„Ќе барам развод!“
Куќата очигледно е запуштена. Низ годините доживеала многу бури, и некои од нив многу ја оштетиле. Сега е нестабилна и е само прашање на време кога ќе се сруши.
ОВОЈ опис одговара на многу бракови денес. Дали некогаш си помислил дека и твојот брак личи на оваа куќа?a Ако да, биди свесен дека секој брак си има свои проблеми. Всушност, Библијата реално ни кажува дека оние што стапуваат во брак најверојатно ќе имаат „неволји“ (1. Коринќаните 7:28).
Еден тим од истражувачи потврдуваат дека тоа е точно. Тие го опишуваат бракот како „најризичен чекор на кој се решаваат повеќето луѓе во нашето општество само затоа што така е редот“. Понатаму тие велат: „Една врска која на почетокот била многу среќна и надежна може да се претвори во најразочарувачкото и најболно искуство во животот на едно лице“.
Како е со твојот брак? Дали се расипува поради...
● постојано карање?
● остри зборови?
● неверство?
● огорченост?
Што да правиш ако тој е нестабилен и пред распаѓање? Дали разводот е решение?
[Фуснота]
a Заради едноставност, во оваа серија статии се користи машки род. Меѓутоа, начелата што се разгледани во нив важат и за сопрузите и за сопругите.
[Рамка/слика на страница 3]
НЕКОГАШ РЕТКОСТ, А ДЕНЕС ВООБИЧАЕНА ПОЈАВА
Во некои земји, стапката на разводи неверојатно брзо расте. Да ги земеме за пример САД, каде што долги години имаше релативно мал број раскинати бракови. Од 1960 год. наваму, пишува Барбара Дефо Вајтхед во својата книга The Divorce Culture, „бројот на разводи почна вртоглаво да расте“. Таа вели: „За неполна деценија, овој број двојно се зголеми и продолжи да расте сѐ до 1980-тите, кога го достигна највисокото ниво во западниот свет. Како последица на овој брз и постојан пораст, разводот, кој некогаш беше голема реткост, стана една од главните карактеристики на животот во Америка, и тоа за само три децении“.