Поглед во светот
Според статистичките податоци на Арапската организација за безбедност на патиштата со седиште во Тунис, секоја година во арапските земји се случуваат повеќе од 500.000 сообраќајни несреќи во кои гинат преку 36.000 лица (НОВИНСКА АГЕНЦИЈА „РОЈТЕРС“, ТУНИС).
„За тинејџерите во Кина, интернетот е главен извор на информации за сексот затоа што, според една анкета, на училиште и дома не се соодветно поучени за таа тема“ (CHINA DAILY, КИНА).
Шпионски веб-камери
Германската полиција неодамна уапси еден човек кој е обвинет дека влегувал во собите на десетици девојки преку нивните веб-камери. Хакерот го пробил лесниот пасворд на еден интернет профил и така добил пристап до информациите за контакт на неколку лица. Се претпоставува дека го користел пробиениот профил за да им испраќа на пријателките на жртвата злонамерен софтвер (малвер) камуфлиран како скрин сејвер. Ова му овозможило да ги контролира компјутерите на пријателките и да ги користи нивните веб-камери кога и да посака. Според весникот Aachener Zeitung, при извршената рација во домот на хакерот биле пронајдени три милиони слики, а инспекторите утврдиле дека тој „бил истовремено поврзан со компјутерите на 80 девојки без нивно знаење“.
Непознати јазици
Анализирајќи ги малку познатите јазици ака и миџи што се зборуваат во североисточната индиска држава Аруначал Прадеш, која се граничи со Бутан и со Кина, лингвистите откриле и трет локален јазик, чиј назив е коро. „Овој јазик не е документиран досега“, изјави истражувачот Грегори Андерсон, директор на Институтот за живи и загрозени јазици. Јазикот не бил откриен затоа што го зборуваат околу 800 лица во област до која нема многу превоз. Во 2009 год., во една област во Кина во која порано се мислеше дека се зборува само еден јазик, беа откриени уште 24 јазици.
Радиоактивни диви свињи
„Од 2007 год. наваму, отштетата што државата им ја плаќа на ловџиите за загубата што ја трпат затоа што дивите свињи се радиоактивни се зголеми за четири пати [во Германија]“, стои во Spiegel Online. Месото од дива свиња многу ловџии го продаваат за јадење, но законот забранува продажба на месо со висока концентрација на цезиум-137, радиоактивен елемент кој беше ослободен при хаваријата во Чернобил пред 25 години. Дивите свињи се изложуваат на контаминација затоа што многу ги сакаат „печурките и тартуфите, кои многу ефикасно ја апсорбираат радиоактивноста“, објаснува истиот весник. „Се разбира, зголемувањето на отштетата повеќе се должи на зголемениот број на диви свињи во Германија отколку на некаква зголемена радиоактивна контаминација.“ Според експертите, проблемот со радијацијата ќе трае најверојатно уште 50 години.