-
Како да најдам добри пријатели?Младите прашуваат — делотворни одговори, том 1
-
-
Поглавје 8
Како да најдам добри пријатели?
„Кога сум лута, имам потреба да кажам некому за да ми олесни. Кога сум тажна, ми треба некој што ќе ми каже дека сѐ ќе биде во ред. Кога сум среќна, сакам среќата да ја споделам со некого. За мене, пријателите се неопходна работа во животот“ (Британи)
СЕ ВЕЛИ дека на малите деца им се потребни другарчиња со кои ќе си играат, а на возрасните им се потребни пријатели. Во што е разликата?
Другарче е некој што ти прави друштво.
Пријател е некој со кого имаш исти вредности.
Библијата вели дека „вистинскиот пријател сака во секое време, и брат станува во неволја“ (Изреки 17:17). Таков пријател сигурно нема да најдеш на детско игралиште!
Факт: Додека созреваш, потребни ти се пријатели кои...
1. Имаат убави особини
2. Имаат високи морални мерила
3. Имаат позитивно влијание врз тебе
Прашање: Како да најдеш пријатели кои одговараат на овој опис? Ајде да ги разгледаме трите работи една по една.
Услов бр. 1 — Убави особини
Што треба да знаеш. Секој не може да ти биде вистински пријател. Библијата вели дека „има луѓе што се готови да го уништат својот другар“ (Изреки 18:24). Ова може да звучи малку екстремно, но размисли за следново: Си имал ли некогаш „пријател“ кој те искористувал? Или можеби некој што зад грб те оговарал и ширел муабети за тебе? Поради ваквите работи може да изгубиш доверба во пријателите.a Затоа, запомни, не е важно колку, туку какви пријатели имаш!
Што можеш да сториш. Избирај пријатели со убави особини чиј пример би можел да го следиш.
„Сите имаат добро мислење за другарка ми Фиона. Сакам и за мене другите да зборуваат добро како што зборуваат за неа. И за мене да имаат добро мислење како што имаат за неа. Затоа многу ја ценам“ (Ивет, 17).
Вежба за самоиспитување:
1. Прочитај Галатите 5:22, 23.
2. Прашај се: ‚Дали моите пријатели ги покажуваат особините што се вброени во „плодовите на духот“?‘
3. Наведи ги имињата на твоите најблиски пријатели. До секое име напиши која особина е најкарактеристична за тоа лице.
Име Особина
․․․․․ ․․․․․
Забелешка: Ако ти текнуваат само негативни особини, можеби е време да побараш подобри пријатели!
Услов бр. 2 — Високи морални мерила
Што треба да знаеш. Колку поочајно копнееш по пријатели толку поголема е опасноста да фатиш лошо друштво. Библијата вели: „Кој си има работа со безумни, лошо ќе си помине“ (Изреки 13:20). Зборот „безумни“ не укажува на оние што добиваат лоши оценки или што имаат мала интелигенција, туку на лица кои не прифаќаат здрава логика и имаат ниски морални вредности. Такви пријатели не ти требаат!
Што можеш да сториш. Немој да се спријателуваш со кого било — биди избирлив (Псалм 26:4). Но, тоа не значи дека треба да имаш предрасуди. Во овој контекст, да бидеш избирлив значи дека треба да бидеш доволно прониклив за да ‚ја видиш разликата меѓу праведникот и злиот, меѓу оној што му служи на Бог и оној што не му служи‘ (Малахија 3:18).
„Благодарен сум што моите родители ми помогнаа да си најдам пријатели на моја возраст кои се држат за Божјите мерила“ (Кристофер, 13).
Одговори ги следниве прашања:
Кога сум со пријателите, дали морам постојано да сум на штрек да не ме натераат да направам нешто што знам дека е погрешно?
□ Да
□ Не
Дали ми е незгодно да ги запознаам со моите родители затоа што мислам дека нема да ми дозволат да се дружам со нив?
□ Да
□ Не
Забелешка: Ако на овие прашања одговори со „да“, барај нови пријатели што имаат повисоки мерила — пријатели што се примерни христијани.
Услов бр. 3 — Позитивно влијание
Што треба да знаеш. Во Библијата пишува: „Лошото друштво го уништува добриот карактер!“ (1. Коринќаните 15:33, Радосна Вест). Една девојка по име Лорен вели: „Другите на училиште ме прифаќаа само ако правев сѐ што ќе ми речеа. Бев осамена, па затоа решив да бидам иста како нив за да се вклопам во нивното друштво“. Лорен увидела дека, ако постојано се обидуваш да им угодиш на другите, стануваш како пион во нивните раце што можат да го поместуваат кога ќе им текне. Немој да паднеш толку ниско!
