ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g 11/08 стр. 6-9
  • Шест чекори до вистинскиот успех

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Шест чекори до вистинскиот успех
  • Разбудете се! 2008
  • Сличен материјал
  • Исправен став кон парите и дарежливост
    Разбудете се! 2018
  • Како да се развие вистинска љубов
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2003
  • „Живејте во љубов“
    Приближи му се на Јехова
  • Љубов (агапе) — што е таа, а што не е
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1993
Повеќе
Разбудете се! 2008
g 11/08 стр. 6-9

Шест чекори до вистинскиот успех

ВИСТИНСКИ успешен е оној што најмудро го користи својот живот, односно ги следи Божјите мерила и живее во склад со Божјата намера за нас. Библијата вели дека таквиот човек „е како дрво посадено крај води што течат, кое својот плод го донесува во свое време и на кое лисјето не му венеат, и во сѐ што прави, ќе биде успешен“ (Псалм 1:3).

Иако сме несовршени и правиме грешки, нашиот живот, во целина, може да биде многу успешен! Дали и ти би сакал да имаш таков живот? Следниве шест библиски начела можат да ти помогнат да ја постигнеш таа цел и со тоа да се увериш дека учењата во Библијата се навистина мудрост од Бог (Јаков 3:17).

1. Имај урамнотежено гледиште за парите

„Љубовта кон парите е корен на секакви зла и, поради неа, некои... си нанесоа многу маки“ (1. Тимотеј 6:10). Забележи дека парите не се проблем сами по себе — тие ни се потребни за да се грижиме за себеси и за нашите семејства. Она што е погрешно е љубовта кон парите. Всушност, на луѓето што имаат таква љубов парите им стануваат господар, или бог.

Како што можевме да видиме од првата статија, оние што трчаат по богатство и сметаат дека тоа е патот до успехот се во голема заблуда. Не само што нема да станат успешни туку ќе си нанесат и многу болки. На пример, во обид да спечалат што е можно повеќе, луѓето честопати ги запоставуваат своите семејства и пријатели. Други го губат сонот — ако не поради работата, тогаш поради грижите. Но, Библијата вели: „Сладок му е сонот на оној што служи, па јадел тој малку или многу, а богатството на богатиот не му дава да спие“ (Проповедник 5:12).

Парите се суров господар, но и лукав измамник. Исус Христос го нарекол богатството ‚примамливо‘ (Марко 4:19). Со други зборови, богатството само ветува среќа, но не го исполнува ветувањето. Наместо да ти даде чувство на среќа, те остава со незаситна желба да се збогатиш уште повеќе. Во Проповедник 5:10 пишува: „Кој е љубител на пари — не се наситува на пари“ (Радосна Вест).

Едноставно кажано, ако ги сакаме парите, се казнуваме самите себеси бидејќи ваквиот став води до разочарување и нервози, па дури и до криминал (Изреки 28:20). Други важни фактори за среќа и успех се дарежливоста, спремноста да се простува, моралната чистота, љубовта и добриот однос со Бог.

2. Биди дарежлив

„Повеќе усреќува давањето отколку примањето“ (Дела 20:35). Ако даваме одвреме-навреме, ќе почувствуваме среќа само во тие моменти. Но, за да бидеме трајно среќни, потребно е постојано да покажуваме дарежлив дух. Се разбира, дарежливоста може да се покаже на многу начини. Еден од најдобрите и обично најценети начини на давање е да одвоиме време за другите и да направиме нешто за нив.

Откако ги анализирал резултатите од неколку истражувања за несебичноста, среќата и здравјето, истражувачот Стивен Пост заклучил дека несебичноста и спремноста да им се помогне на другите го продолжуваат животот, ги прават луѓето среќни, им го подобруваат физичкото и психичкото здравје и спречуваат да дојде до депресија.

Освен тоа, оние што се дарежливи според своите можности нема да претрпат никаква загуба поради тоа. Во Изреки 11:25 стои: „Дарежливиот човек ќе напредува: тој што други напојува и самиот ќе биде напоен!“ (Радосна Вест). Во склад со овие зборови, оној што е дарежлив во срцето е ценет и сакан, особено од страна на Бог (Евреите 13:16).

3. Простувај спремно

„Спремно простувајте си еден на друг, ако некој има жалба против некого. Како што Јехова спремно ви прости вам, така правете и вие“ (Колошаните 3:13). Во денешно време, луѓето ретко се спремни да простат. Попрво би се одмаздиле отколку да покажат милост. До што води тоа? На навредата се враќа со навреда, а на насилството со насилство.

Но, тоа не е единствената негативна последица. Според весникот The Gazette од Монтреал (Канада), едно истражување во кое биле вклучени повеќе од 4.600 лица на возраст меѓу 18 и 30 години покажало дека, колку понепријателски настроен, нервозен и груб е некој толку поштетно тоа му се одразува на белите дробови. Всушност, некои од последиците се многу посериозни и од оние што се јавуваат кај пушачите! Според тоа, простувањето влијае позитивно, не само врз односите со другите туку и врз нашето здравје.

Што ќе ти помогне да им простуваш на другите? Како прво, искрено преиспитај се дали ти се случува да им згрешиш на другите и дали ти значи кога ќе ти простат? Тогаш, зошто да не бидеш спремен и ти да им простуваш великодушно? (Матеј 18:21-35). Друга важна работа е да научиш да се самосовладуваш. „Изброј до десет“ или направи нешто друго што ќе ти помогне да го стивнеш гневот. Биди свесен дека самосовладувањето не е слабост. Во Изреки 16:32 стои: „Кој е бавен на гнев, подобар е од силниот човек“. Зарем не е успех да се биде ‚подобар од силен човек‘?

4. Живеј според Божјите мерила

„Јеховината заповед е чиста, им дава сјај на очите“ (Псалм 19:8). Со други зборови, Божјите мерила се за наше добро — во физички, психички и емоционален поглед. Меѓу другото, тие нѐ штитат од штетни навики како што се злоупотребата на дрога, пијанството, сексуалниот неморал и гледањето порнографија (2. Коринќаните 7:1; Колошаните 3:5). Такви навики, меѓу другото, водат до криминал, сиромаштија, недоверба, распад на семејството, психички и емоционални проблеми, болести, па дури и до прерана смрт.

Од друга страна, пак, оние што живеат според Божјите мерила негуваат добри и цврсти пријателства и имаат самопочит и душевен мир. Во Исаија 48:17, 18 стои: „Јас, Јехова, сум твој Бог, кој те учи да го правиш она што е за твое добро, кој те води по патот по кој треба да одиш. О, да внимаваше на моите заповеди! Твојот мир ќе беше како река и твојата праведност како морски бранови“. Значи, нашиот Творец ни го посакува најдоброто. Тој сака да одиме „по патот“ кој води до вистинскиот успех.

5. Покажувај несебична љубов

„Љубовта изградува“ (1. Коринќаните 8:1). Можеш ли да си го замислиш животот без љубов. Колку празен и несреќен би бил таквиот живот! ‚Ако немам љубов, ништо не сум... ништо не ми користи‘, напишал апостол Павле под Божје водство (1. Коринќаните 13:2, 3).

Тој не зборувал за љубов меѓу половите која, се разбира, си има свое место, туку за една подлабока и потрајна љубов што се темели на Божјите начелаa (Матеј 22:37-39). Освен тоа, оној што има ваква љубов размислува што може да даде, а не да земе. Павле понатаму рекол дека оваа љубов е стрплива и љубезна. Не е завидлива, не се фали и не е горда. Несебично е заинтересирана за доброто на другите и, наместо да се навредува за ситници, спремна е да прости. Таквата љубов изградува. Таа ни помага да бидеме во добри односи со другите, особено со членовите на семејството (1. Коринќаните 13:4-8).

Родителите ќе покажат љубов кон своите деца ако им изразуваат нежност и им поставуваат јасни правила на однесување кои се темелат на Библијата. Децата што растат во таква атмосфера имаат чувство дека се ценети и сакани членови на едно стабилно семејство во кое наоѓаат сигурност (Ефешаните 5:33 — 6:4; Колошаните 3:20).

Еден младич од САД по име Џек израснал во семејство што ги применувало библиските начела. Откако си заминал од дома, тој им напишал писмо на своите родители, во кое, меѓу другото, го вели следново: „Отсекогаш сум се трудел да ја следам [библиската] заповед: ‚Почитувај ги татка си и мајка си... да ти биде добро“ (5. Мојсеева 5:16). Можам да кажам дека навистина ми беше добро. А сега, повеќе од кога и да било порано, свесен сум дека тоа се должи на вашата оддаденост и љубов како родители. Ви благодарам за сиот труд и за поддршката што ја имав од вас додека растев“. Доколку си родител, како би се чувствувал ако добиеш едно вакво писмо? Сигурно би бил многу среќен.

Ваквата љубов „ѝ се радува на вистината“, имено на духовната вистина што ни ја открива Библијата (1. Коринќаните 13:6; Јован 17:17). Да го објасниме тоа со еден пример. Да речеме дека еден брачен пар има проблеми и одлучува да ги прочита зборовите од Марко 10:9: „Бог што составил [т.е. соединил во брачна врска], човек да не разделува!“ Ова ги тера да се преиспитаат. Дали навистина ‚ѝ се радуваат на библиската вистина‘? Дали ќе се трудат да го одразуваат Божјето гледиште и ќе го сметаат бракот за нешто свето? Дали се спремни да дадат сѐ од себе за да се помират на начин што покажува дека имаат љубов еден кон друг? Ако го сторат тоа, бракот ќе им биде успешен и ќе бидат среќни.

6. Задоволувај ги своите духовни потреби

„Среќни се оние што настојуваат да ги задоволат своите духовни потреби“ (Матеј 5:3). За разлика од животните, луѓето имаат способност да ги разберат и да ги ценат духовните работи. Тоа е причина зошто сакаме да добиеме одговор на прашањата: Која е смислата на животот? Постои ли Творец? Што се случува со нас кога ќе умреме? Што ни носи иднината? итн.

Милиони искрени луѓе од целиот свет увиделе дека Библијата дава одговор на овие прашања. На пример, последното прашање е поврзано со Божјата намера со човештвото. Негова намера е Земјата да биде рај во кој засекогаш ќе живеат луѓе што го сакаат Бог и неговите мерила. Во Псалм 37:29 пишува: „Праведниците ќе ја поседуваат земјата и ќе живеат на неа засекогаш“.

Јасно е дека нашиот Творец сака да бидеме успешни засекогаш, а не само привремено, т.е. 70 или 80 години. Затоа, сега е време да учиме за него. Исус рекол: „За да добијат вечен живот, треба добро да те запознаат тебе, единствениот вистински Бог, и оној кого го испрати, Исус Христос“ (Јован 17:3). Додека учиш за нив и го применуваш тоа знаење во својот живот, ќе се увериш самиот дека „благословот од Јехова збогатува, и Бог не задава никаква болка притоа“ (Изреки 10:22).

[Фуснота]

a На речиси сите места на кои се појавува во Христијанските грчки списи, познати и како „Нов завет“, зборот „љубов“ е превод на грчкиот збор ага́пи, кој укажува на љубов што се темели на свесна одлука да ги сакаме другите, дури и кога тоа не ни доаѓа природно, бидејќи сметаме дека на тоа нѐ обврзува некое начело или правило на однесување. Меѓутоа, ага́пи не е љубов без чувства. Таа може да биде срдечна и длабока (1. Петрово 1:22).

[Рамка на страница 7]

ДОДАТНИ НАЧЕЛА ШТО ВОДАТ ДО УСПЕХ

◼ Биди богобојазлив. „Стравот од Јехова е првото нешто кое е потребно за да се стекне мудрост“ (Изреки 9:10)

◼ Избери си добри пријатели. „Кој оди со мудрите, ќе стане мудар, а кој си има работа со безумни, лошо ќе си помине“ (Изреки 13:20)

◼ Биди урамнотежен во навиките. „Пијаницата и изедникот осиромашуваат“ (Изреки 23:21)

◼ Не биди одмаздољубив. „Никому не враќајте зло за зло“ (Римјаните 12:17)

◼ Биди трудољубив. „Ако некој не сака да работи, нека и не јаде!“ (2. Солуњаните 3:10)

◼ Следи го златното правило. „Сѐ што сакате луѓето да ви прават вам, правете им го и вие ним“ (Матеј 7:12)

◼ Внимавај што зборуваш. „Кој сака да живее и да види добри денови, нека го воздржи својот јазик од зло“ (1. Петрово 3:10)

[Рамка/слика на страница 8]

ЉУБОВТА Е ОДЛИЧЕН ЛЕК

Дин Орниш, лекар и автор, го напишал следново: „Од љубовта и блискоста зависи дали ќе се чувствуваме лошо или добро, дали ќе бидеме тажни или среќни, дали ќе страдаме или ќе ни бидат залечени раните. Ако некој нов лек би го имал истото дејство, скоро сите лекари би им го препишале на своите пациенти. Би било несовесно да не го сторат тоа“.

[Рамка/слики на страница 9]

ОД ОЧАЈ ДО УСПЕХ

Миланко, кој живее во една балканска земја, се приклучил во редовите на армијата кога во неговата татковина избувнала војна. Бидејќи извел неколку храбри подвизи, почнале да го викаат Рамбо, по името на насилниот филмски јунак. Но, по некое време, Миланко се разочарал од војската бидејќи бил сведок на корупција и лицемерство. Тој пишува: „Тоа ме наведе на многу пороци — алкохол, цигари, дрога, коцкање и неморал. Бев свесен дека животот ми пропаѓа, но не знаев како да го сменам тоа“.

Во тој тежок период, Миланко почнал да ја чита Библијата. Подоцна, на гости кај еден роднина, го забележал списанието Стражарска кула, кое го издаваат Јеховините сведоци. Му се допаднало она што го прочитал и наскоро почнал да ја проучува Библијата со Сведоците. Библиската вистина го направила среќен и навистина успешен. Тој вели: „Добив нова сила. Ги оставив сите пороци, се променив од корен и се крстив како Јеховин сведок. Бидејќи сега имам благ нарав, луѓето што ме знаеја од порано не ме викаат веќе Рамбо, туку Зајко, како кога бев мал“.

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели