КАКО ДА СЕ СПРАВИШ СО РАСТЕЧКИТЕ ЦЕНИ
Биди задоволен со она што го имаш
Луѓето кои се задоволни со она што го имаат се приспособливи. Кога нивните околности ќе се сменат, тие се спремни да прават промени за да живеат во границите на своите можности.
ЗОШТО Е ВАЖНО
Психологот Џесика Келер увидела дека задоволните луѓе обично се попозитивни. Исто така, таа смета дека тие помалку им завидуваат на другите. Затоа не е за изненадување што задоволните луѓе обично се посреќни и не се толку под стрес. Всушност, некои од најсреќните луѓе немаат многу во материјален поглед. Тие, честопати, се среќни бидејќи многу ги ценат работите кои не може да се купат со пари, како што е радоста што ја носи времето поминато со семејството и пријателите.
ШТО МОЖЕШ ДА ПРАВИШ
Немој да се споредуваш со другите. Ако го споредуваш твојот скромен начин на живот со луксузниот начин на живот на некој друг, би можел да станеш незадоволен, па дури и да почнеш да му завидуваш. Освен тоа, ваквите споредби може да не ја одразуваат реалноста. Некои кои поседуваат многу работи, всушност, може да се задолжени до гуша. Никол, која живее во Сенегал, вели: „Не ми требаат многу работи за да бидам среќна. Ако сум задоволна, можам да бидам среќна дури и кога другите имаат повеќе од мене“.
Предлог: Избегнувај да гледаш реклами или објави на социјалните мрежи кои го истакнуваат богатството и луксузниот начин на живот на другите.
Биди благодарен. Поголема е веројатноста дека некој ќе биде задоволен ако е благодарен. Благодарните луѓе обично не мислат дека им е потребно или дека заслужуваат нешто повеќе. Робертон, од Хаити, вели: „Си одвојувам време за да размислувам за добрите дела што другите ги направиле за мене и за моето семејство. Потоа, им кажувам на тие луѓе колку го ценам тоа. Исто така, го учам мојот осумгодишен син да се заблагодарува за сѐ што добива“.
Предлог: Води си дневник на благодарност. Секој ден запиши нешто за кое си благодарен. Тоа може да биде здравјето, семејството, вистинските пријатели, па дури и едно прекрасно зајдисонце.
Понекогаш, сите ние водиме борба да бидеме задоволни со она што го имаме. Но, нашиот труд ќе се исплати. Кога избираме да бидеме задоволни, избираме и да бидеме среќни — уште нешто што не може да се купи со пари.