ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • Зошто доаѓа до кавги во семејството?
    Разбудете се! 2015 | Декември
    • Вознемирени деца слушаат како родителите се караат

      ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА | СТАВИ КРАЈ НА КАВГИТЕ ДОМА

      Зошто доаѓа до кавги во семејството?

      „ОБИЧНО се расправаме околу парите“, вели Сара,a која живее во Гана и е во брак со Џејкоб 17 години. „Ме нервира тоа што едвај успевам да излезам на крај со трошоците дома, а Џејкоб никогаш не ме прашува како се снаоѓам. Понекогаш не зборуваме со недели.“

      Џејкоб, нејзиниот сопруг, вели: „Во лутина се случува да си кажеме остри зборови. Обично до тоа доаѓа кога не можеме да се разбереме добро или кога не зборуваме доволно. А понекогаш ние самите реагираме претерано“.

      Натан, кој живее во Индија и е во брак од неодамна, раскажува што се случило кога во една ситуација таткото на неговата сопруга ѝ се развикал на својата жена. „Таа се налути и си замина од дома“, вели Натан. „Кога го прашав зошто ѝ викаше, тој си помисли дека јас го напаѓам. Тогаш почна да вика по сите нас.“

      Веројатно и самиот си свесен до колкава караница може да дојде од само неколку погрешни зборови или од зборови кажани во погрешно време. Еден обичен разговор може брзо да прерасне во жестока расправија. Никој не успева секогаш да го каже она што треба, па затоа лесно може погрешно да ги сфатиме другите или, пак, да им припишеме лоши мотиви. Сепак, можно е во разумна мера да имаме мир и слога во семејството.

      Што можеш да направиш кога ќе дојде до кавга? Како да го вратиш мирот во семејството? Како можат семејствата да го зачуваат мирот во својот дом? Да видиме понатаму.

      a Некои имиња во овие статии се сменети.

  • Како да запрат кавгите дома
    Разбудете се! 2015 | Декември
    • Сопруг и сопруга седат заедно и мажот ја слуша жената додека таа си ги искажува чувствата

      ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА | СТАВИ КРАЈ НА КАВГИТЕ ДОМА

      Како да запрат кавгите дома

      ШТО ако ти се чини дека им нема крај на вашите кавги? Можеби се карате сѐ почесто и сѐ повеќе. Веројатно веќе ни самите не знаете како доаѓа до нив. Од друга страна, си го сакаш семејството и жал ти е што се повредувате еден со друг.

      Многу е важно да бидеш свесен дека, ако некој во семејството има поинакво мислење за нешто, тоа не значи дека семејството оди во пропаст. Она што може да ви го уништи мирот дома не се самите несогласувања, туку начинот на кој ги решавате. Следните шест совети ќе ви помогнат да ги спречите расправиите меѓу вас.

      1. НЕ ВОЗВРАЌАЈ

      За кавга се потребни двајца. Затоа, ако едниот почне да слуша наместо да зборува, можеби караницата ќе стивне. Спротивстави се на притисокот да возвратиш кога другиот ќе те испровоцира. Задржи самопочит и достоинство така што ќе се контролираш. Не заборавај дека мирот во семејството е многу поважен отколку да победиш во расправијата.

      „Кога снемува дрва, огнот згаснува, и кога нема клеветник, караницата престанува“ (Изреки 26:20).

      2. ПОКАЖИ РАЗБИРАЊЕ ЗА ЧУВСТВАТА НА ДРУГИОТ

      Ако слушаш внимателно и со интерес, без да го прекинуваш или осудуваш оној што се лути, може многу да придонесеш да не дојде до караница. Наместо да му припишуваш погрешни мотиви, пробај да сфатиш што го налутило. Многу работи правиме поради тоа што сме несовршени, па затоа немој брзо да помислиш дека е злонамерен. Острите зборови почесто се резултат на непромисленост или повредени чувства отколку на злонамерност или желба за одмазда.

      „Облечете се во најдлабока сомилост, љубезност, понизност, благост и долготрпеливост“ (Колошаните 3:12).

