ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • Тајна врска — што има тука опасно?
    Младите прашуваат — делотворни одговори, том 2
    • ПОГЛАВЈЕ 2

      Тајна врска — што има тука опасно?

      Џесика се нашла пред тешка одлука. Сѐ започнало кога Џереми, едно момче од нејзиниот клас, почнал да ѝ се додворува. Таа вели: „Беше многу сладок, а другарките ми рекоа дека попристоен дечко од него нема. Неколку девојки сакаа да одат со него, но тој не беше заинтересиран. Му се допаѓав само јас“.

      Набрзо, Џереми ја поканил Џесика да излезе со него. Таа му објаснила дека, како Јеховин сведок, родителите никогаш не би ѝ дозволиле да излегува со некого што не е од нејзината вера. „Но, тогаш на Џереми му дојде една идеја“, раскажува таа. „Ми рече: ‚Па, тие не мора да знаат‘“.

      КАКО ќе реагираш ако некој што тебе ти се допаѓа ти предложи нешто слично? Можеби ќе се изненадиш, но Џесика се сложила со планот на Џереми. Таа вели: „Бев уверена дека, ако имам врска со него, ќе му помогнам да го засака Јехова“. Што се случило? Тоа ќе го дознаеме малку подоцна. Најпрво да видиме како некои се излажале да започнат тајна врска.

      Зошто го прават тоа

      Зошто некои се во тајна врска? Младиот Дејвид кратко и јасно вели: „Знаат дека родителите нема да им ја одобрат врската, па затоа не им кажуваат“. Џејн спомнува друга можна причина. „Кога одиш скришно со некого, сакаш да си докажеш себеси дека можеш да правиш што сакаш“, вели таа. „Ако мислиш дека родителите не те третираат онака како што би сакал — како возрасен — тогаш нема да им кажуваш ништо и ќе си тераш по свое.“

      Ако ти текнуваат други причини зошто некои би имале тајна врска, запиши ги на празните линии.

      ․․․․․

      Се разбира, знаеш дека Библијата ти заповеда да ги слушаш своите родители (Ефешаните 6:1). А ако твоите родители мислат дека не треба да имаш врска, сигурно имаат добра причина за тоа. Меѓутоа, немој да се чудиш ако низ главата почнат да ти се вртат вакви мисли:

      ● Се чувствувам како црна овца затоа што само јас немам врска.

      ● Ми се допаѓа некој што нема исти верувања како моите.

      ● Сакам да излегувам со некој соверник, иако ми е рано за брак.

      Веројатно знаеш што би рекле твоите родители ако им спомнеш некоја од овие работи, и длабоко во себе знаеш дека би биле во право. Сепак, можеби ќе се сложиш со Манами, која вели: „Околината толку те притиска да имаш дечко што понекогаш си мислам дека нешто не е во ред со мојот став. Денес, за младите е незамисливо да немаш дечко. А и кој сака да биде сам?“ Некои што се нашле во ваква ситуација почнале врска што ја држеле во тајност од своите родители. Како?

      „Ни беше речено да не кажуваме на никого“

      Самиот израз „тајна врска“ укажува дека се работи за некаква измама, а токму тоа е потребно за да остане „тајна“. Некои успеваат да одат скришно така што комуницираат главно преку телефон или Интернет. За јавноста тие се само другари, но пораките што си ги праќаат на Интернет, СМС-пораките и нивните телефонски разговори кажуваат нешто сосем друго.

      Некои користат друга итра тактика — ќе договорат цела група да се собере некаде за да можат тие двајца да бидат заедно. Џејмс вели: „Еднаш цела група млади бевме поканети да одиме на едно место, но тогаш сфативме дека сѐ било наместено само за да можат двајца од групата да бидат заедно. Ни беше речено да не кажуваме на никого“.

