ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • Како ќе ти користат нашите состаноци?
    Кој ја врши Јеховината волја денес?
    • ПОГЛАВЈЕ 5

      Како ќе ти користат нашите состаноци?

      Јеховини сведоци во нивната сала во Аргентина

      Аргентина

      Состанок на Јеховините сведоци во Сиера Леоне

      Сиера Леоне

      Состанок на Јеховините сведоци во Белгија

      Белгија

      Состанок на Јеховините сведоци во Малезија

      Малезија

      Многу луѓе престанале да одат на богослужба затоа што тоа не ги исполнува духовно и не им носи никаква утеха. Тогаш, зошто да одиш на состаноците на Јеховините сведоци? Како може да ти користат?

      Ќе бидеш радосен затоа што си опкружен со добри и грижливи луѓе. Во првиот век, христијаните биле организирани во собранија и одржувале состаноци на кои го славеле Бог, ги проучувале светите списи и се храбреле еден со друг (Евреите 10:24, 25). Собрани заедно во пријатна атмосфера, чувствувале дека се меѓу вистински пријатели — меѓу своите духовни браќа и сестри (2. Солуњаните 1:3; 3. Јованово 14). Ние го следиме нивниот пример и ја чувствуваме истата радост.

      Ќе научиш како да ги применуваш библиските начела. Како што било случај во библиски времиња, и денес мажите, жените и децата се собираат заедно. Оние што се оспособени да поучуваат ја користат Библијата за да ни помогнат да сфатиме како да ги применуваме нејзините начела во секојдневниот живот (5. Мојсеева 31:12; Неемија 8:8). Секој од присутните може да дава коментари и да учествува во пеењето на песните, со што ја изразуваме својата надеж (Евреите 10:23).

      Ќе ти се зајакне верата во Бог. На едно од собранијата во негово време, апостол Павле му напишал: „Копнеам да ве видам... заемно да се охрабриме, јас со вашата вера, а вие со мојата“ (Римјаните 1:11, 12). Времето што го минуваме заедно со нашите соверници на состаноците, ни ја зајакнува верата и ни помага да бидеме уште порешени да живееме според библиските начела.

      Зошто не дојдеш на нашиот следен состанок и самиот да се увериш во тоа? Ќе ни биде мило ако дојдеш. Сите состаноци се бесплатни.

      • Чиј пример го следиме во поглед на нашите собраниски состаноци?

      • Каква корист можеме да имаме ако одиме на состаноците?

      ДОЗНАЈ ПОВЕЌЕ

      Ако сакаш да видиш како изгледа Салата на Јеховините сведоци во твоето место пред да отидеш на некој состанок, замоли некој Јеховин сведок да те однесе да ја разгледаш.

  • Како ни користи дружењето со нашите соверници?
    Кој ја врши Јеховината волја денес?
    • ПОГЛАВЈЕ 6

      Како ни користи дружењето со нашите соверници?

      Јеховини сведоци се дружат меѓу себе

      Мадагаскар

      Јеховин сведок му помага на соверник

      Норвешка

      Старешини во посета на соверник

      Либан

      Јеховини сведоци се дружат меѓу себе

      Италија

      Сеедно дали треба да се пробиеме низ густа џунгла или да излеземе надвор кога времето е лошо, ние редовно одиме на нашите состаноци. Зошто Јеховините сведоци вложуваат толкави напори за да се собираат со своите соверници и покрај тешкиот ден на работа и проблемите што ги носи животот?

      Тоа е добро за нас. „Да размислуваме еден за друг“, напишал Павле во врска со оние што се во нашето собрание (Евреите 10:24). Овој израз значи „внимателно да се размислува“, т.е. добро да се запознаеме еден со друг. Значи, зборовите на апостол Павле нѐ поттикнуваат да се интересираме за другите. Кога се запознаваме со другите во собранието, сфаќаме дека некои од нив успеале да се изборат со проблеми слични на нашите и дека можат да ни помогнат и нам.

