Добрата вест за која сакаат да ви зборуваат
Кога Исус бил на Земјата, неговите ученици дошле кај него и го прашале: „Каков ќе биде знакот за Твоето доаѓање [присутност, НС] и за свршетокот на светот?“ Одговорил дека ќе има војни во кои ќе бидат вовлечени многу народи, глад, епидемии, земјотреси, пораст на беззаконието, а ќе се појават и лажни верски учители со кои ќе заведат многумина. Неговите вистински следбеници ќе бидат омразени и прогонувани, а кај многумина ќе олади љубовта кон праведноста. Кога овие работи ќе почнат да се случуваат, тоа ќе биде знак за Христовата невидлива присутност и дека небесното Царство е близу. Тоа навистина е вест — добра вест! Затоа Исус ги додал следниве зборови како составен дел од знакот: „И ќе биде проповедано ова Евангелие за царството по целиот свет, за сведоштво на сите народи; и тогаш ќе дојде крајот“ (Матеј 24:3-14).
Во последниве децении светските настани сами по себе биле лоши, но она што тие го означуваат, имено, Христовата присутност, е добро. Затоа Исус рекол: „Па така, кога ќе видите дека станува ова, знајте оти се приближи царството Божјо“ (Лука 21:31). Овие работи почнале да се случуваат во надалеку најавуваната 1914 година! Таа година го означила крајот на времињата на народите и почетокот на преодниот период од човечките влади во Илјадагодишната (милениумска) влада на Христос.
Дека ќе постои таков преоден период е видливо од Псалм 109, стихови 1 и 2, и од Откровение 12:7-12. Таму е покажано дека до времето на своето второ доаѓање Христос ќе седи од десната страна на Бог на небото. Тогаш ќе избие војна на небото и Сатана ќе биде исфрлен на Земјата, нанесувајќи ѝ лелек, а Христос еден период кој нема да е подолг од една генерација, ќе владее среде своите непријатели. Потполниот крај на злото ќе дојде во „големата неволја“ (НС), која ќе кулминира во војната од Армагедон, а после неа следи Христовата Илјадагодишна влада на мир (Матеј 24:21, 33, 34; Откровение 16:14-16).
„Но ова знај го“, читаме во Библијата, „во последните денови ќе настанат времиња тешки. Зашто луѓето ќе станат саможиви, среброљупци, самофалци, горди, хулители, непокорни спрема родителите, неблагодарни, неправедни, недружељубиви, непомирливи, клеветници, невоздржливи, нескротливи, недоброљупци, предавници, пребрзи, надуени, повеќе сластољупци отколку Богољупци, на изглед побожни, а од силата на Бога се одрекле. И од нив одвратувај се!“ (2. Тимотеј 3:1-5). Некои можат да приговорат дека овие работи се случувале и порано во човечката историја.
Сепак, според кажувањата на историчарите и коментаторите, на Земјата никогаш не постоело време слично на времето што го доживуваме од 1914. Проблемите се далеку поголеми од кога и да било. Освен тоа, што се однесува до другите карактеристики на Христовиот знак за последните денови, треба да се земат во обѕир следниве факти: Објавувањето на Христовата присутност и на неговото Царство ширум светот никогаш не ги достигнало денешните размери. Прогонството поради проповедање никогаш не било исто како она што го доживеале Јеховините сведоци. Стотици биле убиени во Хитлеровите концентрациони логори. До ден-денес, во многу земји делото на Јеховините сведоци е забрането, додека во други тие се апсени, затворани, мачени и убивани. А сево ова е составен дел од знакот што Исус го дал.
Во согласност со пророштвото од Откровение 11:18, ‚народите се разгневиле‘ на Јеховините верни Сведоци, а тоа покажува дека Јехова наскоро ќе го излее ‚својот гнев‘ врз тие народи. Истиот стих вели дека Бог ‚ќе ги погуби губителите на земјата‘. Никогаш порано во човечката историја не бил толку загрозен животот на Земјата. Меѓутоа, сега е поинаку! Многу научници предупредуваат дека Земјата ќе остане ненаселена ако човекот продолжи да ја загадува. Но Јехова Земјата ја ‚создал за живеење‘ и затоа ќе ги отстрани загадувачите пред тие потполно да ја уништат (Исаија 45:18).
ЗЕМСКИТЕ БЛАГОСЛОВИ ПОД ЦАРСТВОТО
Мислата дека луѓето ќе живеат овде на Земјата како поданици на Божјето Царство може да им изгледа чудно на многумина, кои, верувајќи во Библијата, мислат дека сите луѓе што ќе бидат спасени ќе одат на небото. Библијата покажува дека на небото ќе одат само ограничен број луѓе, а дека на Земјата засекогаш ќе живее едно големо мноштво со неограничен број (Откровение 14:1-5; 7:9; Псалм 36:11, 29). Дека Божјето Царство под Христос ќе се прошири по целата Земја и ќе владее над неа произлегува од едно пророштво запишано во библиската книга Даниил.
Овде Христовото Царство е претставено како еден камен кој се одвојува од една планина која го претставува Јеховиниот суверенитет. Тој погодува и разурнува еден идол кој ги претставува моќните нации на Земјата, „а каменот што го разби идолот стана голема планина и ја исполни целата земја“. Пророштвото понатаму вели: „И во деновите на тие царства небесниот Бог ќе подигне царство, кое нема да се разруши никогаш, и тоа царство нема да биде предадено на друг народ; тоа ќе ги победи и разруши сите царства, а само тоа ќе остане вечно“ (Даниил 2:34, 35, 44).
Токму за тоа Царство и за надежта што се темели на Библијата, за вечен живот на чистата и разубавена Земја сакаат да Ви зборуваат Јеховините сведоци. Милиони луѓе кои сега живеат, како и многу, многу милиони кои се во гробовите, ќе добијат можност да живеат засекогаш на чистата Земја. Тогаш, под Илјадагодишната влада на Христос Исус, ќе се обистини намерата што Јехова првобитно ја имал при создавањето на Земјата и првата човечка двојка. Во тој Рај на Земјата нема никогаш да биде здодевно. Како што на Адам му била доделена работа во Едемската градина, исто така и човештвото ќе добие предизвикувачки задачи да се грижи за Земјата и за растителниот и животинскиот свет. „Долго ќе се користат со делото на рацете свои“ (Исаија 65:22; 1. Мојсеева 2:15).
Можеме да наведеме многу стихови од Библијата за да ги опишеме условите кои ќе постојат кога ќе биде исполнета молитвата за која Исус нѐ поучил да се молиме: „Да дојде царството Твое; да биде волјата Твоја, како на небото, така и на земјата“ (Матеј 6:10). Но засега нека биде доволен и овој: „И чув висок глас од небото како зборува: ‚Ете ја скинијата на Бога меѓу луѓето, и Он ќе живее со нив; тие ќе бидат Негов народ; а Сам Бог ќе биде со нив нивни Бог. И ќе ја избрише Бог секоја солза од очите нивни, и смрт нема да има веќе; ни плач, ни пискот, ниту болка нема да има веќе, бидејќи поранешното помина‘. И Седнатиот на престолот рече: ‚Ете, сѐ ново создавам.‘ И ми рече: ‚Напиши, зашто овие зборови се вистинити и верни‘“ (Откровение 21:3-5).
[Истакната мисла на страница 15]
„Времиња тешки“, НО „се приближи царството Божјо“