      Многу често, како што кажува и Џејмс, тајните врски се одржуваат со помош на пријателите. Керол вели: „Барем еден пријател знае што се случува, но свесно избира да не каже ништо затоа што не сака да биде ‚кодош‘“. Честопати се кажуваат и бесрамни лаги. „Мнозина ја држат својата врска во тајност така што ги лажат родителите кога им кажуваат каде ќе одат“, вели Бет (17). И Мисаки (19) го правела тоа. „Морав многу внимателно да смислувам лаги“, вели таа. „Освен за врската, внимавав да не ги излажам родителите за ништо друго за да не ја изгубам нивната доверба.“

      Опасностите што ги носат тајните врски

      Ако си на искушение да почнеш скришно да одиш со некого — или ако веќе го правиш тоа — размисли за следново:

      До каде ќе ме одведе лажењето? Имаш ли намера во догледно време да се венчаш со оној со кого си во врска? „Кога си во врска со некого а немаш намера да стапиш во брак, тоа е како да рекламираш нешто што немаш намера да го продадеш“, вели Еван (20). Какви би можеле да бидат последиците од тоа? Во Изреки 13:12 стои: „Од предолго исчекување се разболува срцето“. Дали навистина сакаш да придонесеш некој што ти значи да ‚се разболи во срцето‘? И уште едно предупредување: Ако имаш тајна врска, си ја ускратуваш помошта што би можеле да ти ја дадат родителите и другите што ти го мислат доброто. А така е поголема веројатноста да направиш сексуален неморал (Галатите 6:7).

      Што мисли Јехова Бог за она што го правам? Библијата вели: „Сѐ е голо и откриено пред очите на оној кому ние мораме да му поднесеме сметка“ (Евреите 4:13). Значи, ако криеш дека одиш со некого — или дека некој твој другар оди со некого — Јехова веќе го знае тоа. А, ако се вклучени и лаги, тогаш треба сериозно да се подзамислиш. Јехова Бог воопшто не го одобрува лажењето. Всушност, во Библијата ‚лажливиот јазик‘ е јасно наведен меѓу работите што му се одвратни на Јехова (Изреки 6:16-19).

      Да се отворат картите

      Ако си во тајна врска, навистина би било паметно да разговараш со своите родители или со некој зрел возрасен христијанин. А ако имаш некој пријател што скришно оди со некого, немој да му помагаш со тоа што ќе го криеш (1. Тимотеј 5:22). Зашто, како ќе се чувствуваш ако врската донесе лоши последици? Зарем нема и ти да бидеш делумно виновен?

      Размисли за ова: Да речеме дека некој твој пријател кој има дијабетес скришно јаде слатки. Што ќе направиш ако дознаеш за тоа, но пријателот те моли да не кажуваш никому? Што ќе ти биде најважно — да го криеш или да направиш нешто што може да му го спаси животот?

      Истото важи и во случај да знаеш дека некој твој пријател има тајна врска. Немој да се секираш дека засекогаш ќе си го расипеш пријателството. Со текот на времето, оној што ти е вистински пријател ќе сфати дека си му го мислел најдоброто (Псалм 141:5).

      Тајна или приватност?

      Се разбира, ако некој не им кажува на сите дека има врска со некого, не мора да значи дека станува збор за измама. На пример, двајца млади сакаат да се запознаат подобро, но некое време сакаат тоа да си остане нивна работа. Тие можеби, како што вели Томас, „не сакаат другите да ги задеваат со прашања како ‚Кога ќе биде свадбата?‘“

      Претераниот притисок од другите може да биде доста штетен (Песна над песните 2:7). Затоа, некои двојки одлучуваат некое време да не кажуваат на сите дека почнале врска (Изреки 10:19). „Тоа им дава можност на двајцата да решат дали се сериозни околу врската“, вели 20-годишната Ана. „Ако се, тогаш ќе можат да им кажат и на другите.“

      Во исто време, би било погрешно да криеш дека си во врска од оние што имаат право да знаат за неа, на пример, родителите. Ако не сакаш отворено да им кажеш за врската, добро е да се запрашаш зошто е тоа така. Дали длабоко во себе знаеш дека твоите родители би имале добри причини да се противат на твојата врска?

      „Знаев што морам да направам“

      Џесика, која ја спомнавме во почетокот, повеќе не сакала скришно да оди со Џереми кога чула што направила една друга христијанка во слична ситуација. „Откако слушнав дека ја прекинала врската“, вели Џесика, „знаев што морам да направам.“ Дали на Џесика ѝ било лесно да раскине? Не! „Џереми беше единствениот дечко што вистински ми значеше нешто“, вели таа. „Неколку седмици по ред, плачев секој ден.“

      Сепак, Џесика знаела дека го сака Јехова и дека, и покрај тоа што за момент тргнала по лош пат, од срце сака да го прави она што е исправно. Со текот на времето, болката исчезнала. Џесика вели: „Сега сум поблиска со Јехова од кога и да е порано. Многу сум благодарна што тој во вистинско време ни ги дава советите што ни се потребни!“

      ВО СЛЕДНОТО ПОГЛАВЈЕ:

      Спремна си за врска и има еден дечко што многу ти се допаѓа. Но, како ќе знаеш дали тој е вистинскиот за тебе?

