ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g 12/08 стр. 23-25
  • Живиот опал пауа

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Живиот опал пауа
  • Разбудете се! 2008
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Биолошко чудо
  • И храна, и накит, и украс...
  • Бисери од пауа
  • Содржина
    Разбудете се! 2008
  • Оклопот на мекотелите
    Разбудете се! 2009
  • Черупката на еден светкав полжав
    Разбудете се! 2012
  • Черупката на еден полжав
    Разбудете се! 2011
Разбудете се! 2008
g 12/08 стр. 23-25

Живиот опал пауа

ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! НА НОВ ЗЕЛАНД

Една огромна школка бавно се движи по каменото дно на океанот, јадејќи од морската трева што ја нишаат крајбрежните струи. Нејзиниот оклоп, кој однадвор е сив и прекриен со талози од варовник, населен со ситни морски суштества, однатре крие преубави бои — сини, зелени и виолетови нијанси кои се прелеваат во нежни тонови на жолта и розова боја, со златен и сребрен отсјај.

ОВА интересно суштество е школката пауа (Haliotis iris), која се среќава само во водите околу Нов Зеланд. Таа, како и сите други школки од родот Haliotis, живее во близина на карпести брегови. Многу е ценета поради живите бои на внатрешната страна од оклопот, од кој се изработува прекрасен накит, но и поради месото кое многумина го сметаат за вкусен деликатес. Освен тоа, во неа може да се одгледуваат и блескави бисери.

Родот Haliotis го сочинуваат повеќе од 100 видови школки кои, освен во Јужна Америка и на источниот брег од САД, можат да се најдат во крајбрежните води низ целиот свет. Меѓутоа, блескавата школка пауа може да се најде само во студените води на Јужен Пацифик и е ендемски вид за Нов Зеланд.

Биолошко чудо

Внатрешноста на школката е обложена со наизменични слоеви од протеин и калциум кои ја прекршуваат светлината и создаваат прекрасни бои, слично како опалот. Од таа причина, школката пауа е наречена жив опал од морето. Кога температурата на водата ќе се спушти, школките од родот Haliotis „одат на спиење“ и таложењето на слоевите од нивниот оклоп станува побавно. Еден специјалист за школките пауа смета дека богатиот спектар од бои се должи на хранливите состојки во водата, како и на различните бои на морската трева што ја јадат.

Школките пауа се многу пребирливи кога станува збор за храната и за друштвото. На пример, за свои соседи никогаш не би ги одбрале ниту морскиот еж (кај староседелците познат како кина), кој се храни со истата морска трева што ја јадат и самите, ниту морската ѕвезда — нивниот заколнат непријател. Познато е дека само неколку морски ѕвезди можат да збришат цела колонија школки. Препредената морска ѕвезда најпрво ја задавува школката така што ѝ ги затнува отворите за дишење со својот крак, а кога таа ќе падне од карпата на која стоела, може да ја изеде со сласт.

И храна, и накит, и украс...

Иако овие школки не се баш привлечни однадвор, Маорите, староседелци на Нов Зеланд, со векови го сметаат нивното месо за квалитетна храна. Јадливиот дел од школката е еден голем мускул, т.е. стапало, со кое таа се движи по карпите. Исто така, од нивниот оклоп Маорите прават украси, мамки за риболов и накит, а во своите резби ги вметнуваат како очи.

Моменталната побарувачка на школки пауа е поголема од кога и да било порано. Ретко кој турист на Нов Зеланд ќе пропушти да купи накит од оваа школка.

Денес нуркачите успеваат да соберат многу школки пауа, дури и без опрема за нуркање — занимање што прерасна во голем бизнис со оглед на тоа што нивниот извоз обезбедува приход од неколку милиони долари. За да ги заштити овие школки од истребување во водите на Нов Зеланд, тамошната влада го ограничува вкупниот улов. Поголемиот дел од нивното месо се конзервира за да се задоволат потребите на азискиот пазар, а дел се замрзнува и се праќа во Сингапур и во Хонг Конг, каде што се смета за луксузно јадење. Честопати се послужува исечкано на резанки, без да се готви, слично како суши. Иако во морето околу Нов Зеланд врие од школки пауа, голем дел од локалното население не стигнува да ги проба поради големата побарувачка за извоз.

