-
Течно изнесувањеИзвлечи корист од образованието во Теократската школа за служба
-
-
СТУДИЈА 4
Течно изнесување
КОГА читаш наглас, дали запнуваш кај некои изрази? Или, кога застануваш да држиш говор пред публика, дали честопати не можеш да ги најдеш вистинските зборови? Ако да, можеби имаш проблем со течноста. Човек на кого тоа не му е проблем, чита и зборува на таков начин што зборовите и мислите му протекуваат непречено, очигледно со леснотија. Ова не значи дека тој постојано зборува, дека зборува многу брзо или без да размислува. Неговиот говор е пријатен и привлечен. Во Теократската школа за служба посебно внимание ѝ се обрнува на течноста.
За недостиг на течност можат да придонесат различни фактори. Дали треба да обрнеш посебно внимание на некој од следниве? 1) Кога читаш пред други, непознавањето извесни зборови може да предизвика колебање. 2) Мали паузи на премногу места можат да имаат за резултат испрекинато изнесување. 3) За проблемот може да придонесе и недоволната подготовка. 4) Кога се зборува пред група, вообичаен фактор за немање течност е пропустот материјалот да се организира на логичен начин. 5) Ограничениот вокабулар може да предизвика некое лице да се колеба додека ги бара вистинските зборови. 6) Ако се нагласат премногу зборови, може да се намали течноста. 7) За проблемот може да придонесе непознавањето на граматичките правила.
Ако ти недостига течност, присутните во Салата на Царството нема буквално да излезат надвор, но нивните умови ќе лутаат. Како последица од тоа, може да пропуштат голем дел од она што го кажуваш.
Од друга страна, пак, мора да се води сметка да не се случи едно говорење, кое е испланирано да биде силно и течно, да стане арогантно, и можеби да ги доведе присутните во непријатна состојба. Ако поради разлика во културната заднина, луѓето гледаат на твојот начин на говорење како на дрзок или како на недоволно искрен, ќе биде осуетена твојата цел. Вредно е да се забележи дека апостол Павле, иако бил искусен говорник, им пристапил на коринќаните „во слабост и во страв и во голем трепет“ за да не привлече непотребно внимание кон себеси (1. Кор. 2:3).
Практики што треба да ги избегнуваш. Особеност на многу луѓе е кога зборуваат да вметнуваат изрази како што е „а-мм“. Други, често ја започнуваат мислата со „значи“ или, пак, на сѐ што кажуваат прилепуваат некоја фраза како што е „нели“ или „разбираш“. Можеби не си ни свесен колку често користиш такви изрази. Би можел да пробаш да вежбаш со некого, кој ќе те слуша и ќе ги повтори овие изрази секојпат кога ќе ги кажеш. Може да се изненадиш.
Некои луѓе читаат и зборуваат со чести навраќања. Тоа значи, тие започнуваат една реченица, потоа се прекинуваат без да ја довршат истата и повторуваат барем дел од она што веќе го рекле.
Други, пак, зборуваат доста брзо, но почнуваат со една мисла и потоа, сред реченица, се префрлуваат на друга мисла. Иако зборовите протекуваат слободно, ненадејните промени во мислата ја намалуваат течноста.
Како да се подобриш. Ако ти е тебе чест проблем да не можеш да го најдеш вистинскиот збор, треба да вложиш сериозен напор да го збогатиш својот вокабулар. Посебно забележи ги непознатите зборови во Стражарска кула, Разбудете се! и во другите публикации што ги читаш. Побарај ги во некој речник, провери го нивното значење и додај некои од тие зборови во својот вокабулар. Ако немаш речник, побарај помош од некој што добро го зборува јазикот.
Ако редовно вежбаш гласно читање, ќе се подобриш. Забележи ги тешките зборови и неколкупати кажи ги наглас.