      КЛУЧЕН СТИХ

      „Сакаме во сѐ да постапуваме чесно“ (Евреите 13:18)

      ПРЕДЛОГ

      Не мораш насекаде да разгласиш дека си започнал врска. Но, кажи им на оние што имаат право да знаат. Обично тоа се твоите родители и родителите на оној со кого си во врска.

      СИ ЗНАЕЛ ЛИ ДЕКА...?

      Трајните врски се темелат на доверба. Кога скришно одиш со некого, ја изневеруваш довербата на твоите родители и си го поткопуваш темелот на врската.

      ПЛАН!

      Ако скришно одам со сохристијанин, ќе ․․․․․

      Ако мој пријател скришно оди со некого, ќе ․․․․․

      Во врска со оваа тема, би сакал да ги прашам родителите ․․․․․

      ШТО МИСЛИШ?

      ● Погледни ги уште еднаш трите реченици напишани со масни букви на 22. страница. Со која од нив најдобро би опишал како се чувствуваш понекогаш?

      ● Како можеш да го решиш проблемот без да одиш скришно со некого?

      ● Што би направил ако знаеш дека твојот пријател има тајна врска, и зошто би постапил така?

      [Истакната мисла на страница 27]

      ››Ја прекинав тајната врска. Точно, не беше лесно да одам на училиште и секој ден да го гледам Џереми. Но, Јехова Бог ја гледа целата слика, а ние не. Едноставно мораме да имаме доверба во него‹‹ (Џесика)

      [Слика на страница 25]

      Да криеш пријател кој скришно оди со некого е исто како да криеш дијабетичар кој скришно јаде слатки

  • Зошто да се зачува невиноста?
    Младите прашуваат — делотворни одговори, том 2
    • ПОГЛАВЈЕ 5

      Зошто да се зачува невиноста?

      „Чувствувам силен притисок да имам секс“ (Кели).

      „Незгодно ми е што уште сум невин“ (Џордан).

      „ШТО, уште си невин?“ Можеби од тоа прашање ти се стемнува! Знаеш дека, општо земено, тинејџерите што немале секс се сметаат за „вид во изумирање“. Не е ни чудо што толку млади се сексуално активни уште во тинејџерските години!

      Силата на желбите и притисокот од другите

      Ако си христијанин, знаеш дека Библијата ни кажува ‚да се воздржуваме од блуд‘ (1. Солуњаните 4:3). Сепак, можеби ти е тешко да ги контролираш своите сексуални нагони. „Понекогаш помислувам на секс без некоја очигледна причина“, признава Пол. Таквите чувства, во голема мера, се нормални.

      Меѓутоа, не е лесно некој постојано да те задева и да те исмејува затоа што сѐ уште си невин! На пример, што ако ти велат дека не си прав маж или права жена ако си немал секс? „Другите прават сексот да изгледа толку привлечно и нормално“, вели Елена. „Ако не спиеш со кого стигнеш, те сметаат за чудак.“

      Но, сексот пред бракот има една страна за која другите можеби ретко зборуваат. На пример, Марија раскажува како ѝ било откако спиела со својот дечко: „Чувстував срам и вина. Се мразев и себеси и него“. Повеќето тинејџери не се свесни колку често работите завршуваат вака. Во реалноста, предбрачниот секс честопати е емоционално болно искуство — со погубни последици!

      Но, младата Сандра прашува: „Зошто Бог ги создал тинејџерите со сексуални желби, а во исто време вели дека не смеат да ги задоволат пред да стапат во брак?“ Добро прашање. Размисли за ова:

      Дали сексуалните желби се единствените силни чувства што ги имаш? Не. Јехова Бог те создал со широк опсег на желби и емоции.