      3. ПОЧЕКАЈ ДА СЕ СМИРИШ

      Ако си премногу вознемирен, можеби ќе биде најпаметно да се извиниш и да се повлечеш. Можеш да отидеш во друга соба или да прошеташ некаде додека да се смириш. Тоа не значи дека го оставаш проблемот нерешен — дека не сакаш да соработуваш и дека бегаш или, пак дека намерно избегнуваш да зборуваш. Така добиваш време да му се помолиш на Бог за мир и разумност.

      „Пред да избие караницата, оддалечи се“ (Изреки 17:14).

      4. ДОБРО РАЗМИСЛИ ШТО И КАКО ЌЕ КАЖЕШ

      Ништо нема да постигнеш ако смислиш одговор што ќе го повреди и понижи другиот. Наместо тоа, обиди се да кажеш нешто што знаеш дека ќе го смири. И наместо да му кажуваш како треба или не треба да се чувствува, замоли го да ти објасни самиот и заблагодари му се што ти помогнал да го разбереш.

      „Оној што зборува непромислено, како да прободува со меч, а јазикот на мудрите е лек“ (Изреки 12:18).

      5. НЕ ГО ПОВИШУВАЈ ТОНОТ И ЗБОРУВАЈ СМИРЕНО

      Доволно е еден во семејството да биде нестрплив за друг да се налути. Колку и да си изнервиран, немој да бидеш ироничен, да навредуваш или да го повишуваш тонот. Не кажувај тешки обвиненија како, на пример, „Не ти е гајле за мене“ или „Никогаш не ме слушаш“. Наместо тоа, смирено кажи му на брачниот другар како влијае врз тебе она што го направил („Тешко ми е кога...“). Не постои никакво оправдување да го турнеш другиот, да го удриш, или да употребиш сила на кој и да е друг начин. Истото важи и за погрдните имиња, потценувачките коментари и заканите.

      „Нека се отстрани од вас сета злобна горчина и лутина и гнев и викање и навредлив говор заедно со сета злоба“ (Ефешаните 4:31).

      6. БРЗО ИЗВИНИ СЕ И ОБЈАСНИ ШТО ЌЕ НАПРАВИШ ЗА ДА СЕ ПОПРАВАТ РАБОТИТЕ

      Не дозволувај поради негативните чувства да заборавиш дека најважно е да имате мир во семејството. Ако се скараш со некого, и двајцата губите. Ако се смирите, и двајцата сте победници. Затоа, признај го својот дел од вината. Дури и ако си убеден дека ти воопшто не си виновен, сепак можеш да се извиниш за нешто, на пример, за тоа што си се изнервирал, за начинот на кој си реагирал или за тоа што несакајќи си придонел другиот да се вознемири. Мирот е поважен од гордоста и победата. А кога некој ќе ти се извини тебе, спремно прости му.

      „Оди, понижи се и опсипувај го со молби својот ближен“ (Изреки 6:3).

      Откако недоразбирањето ќе се расчисти, што можеш да направиш за да го зачуваш мирот во семејството? Следната статија зборува за тоа.

  • Како да го зачуваш мирот во семејството
    Разбудете се! 2015 | Декември
    • ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА | СТАВИ КРАЈ НА КАВГИТЕ ДОМА

      Како да го зачуваш мирот во семејството

      ШТО мислиш, дали Библијата може да ти помогне да го зачуваш мирот во семејството? Забележи што рекоа некои луѓе и спореди ги нивните изјави со она што го вели Библијата. Додека читаш, размисли што може да ти помогне да спречиш да дојде до расправија, да го зачуваш мирот и да станеш поблизок со твоето семејство.

      БИБЛИСКИ СОВЕТИ ШТО ВОДАТ ДО МИР

      НАУЧИ СЕ ДА ГЛЕДАШ ПОЗИТИВНО НА ДРУГИТЕ

      Семејство заедно на плажа

      „Не правете ништо од честољубие, ниту од суета, туку од понизност сметајте ги другите за поголеми од себе и не грижете се само за себе туку и за другите“ (Филипјаните 2:3, 4).

