КАКО ДА СЕ СПРАВИШ СО РАСТЕЧКИТЕ ЦЕНИ
Биди дарежлив
Ако се бориш да излезеш на крај со сѐ повисоките цени, можеби ни на крај памет не ти доаѓа да бидеш дарежлив. Сепак, тоа што ќе бидеш дарежлив, всушност, може да ти помогне да се справиш со економските тешкотии. Можно е истовремено да бидеш и штедлив и дарежлив.
ЗОШТО Е ВАЖНО
Кога им даваме на другите, дури и ако тоа е малку, се чувствуваме среќно и расте нашата самопочит. Всушност, истражувањата покажуваат дека давањето може да биде корисно за нашето целокупно физичко и ментално здравје. На пример, може да ги намали загриженоста, стресот, крвниот притисок, па дури и болките во телото. А може и да го подобри сонот.
Ако им даваме на другите, без разлика дали пари или нешто друго, ќе ни биде полесно да прифатиме помош кога нам ќе ни биде потребна. Хауард, кој живее во Англија, вели: „Бидејќи се трудиме да бидеме дарежливи и да им помагаме на другите, јас и жена ми не се чувствуваме толку непријатно кога нам ни е потребна помош“. Се разбира, оние што даваат од срце не очекуваат ништо за возврат. Сепак, може да стекнат вистински пријатели кои спремно ќе им помогнат кога тоа ќе биде потребно.
ШТО МОЖЕШ ДА ПРАВИШ
Дели со другите. Ако немаш многу во материјален поглед, можеби сепак може нешто да дадеш, дури и ако тоа е еден едноставен оброк. Данкан и неговото семејство, кои живеат во Уганда, се прилично сиромашни, а сепак сакаат да го делат со другите она што го имаат. Данкан вели: „Во неделите, јас и жена ми каниме гости дома на едноставен оброк. Убаво ни е кога поминуваме време со други“.
Се разбира, кога им даваш на другите, треба да бидеш разумен. Сигурно не би сакал да даваш толку многу што тоа би создало непотребни проблеми за твоето семејство (Јов 17:5).
Предлог: Понуди му некому едноставен оброк или можеби дури само пијалак. Ако имаш работи кои повеќе не ти се потребни, зошто да не ги подариш на пријатели или на соседи на кои можеби ќе им бидат од корист и кои ќе ги ценат?
Давај на други начини. Некои од најдобрите подароци се бесплатни. На пример, може да даваме од нашето време и од нашето внимание така што ќе правиме добри работи за другите. Дури и еден љубезен збор може да биде подарок. Затоа, кажувај им на другите колку многу ги цениш или сакаш.
Предлог: Би можел да му помогнеш некому околу неговите домашни обврски, околу поправките во домот или околу пазарувањето. Напиши му на некој пријател картичка или испрати му порака, дури и само за да му кажеш дека мислиш на него.
Ако бараш начини да бидеш дарежлив, ќе имаш многу поисполнет и посреќен живот.