      Тоа ни помага да изградиме трајни пријателства. На нашите состаноци се собираме со браќа и сестри што за нас не се само познајници, туку блиски пријатели. Има и прилики кога заедно се рекреираме. Како ни користи ваквото дружење? Учиме повеќе да се цениме еден со друг, а тоа ја зајакнува љубовта меѓу нас. Па така, кога некој наш соверник има проблеми, блискоста меѓу нас нѐ поттикнува да направиме сѐ за да му помогнеме (Изреки 17:17). Кога се дружиме со сите членови на нашето собрание, покажуваме дека се грижиме еден за друг (1. Коринќаните 12:25, 26).

      Те поттикнуваме да си побараш пријатели меѓу оние што ја вршат Божјата волја. Такви пријатели можеш да најдеш меѓу Јеховините сведоци. Не дозволувај ништо да те спречи да се дружиш со нас.

      • Како ни користи тоа што сме заедно на состаноци?

      • Кога би сакал да дојдеш и да се запознаеш со членовите на нашето собрание?

  • Како изгледаат нашите состаноци?
    Кој ја врши Јеховината волја денес?
    • ПОГЛАВЈЕ 7

      Како изгледаат нашите состаноци?

      Состанок на Јеховини сведоци во Нов Зеланд

      Нов Зеланд

      Состанок на Јеховини сведоци во Јапонија

      Јапонија

      Млад Јеховин сведок чита од Библијата во Уганда

      Уганда

      Две жени кои се Јеховини сведоци имаат учество на состанок во Литванија

      Литванија

      На состаноците на првите христијани главно се пееле песни, се кажувале молитви, се читало Светото писмо и се воделе библиски дискусии. Не се правеле никакви ритуали (1. Коринќаните 14:26). Нашите состаноци изгледаат многу слично.

      Поуките се практични и се темелат на Библијата. Секој викенд, собранијата се собираат да чујат 30-минутно библиско предавање за тоа како она што го учиме од Светото писмо е поврзано со нашиот живот и со времето во кое живееме. Кога се читаат стихови од Библијата, сите сме поттикнати да следиме во својот личен примерок. По говорот следува Проучувањето на „Стражарска кула“ кое трае еден час. На овој состанок членовите на собранието може да учествуваат во дискусија на темел на статијата од изданието за проучување на Стражарска кула. Ваквите дискусии ни помагаат да ги примениме советите од Библијата во нашиот живот. Истиот материјал се проучува во сите собранија низ целиот свет, кои ги има над 110.000.

      Учиме како подобро да поучуваме. Се собираме и еднаш во текот на седмицата за состанокот Нашиот живот и служба како христијани, кој се состои од три дела и се темели на месечното издание на публикацијата Нашиот живот и служба како христијани — работни листови. Првиот дел, кој се вика Од ризницата на Божјата Реч, ни помага да се запознаеме со некој дел од Библијата за кој претходно сме се подготвиле. Во делот Дај сѐ од себе во службата има прикази од кои учиме како да разговараме за Библијата со другите. Еден брат внимателно следи и потоа ни дава совети што ќе ни помогнат да се подобриме во читањето и поучувањето (1. Тимотеј 4:13). Во последниот дел, Да живееме како христијани, учиме како да ги применуваме библиските начела во секојдневниот живот. Меѓу другото, обработуваме одреден материјал со прашања и одговори, и тоа ни помага да го продлабочиме нашето разбирање за Библијата.

      Кога ќе почнеш да доаѓаш на нашите состаноци, сигурно ќе бидеш одушевен од квалитетниот начин на кој сме поучени за Библијата (Исаија 54:13).

      • Што ќе чуеш на состаноците на Јеховините сведоци?

      • На кој од нашите седмични состаноци би сакал да дојдеш?

      ДОЗНАЈ ПОВЕЌЕ

      Разгледај нешто од материјалот кој ќе се обработува на следните неколку состаноци. Размисли што би можел да научиш од Библијата што ќе ти користи во секојдневниот живот.