За да го задоволат овој сѐ поголем апетит, снабдителите мораат и сами да одгледуваат школки пауа. Ваквите фарми за школки постојат и во Австралија, Јапонија и САД, каде што се одгледуваат и други школки од родот Haliotis. Ваквите нови техники овозможуваат школките пауа да се одгледуваат далеку од нивната природна средина, во базени каде што температурата на водата може да се регулира.

Одгледуваните школки пауа имаат незаситен апетит, исто како и нивните роднини во морето. Секоја седмица можат да изедат храна колку половина од својата телесна тежина. Но, за чудо, тие се доста подвижни. Ако ги превртите, можат веднаш да се вратат во својата првобитна положба. Одгледувањето школки пауа е релативно лесно. Еден стручњак вели дека „школките пауа се лесни за чување бидејќи се многу кротки и послушни и никогаш не ти тераат инает, за разлика од другите животни“.

Бисери од пауа

Освен што се вкусни и се користат за накит, овие школки можат да направат и убави бисери. Природните бисери од школките пауа се вистинска реткост. Сепак, и овие школки можат да дадат бисер со помош на една техника што во 1890-тите години ја осмислил францускиот научник Луј Бутан. Резултатот е бисер со полутопчест облик кој ги има истите прекрасни бои како и оклопот. Но, за каква техника конкретно станува збор?

Во школката најпрво се вметнува туѓо тело, обично на три места — две странично и едно во задниот дел. Со текот на времето, школката ги обвиткува овие надразнувачи со слоеви седеф, кој содржи калциум карбонат и еден протеин. По најмалку 18 месеци, се добива мал бисер од неколку илјади слоеви. (Види ја рамката подолу.) За да се добие голем бисер, потребно е да поминат и до шест години. Просечно, само една од секои 50 школки ќе даде бисер кој е речиси совршен — со рамна површина, живи бои и извонреден сјај.

Истражувачите сѐ уште не можат да добијат топчест бисер од пауа бидејќи, за разлика од остригите, овие школки во својот желудник имаат мускул кој го исфрла надвор секое зрнце што ќе навлезе во нивните органи за варење. Можеби еден ден ќе се најде начин и тие да даваат топчести бисери.

Во меѓувреме, можеме да уживаме во производите од оваа повеќенаменска школка — блескавиот накит, вкусното месо и оклопот со привлечни бои. Зарем не му должиме благодарност на Бог за овој прекрасен дар? (Јаков 1:17).

[Рамка/слика на страници 24 и 25]

ДОМ СО УТВРДЕНИ ЅИДОВИ

Главната состојка на оклопот на школките пауа е калциум карбонат. Овој материјал е истата суровина од која се прави и училишна креда. Сепак, оклопот на оваа школка е најмалку 30 пати поцврст од кредата.

Школките пауа црпат калциум карбонат од морската вода и од него прават многу тенки слоеви од седеф, кој е заслужен не само за цврстината на оклопот туку и за неговата разнобојност и блесок. Овие слоеви се сврзани со моќно лепило од протеин и шеќер — уште една причина за сјајот на оклопот.

Научниците не можат да ги репродуцираат лепилото и процесот на создавање на оклопот. Школката може да ги поправи сите пукнатини и има најмалку пет механизми за заштита од кршење. Со добра причина можеме да кажеме дека школките пауа се вистинско чудо создадено од вештата рака на Бог.

[Извор на слика]

© Humann/gt photo

[Извори на слики на страница 23]

Горе лево: © K.L. Gowlett-Holmes; горе десно: Marcus Byrne/Photographers Direct

[Извор на слика на страница 25]

Silverdale Marine Hatchery, Нов Зеланд

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели