Поглед во светот
◼ Во 35-те години помеѓу 1970 и 2005 год., беше истребена една четвртина од ’рбетниците, меѓу кои спаѓаат риби, водоземци, влекачи, птици и цицачи (SÜDDEUTSCHE ZEITUNG, ГЕРМАНИЈА)
◼ За да се справи со инфлацијата од 2,2 милиони отсто, владата на Зимбабве скрати десет нули од своите банкноти издадени во август 2008 год. На тој начин, банкнотата од 10 милијарди доби нова вредност од еден зимбабвиски долар (AGENCE FRANCE PRESSE, ЗИМБАБВЕ).
◼ „Во 2005 год., во САД беа евидентирани повеќе од 12.000 убиства со огнено оружје. Но, бројот на оние кои беа ранети при обид за вакво убиство и преживеаја е многу поголем. Имено, во 2006 год., на одделите за итни случаи беа примени 53.000 лица“ (THE SEATTLE TIMES, САД).
„Среќен“ Божиќ?
Според весникот Sunday Telegraph од Сиднеј, околу 20 отсто од бракоразводните парници во Австралија се покренуваат веднаш по божиќните и новогодишните празници. Адвокатот за разводи, Бари Фрејкс, вели: „Многу луѓе се караат или се раздвојуваат и ни доаѓаат веднаш откако ќе почнеме со работа по празниците. Под влијание на телевизиските емисии и реклами, тие имаат нереална претстава за Божиќ“. Кога ќе видат дека реалноста воопшто не одговара на овој „шаблон“, додава тој, бараат развод. Но, според Анџела Конвеј, портпарол на австралиската Семејна асоцијација, „разводот речиси никогаш не е решение за долгорочните проблеми и, спротивно на очекувањата, ретко носи мир и среќа“. Таа препорачува: „Вреди да го зачувате бракот и да се потрудите тој да функционира“.
„Породилишта“ кои значат живот
Во Перу беа вложени големи напори да се намали стапката на смртност на мајките при породувањето. Во последнава деценија, во оваа земја беа отворени 390 „породилишта“, со цел да се поттикнат бремените жени на Андите да бараат стручна медицинска помош во некоја болница наместо да се породуваат дома. Тие и нивните семејства можат да останат во овие „породилишта“, кои се сместени во близина на некоја болница, додека мајките не се породат. Како што јавува новинската агенција „Ројтерс“ од Куско, „породилиштата“ се прифатени бидејќи ја спојуваат „современата медицина со народните обичаи“, како што е породувањето со стоење, кое најчесто не е толку болно и трае пократко... и при кое мајката подобро може да види како го раѓа детето отколку кога лежи“.
Редовно доцнење
Според еден извештај од Министерството за транспорт на САД за 2008 год., околу 30 отсто од сите авионски летови во оваа земја доцнат повеќе од 15 минути. Еден од најлошите примери е редовниот лет од Тексас за Калифорнија. Овој авион ниту еднаш не пристигнал на време.