За да читаш течно, потребно е да разбереш како зборовите во една реченица функционираат заедно. Обично, тие треба да се читаат во групи за да се пренесе мислата така како што ја изразил писателот. Посебно внимавај на овие зборовни групи. Ако ти е од помош, означи ги. Твојата цел не е само исправно да ги прочиташ зборовите туку и јасно да ги пренесеш мислите. Откако ќе проанализираш една реченица, префрли се на следната, и така сѐ додека не го проучиш целиот пасус. Запознај се со текот на мислата. Потоа, вежбај да читаш наглас. Читај го пасусот секогаш одново сѐ додека не го правиш тоа без запнување и без да правиш пауза на погрешни места. Тогаш, премини на следните пасуси.
Како следно, зголеми го темпото. Ако си сфатил како зборовите во една реченица функционираат заедно, ќе можеш да гледаш по повеќе од еден збор истовремено и да го очекуваш она што следи. Ова многу ќе придонесе за делотворноста на твоето читање.
Ако редовно вежбаш читање на текст што првпат го гледаш, тоа може да биде вредна обука. На пример, без однапред да се подготвуваш, наглас читај го дневниот стих и коментарот; прави го тоа редовно. Навикни се окото да ти ги фаќа зборовите како групи што изразуваат цели мисли, а не да ги гледа само збор по збор.
Во разговор, течноста бара да размислуваш пред да кажеш нешто. Нека ти биде тоа пракса во секојдневните активности. Одлучи кои идеи сакаш да ги пренесеш и по кој редослед да ги изразиш; потоа почни да зборуваш. Не брзај. Настојувај да изразиш една цела мисла без да запираш или да го менуваш идеите пред да ги довршиш. Можеби ќе ти биде од помош ако користиш кратки, едноставни реченици.
Доколку знаеш точно што сакаш да кажеш, зборовите ќе ти доаѓаат природно. Општо говорејќи, не е потребно да ги бираш зборовите што ќе ги користиш. Всушност, заради вежбање, подобро е само да си сигурен дека идејата ти е јасна во умот, а потоа, додека зборуваш, да мислиш на зборовите. Ако го правиш тоа и ако умот ти биде на идејата наместо на зборовите што ги кажуваш, тие повеќе или помалку ќе дојдат автоматски, а мислите ќе ги изразуваш така како што навистина ги чувствуваш. Но, штом ќе почнеш да мислиш на зборовите, а не на идеите, твојот говор ќе почне да запнува. Со вежбање, ќе успееш да развиеш течност, важна особина во делотворното говорење и читање.
Кога му била дадена задача да го претставува Јехова пред нацијата Израел и пред египетскиот фараон, Мојсеј сметал дека не е способен. Зошто? Не зборувал течно; можеби имал говорна мана (Изл. 4:10; 6:12). Мојсеј наоѓал изговори, но Бог не прифатил ниеден од нив. Јехова го испратил Арон со него како говорник, но му помагал да зборува и на самиот Мојсеј. Честопати и делотворно, Мојсеј зборувал не само пред поединци и мали групи туку и пред целата нација (Втор. 1:1-3; 5:1; 29:2; 31:1, 2, 30; 33:1). Ако го сториш својот дел совесно, додека истовремено имаш доверба во Јехова, и ти ќе можеш да го користиш својот говор за да му искажеш чест на Бог.
-
-
Соодветно паузирањеИзвлечи корист од образованието во Теократската школа за служба
-
-
СТУДИЈА 5
Соодветно паузирање
ДОДЕКА зборуваш, важни се правилно распоредените паузи. Ова важи без разлика на тоа дали изнесуваш говор или разговараш со некој поединец. Без такви паузи, кажаното може да звучи како брборење, а не како јасно изразување на мислата. Соодветното паузирање помага она што го зборуваш да биде јасно. Можеш да го користиш и на таков начин што твоите главни точки ќе остават траен впечаток.
Како да одредиш кога да направиш пауза? Колкави да бидат паузите?
