-
Како да ја победам тагата?Младите прашуваат — делотворни одговори, том 1
-
-
Поглавје 13
Како да ја победам тагата?
„Кога му е тешко на некој, се обидувам да му помогнам и да го утешам. Но, ретко кој знае дека, кога ќе си појдам дома, се затворам во мојата соба и плачам“ (Кели)
„Кога сум тажен, се повлекувам од другите. Ако ме поканат некаде, наоѓам изговор да не одам. Многу успешно ја кријам мојата тага од семејството. Тие мислат дека со мене сѐ е во ред“ (Рик)
ДАЛИ си бил во слична ситуација како Кели и Рик? Ако е така, немој брзо да заклучиш дека нешто не е во ред со тебе. Факт е дека одвреме-навреме секој се чувствува тажен. Така се чувствувале дури и некои од верните мажи и жени спомнати во Библијата (1. Самоилова 1:6-8; Псалм 35:14).
Некогаш ја знаеш причината за твојата тага, а некогаш не. „Не мора да се случи нешто ужасно за да бидеш тажен“, вели Ана (19). „Такви чувства може да те обземат во секој момент, дури и кога немаш никакви проблеми. Нема логика, ама така е!“
Сеедно која е причината — па дури и да нема некоја очигледна причина — што можеш да сториш кога ќе те притисне тага? Обиди се со следниве предлози:
1. Разговарај со некого. Кога му било многу тешко, Јов рекол: „Ќе зборувам од горчина во душата“ (Јов 10:1).
Кели: „Неверојатно е колку ми олеснува откако ќе поразговарам со некого. Конечно некој знае низ што минувам. Најпосле некој може да ми фрли јаже и да ме извлече од бездната!“
Предлог: Напиши го името на некој пријател на кого можеш да му се довериш кога ќе те обземе тага.
․․․․․
2. Напиши како се чувствуваш. Кога тагата толку те притиска што почнуваш сѐ да гледаш црно, би било добро да си ги запишеш чувствата. Во псалмите што ги напишал под водство на светиот дух, Давид понекогаш ја изразувал својата длабока тага (Псалм 6:6). Ако ги запишуваш своите чувства, тоа ќе ти помогне да ‚ја зачуваш мудроста и способноста за расудување‘ (Изреки 3:21).
Хедер: „Пишувањето ми помага да си ги средам мислите што ми надоаѓаат кога сум тажна. Тагата е поподнослива ако ги изразиш своите чувства и ако сфатиш која е причината за нив“.
Предлог: Табелата на страница 93 може да ти помогне подобро да реагираш во тешки ситуации. Тоа, пак, ќе ти помогне да ја надминеш тагата.
3. Моли се. Библијата вели дека ако се молиш во врска со она што те загрижува, ‚мирот Божји, кој ја надминува секоја мисла, ќе го чува твоето срце и твојот ум‘ (Филипјаните 4:6, 7).
Естер: „Се обидував да сфатам зошто сум толку тажна, но не можев. Го молев Јехова да ми помогне да бидам радосна. Ми здосади да бидам тажна без никаква причина. И на крај успеав. Никогаш не ја потценувај моќта на молитвата!“
Предлог: Како пример за што да го молиш Јехова нека ти послужи Псалм 139:23, 24. Кажи му ги своите најдлабоки чувства и моли го да ти помогне да сфатиш што те растажува.
Освен овие предлози, имаш уште нешто што е од непроценлива помош — Божјата Реч, Библијата. Ако си го полниш умот со позитивни мисли од библиските извештаи, тоа може добро да влијае врз твоите чувства (Псалм 1:1-3). Такви позитивни извештаи можеш да најдеш ако ги разгледаш рамките „Да учиме од...“ во двата тома од оваа книга. На 227. страница од том 2 можеш да видиш како апостол Павле успеал да ги надмине негативните чувства кои понекогаш ги имал поради своите слабости.
Кога тагата не попушта
„Некои утра повеќе би сакал да останам в кревет отколку да морам да се соочам со уште еден бесмислен ден“, вели Рајан. Тој страда од клиничка депресија, како што е случај и со многу други луѓе. Истражувањата покажуваат дека 25 отсто од младите имаат некаков облик на депресија пред да станат возрасни.
Како да знаеш дали страдаш од депресија? Некои од симптомите се нагли промени во расположението и однесувањето, повлеченост, намален интерес за речиси секаква активност, значителна промена во навиките на исхрана и во спиењето и силни чувства на безвредност или на неоснована вина.
Се разбира, на моменти речиси сите имаме еден или повеќе од овие симптоми. Но, ако симптомите траат неколку седмици, би било добро да разговараш со родителите дали да одиш на лекар. Тој може да одреди дали твојата тага е поврзана со некој медицински проблем.a
Ако страдаш од клиничка депресија, нема зошто да се срамиш. Лекарствата им помогнале на многу луѓе во ваква ситуација да се чувствуваат подобро — како што можеби одамна не се чувствувале! Сеедно дали твојата тага произлегува од депресија или не, имај ги на ум утешните зборови од Псалм 34:18: „Јехова е близу до оние што се скршени во срцето и ги спасува оние со скршен дух“.
Што ако толку те обзела тага што помислуваш да му ставиш крај на животот?
[Фуснота]
a Кога тагата трае подолго, некои млади помислуваат на самоубиство. Ако и тебе ти дошле такви мисли, под итно разговарај за тоа со некој возрасен во кого имаш доверба. (Повеќе информации за оваа тема има во 14. поглавје од оваа книга.)
КЛУЧЕН СТИХ
„Јехова е близу до оние што се скршени во срцето и ги спасува оние со скршен дух“ (Псалм 34:18)
ПРЕДЛОГ
Опиши како се чувствуваш кога си тажен и што сметаш дека е причина за твојата тага. По еден месец, прочитај што напиша. Дали твоите чувства се сменија? Ако да, напиши што ти помогна во тоа.
СИ ЗНАЕЛ ЛИ ДЕКА . . . ?
Во ред е да плачеш, дури и ако си машко. Во еден период од својот живот, цар Давид признал: „Со солзи ја натопувам постелата“ (Псалм 6:6).
ПЛАН!
За да си го подобрам расположението, би можел да се занимавам со следниве активности: ․․․․․
За да не сум толку тажен, ќе се дружам со овие пријатели: ․․․․․
Во врска со оваа тема, би сакал да ги прашам родителите ․․․․․
ШТО МИСЛИШ?
● Има ли некаква корист ако се исплачеш?
● Како тоа што ќе бидеш со други луѓе ќе ти помогне да се носиш со тагата?
[Истакната мисла на страница 96]
„Кога сум тажна, свесна сум дека не смеам да се повлечам во себе. Точно, може ќе ми треба малку да бидам сама за да си ги средам чувствата, а понекогаш и добро да се исплачам. Но, потоа знам дека морам да бидам во друштво за да ги оттргнам мислите од она што ме прави тажна“ (Кристина)
[Табела/слики на страница 93]
Прашалник
За да ја победиш тагата Пополни
Случка Лоша реакција Подобра реакција
Наставникот ми создава → Нема веќе да учам → Мала помош: Види го 20. поглавје
чувство на безвредност по тој предмет од оваа книга
Еден другар се однесува → Ќе ширам муабети → Мала помош: Види го 10. поглавје
како да не постојам за него во том 2
Моите родители → Ќе бидам огорчен → Мала помош: Види го 4. поглавје
се разведуваат на едниот или од оваа книга
и на двајцата
․․․․․ → ․․․․․ → ․․․․․
․․․․․ → ․․․․․ → ․․․․․
[Слика на страница 95]
Со помош и со труд, можеш да излезеш од длабоката бездна на тагата
-
-
Дали да ставам крај на сѐ?Младите прашуваат — делотворни одговори, том 1
-
-
Поглавје 14
Дали да ставам крај на сѐ?
„ПОДОБРО ми е да умрам отколку да живеам.“ Кој ги кажал овие зборови? Некој што не верувал во Бог? Некој што кренал раце од Бог? Некој од кого Бог кренал раце? Не. Ова го кажал Јона, еден верен, но многу вознемирен човек (Јона 4:3).
Библијата не вели дека Јона планирал да се самоубие. Но, неговата очајна молба открива една важна вистина — одвреме-навреме дури и Божјите слуги може да бидат длабоко потиштени (Псалм 34:19).
Некои млади запаѓаат во толкав очај што им се чини дека повеќе нема за што да живеат. Можеби се чувствуваат како Лора (16) која вели: „Веќе неколку години имам периоди кога паѓам во депресија. Често помислувам на самоубиство“. Што би можел да сториш ако познаваш некој што размислува да се самоубие или ако и самиот помислуваш на такво нешто? Да разгледаме подетално зошто воопшто се јавуваат такви мисли.
