Во потрага по одговори
„Откако го решивме прашањето ‚како‘ да заработиме за живот, откако си ги набавивме некогаш незамисливите луксузи — клима-уреди, ЦД-плеери и убави коли — ни останува прашањето ‚зошто‘ живееме. Зошто трчаме во оваа луда трка? Која е целта?“ (Дејвид Џ. Маерс, професор по психологија на Колеџот Хоуп во Холанд, Мичиген, САД).
КАКО би одговорил на прашањата што ги поставил овој професор? Некои можеби ќе помислат дека не вреди да се троши време за да се бара одговорот. Меѓутоа, да ги игнорираме овие прашања е исто како да игнорираме камче во чевелот — можеме да продолжиме да одиме, но патот ќе ни биде мачен.
Не си единствениот што се прашал дали животот има некоја подлабока смисла. Според анкетата Преглед на светски вредности, која е една од најголемите анкети за човечките вредности што некогаш била спроведена, сѐ поголем број луѓе во многу земји размислуваат за „смислата на животот“.
За да најдеш вистински душевен мир, треба да го најдеш одговорот на овие три важни прашања:
Како сме настанале?
Која е смислата на животот?
Што ни носи иднината?
Каде можат да се најдат точните одговори? На следниве страници нема да прочиташ шпекулации или филозофии, туку ќе го најдеш одговорот што го дава Божјата реч, Библијата. Те молиме, отвори ја својата Библија, ако ја имаш, и самиот прочитај што вели таа.