Лекција 9
Божјите слуги мораат да бидат чисти
Зошто мораме да бидеме чисти во секој поглед? (1)
Што значи да се биде духовно чист? (2)
Морално чист? (3) Умствено чист? (4) Физички чист? (5)
Каков вид нечист говор треба да избегнуваме? (6)
1. Јехова Бог е чист и свет. Тој очекува неговите обожаватели да останат чисти — духовно, морално, умствено и физички (1. Петрово 1:16). Потребен е вистински напор за да се остане чист во Божји очи. Ние живееме во еден нечист свет. Исто така, имаме борба против сопствените склоности да вршиме грев. Но не смееме да се предаваме.
2. Духовна чистота: Ако сакаме да му служиме на Јехова, не можеме да се придржуваме за некои учења или обичаи на лажната религија. Мораме да излеземе од лажната религија и на никаков начин да не ја поддржуваме (2. Коринтјаните 6:14—18; Откровение 18:4). Откако сме ја научиле вистината за Бог, мораме да бидеме внимателни да не нѐ заведат луѓе кои поучуваат лаги (2. Јованово 10, 11).
3. Морална чистота: Јехова сака неговите обожаватели во секое време да се однесуваат како вистински христијани (1. Петрово 2:12). Тој гледа сѐ што правиме, па дури и она што го правиме во тајност (Евреите 4:13). Треба да избегнуваме сексуална неморалност и други нечисти навики од овој свет (1. Коринтјаните 6:9—11).
4. Умствена чистота: Ако ги полниме нашите умови со чисти и неизвалкани мисли, тогаш и нашето однесување ќе биде чисто (Филипјаните 4:8). Но, ако се задржуваме на нечисти работи, тоа ќе доведе до злобни дела (Матеј 15:18—20). Треба да избегнуваме облици на забава кои би можеле да ги извалкаат нашите умови. Можеме да ги полниме умовите со чисти мисли, проучувајќи ја Божјата реч.
5. Физичка чистота: Затоа што го претставуваат Бог, христијаните треба да ги одржуваат своите тела и својата облека чисти. Треба да ги миеме рацете откако ќе го користиме тоалетот, и треба да ги миеме пред да јадеме или пред да допираме храна. Ако немате прописен систем за отпадни води, отпадоците од тоалетот треба да се закопаат (5. Мојсеева 23:12, 13). Одржувањето на телесната чистота придонесува за добро здравје. Домот на еден христијанин треба да биде уреден и чист како внатре така и надвор. Во околината треба да се истакнува како добар пример.
6. Чист говор: Божјите слуги мораат секогаш да ја зборуваат вистината. Лажливците нема да влезат во Божјето Царство (Ефесјаните 4:25; Откровение 21:8). Христијаните не употребуваат лош јазик. Тие не слушаат нити кажуваат непристојни вицеви или нечисти приказни. Поради нивниот чист говор, тие се истакнуваат како поинакви на работа, на училиште и во соседството (Ефесјаните 4:29, 31; 5:3).
[Слики на страници 18 и 19]
Божјите слуги мораат да бидат чисти во секој поглед