      Мораш ли веднаш да реагираш на секој нагон што ќе ти надојде? Не, зашто Бог те создал и со способност да си ги контролираш реакциите.

      Значи, што учиме од ова? Можеби не можеш да спречиш да ти надојдат некои желби, но можеш да се контролираш како ќе реагираш на тие желби. И навистина, ако реагираш на секоја сексуална желба што ќе ти дојде, би било исто толку погрешно и глупаво како да удриш некого секојпат кога ќе се нанервираш.

      Факт е дека Бог никогаш немал намера луѓето да го злоупотребуваат сексот. „Секој од вас да знае како да завладее со своето тело во светост и чест“, вели Библијата (1. Солуњаните 4:4). Како што има „време за сакање и време за мразење“, така има и време кога треба да се задоволат сексуалните желби и време кога тие треба да се држат под контрола (Проповедник 3:1-8). На крајот на краиштата, ти си тој што има контрола над твоите желби!

      Но што да направиш ако некој те задева: „Зар навистина уште си невин?“ Нека не те плашат ваквите коментари. На оној што сака само да те исмева можеш да му речеш: „Да, сум, и знаеш што? Мило ми е што е така!“ Или би можел да му кажеш: „Тоа си е моја работа и нема што повеќе да зборуваме на таа тема“a (Изреки 26:4; Колошаните 4:6). Од друга страна, можеби сметаш дека оној што те распрашува заслужува да знае нешто повеќе. Во таков случај можеби ќе сакаш да му го објасниш својот став кој се темели на Библијата.

      Ти текнува ли што друго би можел да кажеш ако некој те исмејува со зборовите: „Зар навистина уште си невин?“ На линиите напиши како ти би одговорил.

      ․․․․․

      Скапоцен дар

      Како му е на Бог кога луѓето се решаваат на секс пред брак? Па, замисли си дека си купил подарок за некој твој пријател. Но, тој го наоѓа и, од чиста љубопитност, го отвора уште пред да му го дадеш! Зарем нема да се налутиш? Замисли си тогаш како би му било на Бог ако почнеш со сексуални односи пред бракот. Тој сака прво да стапиш во брак за да можеш да им се радуваш на сексуалните односи, кои се дар од него (1. Мојсеева 1:28).

      Што да правиш кога ќе ти надојдат сексуални желби? Едноставно кажано, научи да ги контролираш. Ти имаш сила за тоа! Моли го Јехова да ти помогне. Неговиот дух ќе ти помогне подобро да се самосовладуваш (Галатите 5:22, 23). Секогаш имај на ум дека Јехова „нема да им скрати никакво добро на оние што живеат непорочно“ (Псалм 84:11). Едно момче по име Гордон вели: „Кога низ главата ќе почне да ми се врти дека предбрачниот секс можеби и не е толку страшна работа, помислувам колку лошо ќе се одрази тоа на мојата духовност, и сфаќам дека за ниеден грев не вреди да си го расипам пријателството со Јехова“.

      Вистината е дека да се биде невин не е нешто ненормално. Напротив, предбрачниот секс е нешто срамно, понижувачко и штетно. Затоа, не дозволувај светот со својата пропаганда да те прелаже да мислиш дека нешто не е во ред со тебе само затоа што живееш според библиските мерила. Со тоа што ќе ја зачуваш својата невиност ќе си го заштитиш здравјето, емоционалната состојба и, што е најважно, својот однос со Бог.

      ПОВЕЌЕ ИНФОРМАЦИИ ИМА ВО ТОМ 1, ПОГЛАВЈЕ 24

      [Фуснота]

      a Интересно, кога Ирод го испрашувал, Исус решил да не каже ништо (Лука 23:8, 9). Честопати, на дрските прашања најдобро е да не се одговори ништо.

      КЛУЧЕН СТИХ

      „Ако некој во своето срце одлучил да ја зачува својата девственост... добро прави“ (1. Коринќаните 7:37)

      ПРЕДЛОГ

      Немој да се дружиш со луѓе кои имаат лабав морал, дури и ако тврдат дека имаат исти верувања како твоите.

      СИ ЗНАЕЛ ЛИ ДЕКА...?

      Луѓето што имаат лабав морал пред бракот многу ретко се менуваат откако ќе стапат во брак. За разлика од нив, голема е веројатноста дека оние што лојално живеат според Божјите морални мерила пред бракот ќе му бидат верни на својот брачен другар.