      „Сфативме дека е добро да го сметаш својот брачен другар за поважен од себеси и од другите“ (Ч. П., 19 години во брак).

      СЛУШАЈ ВНИМАТЕЛНО И ЗЕМИ ГО ПРЕДВИД МИСЛЕЊЕТО НА ДРУГИОТ

      „Потсетувај ги... да не бидат воинствени, туку да бидат разумни, да бидат сосема благи спрема сите луѓе“ (Тит 3:1, 2).

      „Напнатоста може многу да се намали ако не му возвраќаш на брачниот другар со кавгаџиски тон. Важно е да слушаш без да судиш и да го земеш предвид гледиштето на другиот дури и кога не се согласуваш со она што го вели“ (П. П., 20 години во брак).

      ТРУДИ СЕ ДА БИДЕШ СТРПЛИВ И ЉУБЕЗЕН

      „Со стрпливост можеш да наговориш и заповедник, и благиот јазик коски крши“ (Изреки 25:15).

      „Недоразбирања секогаш ќе има, но дали ќе ги решиме или не, зависи од нас. Мора да бидеме стрпливи. Со стрпливост, сѐ се решава“ (Г. А., 27 години во брак).

      НИКОГАШ НЕ УПОТРЕБУВАЈ ВЕРБАЛНО ИЛИ ФИЗИЧКО НАСИЛСТВО

      „Отфрлете го сето ова: гневот, лутината, злобата, погрдниот говор, а безобразни зборови да не излегуваат од вашата уста“ (Колошаните 3:8).

      „Се чудам колку маж ми може да се контролира. Секогаш успева да остане смирен, и досега не му се случило да ми се развика или да ме навреди“ (Б. Д., 20 години во брак).

      СПРЕМНО ПРОСТУВАЈ И БРЗО РЕШАВАЈ ГИ НЕСОГЛАСУВАЊАТА

      „Поднесувајте се еден со друг и спремно простувајте си еден на друг, ако некој има жалба против некого“ (Колошаните 3:13).

      „Кога си под стрес, тешко е да останеш смирен и лесно можеш да кажеш или да направиш нешто што ќе го повреди твојот брачен другар. Во тие моменти, простувањето е вистински лек. Не е возможно да имаш добар брак ако не знаеш да простиш“ (А. Б., 34 години во брак).

      НЕКА ТИ БИДЕ НАВИКА ДА ДАВАШ И ДА ДЕЛИШ

      „Давајте, и ќе ви се даде... Зашто, со каква мера мерите, со таква ќе ви се мери“ (Лука 6:38).

      „Маж ми знае што ме радува, и секогаш ме изненадува со нешто. Тоа ме тера да размислувам со што можам и јас да го изненадам и израдувам него. Во таквите прилики, многупати заедно сме се смееле, и сѐ уште е така“ (Х. К., 44 години во брак).

      НИКОГАШ НЕ СЕ ОТКАЖУВАЈ

      Лицата што Разбудете се! ги интервјуираше се само неколку од милиони низ светот на кои Библијата им помогнала да развијат особини што им помагаат да имаат мир во семејството.a Дури и кога некој од нивното семејство не го правел својот дел, тие сепак увиделе дека нивниот труд се исплаќа, затоа што Библијата ветува дека „оние што го унапредуваат мирот, се радуваат“ (Изреки 12:20).

      a Нешто повеќе во врска со тоа како да имаш среќно семејство можеш да прочиташ во поглавје 14 од книгата Што навистина учи Библијата?, која е издадена од Јеховините сведоци и е достапна на www.pr2711.com/mk. Кликни и на БИБЛИСКИ УЧЕЊА > СОВЕТИ ЗА СЕМЕЈСТВОТО.

Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
Одјави се
Најави се
  • македонски
  • Сподели
  • Подесување
  • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
  • Услови за користење
  • Полиса за приватност
  • Поставки за приватност
  • JW.ORG
  • Најави се
Сподели