Пауза кај интерпункциски знак. Интерпункциските знаци станаа важен дел од пишаниот јазик. Тие можат да го означат крајот на некоја изјава или на некое прашање. Во некои јазици се користат за да ги издвојат цитатите. Некои интерпункциски знаци го покажуваат односот на еден дел од реченицата со другите делови. Лицето што чита за себе може да ги види интерпункциските знаци. Но, кога им чита наглас на другите, неговиот глас мора да го пренесе значењето на кој и да е интерпункциски знак што се појавува во пишаниот материјал. (За понатамошни детали, види Студија 1, „Точно читање“.) Ако не паузираш кога тоа го налага интерпункцискиот знак, ќе им отежнеш на другите да го разберат она што го читаш или резултатот може да биде дури и искривување на значењето на текстот.
Освен интерпункциските знаци, начинот на кој се изразени мислите во една реченица одредува на кои места се соодветни паузи. Еден прочуен музичар еднаш рекол: „Јас не ги свирам нотите ништо подобро од многу пијанисти. Но, паузите меѓу нотите, ах, во нив, всушност, лежи уметноста“. Слично е и со говорењето. Соодветното користење паузи ќе ги зголеми и убавината и значењето на твојот добро подготвен материјал.
При подготовката за јавно читање, можеби ќе ти биде од помош ако ставиш некакви знаци во печатениот материјал што ќе го читаш. Повлечи една мала вертикална линија таму каде што треба да направиш кратка пауза, можеби само да подзастанеш. За да направиш подолга пауза, стави две вертикални линии една до друга. Ако некои зборови се така формулирани што ти се незгодни и секогаш одново паузираш на погрешно место, означи ги со молив за да ги поврзеш сите зборови што ја сочинуваат тешката фраза. Потоа, прочитај ја фразата од почеток до крај. Многу искусни говорници го прават тоа.
Паузирањето во секојдневниот говор обично не ти е проблем бидејќи ги знаеш идеите што сакаш да ги пренесеш. Меѓутоа, ако ти е особеност да паузираш во редовни интервали, без оглед на тоа што налага мислата, на твојот говор ќе му недостига сила и јасност. Предлози за подобрување се дадени во Студија 4, „Течно изнесување“.
Пауза за промена на мислата. Кога правиш премин од една главна точка на друга, паузата може да им даде прилика на присутните да размислат, да се приспособат, да ја препознаат промената во правецот и појасно да ја сфатат мислата што ќе се изнесе потоа. Паузирањето кога правиш промена од една идеја кон друга е исто толку важно колку што е забавувањето кога вртиш на аголот од една улица во друга.
Една причина зошто некои говорници брзаат од една идеја кон следната без да направат пауза е тоа што се обидуваат да опфатат премногу материјал. Кај некои таа навика е одраз на нивниот секојдневен стил на зборување. Можеби сите околу нив зборуваат на таков начин. Но, тоа не води до делотворно поучување. Ако имаш да кажеш нешто што е вредно да се чуе и запомни, тогаш одвој доволно време за јасно да ја истакнеш идејата. Сфати дека паузите се неопходни за јасно да ги изразиш идеите.
Ако треба да држиш предавање по нацрт, материјалот треба да ти биде организиран на таков начин што ќе биде очигледно каде да направиш пауза меѓу главните точки. Ако читаш манускрипт, означи на кои места има промена од една главна точка кон друга.
Паузите за промена на мислата обично се подолги од паузите за интерпункциски знак — но не толку долги за да се развлече изнесувањето. Ако се предолги, оставаат впечаток дека не си добро подготвен и дека се обидуваш да одлучиш што да кажеш како следно.
Пауза за нагласување. Паузата за нагласување честопати е драматична, т.е. по неа или пред неа има изјава или прашање изнесено со извесен интензитет. Таквата пауза им дава на присутните прилика да размислат за она кое штотуку било кажано, или создава исчекување за она што следи. Тоа не се исти работи. Одлучи која метода е соодветна да ја употребиш. Но, имај на ум дека паузите за нагласување треба да бидат ограничени само на изјавите кои навистина се значајни. Во спротивно, вредноста на тие изјави ќе се изгуби.
