Што вели Библијата
Треба ли да се молиме на „светци“?
Мари и Тереза се сметале себеси за побожни. И двете верувале во „светци“. Мари верувала дека може да им се моли за помош. А Тереза редовно му се молела на еден „светец“ кој се смета за заштитник на нејзиното родно село. Му се молела и на „светецот“ по кого го добила името.
МИЛИОНИ луѓе низ целиот свет се молат на „светците“ за да добијат благослов, како што било случај и со Мари и Тереза. Во New Catholic Encyclopedia се вели „дека светците се посредници меѓу Бог и луѓето и дека е ‚добро и корисно‘ да ги повикуваме за да добиеме... Божји благослов“.
Меѓутоа, како гледа Бог на ова? Дали е задоволен ако им се молиме на „светците“ да посредуваат меѓу него и нас? Да видиме што вели Библијата.
Треба ли да им се обраќаме на „светците“?
Никаде во Библијата не се спомнува дека некој верен Божји слуга му се молел на „светец“. Зошто? Во New Catholic Encyclopedia стои дека „дури од 3 век наваму се верува дека светците навистина можат да посредуваат меѓу Бог и луѓето“. Значи, ова верување се раширило околу 200 години по смртта на Христос. Според тоа, не потекнува од Исус и од вдахновените библиски писатели кои пишувале за неговата служба. Можеме ли да бидеме сигурни во тоа?
Библијата доследно нѐ учи дека треба да му се молиме само на Бог, во името на Исус Христос. „Јас сум патот, вистината и животот“, рекол Исус. „Никој не доаѓа при Отецот, освен преку Мене“ (Јован 14:6, Превод на МПЦ). Овие јасни зборови се во склад со Исусовото учење запишано во Матеј 6:9-13. Објаснувајќи како треба да се молиме, тој рекол: „Татко наш, кој си на небесата, да се свети името твое...“ (Матеј 6:9). Очигледно, нашиот небесен Татко е единствениот кому треба да му се молиме. Овој факт се темели на едно основно библиско начело.
Молитвата е чин на обожавање
Во The World Book Encyclopedia стои следново: „Молитвата се состои од зборови и мисли кои од почит се упатуваат кон Бог, кон богови, кон божици и кон сѐ друго што е предмет на обожавање... Во речиси сите религии во светот, молитвата е важен облик на оддавање почит“ (нагласено од нас). Прашај се дали е соодветно да паднеме на колена и да му се молиме на кој и да е друг освен на нашиот Творец и Дарител на животот? (Псалм 36:9). Исус рекол: „Вистинските поклоници ќе му оддаваат почит на Таткото со дух и со вистина, зашто Таткото бара такви да го почитуваат“ (Јован 4:23). Библијата вели и дека нашиот Творец „бара да му се покажува оддаденост само нему“ (5. Мојсеева 4:24; 6:15).
Да го разгледаме примерот на апостол Јован. Откако ги добил величествените виденија запишани во библиската книга Откровение, апостолот бил толку исполнет со страхопочит што ‚паднал пред нозете на ангелот‘ кој му ги покажал тие виденија. Што сторил ангелот? „Не прави го тоа!“ му рекол тој. „Јас сум само роб како и ти и твоите браќа... Поклони му се на Бог!“ (Откровение 22:8, 9). Да, и овде Библијата нагласува дека треба да му оддаваме почит само на Јехова Бог.
Во склад со она што беше кажано погоре, само за Бог се вели дека „ги слуша молитвите“ (Псалм 65:2). Освен тоа, како Семоќен, само тој има власт, знаење и моќ да го исполни секое исправно барање што му е упатено во молитва (Јов 33:4). Дури и Исус Христос има свои ограничувања, како што признал и самиот (Матеј 20:23; 24:36). Сепак, на Исус му е дадена голема власт, во што спаѓа и одговорноста да служи како посредник меѓу Бог и луѓето.
Сочувствителен посредник
За Исус, Библијата вели дека „може во потполност да ги спаси оние што преку него му пристапуваат на Бог, бидејќи секогаш е жив за да се зазема за нив“ (Евреите 7:25). Со други зборови, Исус може да служи како сочувствителен посредник во корист на „оние што преку него му пристапуваат на Бог“. Ова не значи дека треба да му се молиме на Исус па тој да ја проследи нашата молитва понатаму, туку дека треба да му се молиме на Бог во името на Исус, со што покажуваме дека ја признаваме неговата положба. Зошто може да се каже дека Исус е совршен посредник?
Како прво, Исус и самиот бил човек, па затоа може поцелосно да се соживее кога другите страдаат (Јован 11:32-35). Освен тоа, покажал дека ги сака луѓето така што ги лечел болните, ги воскреснувал мртвите и на секој што ќе дошол кај него му помагал да го запознае Бог (Матеј 15:29, 30; Лука 9:11-17). Дури простувал и гревови (Лука 5:24). Ова нѐ уверува дека, ако згрешиме, „имаме помошник кај Таткото — Исус Христос, праведникот“ (1. Јованово 2:1).
Љубовта и сочувствителноста на Исус се особини што треба да се трудиме и самите да ги покажуваме. Точно, ние не сме овластени да служиме како посредници. Но, би можеле да се молиме за другите. Всушност, љубовта треба да нѐ поттикне да го правиме тоа. „Молете се еден за друг“, напишал Јаков. „Сесрдната молитва на праведникот има голема сила и може да направи многу добра“ (Јаков 5:16).
Мари и Тереза ги дознале овие скапоцени вистини така што самите испитале што кажува Библијата. Јеховините сведоци те поттикнуваат да го сториш истото. Исус рекол дека „оние што го почитуваат [Бог] мора да му оддаваат почит со дух и со вистина“ (Јован 4:24).
ШТО МИСЛИШ?
● Што рекол Исус, само кому треба да му се молиме? (Матеј 6:9)
● Каква улога има Исус? (Евреите 7:25)
● Треба ли да му се молиме на Бог за другите? (Јаков 5:16)