Поглавје 73
Ближниот Самарјанин
ИСУС е веројатно во близината на Витанија, село оддалечено околу три километри од Ерусалим. Еден човек, кој е стручњак за Мојсеевиот Закон, му приоѓа со прашањето: „Учителе, што треба да правам за да наследам вечен живот?“
Исус насетува дека човекот, кој е правник, не прашува само заради информација туку затоа што сака да го испита. Намерата на правникот можеби е да го натера Исус да одговори на таков начин што ќе ги повреди чувствата на Евреите. Затоа, Исус го наведува правникот да се обврзе и го прашува: „Што е напишано во Законот? Како читаш?“
Одговарајќи, правникот покажува необичен увид. Го цитира Божјиот закон од Второзаконие 6:5 и Левит 19:18 и вели: „,Љуби го Јехова својот Бог, со сето свое срце и со сета своја душа и со сета своја сила и со сиот свој ум‘ и ‚својот ближен како самиот себе‘“.
„Точно одговори“, вели Исус. „Прави го тоа и ќе добиеш живот.“
Меѓутоа, правникот не е задоволен. Исусовиот одговор не е доволно специфичен за него. Тој сака Исус да му потврди дека неговите сопствени гледишта се исправни и дека според тоа, тој праведно постапува со другите. Затоа го прашува: „А кој е, всушност, мојот ближен?“
Евреите мислат дека изразот „ближен“ се однесува само на другите Евреи, како што се чини дека покажува контекстот на Левит 19:18. Всушност, подоцна и апостол Петар рекол: „Вие добро знаете дека на Евреин не му е дозволено да се дружи или да му приоѓа на човек од друг род“. Затоа правникот, а можеби и Исусовите ученици, веруваат дека се праведни ако љубезно постапуваат само со другите Евреи, зашто според нивното мислење, не-Евреите не се всушност нивни ближни.
Како Исус може да го исправи нивното гледиште, а да не ги навреди своите слушатели? Раскажува една приказна која можеби се темелела на вистински настан. „Еден човек [Евреин]“, објаснува Исус, „слегуваше од Ерусалим во Ерихон и падна меѓу разбојници кои го соблекоа и го претепаа, и си заминаа, оставајќи го полумртов.“
„А по тој пат случајно“, продолжува Исус, „слегуваше еден свештеник, но кога го виде, премина на другата страна. Исто така и еден Левит, кога дојде на тоа место и го виде, премина на другата страна. Но еден Самарјанин кој поминуваше по тој пат, наиде на него и, кога го виде, беше трогнат од сожалување.“
Многу свештеници и нивните левитски помошници во храмот живеат во Ерихон, на 23 километри оддалеченост, по опасен пат што се спушта 900 метри од каде што служат во храмот во Ерусалим. Од свештеникот и левитот би се очекувало да му помогнат на друг Евреин во неволја. Но, не му помагаат. Наместо нив, му помага еден Самарјанин. Евреите толку многу ги мразат Самарјаните што неодамна го навредиле Исус со најостри зборови, нарекувајќи го „Самарјанин“.
Што прави Самарјанинот за да му помогне на Евреинот? „Му пријде“, вели Исус, „и му ги преврза раните, поливајќи ги со масло и вино. Потоа го качи на своето добиче и го однесе во една гостилница и се погрижи за него. И утредента извади два денарија [отприлика дневница за два дена], му ги даде на гостилничарот и рече: ‚Погрижи се за него, и што ќе потрошиш повеќе од ова, ќе ти платам кога ќе се вратам.‘“
Откако ја раскажува приказната, Исус го прашува правникот: „Што ти се чини, кој од овие тројца се покажа ближен на човекот кој падна меѓу разбојниците?“
Бидејќи му е непријатно да му припише заслуга на еден Самарјанин, правникот едноставно одговара: „Оној кој постапи милосрдно спрема него“.
„Оди, па и ти прави така“, заклучува Исус.
Ако Исус директно му рекол дека и не-Евреите се негови ближни, правникот не само што не би го прифатил тоа туку и повеќето од слушателите веројатно би застанале на негова страна во дискусијата со Исус. Меѓутоа, оваа реалистична приказна на еден јасен и непобитен начин покажала дека наши ближни се и луѓето кои не се од нашата раса или националност. На каков прекрасен начин поучува Исус! Лука 10:25—37; Дела 10:28; Јован 4:9; 8:48.
▪ Кои прашања му ги поставува правникот на Исус, и каква изгледа била неговата намера со тие прашања?
▪ Кого Евреите го сметаат за ближен, и од која причина можеме да речеме дека дури и учениците го делат ова гледиште?
▪ Како Исус успева да го изнесе исправното гледиште така што правникот не може да го побие?