      ПЛАН!

      Ако сакам да останам невин пред бракот, ќе треба да ․․․․․

      Ако друштвото ми отежнува да си останам на одлуката, ќе ․․․․․

      Во врска со оваа тема, би сакал да ги прашам родителите ․․․․․

      ШТО МИСЛИШ?

      ● Според тебе, зошто некои им се исмеваат на оние што немаат сексуални односи?

      ● Зошто не е лесно да се остане невин?

      ● Кои се добрите страни на тоа што ќе останеш невин пред бракот?

      ● Како ќе му објасниш на својот помал брат или сестра зошто е добро да се биде невин?

      [Истакната мисла на страница 51]

      ››Она што ми дава сила да не попуштам пред сексуалните желби е мислата дека ‚ниту еден блудник или нечист нема наследство во царството на Бог‘ (Ефешаните 5:5)‹‹ (Лидија)

      [Рамка на страница 49]

      Прашалник

      Што навистина се случува потоа?

      Другите околу тебе и забавната индустрија честопати многу вешто ја прикриваат грдата реалност на предбрачниот секс. Разгледај ги трите ситуации подолу. Што мислиш, што навистина ќе се случи со овие тинејџери?

      ● Еден од соучениците се фали дека спиел со многу девојки. Вели дека тоа е чиста забава — никој не е повреден. Што навистина се случува потоа — со него и со девојките? ․․․․․

      ● На крајот од филмот двајца тинејџери, кои не се во брак, имаат секс за да си покажат колку се сакаат. Што ќе се случи потоа — во вистинскиот живот? ․․․․․

      ● Запознаваш згоден дечко кој сака да има секс со тебе. Ти вели дека никој не мора да дознае за тоа. Да речеме дека спиеш со него и потоа се трудиш да го скриеш тоа од другите. Што навистина ќе се случи потоа? ․․․․․

      [Слика на страница 54]

      Ако имаш секс пред бракот, тоа е како да отвориш некој подарок пред да ти го дадат

  • Како да се справам со врсниците?
    Младите прашуваат — делотворни одговори, том 2
    • ПОГЛАВЈЕ 15

      Како да се справам со врсниците?

      „На училиште има толку искушенија — цигари, дрога, секс. Знаеш дека она на што те тераат другите е глупаво. Но, некогаш доаѓаш до точка кога едноставно сакаш да докажеш дека не си кукавица“ (Ева).

      НОРМАЛНО Е да сакаш другите да те прифатат. Притисокот од врсниците има толкаво влијание токму поради таа желба. На пример, ако си воспитан како христијанин, знаеш дека предбрачниот секс, претераното пиење и слични работи се погрешни (Галатите 5:19-21). Но, многу твои врсници те тераат да им се придружиш во тоа. Дали самите одлучиле да ги прават тие работи откако претходно добро размислиле? Тешко. Обично паѓаат под влијание на другите. Сакаат да бидат прифатени и затоа им дозволуваат на другите да им го обликуваат мислењето. Дали е тоа случај и со тебе? Или ти имаш доволно храброст да се држиш за своите уверувања?

      Арон, братот на Мојсеј, попуштил на притисокот од другите барем еднаш. Кога Израелците се собрале околу него и го терале да им направи бог, тој направил така како што барале (2. Мојсеева 32:1-4). Замисли си — тоа бил истиот човек што смело застанал пред фараонот и му ја пренел Божјата порака (2. Мојсеева 7:1, 2, 16). Но, кога го притиснале неговите сонародници, Арон попуштил. Изгледа дека му било полесно смело да се соочи со царот на Египет отколку со оние што биле рамни на него!

      Како е со тебе? Дали понекогаш ти е тешко да се држиш за она што знаеш дека е исправно? Би сакал ли да можеш да му се спротивставиш на притисокот од врсниците без да изгледаш напнат и уплашен? Па, можеш! Клучот е во тоа однапред да увидиш дека ќе наидеш на притисок и да решиш како ќе реагираш кога ќе се случи тоа. Следуваат четири чекори што ќе ти помогнат во ова.