Што можеш да сториш. Прекини ги сите контакти со оние што те тераат да бидеш како нив. Ако го направиш ова, можеби ќе имаш помалку пријатели, но ќе имаш поголема самопочит и можност да стекнеш подобри пријатели — пријатели кои ќе влијаат позитивно на тебе (Римјаните 12:2).
„Мојот близок пријател Клинт е сочувствителен и знае добро да ги процени работите. Многу пати ме има охрабрено“ (Џејсон, 21).
Постави си ги следниве прашања:
Дали се облекувам, зборувам и се однесувам лошо само за да се покажам пред пријателите?
□ Да
□ Не
Дали одам на места на кои не би одел да не беа моите пријатели?
□ Да
□ Не
Забелешка: Ако на овие прашања одговори со „да“, побарај совет од родителите или од друго зрело возрасно лице. Ако си Јеховин сведок, би можел да замолиш и некој старешина да ти помогне да избереш пријатели што добро ќе влијаат на тебе.
ПОВЕЌЕ ИНФОРМАЦИИ ИМА ВО ТОМ 2, ПОГЛАВЈЕ 9
Дали некој таканаречен пријател — или можеби твоето срце — те тера на лоши работи? Дознај како да се спротивставиш!
[Фуснота]
a Се разбира, секој жив човек греши (Римјаните 3:23). Затоа, ако некој пријател те повреди, но потоа му е жал, не заборавај дека „љубовта покрива мноштво гревови“ (1. Петрово 4:8).
КЛУЧЕН СТИХ
„Има и пријатели поприврзани од брат“ (Изреки 18:24)
ПРЕДЛОГ
Ако живееш според Божјите мерила, поголема е веројатноста дека ќе те забележат оние што се трудат да го прават истото. Подобри пријатели од нив не можеш да најдеш!
СИ ЗНАЕЛ ЛИ ДЕКА . . . ?
Бог не е пристрасен, но внимателно избира кого ќе прими како ‚гостин во својот шатор‘ (Псалм 15:1-5).
ПЛАН!
За да најдам добри пријатели, ќе ․․․․․
Некои од оние што се постари од мене и со кои би сакал подобро да се запознаам се: ․․․․․
Во врска со оваа тема, би сакал да ги прашам родителите ․․․․․
ШТО МИСЛИШ?
● Кои особини ти се најважни кај еден пријател, и зошто?
● На кои особини треба да поработиш за да бидеш подобар пријател?
[Истакната мисла на страница 60]
„Кога моите се обидоа да ме оттргнат од едно друштво, јас се убедував себеси дека не сакам друго друштво, дека само тоа ми одговара. Но, советот на моите родители беше на место, и кога малку подразмислив, сфатив дека можам да си најдам куп подобри пријатели“ (Кол)
[Рамка на страница 61]
Обиди се со овие предлози
Разговарај со родителите на оваа тема. Прашај ги какви пријатели имале тие кога биле на твои години. Дали се каат што избрале такви пријатели? Ако да, зошто? Прашај ги како би можел да избегнеш некои од проблемите што ги имале тие.
Запознај ги родителите со твоите пријатели. Ако баш и не би сакал да ги запознаеш со твоите пријатели, прашај се зошто. Има ли кај нив нешто што знаеш дека нема да им се допадне на твоите родители? Ако има, можеби ќе треба да бидеш поизбирлив во поглед на тоа со кого се дружиш.
Слушај. Покажи дека вистински те интересира како се чувствува твојот пријател и што го мачи (Филипјаните 2:4).
Простувај. Не очекувај совршенство. „Сите ние честопати грешиме“ (Јаков 3:2).
Остави му простор да дише. Немој да бидеш посесивен. Кога ти требаат, вистинските пријатели ќе бидат тука за тебе (Проповедник 4:9, 10).
[Слика на страница 63]
Ако постојано се обидуваш да им угодиш на другите само за да те прифатат, стануваш како пион во нивните раце што можат да го поместуваат кога ќе им текне
-
-
Како да не им попуштам на искушенијата?Младите прашуваат — делотворни одговори, том 1
-
-
Поглавје 9
Како да не им попуштам на искушенијата?
Кети е на забава. Но, само десет минути подоцна влегуваат две момчиња со неколку големи ќеси во рацете. Јасно ѝ е што има во нив. Ден-два пред тоа, случајно ги слушна истите момчиња како коментираат дека на забавата ќе има „многу пијачка“.