Што се крие зад очајот
Зошто некому би му дошла мисла да посегне по својот живот? Може да има повеќе причини. Една работа е што живееме во „особено тешки времиња“ поради што голем број тинејџери многу трагично ги доживуваат притисоците што ги носи животот (2. Тимотеј 3:1). Освен тоа, под влијание на несовршеноста, некои имаат претерано негативна слика за себе и за светот што ги опкружува (Римјаните 7:22-24). Причина за ваквиот став може да биде тоа што биле малтретирани или имаат некаков здравствен проблем. Интересно, се проценува дека, во една земја, менталните заболувања се причина за над 90 отсто од сите самоубиства.a
Нормално, секој жив човек има проблеми. Библијата вели дека „целото создание заедно воздивнува и дека е во болка сѐ досега“ (Римјаните 8:22). Тоа важи и за младите. Всушност, нив може многу да ги погодат некои лоши настани, како на пример:
● Смрт на некој роднина, пријател или милениче
● Неслога во семејството
● Лош успех на училиште
● Раскинување со дечкото/девојката
● Малтретирање (физичко, сексуално и сл.)
Порано или подоцна, речиси сите млади ќе се најдат во една или повеќе од овие ситуации. Зошто некои успеваат полесно да ги пребродат? Стручњаците велат дека младите што сакаат да се откажат од борбата се чувствуваат крајно беспомошно и безнадежно. Со други зборови, не гледаат никаков излез. Тие, всушност, не сакаат да умрат, туку да им стават крај на маките.
Не е сѐ толку црно
Можеби познаваш некого кој толку многу сака да им стави крај на маките што ти вели дека повеќе не му се живее. Што можеш да сториш во ваков случај?
Ако некој твој пријател е толку потиштен што повеќе не му се живее, убеди го да побара помош. Потоа, сеедно дали тој се согласува или не, разговарај со некој возрасен. Немој да се секираш дека ќе си го расипеш пријателството. Напротив, ако кажеш некому, може да му го спасиш животот на својот пријател!
Но, што ако и самиот размислуваш за самоубиство? Не ги чувај таквите мисли во себе. Разговарај со некого — со родител, со пријател или со некој кому му значиш и кој ќе сослуша што те мачи, некој што ќе те сфати сериозно. Нема што да изгубиш — можеш само да добиеш ако разговараш со некого за твоите проблеми.b
Се разбира, самиот разговор нема да ти ги отстрани проблемите. Но, поддршката што ќе ти ја даде некој во кого имаш доверба може да биде токму она што ти е потребно за да гледаш на работите пообјективно. Може да ти помогне дури и да изнајдеш некои решенија.
Работите се менуваат
Секогаш кога минуваш низ некој тежок период во животот, имај на ум дека, сеедно колку безнадежно изгледа една ситуација, по извесно време околностите ќе се сменат. Псалмистот Давид, кој добро знаел што значи да имаш проблеми, во молитва му рекол на Бог: „Ти ми ја претвори тагата во играње“ (Псалм 30:11).
Давид сигурно не очекувал играњето да трае вечно. Од лично искуство знаел дека проблемите доаѓаат и си одат. Дали и ти си го увидел тоа? Можеби ти се чини дека некои проблеми никако да си одат — барем засега. Но, биди стрплив. Работите се менуваат, честопати на подобро. Во некои случаи, проблемите може да се решат на некој неочекуван начин. Во други случаи, пак, можеби ќе успееш да го решиш проблемот на начин на кој не си ни помислувал. Поентата е дека проблемите не траат засекогаш (2. Коринќаните 4:17).
Многу е важно да се молиш
Молитвата е најважниот разговор. Би можел да се молиш како што се молел Давид: „Проникни во мојата внатрешност, о Боже, и запознај го срцето мое! Испитај ме и запознај ги немирните мисли мои, и види има ли во мене нешто што ме наведува на лош пат, и води ме по патот вечен!“ (Псалм 139:23, 24).
Молитвата не е само „апче“ против проблеми. Таа е вистински разговор со твојот небесен Татко, кој сака ‚да му го излеваш срцето‘ (Псалм 62:8). Еве неколку основни вистини за Бог:
● Тој добро знае зошто те мачат мрачни мисли (Псалм 103:14).
