Музиката како дар
МОЖЕШ ли да си го замислиш животот без музика? Да нема нежни приспивни песни? Да нема романтични серенади? Да нема живи поп-песни? Да нема симфонии што ги растреперуваат чувствата? Да нема мелодии што разведруваат? За повеќето луѓе, таквиот живот би бил празен и здодевен.
Да, музиката допира до речиси секое делче од нашето битие. Нѐ смирува и нѐ возбудува, нѐ развеселува и нѐ мотивира. Нѐ фрла во занес и нѐ доведува до солзи. Освен тоа, музиката има моќ затоа што допира директно до срцето. Зошто има толкаво влијание? Одговорот е прилично едноставен: Музиката е прекрасен дар од Бог (Јаков 1:17). Затоа, секој — и млад и стар — заслужува да ужива во убава музика и треба да ја цени како дар од Бог.
Музиката има долга историја. На пример, археолошките докази покажуваат дека, со векови пред нашата ера, африканските племиња свиреле на тапани, рогови и ѕвончиња. Древните Кинези свиреле на еден вид усна хармоника и панови флејти. Народите од Египет, Израел, Индија и Месопотамија свиреле на харфа. Можеби еден од најдиректните историски осврти на музиката се наоѓа во Библијата, во 1. Мојсеева 4:21. Таму читаме дека еден човек по име Јувал е „прататко на сите оние што свират на харфа и на кавал“. Со векови подоцна, израелскиот цар Соломон многу се интересирал за музиката и го набавил најдоброто дрво за изработка на харфи и други жичени инструменти (1. Царевите 10:11, 12).
Се разбира, за да можел некој во тоа време да ужива во музиката, морал или самиот да свири на некој инструмент или да слуша како свири некој друг. Но, денес на милиони луѓе музиката им е достапна само со едно притискање на копче или со едно кликнување на глувчето. Всушност, секој вид музика може да се сними или да се симне од интернет и да се пушти на уред што можеш да го носиш во џеб. Една анкета од 2009 год., спроведена во една западна земја, покажа дека младите на возраст од 8 до 18 години поминуваат повеќе од два часа дневно слушајќи музика и други аудиоснимки.
Ваквиот тренд, што е раширен насекаде, помага да разбереме зошто музиката и технологијата поврзана со неа станаа главен производ на пазарот. Да, музиката е голем бизнис. Но, си помислил ли некогаш што сѐ е потребно за да се направи хит?
[Рамка/слика на страница 3]
Музика на интернет
ПРЕЗЕМАЊЕ: Корисниците обично плаќаат за секој преземен фајл, кој потоа станува нивна сопственост. Други стануваат претплатници — обично кога склучуваат договор со мобилен оператор или кога ќе купат нешто — со што добиваат можност да преземаат музички фајлови само додека трае договорот.
СТРИМИНГ: Дигитална музика што слушателите можат да ја пуштат без да ги зачуваат фајловите. Ваквата музика претежно е бесплатна, иако некои специјализирани содржини се достапни со претплата.
[Табела/слики на страница 3]
(Види во публикацијата)
Значајни моменти во музичката индустрија
1880-тите
Грамофонска плоча
1890-тите
Телеграфон
1940-тите
Магнетофонска лента
1960-тите
Аудиокасета
1980-тите
Компакт диск (CD)
1990-тите
Дигитални аудиофајлови (MP3, AAC, WAV итн.)