ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g 12/08 стр. 12-15
  • Сведок на драматичните промени во Кореја

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Сведок на драматичните промени во Кореја
  • Разбудете се! 2008
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Детството и тинејџерските години
  • Во текот на Корејската војна
  • Очи в очи со смртта
  • Илјадници Сведоци останаа верни
  • Некогаш и денес
  • Бев сведок на пораст во Кореја
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2008
  • Средба на семејствата во Кореја — еден нов почеток?
    Разбудете се! 2001
  • Конечно најдов вистинска слобода!
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2012
  • Зошто одат во црква
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2003
Повеќе
Разбудете се! 2008
g 12/08 стр. 12-15

Сведок на драматичните промени во Кореја

Раскажал Чонг-ил Пак

„Кукавица! Страв ти е да не загинеш во војна. Сакаш да избегнеш воена обврска, а се правиш дека од верски причини ја одбиваш.“ Со овие зборови ме обвини капетанот на Службата за контрашпионажа кога се појавив пред него во јуни 1953 год., пред повеќе од 55 години.

ОВА се случи за време на Корејската војна. Капетанот извади пиштол и го стави врз бирото. „Е па, штом не сакаш да гинеш во војна, ќе загинеш тука“, рече тој. „Спремен ли си да ја смениш својата одлука?“

„Не“, одлучно му одговорив. Тогаш капетанот му нареди на еден офицер да ги направи потребните подготовки за да бидам погубен.

Во оваа ситуација се најдов бидејќи бев регрутиран, но одбив да служам војска. Додека чекавме, му кажав на капетанот дека мојот живот веќе му припаѓа на Бог и дека не би го жртвувал за ништо друго освен за да му служам. Тогаш завладеа мртва тишина која траеше неколку минути. По кратко време, офицерот се врати и соопшти дека сѐ е спремно за моето погубување.

Во тоа време, повеќето жители на Јужна Кореја не знаеја речиси ништо за Јеховините сведоци, а камоли за нашиот приговор на совеста поради кој не учествуваме во воените дејства на која било влада. Пред да ви раскажам што се случи потоа, да ви објаснам зошто ја донесов одлуката што му ја соопштив на капетанот.

Детството и тинејџерските години

Роден сум во октомври 1930 год. како прво машко дете во семејството, во едно гратче близу Сеул, кој во тоа време беше главен град на Кореја. Дедо ми беше верен следбеник на Конфучие и ме воспитуваше и јас да бидам како него. Не сакаше да добијам никакво световно образование, па затоа тргнав на училиште дури на десет години, откако тој почина. Потоа, во 1941 год., Јапонија и САД влегоа во Втората светска војна, секоја на спротивната страна од фронтот.

Бидејќи Кореја беше под јапонска власт, секој ученик мораше наутро да учествува во една церемонија во чест на јапонскиот цар. Тетка ми и тетин ми станаа Јеховини сведоци и, за време на Втората светска војна, беа затворани во Кореја бидејќи, поради своите религиозни убедувања, одбија на каков и да било начин да учествуваат во конфликтот. Јапонците беа толку сурови со Сведоците што некои од нив умреа, а меѓу нив беше и тетин ми. Подоцна тетка ми живееше со нас.

Кореја беше ослободена од јапонскиот окупатор во 1945 год. Со помош на тетка ми и на другите Сведоци кои преживеаја во затвор, почнав длабоко да ја проучувам Библијата и, во 1947 год., се крстив како Јеховин сведок. Во август 1949 год., Дон и Арлин Стил, првиот пар од Мисионерската школа Гилеад што беше испратен во Кореја, пристигнаа во Сеул. За неколку месеци дојдоа и други мисионери.

На 1 јануари 1950 год., јас и уште тројца Корејци станавме пионери, како што се нарекуваат полновремените проповедници на Јеховините сведоци. Ние бевме првите во Кореја што станаа пионери по Втората светска војна.