      1. Очекувај (Изреки 22:3). Честопати, однапред можеш да видиш дека ќе дојде до некоја незгодна ситуација. На пример, им се приближуваш на една група деца од училиштето и забележуваш дека пушат. Колкава е веројатноста и тебе да ти понудат цигара? Ако очекуваш проблем, ќе бидеш подготвен или да го избегнеш или да се соочиш со него.

      2. Размислувај (Евреите 5:14). Би можел да размислиш: ‚Како ќе се чувствувам подоцна ако постапам како другите?‘ Точно, можеби во тој момент врсниците ќе те прифатат. Но, како ќе се чувствуваш подоцна, кога ќе бидеш со своите родители или со сохристијаните? Спремен ли си да го жртвуваш своето пријателство со Бог само за да им угодиш на врсниците?

      3. Одлучи (5. Мојсеева 30:19). Кога-тогаш сите што му служат на Бог мораат да изберат дали ќе бидат верни и ќе добијат благослови или, пак, ќе бидат неверни и ќе пожнеат тешки последици. Луѓе како Јосиф, Јов и Исус го направиле исправниот избор, а изборот на Каин, Исав и Јуда бил лош. Сега тебе ти е редот да донесеш одлука. Што ќе избереш ти?

      4. Спроведи. Можеби си мислиш дека ова е најтешкиот дел. Но, не е! Ако веќе добро си размислил за последиците и си донел одлука како да постапиш, ќе се изненадиш колку е лесно — и корисно — да си го кажеш ставот (Изреки 15:23). Не грижи се — не мора да им одржиш библиско предавање на своите врсници. Може да биде доволно и едно едноставно, но одлучно ‚не‘. Или, за јасно да го кажеш својот цврст став, би можел да речеш:

      „Не сметајте на мене!“

      „Јас такво нешто не правам!“

      „Џабе си го трошите времето на мене!“

      Поентата е во тоа да одговориш брзо и уверливо. Ако постапиш така, можеби ќе се изненадиш колку брзо врсниците ќе те оставаат на раат! Но, што ако те исмеваат? Што ако ти речат: „Што — да не ти е страв?“ Сфати дека ваквите задевања се само уште еден начин на кој врсниците ти вршат притисок. Како би можел да реагираш во ваква ситуација? Имаш најмалку три опции.

      ● Би можел да се сложиш со исмевањето. („Во право сте, страв ми е!“ Потоа накратко кажи зошто ти е страв.)

      ● Би можел да го одбиеш притисокот со тоа што јасно ќе го кажеш својот став, но нема да се расправаш.

      ● Би можел да возвратиш на притисокот. Кажи зошто одбиваш да направиш нешто и потоа повикај се на разумот на твоите врсници. („Мислев дека си доволно паметен за да не пушиш!“)

      Ако продолжат да те задеваат, замини си! Колку подолго остануваш со нив, толку посилен ќе биде притисокот. Дури и ако мораш да си заминеш, запамти: Ти си имал контрола над ситуацијата. Не си дозволил врсниците да те стават во својот калап!

      Некои твои врсници можеби те исмеваат и ти велат дека не мислиш со своја глава. Но, не е така! Всушност, Јехова сака самиот да се увериш дека за тебе е најдобро да ја вршиш неговата волја (Римјаните 12:2). Затоа, зошто да им дозволиш на врсниците да си играат со тебе како со марионета? (Римјаните 6:16). Цврсто држи се за она што знаеш дека е исправно!

      Да бидеме реални — не можеш да избегаш од притисокот од врсниците. Но, можеш да знаеш што сакаш, да си го кажеш ставот и да ги држиш работите под контрола. Значи, изборот е твој! (Исус Навин 24:15).

      ПОВЕЌЕ ИНФОРМАЦИИ ИМА ВО ТОМ 1, ПОГЛАВЈЕ 9

      ВО СЛЕДНОТО ПОГЛАВЈЕ:

      Водиш двоен живот? Може ли да излезе нешто добро ако твоите родители дознаат за тоа?

      КЛУЧЕН СТИХ

      „Кој оди со мудрите, ќе стане мудар, а кој си има работа со безумни, лошо ќе си помине“ (Изреки 13:20)

      ПРЕДЛОГ

      За да собереш храброст, во публикациите читај ги искуствата на денешните слуги на Јехова кои цврсто се држеле за она што е исправно.

      СИ ЗНАЕЛ ЛИ ДЕКА...?

