Поглед во светот
„Кај жените што живеат во сиромашните земји постои 300 пати поголема веројатност да умрат во текот на бременоста или при породувањето отколку кога би живееле во богатите земји“ (BUSINESSWORLD, ФИЛИПИНИ).
Според една анкета во Германија, 40 отсто од децата на возраст од 11 до 15 години во оваа земја не знаат дека Сонцето изгрева на исток; 60 отсто не знаат дека периодот помеѓу две полни месечини трае четири седмици (WELT ONLINE, ГЕРМАНИЈА).
Во древниот град Гат, археолозите пронашле филистејски храм. Градбата, која ја држат два централни столба, потсетува на библискиот извештај за Самсон, кој срушил еден храм со тоа што турнал два такви столба (THE JERUSALEM POST, ИЗРАЕЛ).
Увоз на невести од Азија
„Азијците од богатите земји, како што се Јапонија и Јужна Кореја, сѐ почесто бараат невести од посиромашните [азиски земји], како што се Виетнам и Филипините“, пишува во филипинскиот онлајн весник BusinessWorld. Во периодот помеѓу 1995 и 2006 год., бројот на Јапонци што зеле жени од странство порасна за 73 отсто. Зошто? „Финансиски независните жени од побогатите земји стануваат пребирливи“, вели истиот извештај, и не се толку спремни за брак. Од друга страна, жените од сиромашните земји се спремни да стапат во брак дури и со мажи од работничката класа во побогатите земји, бидејќи тие „нудат надеж за подобар живот“.
Усовршено неверство?
Еден контроверзен сајт за лични контакти што е застапен во пет земји ги рекламира своите услуги со слоганот: „Животот е краток. Имај афера“. Според зборовите на основачот, овој портал не ги поттикнува луѓето да го изневеруваат својот партнер, бидејќи корисниците „веќе одлучиле да го сторат тоа“. „До проблеми најчесто доаѓа ако аферата биде откриена. Ние им овозможуваме на оние што сакаат да имаат афера да го направат тоа дискретно“, тврди тој. „Ние не го измисливме неверството — само го усовршивме.“ Моментално, овој портал има 6,4 милиони членови.
Родени танчери?
„Луѓето имаат уникатна способност да ги координираат движењата на телото во склад со надворешни звучни дразби, како кога некој тапка со ногата или танцува во ритамот на музиката“, стои во еден извештај што го објавија истражувачи од Универзитетот во Јорк (Англија) и Универзитетот во Јуваскула (Финска). Овие истражувачи утврдиле дека уште пред да научат да зборуваат, бебињата реагирале на ритамот на музиката и спонтано се обидувале да се движат по тактот. Колку поуспешни биле нивните обиди, толку подолго биле насмеани. Ова покажува дека чувството за ритам и желбата да се движиме по тактот на музиката не е нешто што го учиме, туку нешто со што се раѓаме.