Во текот на Корејската војна

Кратко потоа, во недела, на 25 јуни 1950 год., избувна војна помеѓу Северна и Јужна Кореја. Во тоа време, единственото собрание во цела Кореја беше собранието во Сеул, кое имаше 61 објавител. Американската амбасада ги повика сите мисионери да ја напуштат земјата заради сигурност. Повеќето Сведоци од тоа место го напуштија Сеул и се распрснаа низ јужниот крај од земјата.

Меѓутоа, по налог на владата на Јужна Кореја, младите мажи способни за војска, меѓу кои бев и јас, не смееја да го напуштат Сеул. Одеднаш, комунистичката војска вмаршира во градот, и Сеул се најде под комунистичка воена власт. Дури и во тоа време, кога морав три месеци да се кријам во една тесна соба, имав прилика да сведочам за Божјето Царство. На пример, запознав еден учител кој исто така се криеше од комунистите. По извесно време и тој се всели во сопчето во кое се криев јас, и секој ден ја проучуваше Библијата со мене. По некое време, тој се крсти и стана Јеховин сведок.

На крајот, комунистите од Северна Кореја ни го открија скривалиштето. Им се претставивме како Истражувачи на Библијата и им објаснивме што вели таа во врска со Божјето Царство. На наше изненадување, наместо да нѐ уапсат, тие покажаа интерес за библиската порака. Всушност, некои од нив неколкупати навратија и сакаа да дознаат уште нешто за Божјето Царство. Ова ни ја зајакна верата дека Јехова се грижи за нас.

Откако Сеул се најде под контрола на ООН, во март 1951 год. добив посебна дозвола да отидам во градот Таегу, каде што неколку месеци можев да проповедам заедно со другите Сведоци. Потоа, во ноември 1951 год., пред да заврши војната, Дон Стил се врати во Кореја.

Јас му помагав повторно да се организира нашето проповедничко дело. Стражарска кула и публикацијата Информатор — преку која Сведоците добиваа упатства како да проповедаат — требаше да се преведат на корејски, да се отчукаат на машина за пишување и да се умножат на шапирограф. Потоа, им беа доставувани на собранијата, кои дотогаш се намножија во повеќе градови. Одвреме навреме, јас и Дон патувавме заедно, посетувајќи ги и храбрејќи ги собранијата.

Во јануари 1953 год., не можев да се соземам од радост кога добив писмо со кое бев поканет во Мисионерската школа Гилеад. Но, откако резервирав авионски билет, добив покана за војска.

Очи в очи со смртта

На офицерот во регрутниот центар му објаснив дека сум политички неутрален и дека не можам да служам војска. Тој ме предаде на Службата за контрашпионажа која требаше да испита дали сум комунист. Токму тогаш добив закана дека ќе бидам убиен ако не го променам ставот. Но, наместо да ме застрела, капетанот неочекувано стана, му даде дрвен стап на еден офицер и му нареди да ме тепа. Иако болката беше неподнослива, бев среќен што издржав.

Службата за контрашпионажа ме врати во регрутниот центар каде што веќе го кажав својот став, но офицерите сепак ми одредија број за идентификација и ме префрлија во центарот за воена обука на островот Чеџу, близу до копнениот дел на Кореја. Следното утро, новите регрути, меѓу кои бев и јас, требаше да положат заклетва. Откако одбив да го сторам тоа, бев изведен пред воен суд кој ми досуди три години затворска казна.

Илјадници Сведоци останаа верни

На денот кога требаше да заминам на мисионерска обука, над главата ми прелета авионот за кој имав резервирано билет. Наместо да се разочарам што не можев да отидам на Гилеад, чувствував внатрешно задоволство што му бев верен на Јехова. Освен тоа, не бев единствениот Сведок во Кореја кој одбил да служи војска. Оттогаш, повеќе од 13.000 Сведоци го сторија истото. Сите заедно поминаа повеќе од 26.000 години по корејските затвори.