      Малкумина од твоите соученици ќе останат во контакт со тебе само една година откако ќе матурирате. Мнозина можеби нема ни да се сеќаваат на твоето име. Но, на твоето семејство — и пред сѐ, на Јехова Бог — секогаш ќе му бидеш важен (Псалм 37:23-25).

      ПЛАН!

      Би можел да се подготвам за притисокот од врсниците така што ․․․․․

      Ако врсниците се обидат да ме натераат да направам нешто погрешно, ќе ․․․․․

      Во врска со оваа тема, би сакал да ги прашам родителите ․․․․․

      ШТО МИСЛИШ?

      ● Во кои ситуации може да ти бидат од помош четирите чекори разгледани во ова поглавје?

      ● Што може да се случи ако попуштиш на притисокот од врсниците?

      ● Како можеш да реагираш на притисокот од врсниците?

      [Истакната мисла на страница 131]

      ››Многу деца знаат дека сум Сведок и ме почитуваат. Ако сакаат да зборуваат за некои расипани работи, ми велат: ‚Мики, ќе зборуваме нешто, па ако сакаш, подобро оди си‘‹‹ (Мики)

      [Табела на страници 132 и 133]

      Прашалник

      Како против притисокот од врсниците

      Мостра

      1 Очекувај

      Што е притисокот? Пушење цигари.

      Каде веројатно ќе наидам на ваков притисок? Во училишните тоалети.

      2 Размислувај

      Што ќе се случи ако попуштам?

      Ќе ги разочарам Јехова и родителите. Ќе ме мачи совеста. Ќе ми биде потешко да кажам ‚не‘ следниот пат.

      Што ќе се случи ако одбијам?

      Можеби ќе ме задеваат или ќе ми измислуваат разни прекари. Некои можеби ќе ме избегнуваат. Но, ќе го израдувам Јехова и ќе станам поцврста личност.

      3 Одлучи

      Ако попуштам, тоа ќе се случи затоа што

      не сум доволно подготвен да се соочам со притисок од врсниците. Повеќе ми значи да ме прифатат врсниците отколку Јехова.

      Ќе одбијам затоа што

      знам дека Јехова не го сака тоа и затоа што пушењето може да ми го наруши здравјето.

      4 Спроведи

      Ќе

      речам ‚не‘ и ќе си заминам.

      Провокации

      Ако некој ми рече: „Ајде бе, запали една цигара. Или ти е страв?“

      На задевањето од врсниците би можел да реагирам така што

      Ќе се сложам

      „Во право си. Страв ми е да пушам. Не сакам да добијам рак на белите дробови.“

      Ќе го одбијам

      „Не си ги троши цигарите на мене.“

      Ќе возвратам

      „Не, фала. Мислев дека си доволно паметен за да не пушиш!“

      ЗАБЕЛЕШКА: Брзо замини си ако продолжат да те задеваат. Колку подолго остануваш со нив, толку поголеми се шансите да попуштиш под нивниот притисок. Сега пополни го истиот прашалник на следната страница.

      Како против притисокот од врсниците

      Копирај!

      1 Очекувај

      Што е притисокот? ․․․․․

      Каде веројатно ќе наидам на ваков притисок? ․․․․․

      2 Размислувај

      Што ќе се случи ако попуштам?

      ․․․․․

      Што ќе се случи ако одбијам?

      ․․․․․

      3 Одлучи

      Ако попуштам, тоа ќе се случи затоа што...

      ․․․․․

      Ќе одбијам затоа што...

      ․․․․․

      4 Спроведи

      ․․․․․

      Ќе...

      ․․․․․

      Провокации

      Ако некој ми рече: ․․․․․

      На задевањето од врсниците би можел да реагирам така што

      Ќе се сложам

      ․․․․․

      Ќе го одбијам

      ․․․․․

      Ќе возвратам

      ․․․․․

      Со некој од родителите или со некој зрел пријател вежбај како ќе одговориш.

      [Слика на страница 135]

      Ако попуштиш на притисокот од врсниците, ќе им станеш марионета

Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
Одјави се
Најави се
  • македонски
  • Сподели
  • Подесување
  • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
  • Услови за користење
  • Полиса за приватност
  • Поставки за приватност
  • JW.ORG
  • Најави се
Сподели