  • Зошто се облекуваме убаво за на состанок?
    Кој ја врши Јеховината волја денес?
    • ПОГЛАВЈЕ 8

      Зошто се облекуваме убаво за на состанок?

      Татко и син се средуваат за на состанок

      Исланд

      Мајка и ќерка се средуваат за на состанок

      Мексико

      Убаво облечени Јеховини сведоци во Гвинеја Бисао

      Гвинеја Бисао

      Семејство од Филипините оди на состанок

      Филипини

      Дали на сликите во оваа брошура забележа колку убаво се облечени Јеховините сведоци кога одат на нивните собраниски состаноци? Зошто обрнуваме толку внимание на облеката и изгледот?

      За да покажеме почит кон нашиот Бог. Точно е дека на Бог не му е најважен надворешниот изглед (1. Самоилова 16:7). Меѓутоа, кога се собираме за да го славиме, ние од срце сакаме да покажеме почит и кон него и кон нашите соверници. Ако треба да излеземе пред судија, најверојатно, од почит кон неговата положба, ќе обрнеме внимание на сопствениот изглед. Слично на тоа, кога одиме на состанок, со нашиот изглед покажуваме почит кон „Судијата на целата земја“, Јехова Бог, и кон местото во кое учиме за него (1. Мојсеева 18:25).

      За да покажеме според кои вредности живееме. Библијата ги советува христијаните во изборот на облеката да бидат „скромни и разборити“, како што им прилега на оние што „го почитуваат Бог“ (1. Тимотеј 2:9, 10). Да се облекуваме скромно значи да не носиме нападна облека што привлекува внимание и да не се облекуваме провокативно или разголено. Исто така, тоа што сме разборити ни помага да избереме убава облека што не е неуредна или претерано упадлива. Сепак, во рамките на овие начела имаме голем избор. Без да кажеме ниеден збор, со нашиот пријатен изглед може ‚да го украсиме учењето на нашиот Спасител‘ и ‚да го славиме Бог‘ (Тит 2:10; 1. Петрово 2:12). Кога убаво се облекуваме за нашите состаноци, придонесуваме другите да имаат добро мислење за Јехова Бог и за неговиот народ.

      Но, немој да не одиш во Салата на Јеховините сведоци само затоа што мислиш дека немаш соодветна облека. Можеме да изгледаме убаво, чисто и пристојно дури и без да купуваме скапа или луксузна облека.

      • Колку е важно како се облекуваме кога одиме на состанок?

      • По кои начела се водиме кога станува збор за облеката и изгледот?

  • Како најдобро да се подготвиме за состаноците?
    Кој ја врши Јеховината волја денес?
    • ПОГЛАВЈЕ 9

      Како најдобро да се подготвиме за состаноците?

      Јеховин сведок се подготвува за состанок

      Камбоџа

      Јеховин сведок се подготвува за состанок
      Јеховин сведок учествува на состанок

      Украина

      Ако ја проучуваш Библијата со Јеховините сведоци, веројатно се трудиш секогаш однапред да се подготвиш за материјалот што ќе го проучувате. За да извлечеш најголема корист, добро е да го правиш тоа и пред да одиш на собраниските состаноци. Најдобри резултати се постигнуваат кога имаме добри навики за проучување.

      Одреди кога и каде ќе проучуваш. Кога имаш најголема концентрација? Дали рано наутро, пред да почнеш со дневните обврски, или навечер, откако ќе си легнат децата? Дури и ако немаш можност долго да проучуваш, сепак одреди колку време можеш да одвоиш за проучување и не дозволувај други работи да ти го крадат тоа време. Седни на некое мирно место и гледај ништо да не ти го одвлекува вниманието, на пример, исклучи ги радиото, телевизорот и мобилниот телефон. Со тоа што ќе се помолиш пред да проучуваш ќе можеш да ги тргнеш од мислите грижите од тој ден и да се концентрираш на Божјата Реч (Филипјаните 4:6, 7).