Откако одлежав две години од мојата тригодишна затворска казна, во 1955 год. добив помилување како примерен затвореник и бев пуштен на слобода. Повторно почнав со полновремената служба. Подоцна, во октомври 1956 год., бев замолен да служам во претставништвото на Јеховините сведоци во Јужна Кореја. Потоа, во 1958 год., уште еднаш бев поканет во Гилеад. Откако дипломирав, повторно бев доделен да служам во Кореја.

Откако се вратив во Кореја, се сретнав со една верна христијанка по име Ин-хјун Сунг, со која се венчав во мај 1962 год. Нејзините беа будисти, а таа чула за Сведоците од некоја нејзина соученичка. Во првите три години во брак, секоја седмица посетувавме по едно собрание во Кореја со цел духовно да ги зајакнеме другите Сведоци. Од 1965 год. служиме во подружницата на Сведоците која сега е сместена на околу 60 километри од Сеул.

Некогаш и денес

Секогаш кога размислувам за минатото се чудам колку промени доживеа оваа земја. По Втората светска војна и војната со Северна Кореја, Јужна Кореја беше опустошена. Градовите и патиштата беа уништени. Немаше доволно електрична и топлотна енергија. Економијата падна на многу ниско ниво. Но, во следните 50 години, Јужна Кореја доживеа невиден напредок.

Денес, економијата на Јужна Кореја е на 11-то место во светот. Оваа земја е прочуена по своите современи градови, брза железница, бела техника и автомобилска индустрија. Јужна Кореја се наоѓа на петтото место во светот по бројот на произведени автомобили. Сепак, најважниот напредок за мене беа промените на полето на човековите права.

Во 1953 год., кога бев изведен пред воен суд, владата на Кореја немаше разбирање за оние што одбиваа да служат војска поради своите убедувања. Некои од нас беа обвинети дека се комунисти, а неколкумина беа тепани до смрт. Многу лица со приговор на совеста, кои беа затворени како млади, мораа да гледаат како нивните синови, па дури и нивните внуци завршуваат в затвор од истата причина.

Во последниве години, неколку случаи поврзани со ставот на Јеховините сведоци да не учествуваат во воените активности на која и да било земја добија позитивен публицитет. Еден адвокат, кој водеше спор против еден Сведок со приговор на совеста, за сѐ што сторил јавно му се извини преку отворено писмо кое беше објавено во едно познато списание.

Се надевам дека правото на приговор на совеста ќе се почитува и во Јужна Кореја, како што е случај и во многу други земји. Се молам властите во Јужна Кореја да им удоволат на лицата со убедувања како моите и повеќе да не ги праќаат младите регрути со ваков став во затвор, „за да можеме да водиме мирен и тивок живот“ (1. Тимотеј 2:1, 2).

Како слуги на нашиот Бог Јехова, среќни сме што имаме можност да го поддржуваме неговото право да владее (Дела 5:29). Најголема желба ни е да му бидеме верни, и со тоа да му го израдуваме срцето (Изреки 27:11). Среќен сум што, како и многу други, избрав да ‚имам доверба во Јехова со сето свое срце и да не се потпирам на сопствениот разум‘ (Изреки 3:5, 6).

[Истакната мисла на страница 13]

„На наше изненадување, наместо да нѐ уапсат, тие покажаа интерес за библиската порака“

[Истакната мисла на страница 14]

Сведоците во Кореја одлежаа повеќе од 26.000 години затворска казна бидејќи одбија да служат војска

[Слика на страница 12]

Во воен затвор (1953)

[Слика на страница 15]

Заедно со Дон Стил, во посета на собранијата за време на војната (1952)

[Слика на страница 15]

Пред да се земеме (1961)

[Слика на страница 15]

Како толкувач на патувачкиот надгледник (1956)

[Слика на страница 15]

Заедно со Ин-хјун Сунг денес

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели