Како се прави хит?
МУЗИЧКАТА индустрија се карактеризира со голема конкуренција и постојан прилив на нови идеи и трендови. Музичките вкусови се менуваат, хитовите застаруваат, а новите вкусови и технологии ги истиснуваат старите. Менаџерите „постојано внимаваат што е најново, кој звук е ин“, вели Кели С. Барнс, стручњак за социјални медиуми. Но, не е лесно тој звук да се претвори во хит. „Многу деца сонуваат да станат музички ѕвезди... но патот од сонот до склучување договор за снимање е трнлив и долг“, стои во книгата This Business of Music: The Definitive Guide to the Music Industry. (Види ја рамката „Промени во музичката индустрија“ на 6. страница.)
Музика и текст
Авторите (1) имаат за цел да напишат текст што ќе допре до чувствата на луѓето — текст што ги отсликува нивните надежи, соништа и најдлабоки емоции. Која е најпопуларна тема? Нормално, љубовта. Авторите исто така се трудат да компонираат песни со примамлива, лесно певлива мелодија — заразна музичка фраза што му го привлекува вниманието на слушателот и му се врежува во умот.
Потоа, авторот обично прави демо-снимка од песната. Ако дискографската куќа смета дека песната ќе се продава, може да му понуди на авторот договор за снимање (2). Но, ако не е баш сигурна за пејачот (кој можеби не е толку познат), може да ја купи песната за некој веќе прославен пејач.
Во студиото
Дискографските куќи обично ангажираат искусен продуцент кој ќе биде одговорен за самото снимање (3). Тој одлучува во каков стил ќе биде песната и дава одобрение за конечната верзија. Исто така, наоѓа студио, аранжери, препишувачи на ноти, музичари, придружни вокали, тон-мајстори и опрема која е потребна за да се добие професионален и комерцијален производ.
Повеќето снимки се прават во етапи, а обично се почнува со делот на тапаните, гитарата, басот и клавијатурите. Потоа се додаваат водечките вокали, придружните вокали, инструменталните соло-делови и специјалните звучни ефекти кои на крајот се миксаат за да се добие дигитална мастер снимка (4).
Промоција
За промоција на своите производи, дискографските куќи обично прават видеоспотови (5). Ваквите видеозаписи, кои траат 3-5 минути, им даваат чувство на гледачите како да се на концерт и им овозможуваат на изведувачите да се појават во медиумите. Исто така, може да ѝ донесат и значителен профит на дискографската куќа.
По правило, музичарите продаваат повеќе албуми таму каде што одржуваат концерти во живо (6). Затоа, честопати промовираат нов албум преку турнеи и концерти. Освен тоа, повеќето музичари отвораат своја веб-страница (7) на која може да се најдат делови од песните, фотографии, видеоснимки, личен блог и вести за следните концерти како и линкови за фан клубови и, што е најважно, за онлајн музички продавници.
Кој одлучува дали некоја песна ќе биде хит? Всушност, тоа си ти — слушателот. Тогаш, врз основа на што ја бираш својата музика? Врз основа на звукот или изведувачот или, пак, врз твојот избор влијаат и извесни вредности? Ова се важни прашања, бидејќи музиката има моќ и може да влијае многу длабоко врз нас. Тоа потсетува на еден важен совет од нашиот Творец: „Од сѐ што треба да се чува, најмногу чувај си го срцето, зашто од него извира животот“ (Изреки 4:23).
Како можеш да го следиш овој мудар совет кога станува збор за музиката? И, ако си родител, како можеш да ја исполниш својата одговорност да ги заштитиш своите деца од духовна, психичка и емоционална штета?
[Рамка на страница 6]
Промени во музичката индустрија
Поради интернетот и релативно евтината опрема за снимање, музичката индустрија доживува револуционерни промени. Денес, музичарите можат и дома да снимаат музика со одличен квалитет и да ја пласираат низ целиот свет. Според списанието The Economist, „неколку големи музички имиња имаат издадено музика без да ги користат услугите на дискографска куќа“.