Одеднаш, зад себе слуша познат глас. „Што си застанала како некој кип? Ти си прав уништувач на забави!“ Кети се свртува и ја гледа својата другарка Јулија со две шишиња пиво во рацете. Јулија ѝ го подава едното и ѝ вели: „Само немој да ми кажеш дека си мала за вакви работи!“
Кети не би сакала да го земе пивото. Но, притисокот е многу посилен отколку што очекуваше. Јулија ѝ е другарка и не сака таа да мисли дека е... „уништувач на забави“. Освен тоа, Јулија важи за добра девојка. Ако таа пие, значи не е толку страшно. ‚Па тоа е само пиво‘, си вели Кети, ‚не е дрога или секс.‘
КОГА си млад, наидуваш на најразлични искушенија. Многу од нив се поврзани со спротивниот пол. „Девојките на училиште се многу нападни“, вели Роберт (17). „Сакаат да те допираат и да видат до каде ќе им дозволиш да одат. Твоето ‚не‘ не им значи ништо!“ И Дејана (17) се уверила во тоа. „Еден дечко ми се приближи и ме прегрна“, вели таа. „Силно го удрив по раката и му реков: ‚Што се замислуваш? Ни те знам ни те познавам!‘“
Можеби и тебе ти се чини дека не можеш да здивнеш од искушенија. Постојаните искушенија може да бидат како некој нон-стоп да ти чука на врата, иако на неа виси знакот „Не вознемирувај“. Дали тебе ти чукаат на врата почесто отколку што би сакал? На пример, дали некоја од следниве работи е искушение за тебе?
□ Пушење
□ Порнографија
□ Алкохол
□ Секс
□ Дрога
□ Друго ․․․․․
Ако стави ✔ до некоја од овие работи, немој да мислиш дека од тебе не бидува христијанин. Ти можеш да научиш да ги контролираш погрешните желби и да не им попуштиш на искушенијата. Како? Добро е да сфатиш зошто ние, како луѓе, имаме искушенија. Да разгледаме три фактори.
1. Несовршеноста. Сите луѓе се несовршени и склони да грешат. Дури и апостол Павле, кој бил зрел христијанин, отворено признал: „Кога сакам да го правам она што е добро, злото е во мене“ (Римјаните 7:21). Очигледно, дури и најпримерниот човек понекогаш чувствува колку силни може да бидат „желбата на телото и желбата на очите“ (1. Јованово 2:16). Но, кога некој продолжува да размислува за нешто погрешно, уште повеќе си ја отежнува ситуацијата, зашто Библијата вели: „Желбата, кога ќе зачне, раѓа грев“ (Јаков 1:15).
2. Надворешните влијанија. Каде и да се свртиш, те чека некое искушение. Тамара вели: „И на училиште и на работа, сите разговори се вртат околу секс. На телевизија и во филмовите тој се прикажува како нешто толку привлечно, толку возбудливо. Ретко се спомнуваат последиците!“ Тамара знае од лично искуство колку силно може да биде влијанието на врсниците и на медиумите. „Кога имав 16 години, мислев дека сум ја пронашла вистинската љубов“, вели таа. „Мајка ми ме седна и ми рече дека, ако продолжам така, на крајот ќе останам бремена. Бев шокирана што мајка ми и помислила такво нешто! Но, два месеца подоцна, бев бремена.“
3. „Желбите на младоста“ (2. Тимотеј 2:22). Оваа фраза може да се однесува на секоја желба што е типична за младите, на пример, желбата да бидат прифатени од врсниците или да бидат третирани како возрасни. Овие желби не се погрешни сами по себе, но ако не се контролираат, на младите може да им биде уште потешко да им се спротивстават на искушенијата. На пример, тоа што сакаш да бидеш третиран како возрасен може да те наведе да ги отфрлиш убавите вредности што ти ги всадиле родителите. Токму тоа му се случило на Стефан кога имал 17 години. Тој вели: „Се бунтував против моите родители и правев сѐ што ме учеа да не правам — и тоа кратко откако се крстив“.
Како да се бориш
Мора да се признае дека овие влијанија се многу силни. Сепак, ти можеш да им одолееш на искушенијата. Како?
● Прво, утврди што е најголемо искушение за тебе. (Можеби веќе го стори тоа со помош на тестот на страница 65.)
● Потоа, прашај се: ‚Кога има најголеми шанси да се најдам на вакво искушение?‘ Стави ✔ кај една од овие можности:
□ На училиште
□ Кога сум сам
□ На работа
□ Друго ․․․․․
Ако знаеш кога има шанси да се најдеш на искушение, би можел дури и сосема да го избегнеш. Да ја земеме за пример ситуацијата од почетокот на поглавјето. По што можеше Кети да заклучи дека на забавата нема сѐ да тече како што треба?
․․․․․
Како можеше да избегне да се најде на искушение?
․․․․․
● Сега, откако утврди што е искушение за тебе и кога има најголеми шанси да се најдеш на такво искушение, време е за акција. Прво и основно е да испланираш како да ги намалиш или сосема да ги избегнеш шансите да се најдеш на искушение. Запиши ги своите идеи на линиите.
․․․․․
(Примери: Ако по часовите редовно среќаваш некои школски другари што упорно ти нудат цигара, би можел да си одиш дома по друг пат за да не ги сретнеш. Ако често ти се случува да добиеш имејл со порнографска содржина, можеби ќе треба да инсталираш програми што ги блокираат таквите пораки и сите слични веб-страници. Исто така, кога пребаруваш на интернет, внесувај поконкретни зборови.)
Се разбира, не можеш да ги избегнеш сите искушенија. Кога-тогаш, веројатно ќе се соочиш со некое многу силно искушение — можеби токму кога најмалку очекуваш. Што би можел да направиш?
Биди подготвен
Кога ‚Сатана го искушувал‘, Исус веднаш отсечно го одбил (Марко 1:13). Зошто? Затоа што имал расчистено во врска со прашањата што ги покренал Сатана. Исус веќе имал решено дека ќе му биде послушен на својот Татко во сѐ (Јован 8:28, 29). Кога рекол: „Не слегов од небото да ја вршам својата волја, туку волјата на оној што ме испрати“, навистина го мислел тоа (Јован 6:38).
На следната страница, напиши две причини зошто да му се спротивставиш на искушението со кое најчесто се соочуваш и две работи што ќе ти помогнат во тоа.
Зошто да се спротивставиш:
1. ․․․․․
2. ․․․․․
Што ќе ти помогне да се спротивставиш:
1. ․․․․․
2. ․․․․․
Запомни — кога ќе му попуштиш на искушението, им стануваш роб на своите желби (Тит 3:3). Зошто да им дозволиш на твоите нагони да те контролираат? Биди доволно зрел и контролирај ги ти нив, а не тие тебе (Колошаните 3:5). И моли се и понатаму да бидеш успешен во тоа (Матеј 6:13).a
ПОВЕЌЕ ИНФОРМАЦИИ ИМА ВО ТОМ 2, ПОГЛАВЈЕ 15
Некако си малаксан во последно време? Дознај како да имаш подобро здравје и да си ја повратиш силата!
[Фуснота]
a Види ги и 33. и 34. поглавје од оваа книга.
КЛУЧЕН СТИХ
„Бог е верен и нема да дозволи да бидете искушани повеќе отколку што можете да поднесете, туку ќе направи излез кога ќе дојде искушението за да можете да го издржите“ (1. Коринќаните 10:13)
ПРЕДЛОГ
Со помош на прашалникот „Како против притисокот од врсниците?“ на страници 132 и 133 од Младите прашуваат — делотворни одговори, том 2, испланирај како ќе реагираш кога некој сака да те наведе да направиш нешто погрешно.
СИ ЗНАЕЛ ЛИ ДЕКА . . . ?
Бог претскажал дека Исус ќе остане верен, но тоа не значи дека Исус бил како робот, програмиран да биде послушен. Не, Исус имал слободна волја. Тој му бил верен на Бог затоа што самиот така избрал, а не затоа што „така му било пишано“. Токму затоа толку силно се молел кога му било тешко (Евреите 5:7).
ПЛАН!
За да му се спротивставам на искушението со поголема решителност, ќе ․․․․․
Некои луѓе, места и ситуации што треба да ги избегнувам се: ․․․․․
Во врска со оваа тема, би сакал да ги прашам родителите ․․․․․
ШТО МИСЛИШ?
● Можат ли и совршени суштества да се најдат на искушение? (1. Мојсеева 6:1-3; Јован 8:44)
● Кога нема да попуштиш на искушението, каков ефект може да има твојата верност врз другите? (Изреки 27:11; 1. Тимотеј 4:12)
[Истакната мисла на страница 68]
„Многу ми помага тоа што знам дека најмоќната личност во целата вселена е на моја страна и дека можам да ја замолам за помош во секое време!“ (Кристофер)
[Рамка/слика на страница 67]
Испробај го ова!
Земи еден компас и намести го така што иглата ќе покажува кон север. Сега, земи магнет и стави го до компасот. Што се случува? Иглата повеќе не покажува кон север, туку е свртена кон магнетот.
Твојата совест е како тој компас. Ако ја научиш исправно да реагира, таа секогаш ќе покажува кон „север“ и ќе ти помага да донесуваш мудри одлуки. Но, исто како еден магнет, лошото друштво може толку силно да влијае врз тебе што ќе почнеш погрешно да ги проценуваш работите. Што учиме од овој пример? Труди се да ги избегнуваш луѓето и ситуациите што би можеле да го извртат твоето чувство за исправно и погрешно! (Изреки 13:20).
[Слика на страница 69]
Кога ќе му попуштиш на искушението, им стануваш роб на своите желби
-