Поглед во светот
◼ Според едно поново истражување, „60 отсто од Британците сметаат дека религијата предизвикува раздор меѓу луѓето“ (THE CATHOLIC HERALD, БРИТАНИЈА).
◼ Во Португалија беше изградена најголемата фотоволтаична електрана во светот. Соларните ќелии, кои зафаќаат површина од 250 хектари, можат да снабдат со струја 30.000 домаќинства (EL PAÍS, ШПАНИЈА).
◼ Секоја година во целиот свет има 900.000 случаи на неприродна смрт кај млади лица, што е повеќе од 2.000 секој ден. Главни причини за тоа се сообраќајни несреќи, давење и пожар (DIE WELT, ГЕРМАНИЈА).
◼ „Иако во последниве години шумите се сечат со побавно темпо, светот сѐ уште губи околу 200 квадратни километри шуми секој ден“ (ОРГАНИЗАЦИЈА ЗА ХРАНА И ЗЕМЈОДЕЛИЕ ПРИ ОН, ИТАЛИЈА).
◼ Во јануари 2009 год., пет пирати се удавиле веднаш откако нивната група наводно примила откупнина од 3 милиони американски долари за еден саудиски танкер со нафта. Водата го исфрлила телото на еден од нив на брегот. Во џебот му било пронајдено пластично ќесе во кое имало 153.000 долари (ASSOCIATED PRESS, СОМАЛИЈА).
Младите ги сметаат своите врсници за разгалени
Според весникот de Volkskrant, младите во Холандија „сметаат дека нивните врсници се разгалени... и дека немаат обѕир кон другите бидејќи пречесто добиваат совет да имаат добро мислење за себе. Дури две третини... од лицата на возраст од 16 до 24 години мислат дека младите имаат повеќе права отколку обврски“. Владее општо мислење дека „младите бараат многу... а ретко помислуваат што можат тие да сторат за општеството“.
Децата сами си подготвуваат оброк
Сакајќи да ги поттикне родителите и децата да поминуваат повеќе време заедно, директорот на едно училиште во Јапонија дошол до идеја еден ден во месецот учениците сами да си подготвуваат оброк за на училиште. Идејата била прифатена не само во тоа училиште, туку и во стотици други. „Од децата не се бара уште првиот пат сами да направат сѐ“, известува јапонскиот весник IHT Asahi Shimbun. „За секое одделение постојат различни очекувања. Семејствата на децата во нижите одделенија им помагаат да го изберат оброкот и да ги купат состојките... А од повозрасните ученици се очекува да научат да избираат квалитетни оброци.“ Каков бил резултатот? „Училиштата забележуваат дека децата научиле подобро да готват, не се фрлало толку храна, а се подобрила и комуникацијата во семејниот круг“, пишува истиот весник. Децата, пак, велат дека „научиле да го ценат она што го прават нивните родители за нив“.
„Генералка“ на Јужниот Пол
Минатата година, во склоп на една посебна еколошка програма, руските еколози кои ги истражуваат поларните области направија „генералка“ на Антарктикот и успеаја да отстранат 360 тони отпад. Во ѓубрето што се депонираше во близина на истражувачките центри, можеше да се најдат неискористени градежни материјали, расипани машини и празни буриња за нафта. „Според протоколот за еколошка заштита на најјужната точка од планетата, секоја земја треба да си го собере своето ѓубре“, известува руското списание Итоги. „Јапонците најсовесно си го вршат својот дел.“