Поглед во светот
◼ Само 8 отсто од населението во Германија смета дека најважен аспект на Бадник е религиозниот. Во 1980 год., оваа бројка беше 47 отсто (ТЕЛЕВИЗИЈА N24, ГЕРМАНИЈА).
◼ „За првпат во историјата [на Америка], повеќе од 1 отсто од полнолетното население на САД е зад решетки... Низ целата земја [има] речиси 1,6 милиони затвореници“ (THE NEW YORK TIMES, САД).
◼ При едно истражување, кај „100 отсто од Шпанците што биле испитани“, откриено е присуство на најмалку еден пестицид — „супстанција што, според меѓународните стандарди, се смета за потенцијално штетна по здравјето“ (УНИВЕРЗИТЕТОТ НА ГРЕНАДА, ШПАНИЈА).
◼ „Во земјите што водат статистика, даночните приходи од тутунот се повеќе од 500 пати поголеми од средствата што се вложуваат за борба против пушењето“ (СВЕТСКА ЗДРАВСТВЕНА ОРГАНИЗАЦИЈА, ШВАЈЦАРИЈА).
◼ Бројот на муслимани го надмина бројот на римокатолици. Во 2006 год., 19,2 отсто од светското население беа муслимани, а 17,4 отсто римокатолици (НОВИНСКА АГЕНЦИЈА РОЈТЕРС, БРИТАНИЈА).
Наместо едра — змеј
Поради високите цени на горивото и сѐ поголемата свесност за последиците од загадувањето, сопствениците на бродови бараат начини да ги намалат потрошувачката на гориво и испуштањето штетни гасови. Од таа причина, тие повторно почнаа да ја користат силата на ветрот. Како што известува весникот Frankfurter Allgemeine Zeitung, идејата за пловење со помош на змеј е веќе испитана. Леталото се вивнува на височина од 300 метри, и со помош на ветрот го влече бродот, што му овозможува на капетанот помалку да го користи моторот. Неодамна, еден товарен брод го преплови Атлантикот користејќи змеј од 160 квадратни метри.
Сушата не им е проблем
„Ларвите на една африканска мува преживуваат големи суши преку еден процес што во суштина ги претвора во ‚бонбончиња‘“, пишува Science News. Пред целосно да дехидрираат, ларвите на мувата Polypedilum vanderplanki ја заменуваат водата во клетките со стаклеста материја слична на топен шеќер што кристализирал. Откако овие ларви ќе се мумифицираат, нивниот метаболизам престанува да функционира. Во ваква „состојба на замреност“ можат да останат и до 17 години, чекајќи да оживеат со следните дождови.
Идеално место за астрономија
Еден меѓународен тим постави целосно роботизирана астрономска опсерваторија на Дом Аргус кој, со своите 4.084 метри надморска височина, е највисоката точка на Источната Антарктичка Висорамнина. Ова место, кое се наоѓа на околу 1.000 километри од Јужниот Пол, е многу студено, а понекогаш и многу темно. Воздухот е многу сув, речиси нема ветер, а ноќите траат по четири месеци. Се вели дека Дом Аргус е најдоброто место за астрономски истражувања на Земјата. Според Лифан Ванг, директор на Кинескиот центар за астрономски истражувања од Антарктикот, одовде „можат да се направат [телескопски] фотографии со речиси ист квалитет како оние од телескоп лансиран во вселената, само со многу помал трошок“.