● Те познава подобро отколку што се познаваш ти самиот (1. Јованово 3:20).
● „Тој се грижи за [тебе]“ (1. Петрово 5:7).
● Во својот нов свет, Бог „ќе ја избрише секоја солза“ од твоите очи (Откровение 21:4).
Кога причината е здравствен проблем
Како што беше спомнато, честа причина за самоубиствениот нагон е некоја болест. Ако е тоа случај и со тебе, немој да се срамиш да побараш стручна помош. Исус признал дека на болните им треба лекар (Матеј 9:12). За среќа, многу болести можат да се лекуваат. А терапијата може да ти помогне да се чувствуваш многу подобро!c
Библијата дава едно многу утешно ветување — дека во Божјиот нов свет „никој од жителите нема да рече: ‚Болен сум‘“ (Исаија 33:24). Бог вели дека тогаш ‚она што било порано нема да доаѓа во сеќавање, ниту ќе се јавува во срцето‘ (Исаија 65:17). Но, додека да дојде тоа време, прави сѐ што можеш за да се бориш со проблемите што ги носи животот и биди уверен дека во времето што го одредил Бог, депресијата ќе биде само минато (Откровение 21:1-4).
ПОВЕЌЕ ИНФОРМАЦИИ ИМА ВО ТОМ 2, ПОГЛАВЈЕ 9
Родителите сакаат да знаат сѐ за твојот живот — дури и некои работи што ти би сакал да ги зачуваш само за себе. Можеш ли да се избориш за малку приватност?
[Фусноти]
a Меѓутоа, вреди да се спомне дека повеќето млади што страдаат од некакво ментално заболување не се самоубиваат.
b Потиштените христијани можат да добијат помош и од собраниските старешини (Јаков 5:14, 15).
c Нешто повеќе можеш да прочиташ во 13. поглавје од оваа книга.
КЛУЧЕН СТИХ
„Изнесете му ги своите барања на Бог. И мирот Божји, кој ја надминува секоја мисла, ќе ги чува вашите срца и вашиот ум“ (Филипјаните 4:6, 7)
ПРЕДЛОГ
Кога си потиштен, прошетај малку. Тоа што ќе излезеш надвор и ќе се раздвижиш, може да ти помогне да се чувствуваш подобро и да бидеш смирен.
СИ ЗНАЕЛ ЛИ ДЕКА . . . ?
Жртви на самоубиство не се само оние што ќе си го одземат животот, туку и нивните блиски што страдаат поради самоубиството.
ПЛАН!
Ако имам чувство на безвредност и мислам дека никој не ме сака, ќе му се обратам на (напиши го името на лицето на кое можеш да му се довериш) ․․․․․
Една убава работа во мојот живот за која можам да размислувам и да бидам благодарен е ․․․․․
Во врска со оваа тема, би сакал да ги прашам родителите ․․․․․
ШТО МИСЛИШ?
● Дури и најтешките проблеми се само привремени. Како може да ти помогне овој факт?
● Во која смисла тој што ќе се самоубие му ги префрла своите проблеми на друг?
[Истакната мисла на страница 104]
„Понекогаш бев во толку длабока депресија што посакував да умрам, но сега можам да водам нормален живот бидејќи редовно се молам и примам терапија“ (Хајди)
[Рамка на страница 100]
Ако мислиш дека не можеш повеќе
Дури и некои верни мажи и жени од Библијата одвреме-навреме мислеле дека не можат повеќе да се носат со животните проблеми. Да разгледаме неколку примери.
Ревека: „Ако е така, зошто сум жива?“ (1. Мојсеева 25:22).
Мојсеј: „Подобро убиј ме... за да не ја гледам повеќе својата неволја“ (4. Мојсеева 11:15).
Илија: „Јехова, земи ја сега мојата душа, зашто не сум подобар од своите прататковци“ (1. Царевите 19:4).
Јов: „О, да ме скриеше во гробот... да ми одредеше рок и потоа да се сетеше на мене!“ (Јов 14:13).
Во секој од овие случаи, работите по некое време се подобриле — и тоа на начин на кој тие не ни помислувале. Биди сигурен дека тоа може да ти се случи и тебе!
[Слика на страница 102]
Чувствата на очај се како буреносни облаци — по некое време ќе поминат
-