Кога читал наглас од Писмото во синагогата во Назарет, Исус делотворно употребил пауза. Најпрвин го прочитал својот налог од свитокот на пророкот Исаија. Меѓутоа, пред да ја објасни неговата примена, го завиткал свитокот, му го вратил на слугата и седнал. Потоа, кога очите на сите во синагогата биле вперени во него, тој рекол: „Денес се исполни овој стих од Писмото кој штотуку го чувте“ (Лука 4:16-21).
Пауза кога тоа го бараат околностите. Можеби и прекините повремено ќе наложат да направиш пауза додека зборуваш. Бучавата од надворешниот сообраќај или плачењето на некое дете можеби ќе бара накратко да го прекинеш разговорот со станарот што си го сретнал во службата на теренот. Ако пречките на местото на некој собир не се преголеми, можеби ќе можеш да ја зголемиш јачината на гласот и да продолжиш. Но, ако пречките се бучни и продолжат, ќе мораш да направиш пауза. Твојата публика и така нема да слуша. Затоа, паузирањето користи го делотворно, со цел да им помогнеш на присутните да извлечат целосна корист од добрите работи што сакаш да им ги кажеш.
Пауза за да дозволиш одговор. Иако можеби држиш говор во кој не е предвидено формално учество на присутните, важно е ним да им дозволиш да одговорат, не гласно туку во мислите. Ако поставуваш прашања за кои присутните треба да размислат, но потоа не направиш доволно долга пауза, голем дел од вредноста на прашањата ќе се изгуби.
Се разбира, важно е да паузираш не само кога зборуваш од подиум туку и кога им сведочиш на другите. Изгледа дека некои луѓе никогаш не прават пауза. Ако е тоа и твој проблем, вложи искрени напори да ја негуваш оваа говорна особина. Така ќе се подобри твојата комуникација со другите, како и делотворноста во службата на теренот. Паузата е момент на молк, и со право се вели дека молкот потенцира, тој нагласува, бара внимание и го освежува увото.
Секојдневниот разговор вклучува проток на мислите во две насоки. Другите се посклони да те слушаат кога ти ги слушаш и покажуваш интерес за она што го кажуваат. Ова бара да паузираш доволно долго за да им дадеш прилика да се изјаснат.
Во службата на теренот, нашето сведочење честопати е поделотворно кога е во облик на разговор. Многу Сведоци увиделе дека е добро, откако ќе се поздрават, да ја идентификуваат својата тема и потоа да постават прашање. Прават пауза за да му дадат на станарот прилика да одговори, и потоа даваат до знаење дека го сослушале она што тој го рекол. За време на дискусијата, можат на станарот да му дадат повеќе прилики за коментар. Знаат дека обично можат повеќе да му помогнат на едно лице ако ги знаат неговите гледишта за темата на која се дискутира (Посл. 20:5).
Се разбира, нема секој да одговори на прашањата на поволен начин. Но, тоа не го спречило Исус да запре доволно долго за да им даде прилика дури и на противниците да зборуваат (Мар. 3:1-5). Ако му се даде прилика да зборува, другиот ќе се охрабри да размислува и можеби, како резултат на тоа, ќе открие што има во неговото срце. Една од целите на нашата служба, всушност, е да побудиме искрена реакција со тоа што ќе им ги презентираме на луѓето виталните спорни прашања од Божјата реч за кои мораат да донесат одлуки (Евр. 4:12).
Користењето соодветно паузирање во нашата служба е вистинска уметност. Кога паузите се користат делотворно, идеите се пренесуваат појасно и честопати се помнат засекогаш.
-
-
Правилен смисловен акцентИзвлечи корист од образованието во Теократската школа за служба
-
-
СТУДИЈА 6
Правилен смисловен акцент
КОГА зборуваш или читаш гласно, не е важно само исправно да кажеш поединечни зборови, туку и да ги нагласиш клучните зборови и изрази што ја содржат мислата на таков начин што јасно ќе ги пренесеш идеите.
Правилниот смисловен акцент вклучува повеќе отколку само додатно да се нагласат неколку, па дури и повеќе зборови. Мора да се нагласат вистинските зборови. Ако акцентираш погрешни зборови, значењето на она што го кажуваш може да им биде нејасно на присутните кои, пак, од своја страна, можат да дозволат мислите да им одлетаат на други работи. Иако материјалот можеби е добар, изнесувањето со неисправен смисловен акцент ќе биде помалку делотворно за да се мотивираат присутните.
Додатно нагласување може да се пренесе на различни начини што често се користат во комбинација: со зголемена јачина на гласот, со посилни чувства, со забавено и внимателно изразување, со паузирање пред или по изјавата (или со обете), како и со гестови и изрази на лицето. Во некои јазици нагласувањето може да се пренесе и со снижување или кревање на тонот. За да одредиш што ќе биде најсоодветно, земи ги предвид материјалот и околностите.
Кога одредуваш што да нагласиш, земи го предвид следново: 1) Во секоја реченица, изборот на зборови на кои треба да им се даде додатен акцент не зависи само од останатиот дел од реченицата, туку и од контекстот. 2) Смисловниот акцент може да се користи за да се нагласи почетокот на некоја нова мисла, сеедно дали е тоа главна точка или само промена во правецот на резонирање. Исто така, тој би можел да сврти внимание и кон завршетокот на еден правец на резонирање. 3) Говорникот може да користи смисловен акцент за да покаже што чувствува за извесна работа. 4) Правилен смисловен акцент може да се користи и за да се истакнат главните точки во еден говор.
За да употреби смисловен акцент на вакви начини, еден говорник или јавен читач мора јасно да го разбира својот материјал и да има голема желба неговата публика да го впие. Во врска со поуката дадена во деновите на Езра, во Неемија 8:8 се вели: „Читаа од свитокот на Божјиот Закон по одломки и ја разјаснуваа смислата за да може народот да разбере што се чита“. Очигледно е дека оние што го читале и го објаснувале Божјиот закон во таа прилика увиделе колку е важно да им помогнат на присутните да го сфатат значењето на прочитаното, да го запомнат и да го применат.
Што може да создаде проблем. Повеќето луѓе во обичен, секојдневен разговор се способни да го разјаснат значењето на она што го мислат. Меѓутоа, кога читаат материјал пишуван од некој друг, може да им претставува предизвик да одредат кои зборови или изрази да ги акцентираат. Клучот лежи во јасното разбирање на материјалот. Тоа бара грижливо проучување на она што е напишано. Затоа, ако си замолен да прочиташ извесен материјал на собраниски состанок, треба марливо да се подготвиш.
Наместо да користат смисловен акцент, некои луѓе нагласуваат зборови во прилично конкретни интервали, сеедно дали тоа нагласување има смисла или не. Други нагласуваат службени зборови, ставајќи претеран акцент на предлозите и на сврзниците. Кога не придонесува за јасност на мислата, нагласувањето лесно станува особеност што го одвлекува вниманието.
Во обид да користат смисловен акцент, некои говорници толку ја зголемуваат јачината на гласот што можат да предизвикаат присутните да се чувствуваат како некој да ги кара. Се разбира, тоа ретко донесува најдобри резултати. Ако смисловниот акцент не е природен, може да остави впечаток дека говорникот од високо им зборува на присутните. Колку само е подобро едноставно да им се апелира на темел на љубовта и да им се помогне да увидат дека она што се кажува е и библиски и разумно!
Како да се подобриш. Човек што има проблем со смисловниот акцент честопати не е ни свесен. Можеби ќе треба некој друг да му обрне внимание на тоа. Ако треба да се подобриш на ова подрачје, надгледникот на школата ќе ти помогне. Исто така, чувствувај се слободен да побараш помош од некој добар говорник. Замоли го внимателно да те сослуша додека читаш и зборуваш, а потоа да ти даде предлози за подобрување.
