Ремек-дела „насликани“ со камења
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО ИТАЛИЈА
ЕДНА од најтешките техники што ги користат уметниците за да репродуцираат сцени од природата е таканаречениот фирентински мозаик (commesso). При изработка на ваквиот мозаик, кој е типичен за Фиренца (Италија), не се користат четириаголни парченца од камен, печена глина или стакло, како што е случај со другите мозаични техники, туку тенки камени плочки со неправилна форма. Овие плочки честопати се исечени толку прецизно што едвај се забележува каде се спојуваат.
На својата „палета“ од камења со кои го „слика“ своето дело, уметникот има неверојатно голем избор на бои. Лапис лазули е камен со жива светлосина боја, бели шари и златести кристали од пирит. Малахитот е прошаран со светли и темни нијанси на зелена боја. Мермерот го има во најразлични тонови на жолта, кафеава, зелена и црвена боја. Како награда за богатиот спектар од светли нијанси и шари, ахатот, јасписот, ониксот, порфирот, како и некои други камења исто така добиваат свое почесно место во мајсторското дело на мозаичарот. Неговото вешто око ги вклопува боите и шарите од овие камења за да ги претвори во карпи, растенија, разбранувана вода, па дури и во небо украсено со облаци.
Ваквите мозаици не се ништо ново. Најверојатно почнале да се изработуваат на Блискиот Исток, а од 1 век пр.н.е. почнале да се прават и во Рим, и станале популарни како подна и ѕидна декорација. Иако фирентинскиот мозаик можел да се сретне во многу места во текот на средниот век и во византискиот период, својата популарност пред сѐ му ја должи на градот Фиренца во Тоскана, посебно од 16 век наваму. До ден-денес, во палатите и музеите низ цела Европа можат да се видат прекрасни ремек-дела изработени во оваа техника.
„Сликањето“ со камен е макотрпна работа. Едно списание забележува дека бројот на часови што се потребни за да се направи „макар и наједноставниот мозаик би ги запрепастил денешните менаџери за производство“. Од таа причина, мозаичарите отсекогаш ги наплаќале своите дела многу скапо, поради што повеќето луѓе не можат да си го дозволат овој луксуз.
Начин на изработка
Како прво, се избира модел — најчесто слика на платно — кој служи како шема за мозаикот. Копијата прецртана од овој модел се сече на парчиња според кои ќе се сечат и деловите на самиот мозаик. Додека стрпливо избира каков камен ќе употреби, уметникот понекогаш ја користи својата фантазија, наместо строго да ја следи шемата. Секој дел од копијата се лепи врз избраната камена плочка.
Потоа, уметникот ја стега секоја плочка во менгеме. За сечење на овие плочки, кои не се подебели од 3 милиметри, се користи железна жица оптегната на рам од костен. (Види ја фотографијата погоре.) Додека внимателно го сече каменот, уметникот ја премачкува жицата со абразивна паста. Потоа, краевите ги шмиргла толку прецизно што, кога деловите ќе се состават, низ нив не може да продре светлина. Замисли си колку е тешко во мозаикот да се вметнат тенки ластари од лоза!
Штом ќе се довршат, ќе се состават и ќе се залепат на рамната подлога од шкрилец, деловите се порамнуваат, а камената површина на мозаикот се полира до сјај што не може да го пренесе ни најдобриот фотоапарат. Просто неверојатно е колку вешто уметниците ги користат нијансите на само едно парче камен за да ги „исенчат“ нежните ливчиња од некој цвет. Плодовите, вазните, пеперутките, птиците и пејзажите се само некои од мотивите во делата на фирентинските мозаичари.
Еден интересен аспект на фирентинскиот мозаик е тоа што уметникот нема апсолутна слобода како ќе го изведе своето дело — мора да се служи со боите, текстурата и камењата кои Бог веќе ги создал. Една книга на оваа тема го вели следново: „Прекрасните камења те тераат да размислуваш за величественоста на Бог и за неговата неопислива моќ; за Оној кој на толку мал простор ја собрал убавината на целиот свет... со што ни дал траен и блескав потсетник за себе“.
[Извор на слика на страница 16]
Сите фотографии на 16. и 17. страница: Su concessione del Ministero per i Beni e le Attività Culturali-Opificio delle Pietre Dure di Firenze, Archivio Fotografico