Каде ќе го најдеш одговорот?
ЕДНА од целите на религијата е да ја открие смислата на животот. Меѓутоа, многу луѓе не успеале да ги задоволат своите духовни потреби преку учењата на својата религија. Дениз, која била воспитана како католик, вели: „Во Балтиморскиот катехизам се среќава прашањето: ‚Зошто Бог нѐ создал?‘ Дадениот одговор гласи: ‚Бог нѐ создал за да ја покаже својата добрина и да го сподели со нас вечното блаженство на небото‘“.
„Ова не ми помогна да сфатам зошто сум тука“, продолжува Дениз. „Ако тоа значи дека сега чекам да одам на небото, тогаш што би требало да правам додека сум на Земјата?“ Многу луѓе го делат нејзиното мислење. Според едно истражување, две третини од интервјуираните мислат дека повеќето цркви и синагоги не им помагаат на луѓето да најдат смисла во животот.
Од таа причина, многумина го бараат одговорот на друго место — во науката или во различните филозофски правци како што се хуманизмот, нихилизмот и егзистенцијализмот. Зошто луѓето не се откажуваат од оваа потрага, иако се чини дека малкумина го наоѓаат одговорот?
Вродена потреба
Во едно свое дело, д-р Кевин С. Сиболд ја спомнува „навидум универзалната склоност кај луѓето да обожаваат нешто“. Неодамна, многу научници дојдоа до заклучокот дека луѓето имаат вродена желба да трагаат по подлабока смисла во животот. Всушност, некои веруваат дека постојат генетски и други физиолошки докази дека луѓето имаат природна потреба да се зближат со некоја виша сила.
Иако во академските кругови постои поделба по ова прашање, на повеќето луѓе не им е потребна потврда од група научници за да поверуваат дека луѓето имаат духовни потреби. Зошто инаку бараме одговор на прашањата кои многумина ги сметаат за најважни, имено: Зошто сме тука? На што да го посветам мојот живот? Дали за нашите постапки сме одговорни пред некој семоќен Творец?
На некои од овие прашања ќе најдеш одговор ако внимателно ја набљудуваш природата. На пример, размисли за неизмерната сложеност на светот околу нас — од едноклеточните организми до галактичките групи на оддалеченост од повеќе милиони светлосни години. Зарем не е јасно дека зад сето тоа стои интелигентен Творец? Библијата вели: „Зашто, [Божјите] невидливи својства, имено неговата вечна моќ и божество, јасно се гледаат уште од создавањето на светот, бидејќи се распознаваат по она што е создадено, па така тие луѓе немаат изговор“ (Римјаните 1:20).
Задоволи ги своите духовни потреби
Во врска со начинот на кој Бог ги создал луѓето, Библијата вели: „Вечноста им ја ставил на луѓето в срце“ (Проповедник 3:11). Имаме вродена желба да живееме, а не да умреме. Неуморно трагаме по смислата на животот бидејќи имаме длабока потреба да добиеме одговор на нашите прашања.
Всушност, поставувањето прашања е дел од човековата природа. Откако се осврнал на научните и на технолошките достигнувања, еден уредник на The Wall Street Journal напишал: „Сѐ уште не сме го нашле одговорот на прашањата: кои сме, зошто постоиме и што ни носи иднината“. Најмудро би било одговорот да го бараме од најдобриот извор за кој Библијата го дава следниов коментар: „Бог... нѐ направи, а не ние самите“ (Псалм 100:3).
Зарем не е разумно да се обратиме кај Оној кој стои зад ваквите творечки чуда ако сакаме да ги задоволиме нашите духовни потреби? Исус Христос го потврдил тоа. Тој сметал дека само Изворот на животот — нашиот Творец — може да ни ги задоволи духовните потреби (Псалм 36:5, 9; Матеј 5:3, 6).
Се разбира, важен начин да ни бидат задоволени овие потреби е да добиеме точен одговор на прашањето зошто сме тука. Те молиме прочитај што има да ни каже нашиот Творец во врска со тоа.