За почеток, советникот можеби ќе ти предложи како темел за вежбање да употребиш некоја статија од Стражарска кула. Несомнено ќе ти каже да проанализираш одделни реченици за да одредиш кои зборови или фрази треба да ги нагласиш за значењето лесно да се сфати. Можеби ќе те потсети да обрнеш посебно внимание на извесни зборови кои се во курзивно писмо. Имај на ум дека зборовите во една реченица функционираат заедно. Честопати, треба да се нагласат група зборови, а не само еден засебен збор. Во некои јазици, учениците можеби ќе бидат охрабрени да обрнат погрижливо внимание на она на кое укажуваат надредните знаци што се однесува до правилниот смисловен акцент.
Како следен чекор да научиш што да нагласиш, твојот советник можеби ќе те поттикне да разгледаш некој контекст што е поширок од самата реченица. Која централна мисла се развива во целиот пасус? Како треба таа да влијае врз она што го нагласуваш во одделни реченици? Погледни го насловот на статијата и поднасловот со масни букви под кој се наоѓа материјалот. Каква врска имаат тие со изразите што си избрал да ги нагласиш? Сите овие фактори треба да се земат во обѕир. Но, внимавај да не ставаш јако нагласување на премногу зборови.
Сеедно дали ќе говориш спонтано или ќе читаш, советникот можеби ќе те охрабри и да дозволиш правецот на резонирање да влијае врз користењето смисловен акцент. Треба да знаеш на кои места правецот на резонирање завршува или каде презентацијата се префрла од една важна мисла на друга. Присутните ќе ценат ако во твоето изнесување ги предупредиш на овие места. Ова можеш да го постигнеш со акцентирање на зборови како што се: пред сѐ, потоа, всушност, меѓутоа и впрочем.
Твојот советник ќе ти го насочи вниманието и на мислите на кои ќе сакаш да им дадеш посебно чувство. За да го постигнеш тоа, би можел да ги нагласиш зборовите како што се: многу, апсолутно, никако, незамисливо, важно и секогаш. Тоа може да влијае врз начинот на кој твојата публика ќе чувствува за она што го кажуваш. За тоа ќе биде кажано повеќе во Студија 11, „Топлина и чувство“.
За да се подобриш во користењето смисловен акцент, ќе бидеш охрабрен и јасно да ги имаш на ум главните точки кои сакаш твојата публика да ги запомни. На тоа ќе се обрне уште поголемо внимание од гледна точка на јавното читање во Студија 7, „Да се нагласат главните идеи“, и од гледна точка на говорењето во Студија 37, „Да се истакнат главните точки“.
Ако настојуваш да се подобриш во службата на теренот, обрни посебно внимание на тоа како ги читаш стиховите. Нека ти биде навика да се прашаш: ,Зошто го читам овој текст?‘ За еден наставник не е секогаш доволно само правилно да ги каже зборовите. Можеби нема да биде доволно ни ако текстот го прочита со чувство. Ако одговараш на нечие прашање или поучуваш за некоја основна вистина, добро е да ги нагласиш во стихот оние зборови или изрази што го поддржуваат она за кое дискутираш. Инаку, лицето на кое му читаш нема да ја сфати поентата.
Со оглед на тоа што смисловниот акцент вклучува додатно нагласување на извесни зборови и фрази, можеби еден неискусен говорник ќе биде склон прејако да ги нагласува тие зборови и фрази. Резултатите ќе бидат слични на нотите што ги свири лице кое штотуку почнува да учи некој музички инструмент. Меѓутоа, со додатно вежбање, поединечните „ноти“ едноставно ќе станат дел од „музиката“ која е изразена на прекрасен начин.
Откако си научил некои основни работи, ќе бидеш во состојба да извлечеш корист ако ги набљудуваш искусните говорници. Набрзо ќе сфатиш што сѐ може да се постигне со различните степени на нагласување. И ќе разбереш колку вреди да користиш нагласување на различни начини за да го разјасниш значењето на она што го кажуваш. Развивањето правилен смисловен акцент многу ќе ја зголеми делотворноста на твоето читање и говорење.
Немој да учиш за смисловниот акцент само толку колку да поминеш. За да говориш делотворно, работи на него сѐ додека не го совладаш смисловниот акцент и не го користиш на начин што ќе звучи природно за ушите на другите.
-
-
Да се нагласат главните идеиИзвлечи корист од образованието во Теократската школа за служба
-
-
СТУДИЈА 7
Да се нагласат главните идеи
ЕДЕН делотворен читач не ја гледа само одделната реченица ниту, пак, само пасусот во кој се појавува таа. Кога чита, ги има на ум главните идеи во целокупниот материјал што го презентира. Ова влијае врз тоа каде нагласува.
Ако не се следи овој процес, тогаш во изнесувањето нема да постојат врвни точки. Нема ништо јасно да се истакне. Кога презентацијата ќе заврши, можеби ќе биде тешко да се сетиме на некоја извонредна точка.
Кога се обрнува правилно внимание на нагласувањето на главните идеи, честопати може читањето на некој извештај од Библијата многу да се збогати. Таквото нагласување може да му даде дополнително значење на читањето на пасусите на некоја домашна библиска студија или на еден собраниски состанок. А тоа е особено важно кога се држи говор по манускрипт, како што е некогаш случај на нашите конгреси.
Како се прави тоа. Можеби во школата ќе ти биде доделено да прочиташ некој дел од Библијата. Што да нагласиш? Ако околу материјалот што ќе го читаш се развива некоја централна идеја или се одвива некој важен настан, ќе биде соодветно да го истакнеш.
Сеедно дали делот што го читаш е поезија или проза, пословица или расказ, твоите слушатели ќе извлечат корист ако го прочиташ добро (2. Тим. 3:16, 17). За да го постигнеш тоа, мораш да ги земеш предвид и пасусите што ќе ги читаш и публиката.
Ако треба да читаш наглас од некоја публикација на библиска студија или на собраниски состанок, кои се главните идеи што треба да ги нагласиш? За главни идеи сметај ги одговорите на отпечатените прашања за проучување. Исто така, нагласи ги мислите што се поврзани со поднасловот напишан со масни букви, под кој се наоѓа материјалот.
Не е препорачлива навика да користиш манускрипт кога држиш говори во собранието. Меѓутоа, повремено се даваат манускрипти за некои конгресни предавања за да може на сите конгреси истовремено да се презентираат истите мисли. За да ги нагласи главните идеи во еден таков манускрипт, говорникот најпрвин мора внимателно да го проанализира материјалот. Кои се главните точки? Треба да биде во состојба да ги препознае. Главните точки не се само идеи што според него се интересни. Тоа се клучните мисли околу кои се развива самиот материјал. Понекогаш некоја концизна изјава на главната идеја во манускриптот воведува некој расказ или правец на аргументирање. Уште почесто, силна изјава се дава откако ќе се изнесе поткрепувачкиот доказ. Кога ќе ги идентификува овие клучни точки, говорникот треба да ги означи во својот манускрипт. Обично ги има само неколку, веројатно не повеќе од четири-пет. Потоа, треба да вежба да чита на таков начин што присутните ќе можат лесно да ги препознаат. Тие се врвни точки во предавањето. Ако материјалот се изнесе со правилно нагласување, поголема е веројатноста овие главни идеи да се запомнат. Тоа треба да му биде цел на говорникот.
Постојат различни начини на кои говорникот може да го изведе потребното нагласување за да им помогне на слушателите да ги препознаат главните точки. Може да употреби поголема одушевеност, промена на темпото, длабоко чувство или соодветни гестови, и тоа се само неколку.
-