      Проучи го материјалот и подготви си коментари. Најпрво разгледај го материјалот за да имаш некаква претстава за што станува збор. Размисли за насловот на статијата или на поглавјето, види како секој поднаслов е поврзан со главната тема и разгледај ги сликите и прашањата за повторување кои ги истакнуваат главните мисли. Потоа прочитај го секој пасус и побарај го одговорот на прашањето за тој пасус. Отвори ги и прочитај ги наведените стихови и размисли како се поврзани со темата (Дела 17:11). На крајот, подвлечи си неколку клучни зборови или фрази во пасусот кои ќе ти помогнат да се сетиш на одговорот. Кога ќе отидеш на состанок, би можел да кренеш рака и кратко да коментираш со свои зборови.

      Со тоа што ќе ги истражуваш темите што ги разгледуваме секоја седмица на состаноците ќе ја збогатиш „својата ризница“ со библиски мисли (Матеј 13:51, 52).

      • Каква навика треба да стекнеш во врска со подготовката за состаноците?

      • Како можеш да се подготвиш за да коментираш на состаноците?

      ДОЗНАЈ ПОВЕЌЕ

      Следејќи ги советите од ова поглавје, подготви се за Проучувањето на Стражарска кула или за Собраниското проучување на Библијата. Со помош на Јеховиниот сведок со кого проучуваш, подготви коментар за следниот состанок.

  • Што е Семејната вечер посветена на Јехова?
    Кој ја врши Јеховината волја денес?
    • ПОГЛАВЈЕ 10

      Што е Семејната вечер посветена на Јехова?

      Семејство ужива во Семејната вечер посветена на Јехова

      Јужна Кореја

      Брачен пар ја проучува Библијата заедно

      Бразил

      Јеховин сведок ја проучува Библијата

      Австралија

      Семејство разговара на некоја библиска тема

      Гвинеја

      Уште од древни времиња Јехова сакал секое семејство да поминува време заедно за да можат членовите на семејството да се зближат со Бог и меѓу себе (5. Мојсеева 6:6, 7). Од таа причина, Јеховините сведоци секоја седмица одвојуваат време што му го посветуваат на Јехова, кога заедно, во опуштена атмосфера, разгледуваат духовни теми во склад со нивните потреби. Дури и ако живееш сам, тоа е време што можеш да го поминеш размислувајќи за Бог, можеби така што ќе проучуваш некоја библиска тема по свој избор.

      Прилика да станеме поблиски со Јехова. „Приближете му се на Бог, и тој ќе ви се приближи вам“ (Јаков 4:8). Подобро го запознаваме Јехова кога преку неговата пишана Реч дознаваме детали за него како личност и за неговите постапки. Еден лесен начин да ја започнете вашата Семејна вечер е така што заедно наглас ќе читате од Библијата, можеби поглавјата од седмичното читање наведени во распоредот во работните листови за состанокот Нашиот живот и служба. Секој од семејството може да добие дел за читање, а потоа сите можат да кажат што научиле од тој извештај.

      Прилика да се зближи семејството. Брачните парови, како и родителите и децата, стануваат поблиски кога заедно ја проучуваат Библијата. Семејната вечер треба да е убава, опуштена прилика која сите во семејството со нетрпение ќе ја очекуваат. Родителите треба да изберат теми што ќе одговараат на возраста на децата, можеби некои статии од Стражарска кула и Разбудете се! или од нашата интернет-страница jw.org/mk. Исто така, би можеле да гледате нешто од нашата онлајн-телевизија JW Broadcasting (tv.jw.org), и потоа да разговарате за тоа. Би можеле да зборувате за некој проблем што децата го имаат на училиште и за тоа како да го решат. Убаво би било да ги вежбате песните што ќе се пеат на состаноците и, по Семејната вечер, да се освежите со нешто.

      Ова убаво време што семејствата секоја седмица го минуваат заедно учејќи за Јехова ќе им помогне да уживаат во проучувањето на Божјата Реч, а тој богато ќе ги награди нивните напори (Псалм 1:1-3).

      • Зошто одвојуваме време за Семејна вечер?

      • Што можат да направат родителите за сите во семејството да уживаат во Семејната вечер?

      ДОЗНАЈ ПОВЕЌЕ

      Прашај ги и другите во собранието што прават тие на Семејната вечер. Исто така, дознај кои наши публикации би можел да ги користиш за да ги поучуваш своите деца за Јехова.

  • Зошто одржуваме големи собири?
    Кој ја врши Јеховината волја денес?
    • ПОГЛАВЈЕ 11

      Зошто одржуваме големи собири?

      Регионален конгрес на Јеховините сведоци во Мексико

      Мексико

      Објавување на нова публикација на регионален конгрес во Германија

      Германија

      Јеховини сведоци на регионален конгрес во Боцвана

      Боцвана

      Млад човек се крштава во Никарагва

      Никарагва

      Костимирана драма на регионален конгрес во Италија

      Италија

      Зошто на лицата на луѓето на сликите се чита радост? Затоа што се на некој од нашите собири. Исто како Божјите слуги од минатото на кои им било кажано да се собираат трипати во годината, и ние се радуваме кога треба да се собереме во поголем број (5. Мојсеева 16:16). Секоја година имаме два покраински собира кои траат по еден ден и регионален конгрес кој трае три дена. Како ни користат овие собири?

      Се зближуваме како братство. Исто како што Израелците се радувале кога можеле да го слават Јехова „среде насобраното мноштво“, и ние се радуваме кога можеме да го славиме на нашите собири (Псалм 26:12; 111:1). На овие собири имаме можност да се запознаеме и да се дружиме со нашите браќа и сестри од други собранија, па дури и од други земји. Напладне има пауза кога можеме заедно да јадеме, што уште повеќе придонесува за пријатната атмосфера на овие духовни гозби (Дела 2:42). На тие големи собири можеме да ја почувствуваме љубовта што нѐ обединува во едно меѓународно братство (1. Петрово 2:17).

      Ни помагаат духовно да напредуваме. Кога се собирале заедно, Израелците можеле ‚да ги разберат зборовите‘ од Писмото што им биле објавувани (Неемија 8:8, 12). И ние ги цениме библиските поуки што ги добиваме на нашите собири. Програмата на секој собир се темели на некоја библиска тема. Преку интересни говори и прикази учиме како да ја вршиме Божјата волја во нашиот живот. Нѐ охрабруваат искуствата на оние што во овие тешки времиња успеваат да живеат како што им доликува на христијани. На регионалните конгреси, костимираните драми ни ги оживуваат библиските настани и ни помагаат да извлечеме практични поуки. На секој собир, оние што му се заветувале на Бог имаат можност да се крстат.

      • Зошто собирите се радосни настани?

      • Како може да ти помогне тоа што ќе одиш на некој собир?

      ДОЗНАЈ ПОВЕЌЕ

      Ако сакаш одблизу да го запознаеш нашето братство, дојди на нашиот следен собир. Јеховиниот сведок што те поучува за Библијата може да ти покаже една печатена програма за да видиш какви теми се разработуваат. Обележи си на календарот кога и каде ќе се одржи следниот собир и дојди ако можеш.

  • Како е организирано проповедањето?
    Кој ја врши Јеховината волја денес?
    • ПОГЛАВЈЕ 12

      Како е организирано проповедањето?

      Јеховини сведоци проповедаат од куќа до куќа

      Шпанија

      Јеховин сведок проповеда во парк

      Белорусија

      Јеховин сведок проповеда преку телефон

      Хонгконг

      Јеховини сведоци проповедаат

      Перу

      Кратко пред да умре, Исус рекол: „Оваа добра вест за царството ќе биде проповедана по целиот свет, за сведоштво на сите народи, и тогаш ќе дојде крајот“ (Матеј 24:14). Но, како ќе се постигне тоа? Така што ќе се следи примерот што Исус го оставил кога бил на Земјата (Лука 8:1).

      Одиме кај луѓето дома. Исус ги поучил своите ученици да ја проповедаат добрата вест од куќа до куќа (Матеј 10:11-13; Дела 5:42; 20:20). Тие проповедници од првиот век добиле конкретни подрачја на кои требало да проповедаат (Матеј 10:5, 6; 2. Коринќаните 10:13). Слично и денес, нашето проповедање е добро организирано, а секое собрание има подрачје што треба да го обработи. Тоа ни помага да ја исполниме Исусовата заповед „да му проповедаме на народот и да сведочиме темелно“ (Дела 10:42).

      Одиме секаде каде што можеме да најдеме луѓе. Исус ни дал пример и со тоа што им проповедал на луѓето на јавни места, на пример, покрај морето или покрај некој бунар (Марко 4:1; Јован 4:5-15). И ние разговараме со луѓето за Библијата на секое место — на улица, во деловни објекти, во паркови или на телефон. Им сведочиме и на нашите соседи, на колегите, соучениците и на роднините кога имаме можност за тоа. Сиот овој труд овозможува милиони луѓе низ целиот свет да ја чујат ‚добрата вест за спасение‘ (Псалм 96:2).

      Размисли кому би сакал да му ја кажеш добрата вест за Божјето Царство и што би значела таа вест за неговата иднина. Немој да ја чуваш само за себе таа порака што влева надеж. Кажи му ја уште во следната прилика!

      • Која ‚добра вест‘ мора да се објавува?

      • Како Јеховините сведоци го следат примерот на Исус во поглед на проповедањето?

      ДОЗНАЈ ПОВЕЌЕ

      Замоли го Јеховиниот сведок со кого проучуваш да ти покаже како тактично да му кажеш на некој твој познајник нешто што си го дознал од Библијата.

  • Што е пионер?
    Кој ја врши Јеховината волја денес?
    • ПОГЛАВЈЕ 13

      Што е пионер?

      Пионер во службата на проповедање

      Канада

      Пионери проповедаат од куќа до куќа

      Од куќа до куќа

      Пионери ја проучуваат Библијата со заинтересирано лице

      Проучување со заинтересирано лице

      Пионер ја проучува Библијата

      Лично проучување

      Изразот „пионер“ обично се однесува на некој што истражува нови територии и отвора пат за другите. На некој начин и Исус бил пионер затоа што бил испратен на Земјата да врши служба што спасува животи и да отвори пат, односно да овозможи спасение за луѓето (Матеј 20:28). Денес, неговите следбеници го следат неговиот пример така што поминуваат колку што можат повеќе време за ‚да прават ученици‘ (Матеј 28:19, 20). Некои се во можност да учествуваат во службата во поголема мера, односно да служат како пионери.

      Пионерот посветува многу време на проповедањето. Сите Јеховини сведоци ја објавуваат добрата вест. Меѓутоа, некои си го имаат испланирано времето така за да можат да служат како општи пионери, односно секој месец да поминуваат 70 часови проповедајќи. За да успеат во тоа, мнозина одлучуваат да работат со скратено работно време. Други, пак, се избрани да служат како специјални пионери во места каде што има потреба од повеќе објавители на Царството. Тие поминуваат 130 или повеќе часови во служба секој месец. Пионерите се спремни да живеат скромно, уверени дека Јехова ќе се грижи за она што им е неопходно (Матеј 6:31-33; 1. Тимотеј 6:6-8). Оние што не можат да бидат општи и специјални пионери може да служат како помошни пионери кога околностите им го дозволуваат тоа и во тие месеци да ја зголемат својата служба на 30 или 50 часови.

      Пионерот е мотивиран од љубов кон Бог и кон луѓето. Исто како Исус, и ние гледаме во колку очајна духовна состојба се многу луѓе денес (Марко 6:34). Но, ние знаеме работи што можат да им помогнат уште сега и што ќе им дадат сигурна надеж за иднината. Љубовта кон луѓето го мотивира еден пионер великодушно да ги дава своето време и сила за да им помага во духовен поглед (Матеј 22:39; 1. Солуњаните 2:8). Како резултат на тоа, неговата вера се зајакнува, станува поблизок со Бог и е посреќен (Дела 20:35).

      • Како би објаснил што е пионер?

      • Што ги мотивира некои да бидат пионери?

  • Какви школи има за пионерите?
    Кој ја врши Јеховината волја денес?
    • ПОГЛАВЈЕ 14

      Какви школи има за пионерите?

      Пионери во службата на проповедање

      САД

      Студенти на Школата Гилеад
      Студенти се подготвуваат за мисионерска служба

      Школата Гилеад (Патерсон, Њујорк)

      Брачен пар мисионери проповедаат во Панама

      Панама

      Теократското образование веќе долги години е обележје на Јеховините сведоци. Оние што полновремено ја проповедаат веста за Царството добиваат посебна обука за да можат ‚потполно да ја извршат својата служба‘ (2. Тимотеј 4:5).

      Школа за пионери. На крајот од првата година во полновремена служба, еден општ пионер ќе може да присуствува на оваа школа која трае шест дена и која обично се одржува во некоја Сала на Јеховините сведоци во близина. Целта на школата е да им помогне на пионерите да станат поблиски со Јехова, да се подобрат во сите гранки на службата и да продолжат верно да ја вршат својата служба.

      Школа за полновремени објавители. Целта на оваа школа, која трае два месеца, е да се обучат искусни пионери кои се спремни да служат таму каде што има потреба. Тие го имаат ставот: „Еве ме мене, испрати ме мене!“, со што го следат примерот на Исус Христос, кој со најголема ревност ја објавувал добрата вест на Земјата (Исаија 6:8; Јован 7:29). Кога ќе се преселат, можеби ќе треба да живеат поскромно и да се навикнат на сосема поинаква култура, клима и храна. А можеби ќе треба да научат и нов јазик. Оваа школа може да ја посетуваат и брачни парови и браќа и сестри што не се во брак, на возраст од 23 до 65 години. Школата ќе им помогне да ги развијат духовните особини што ќе им бидат потребни за нивната задача. Ќе стекнат и вештини поради кои Јехова и неговата организација ќе можат да ги користат во уште поголема мера.

      Школа Гилеад. На хебрејски јазик, значењето на зборот „Гилеад“ е поврзано со „сведоштво“. Од нејзиното основање во 1943 год. па наваму, повеќе од 8.000 Сведоци што ја завршиле оваа школа биле испратени како мисионери кои со невиден успех дале сведоштво „до крајот на земјата“ (Дела 13:47). Кога мисионерите за првпат пристигнале во Перу, таму немало ниту едно собрание, а сега има повеќе од 1.000. Кога нашите мисионери почнале со службата во Јапонија, таму имало помалку од десет Сведоци. Сега има над 200.000. Школата Гилеад трае пет месеци. За време на обуката темелно се проучува Божјата Реч. На оваа школа може да бидат повикани оние што служат како специјални пионери или како мисионери на подрачјето, оние што служат во подружниците или што се во покраинска служба. Тие добиваат интензивна обука што ќе помогне нашето меѓународно дело да напредува и подобро да се организира.

      • Која е целта на Школата за пионери?

      • За кого е наменета Школата за полновремени објавители?

Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
Одјави се
Најави се
  • македонски
  • Сподели
  • Подесување
  • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
  • Услови за користење
  • Полиса за приватност
  • Поставки за приватност
  • JW.ORG
  • Најави се
Сподели