ПАТОТ ДО СРЕЌАТА
Како да го пронајдеш
ДАЛИ СЕ СМЕТАШ ЗА СРЕЌЕН ЧОВЕК? Ако да, што те прави среќен? Можеби тоа е семејството, работата или, пак, пријателите. А можеби очекуваш нешто во иднина да те направи среќен, на пример да завршиш со школувањето, да најдеш добра работа или да си купиш нова кола.
Многу луѓе се среќни кога ќе постигнат некоја цел или ќе добијат нешто што го посакувале. Но, колку долго трае таа среќа? Најчесто е краткотрајна, а тоа може да води до разочарување.
Среќата се опишува како долготрајна состојба во која се чувствуваш убаво и доживуваш најразлични позитивни емоции — од внатрешно задоволство па сѐ до силна радост. Освен тоа, имаш природна желба тие чувства да продолжат.
Значи, бидејќи среќата е долготрајна состојба, може да се каже дека таа не е дестинација или цел, туку патување. Ако некој рече: „Ќе бидам среќен кога ќе се случи тоа и тоа“, така всушност ја одложува среќата.
Да ја споредиме среќата со здравјето. Нашето здравје зависи од нашиот начин на живот — ако се храниме здраво, ако вежбаме и ако внимаваме како живееме, ќе бидеме здрави. И среќата зависи од нашиот начин на живот — ако чекориме по исправен пат во животот, односно ако живееме според исправни начела, ќе бидеме среќни.
Кои работи се потребни за да бидеш среќен? Следниве се некои од најважните:
ИСПРАВЕН СТАВ КОН ПАРИТЕ И ДАРЕЖЛИВОСТ
ЗДРАВЈЕ И ПРИСПОСОБЛИВОСТ
ЉУБОВ
ПРОСТУВАЊЕ
СМИСЛА ВО ЖИВОТОТ
НАДЕЖ
Во една книга која многу луѓе ја ценат поради нејзините мудри совети пишува: „Среќни се оние што се непорочни на својот пат“ (Псалм 119:1). Да видиме кој е тој пат што води до среќа.