Лекција 15
Да им се помага на другите да ја вршат Божјата волја
Зошто да им кажуваш на другите за она што го учиш? (1)
Со кого можеш да ја споделуваш добрата вест? (2)
Какво влијание може да има твоето однесување врз другите? (2)
Кога можеш да проповедаш заедно со собранието? (3)
1. Досега си научил многу добри работи од Библијата. Тоа спознание треба да доведе до тоа да негуваш христијанска личност (Ефесјаните 4:22—24). Таквото спознание е суштинско за да стекнеш вечен живот (Јован 17:3). Меѓутоа, потребно е и другите да ја чујат добрата вест за да можат и тие да бидат спасени. Сите вистински христијани мора да им сведочат на другите. Тоа е Божја заповед (Римјаните 10:10; 1. Коринтјаните 9:16; 1. Тимотеј 4:16).
2. Можеш да почнеш така што добрите работи што ги учиш ќе ги споделуваш со оние кои се блиску до тебе. Кажувај им ги на семејството, на пријателите, на школските другари и на колегите на работа. Биди љубезен и стрплив додека го правиш тоа (2. Тимотеј 2:24, 25). Запомни дека луѓето честопати повеќе гледаат на нечие однесување отколку да слушаат што има тој да каже. Затоа, твоето добро однесување може да ги привлече другите да ја слушаат пораката што им ја кажуваш (Матеј 5:16; 1. Петрово 3:1, 2, 16).
3. Со текот на времето, би можел да ги исполниш условите да почнеш да проповедаш со локалното собрание на Јеховините сведоци. Тоа е важен чекор во твојот напредок (Матеј 24:14). Колкава само радост би било тоа кога ти би можел да му помогнеш на некој друг да стане слуга на Јехова и да стекне вечен живот! (1. Солунјаните 2:19, 20).