-
Како да разговарам со родителите?Младите прашуваат — делотворни одговори, том 1
-
-
Поглавје 1
Како да разговарам со родителите?
„Навистина сакав да им кажам на родителите како се чувствувам, но се сплеткав, а тие едноставно го свртеа муабетот. Едвај собрав смелост да зборувам со нив, и пак не испадна како што треба!“ (Рената)
КОГА беше помал, родителите веројатно беа првите од кои бараше совет. Им кажуваше за сѐ што ти се случуваше — и за важните и за неважните работи. Ти беше лесно да им кажеш што мислиш и како се чувствуваш и имаше доверба во нивниот совет.
Но, сега ти се чини како да сте на различна бранова должина. „Еднаш, за време на вечерата, се расплакав и им се отворив на родителите“, вели една девојка по име Ели. „Тие ме слушаа, но ми изгледаше дека не ме разбираат.“ Каков ефект имало тоа врз неа? „Отидов во собата да се доисплачам!“
Од друга страна, понекогаш можеби повеќе би сакал да не им се отвориш на родителите. „Со моите разговарам за многу работи“, вели едно момче по име Кристијан. „Но, убаво ми е што понекогаш не ги знаат баш сите мои размислувања.“
Дали е погрешно некои мисли да ги задржиш само за себе? Не, доколку тоа не го правиш за да измамиш некого (Изреки 3:32). Меѓутоа, сеедно дали ти се чини дека родителите не те разбираат или ти е тешко да им се отвориш, едно е сигурно: Важно е ти да разговараш со нив, а тие да чујат што те мачи.
Не престанувај да разговараш!
Комуникацијата помеѓу тебе и родителите би можеле да ја споредиме со возење автомобил. Ако на патот наидеш на препрека, нема да се вратиш, туку ќе бараш друг пат по кој ќе продолжиш да возиш. Размисли за овие два примера.
ПРЕПРЕКА БР. 1 Сакаш да зборуваш со родителите, но ти се чини дека тие не те ни слушаат. „Тешко ми е да комуницирам со татко ми“, вели една девојка по име Лија. „Некогаш јас му кажувам нешто, а тој по некое време ќе праша: ‚Извини, што рече?‘“
ПРАШАЊЕ: Што ако нешто навистина ја мачи Лија и мора да зборува со татко ѝ? Има најмалку три опции.
Опција А
Да му се развика на татко ѝ. Лија луто извикува: „Тато, па дај сослушај ме! Важно ми е!“
Опција Б
Да престане да зборува со татко ѝ. Лија крева раце и престанува да зборува за она што ја мачи.
Опција В
Да начека погоден момент и повторно да ја начне темата. Лија подоцна разговара со татко ѝ лично или му пишува писмо во кое објаснува што ја мачи.
Според тебе, која опција би требало да ја избере Лија? ․․․․․
Да ја разгледаме секоја од овие опции и да видиме до што би можеле да водат.
Татко ѝ на Лија има нешто друго во мислите и не забележува дека таа почнува да се нервира. Затоа, ако Лија ја избере Опција А, нејзината бурна реакција ќе му дојде како шок. Најверојатно, на тој начин Лија нема да му олесни на татко ѝ да ја сослуша, а ќе покаже и непочитување кон него (Ефешаните 6:2). Значи, со оваа опција нема да постигне ништо.
Опција Б можеби е најлесната, но не и најпаметната. Зошто? Бидејќи „намерите пропаѓаат таму каде што нема доверлив разговор“ (Изреки 15:22). За да ги реши проблемите, Лија мора да разговара со татко ѝ, а за да ѝ помогне, тој мора да знае што се случува во нејзиниот живот. Ништо од ова не ќе биде можно ако престанат да зборуваат.
Но, со Опција В, Лија нема да дозволи препреката да стане ќор-сокак, туку само ќе го одложи разговорот за другпат. А ако одлучи да му напише писмо на татко ѝ, можеби уште веднаш ќе ѝ биде полесно. Тоа може да ѝ помогне да си ги среди мислите и точно да му ги пренесе на татко ѝ. Кога ќе го чита писмото, тој ќе сфати што се обидувала да му каже претходно, а тоа може да му помогне подобро да разбере што ја мачи. Значи, Опција В е добра и за Лија и за татко ѝ.
Кои други опции ги има Лија? Ако ти текнува некоја, запиши ја на празните линии, а потоа напиши до што би можела да води таа.
․․․․․
ПРЕПРЕКА БР. 2 Родителите сакаат да разговарате, но тебе не ти е до муабет. „Нема ништо полошо од тоа да те затрупаат со прашања после тежок ден на училиште“, вели една девојка по име Сара. „Би сакала да го тргнам училиштето од глава, но само што ќе влезам дома, родителите почнуваат: ‚Како си помина? Сѐ ли беше во ред?‘“ Се разбира, родителите на Сара ѝ ги поставуваат овие прашања со најдобри намери. Но, таа се жали: „Не ми се зборува за училиштето кога сум уморна и напната“.
ПРАШАЊЕ: Што би можела да стори Сара во ваква ситуација? Како и во претходниот пример, и таа има најмалку три опции.
Опција А
Да одбие да зборува. Сара вели: „Оставете ме на мир. Сега не ми се зборува!“
Опција Б
Да зборува. Иако е напната, Сара мрзоволно одговара на прашањата од родителите.
Опција В
Да го остави разговорот за училиштето за подоцна, а сега да зборува за нешто друго. Сара предлага да поразговараат за училиштето во друга прилика, кога ќе биде порасположена. Потоа, со искрен интерес ги прашува: „Како си поминавте вие денес?“
Според тебе, која опција би требало да ја избере Сара? ․․․․․
Да ги разгледаме повторно сите опции и да видиме до што би можеле да водат.
Сара е напната и не ѝ се прави муабет. Ако ја избере Опција А, сѐ уште ќе биде напната, но ќе ја мачи и чувство на вина бидејќи им се развикала на родителите (Изреки 29:11).
Родителите, пак, ќе се навредат што Сара избувнала и што потоа не им зборува. Можеби ќе се посомневаат дека крие нешто од нив. Можеби ќе ѝ вршат уште посилен притисок да им се отвори, а тоа, се разбира, уште повеќе ќе ја изнервира. На крајот, оваа опција нема да води никаде.
Опција Б очигледно е подобра од Опција А. Во тој случај, Сара и нејзините родители барем би зборувале. Но, бидејќи таквиот разговор би бил само површен, никој нема да го добие она што го посакува — отворена и опуштена комуникација.
Меѓутоа, ако ја одбере Опција В, Сара ќе се чувствува подобро бидејќи не мора во моментот да зборува за училиштето. Нејзините родители ќе го ценат тоа што сепак се труди да разговара со нив, што значи дека и тие ќе бидат задоволни. Најверојатно, оваа опција ќе даде најдобри резултати бидејќи и двете страни го применуваат начелото од Филипјаните 2:4, каде што стои: „Не грижете се само за себе туку и за другите“.
Биди јасен
Имај на ум дека она што го кажуваш не е секогаш она што твоите родители го слушаат. На пример, родителите те прашуваат зошто си нерасположен. Ти им велиш: „Нејќам да зборувам за тоа“. Но, тие слушаат: „Не ви верувам доволно за да ви кажам. Ќе зборувам со другарите, а не со вас“. Пробај да ја направиш следнава вежба и запиши ги своите одговори. Замисли си дека имаш некој тежок проблем и родителите ти нудат помош.
Ако речеш: „Не се секирајте. Сам ќе се снајдам“.
Твоите родители можеби слушаат: ․․․․․
Можеби би било подобро да речеш: ․․․․․
Што учиме од сево ова? Внимателно избирај ги своите зборови. Кажи ги со почит (Колошаните 4:6). Гледај на своите родители како на сојузници, а не како на непријатели. И да бидеме реални: Добредојдени ти се сите сојузници ако сакаш да излезеш на крај со тешките ситуации во кои ќе се најдеш.
Што ако не ти е проблем да разговараш со родителите, туку тоа што секој ваш разговор завршува со кавга?
КЛУЧЕН СТИХ
„Зборовите мои се искрени од срцето мое“ (Јов 33:3, Превод на МПЦ)
ПРЕДЛОГ
Ако ти е тешко да седнеш и да разговараш со своите родители за некој проблем, зборувај со нив за тоа додека заедно се шетате, се возите или пазарувате.
СИ ЗНАЕЛ ЛИ ДЕКА . . . ?
Исто како што можеби тебе ти е тешко да зборуваш со родителите за некои сериозни работи, веројатно и ним им е незгодно и не се баш сигурни што да кажат кога зборувате за истите работи.
ПЛАН!
Следниот пат кога ќе ми дојде да престанам да зборувам со родителите, ќе ․․․․․
Ако родителите навалуваат да зборуваме на тема за која не сум расположен да зборувам, ќе им речам ․․․․․
Во врска со оваа тема, би сакал да ги прашам родителите ․․․․․
ШТО МИСЛИШ?
● За добра комуникација, колку е важно да го избереш исправниот момент? (Изреки 25:11)
● Зошто вреди да разговараш со своите родители? (Јов 12:12)
[Истакната мисла на страница 10]
„Не е секогаш лесно да разговараш со родителите, но ако им се отвориш и им кажеш што те мачи, многу ќе ти олесни“ (Даниела)
[Слика на страница 8]
Препреката во комуникацијата не мора да биде ќор-сокак — можеш да најдеш начин да разговараш со родителите!
-
-
Зошто постојано се караме?Младите прашуваат — делотворни одговори, том 1
-
-
Поглавје 2
Зошто постојано се караме?
Во ситуацијата опишана на почетокот од поглавјето, Сандра предизвикува кавга со три постапки. Можеш ли да кажеш кои се тие? Напиши ги своите одговори на линиите, а потоа провери ги во рамката „Одговори“ на страница 20.
․․․․․
Среда навечер. Сандра (17) завршува со домашните обврски и сега може конечно да се опушти малку! Го вклучува телевизорот и се испружува во својата омилена фотелја.
Во истиот момент, на вратата се појавува мајка ѝ, но не изгледа многу среќна. „Сандра! Губиш време пред телевизорот, а ти реков да ѝ помогнеш на сестра ти со домашното! Никогаш не ме слушаш!“
„Пак иста песна“, промрморува Сандра, но доволно гласно за да се слушне.
Мајка ѝ строго подвикнува: „Што рече!?“
„Ништо“, одговара Сандра со воздишка, превртувајќи со очите.
Е сега мајка ѝ е навистина лута! „Да не сум те чула уште еднаш да ми се обратиш со таков тон!“ — вели таа.
„А со каков тон ми се обраќаш ти?“ — ѝ одвраќа Сандра.
Толку од гледањето телевизија... Почнува уште една расправија.
ТИ ЗВУЧИ ЛИ ова некако познато? Дали ти и твоите родители постојано се расправате? Размисли малку зошто е така. За што најчесто се карате? Стави ✔ кај соодветните одговори или допиши го својот одговор под „Друго“.
□ Став
□ Домашни обврски
□ Облека
□ Пријатели
□ Забава
□ Враќање дома навреме
□ Спротивен пол
□ Друго ․․․․․
Сеедно за што се расправате, по караницата ни ти ни твоите родители не се чувствувате убаво. Се разбира, би можел едноставно да си премолчиш и да се преправаш дека се согласуваш со сѐ што ќе кажат тие. Но, дали Бог го очекува тоа од тебе? Не. Библијата вели ‚да ги почитуваш татка си и мајка си‘ (Ефешаните 6:2, 3). Но, таа исто така те поттикнува да ја развиваш својата „способност за расудување“ и да го користиш „својот разум“ (Изреки 1:1-4; Римјаните 12:1). Кога го правиш тоа, факт е дека ќе стекнеш цврсти ставови, а некои од нив ќе бидат поинакви од ставовите на твоите родители. Меѓутоа, во семејствата што ги применуваат библиските начела, родителите и младите можат смирено да разговараат, дури и кога не се сложуваат за сѐ (Колошаните 3:13).
Како да си го кажеш мислењето без да се вжешти ситуацијата? Лесно е да речеш: „Проблемот не е во мене. Тие секогаш ме влечат за јазик!“ Но, размисли: Можеш ли да ги смениш другите, вклучувајќи ги и твоите родители? Реално гледано, единствената личност што можеш да ја смениш си самиот ти. И биди сигурен дека вреди да го дадеш својот дел за да ја намалиш напнатоста, зашто тогаш има поголеми шанси родителите да останат смирени и да сослушаат што имаш да им кажеш.
Затоа, да видиме што би можел да сториш ти за да им ставите точка на кавгите. Примени ги следниве предлози и, којзнае, можеби ќе ги изненадиш родителите — но и себеси — со твоите нови вештини на комуницирање.
● Размисли пред да кажеш нешто. Кога имаш чувство дека те напаѓаат, не дозволувај да ти излета првото нешто што ќе ти падне на ум. На пример, да речеме дека мајка ти ти вели: „Зошто не се измиени садовите? Никогаш не ме слушаш!“ Во таков момент на врв на јазик ти е да речеш: „Ме пукна веќе со тие садови!“ Наместо тоа, користи ја својата способност за расудување. Обиди се да сфатиш какви чувства се кријат зад зборовите на мајка ти. Обично изјавите што содржат зборови како „секогаш“ и „никогаш“ не треба да се сфатат буквално. Сепак, тие укажуваат на некоја скриена емоција. Што би можело да биде тоа?
Можеби мајка ти е нервозна бидејќи има чувство дека дома сѐ се чека од неа. Можеби само сака да ѝ покажеш дека може да смета на тебе. Во таков случај, ако кажеш: „Ме пукна веќе со тие садови!“, нема да постигнеш ништо — освен можеби да се скарате. Наместо тоа, обиди се да ја смириш мајка ти. На пример, би можел да речеш: „Не се лути, мамо. Сега ќе ги измијам“. Но, внимавај да не го кажеш тоа со сарказам. Ако покажеш разбирање за мајка ти, поголема е веројатноста дека ќе смекне и ќе ти каже што вистински ја изнервирало.a
Напиши изјава со која татко ти или мајка ти би можеле да те испровоцираат — ако дозволиш.
․․․․․
А сега, размисли со каков одговор би покажал разбирање за чувствата што се кријат зад нивната изјава.
․․․․․
● Зборувај со почит. Мишел сфатила дека е многу важно како разговара со мајка си. „За што и да се работи, на крајот излегува дека вистинската причина за кавгата е тонот со кој сум зборувала со неа.“ Ако тоа честопати е случај и со тебе, научи да зборуваш потивко и побавно. Не превртувај со очите и не прави какви било други гестови што покажуваат дека си изнервиран (Изреки 30:17). Ако забележиш дека си на граница да избувнеш, помоли му се на Бог кратко во себе (Неемија 2:4). Се разбира, тоа не значи дека треба да се молиш родителите ‚да те остават на раат‘, туку да останеш смирен за да не додадеш дрва на огнот (Јаков 1:26).
На линиите напиши кои твои зборови и гестови што се вообичаени за тебе би било добро да ги избегнуваш.
Зборови:
․․․․․
Гестови (со лицето и со телото):
․․․․․
● Слушај. Библијата вели: „При многу зборови неизбежно се греши“ (Изреки 10:19, Радосна Вест). Затоа, остави ги родителите да се искажат и слушај ги внимателно. Не ги прекинувај за да се правдаш. Само слушај. Кога ќе завршат, ќе имаш можност да ги прашаш сѐ што сакаш или да им го објасниш своето гледиште. Ако, пак, запнеш во моментот да им објасниш сѐ и не попушташ, може само уште повеќе да ги влошиш работите. Дури и ако имаш да кажеш уште нешто, најверојатно тогаш е „време за молчење“ (Проповедник 3:7).
● Биди спремен да се извиниш. Секогаш е исправно да се извиниш ако си придонел да дојде до некоја расправија (Римјаните 14:19). Би можел дури да кажеш дека ти е жал што воопшто дошло до несогласувањето. Ако ти е тешко да се извиниш лично, напиши го тоа во писменце. Потоа ‚изоди уште една милја‘, односно потруди се да ги смениш кај себе оние работи што придонеле за расправијата (Матеј 5:41). На пример, ако причина за кавга било тоа што не си завршил некоја задача што ти ја дале родителите, изненади ги и направи ја. Можеби тоа е една од твоите помалку омилени работи, но зар не би било подобро да ја направиш отколку да ги трпиш последиците кога родителите ќе видат дека сѐ уште не е сработена? (Матеј 21:28-31). Затоа, размислувај каква ќе биде користа ако го дадеш својот дел за да ја намалиш напнатоста помеѓу тебе и твоите родители.
До несогласувања доаѓа и кај успешните семејства, само што тие знаат да ги решаваат на мирен начин. Примени ги предлозите од ова поглавје и ќе видиш дека со твоите родители можеш да разговараш дури и за осетливи теми — и тоа без да се карате!
Дали сметаш дека родителите треба да ти дадат поголема слобода? Што можеш да направиш во врска со тоа?
[Фуснота]
a Нешто повеќе за ова можеш да прочиташ во том 2, поглавје 21.
КЛУЧЕН СТИХ
„Срцето на праведникот промислува што ќе одговори“ (Изреки 15:28)
ПРЕДЛОГ
Кога родителите ти зборуваат, исклучи ја музиката, остави ја книгата или списанието што го читаш и гледај ги во очи.
СИ ЗНАЕЛ ЛИ ДЕКА . . . ?
Ако се трудиш да ги решаваш расправиите или гледаш воопшто да не дојде до нив, многу ќе си го олесниш животот. Библијата вели дека „добродушниот човек ѝ прави добро на својата душа“ (Изреки 11:17).
ПЛАН!
Од предлозите дадени во ова поглавје, најмногу треба да работам на ․․․․․
Ќе почнам да го применувам овој предлог од (напиши го датумот) ․․․․․
Во врска со оваа тема, би сакал да ги прашам родителите ․․․․․
ШТО МИСЛИШ?
● Зошто некои твои врсници мислат дека е успех да излезеш победник во кавгите?
● Зошто Јехова ги смета кавгаџиите за глупави? (Изреки 20:3)
● Од каква корист ќе биде за тебе ако се трудиш да ја намалиш напнатоста помеѓу тебе и твоите родители?
[Истакната мисла на страница 18]
„Понекогаш мајка ми знае да ми се извини со прегратка, што многу ми се допаѓа. Потоа го оставаме зад себе она што се случило. Се трудам и јас да го правам истото. Кога ќе си ја голтнам гордоста и искрено ќе се извинам, работите може многу полесно да се средат, иако, морам да признаам, тоа не е секогаш лесно“ (Лорин)
[Рамка на страница 20]
Одговори:
1. Сарказмот („Пак иста песна“) само уште повеќе ја налути мајка ѝ.
2. Правејќи гримаси (превртува со очите), Сандра само си ја бараше бељата.
3. Грубото одвраќање („А со каков тон ми се обраќаш ти?“) речиси секогаш предизвикува негативна реакција.
[Слика на страница 19]
Да се расправаш со родителите е како да трчаш на подвижна лента — си ја трошиш силата, а никаде не стигнуваш
-