„Мејдеј! Мејдеј! Мејдеј!“ — повик што спасува животи
Рибарскиот брод „Нотикл Легаси“ беше целиот во пламен и густ чад! Секој што во тој момент се најде на него беше во сериозна опасност. „Ако капетанот не го упатеше повикот ‚мејдеј‘, никој немаше да го најде бродот“, изјави еден претставник на Крајбрежната стража. Благодарение на брзата интервенција на Канадската крајбрежна стража, беше спасен целиот екипаж.a
„МЕЈДЕЈ! Мејдеј! Мејдеј!“ Овие зборови, обично упатени преку радиоврска, претставуваат повик за итна помош во некаква опасна ситуација. Дали ваквиот повик е ефикасен? Во 2008 год., Крајбрежната стража на САД учествуваше во повеќе од 24.000 акции за спасување. Притоа беа спасени 4.910 животи — во просек по 13 секој ден — а помош им беше укажана и на повеќе од 31.000 лица што се нашле во некаква опасност.
Но, зошто се користи повикот „мејдеј“? И на кој начин бродовите во неволја барале помош пред да постои радиото.
Повици за помош во минатото
Во 1588 год., бродот Санта Мариа де ла Роса, кој ѝ припаѓал на шпанската армада, се нашол во силна бура и со топовски истрели упатил повик за помош, но залудно. Овој брод потонал и никој не преживеал. Други морепловци, пак, кревале посебни знамиња за да побараат помош. Дури и денес, ако некој брод развее бело знаме со црвен дијагонален крст, тоа низ целиот свет се смета како повик за помош.
Во 1760-те години, морнарите почнале да учат визуелен сигнален систем наречен семафорска сигнализација. Држејќи по едно знаменце во секоја рака, морнарот давал сигнали имитирајќи ги стрелките на часовникот. Секоја положба на „стрелките“ означува различна буква или бројка.
Меѓутоа, знаменцата, топовите и визуелните сигнали се ефикасни само кога другите се доволно близу за да ги видат или да ги чујат. Честопати, морнарите што ќе се нашле во опасност имале многу слаби шанси некој да ги спаси. Како можела ситуацијата да се подобри?
Поефикасни повици за помош
Огромен чекор напред во поглед на комуницирањето на далечина бил направен во 1840-тите. Семјуел Морз измислил сигнален систем кој овозможил да се испраќаат пораки преку жица со помош на посебен апарат, наречен телеграф. Секогаш кога телеграфистот ќе притисне на копчето од телеграфот, на другата страна од жицата се регистрира електричен импулс. Овој сигнален систем се состои од посебна комбинација на кратки и долги звуци, односно точки и цртички за секоја буква и бројка.
Морзеовата азбука почнале да ја употребуваат и морнарите, само што, наместо звуци преку телеграф, испраќале светлосни сигнали. За да се означи точка, се пуштал краткотраен сноп светлина, а подолготрајното светкање било симбол за цртичка. Наскоро бил воведен и посебен, едноставен повик за помош кој се состои од три точки, три цртички и уште три точки, кои ги претставуваат буквите „СОС“.b
За среќа, сигналите за помош продолжиле да се подобруваат во поглед на досегот и начинот на испраќање. Во 1901 год., Гуљелмо Маркони го испратил првиот радиосигнал преку Атлантскиот Океан. Оттогаш можеле да се испраќаат СОС пораки преку радиобранови наместо со светлосни сигнали. Меѓутоа, радиооператорите сѐ уште не можеле да испраќаат говорни повици за помош. Повикот „Мејдеј! Мејдеј! Мејдеј!“ допрва требало да биде воведен.
Најпосле, во 1906 год., биле пренесени првите зборови преку радио, кога Реџиналд Фесенден емитувал програма со говор и музика. Морепловците кои имале радиоопрема го чуле преносот на оддалеченост од 80 километри. Во 1915 год., многу поголем број луѓе возбудено слушале директен пренос на говор од Арлингтон (Вирџинија, САД) до Ајфеловата кула во Париз (Франција), што е растојание од над 14.000 километри! А замисли си само колку возбудени биле морнарите на бродот СС Америка во 1922 год., кога се водел првиот разговор преку радио помеѓу Дил Бич (Њу Џерси, САД) и нивниот брод кој бил оддалечен повеќе од 600 километри од брегот.
Стандардизација на повикот за помош
Во 1920-тите и 1930-тите, многу лица го користеле радиото за да разговараат меѓу себе. Но, како можел еден капетан да испрати повик за помош што би можел да го разбере секој, кога морнарите зборувале на различни јазици? Ова прашање било решено на Меѓународната радиотелеграфска конференција во 1927 год., кога „мејдеј“ бил избран како меѓународен повик за помош.c
Можеме да бидеме благодарни што начинот на комуникација напредувал. На пример, радарите и системите за глобално позиционирање ги заменија топовите и сигналните знаменца. Исто така, радиото денес е стандардна опрема, и спасувачките екипи постојано се на штрек. Како што беше случај и со бродот Нотикл Легаси, сеедно каде или кога е упатен, повикот „Мејдеј! Мејдеј! Мејдеј!“ најверојатно ќе биде чуен. За разлика од претходните генерации, за кои постоела многу слаба веројатност дека ќе бидат спасени доколку се нашле во опасност на море, ти можеш со доверба да се надеваш на помош.
[Фусноти]
a Земено од книгата Вистински приказни за спасување и преживување — непознатите херои на Канада (True Stories of Rescue and Survival—Canada’s Unknown Heroes).
b Буквите „СОС“ биле избрани затоа што може лесно да се испратат и да се препознаат. Немаат некое посебно значење.
c Зборот „мејдеј“ треба да се повтори трипати за да се пренесе јасна намера и да не се помеша со друг збор.
[Слика на страница 27]
Бродот „Нотикл Легаси“ во оган и чад
[Извор на слика]
Со љубезна дозвола на Fisheries and Oceans Canada, објавено со дозвола на © Her Majesty the Queen in Right of Canada, 2010
[Слика на страница 28]
Морзеовата азбука почнале да ја употребуваат и морнарите, само што, наместо звуци преку телеграф, испраќале светлосни сигнали
[Извор на слика]
© Science and Society/SuperStock