат за воспоставување нормална работа на срцето). Со која цел? За да им укажат прва помош на ужалените кои можеби ќе доживеат инфаркт, известува сиднејскиот весник Sun-Herald. „Постои голема опасност некој да доживее инфаркт на погреб“, објаснува Сисенанда Сантос, портпарол на Службата за прва помош на добротворната организација „Сент Џон“, која ја надгледува оваа програма. „Луѓето се собираат во големи групи, потресени се, а честопати се и премногу облечени кога е топло.“ Дефибрилаторот е опремен со аудиоснимка со упатства за корисникот, и работи на принцип на електрошокови, чија цел е да го анимираат срцето на ужаленото лице, но само во случај кога апаратот ги регистрира конкретните симптоми на срцев удар.
Разводот лошо се одразува на животната средина
Сѐ поголемата стапка на разводи низ светот ѝ штети на животната средина, бидејќи ја зголемува потрошувачката на струја и вода, кои и така се достапни во ограничени количини. Поради разводите, има се повеќе домаќинства, помалку луѓе живеат во еден дом и потрошувачката по глава на жител расте, стои во извештајот од едно истражување објавено во списанието Proceedings of the National Academy of Sciences. „Само во 2005 год., ќе се заштедеа повеќе од 38 милиони соби, 73 милијарди киловат-часови електрична енергија и 2,4 трилиони литри вода доколку во домаќинствата на разведените двојки [во САД] се трошеше исто толку колку и во домаќинствата на неразведените брачни двојки.“ Во 2000 год., имаше 6,1 милион вакви „неекономични“ домаќинства во САД.
Минијатурна Библија
Израелските нанотехнолози успеале да го испечатат целиот „Стар завет“ на хебрејски на силиконски чип „помал од главче на шпенадла“, известува електронскиот весник Science Daily. Тие го постигнале ова така што користеле тенок зрак од ситни честици, наречени галиумски јони, за да го изрежат текстот на позлатената површина од чипот. „Овој нанопроект со Библијата е пример за тоа во колку мали размери можеме да работиме“, објаснува професор Ури Сиван од Израелскиот технолошки институт „Технион“. Ова исто така го отвора патот „да се чуваат информации на многу мал простор“.
[Извор на слика на страница 30]
AP Photo/Ariel Schalit