Изградба која го слави Јехова
„Не ми се верува. Никогаш не би помислила дека ќе имаме толку убаво место каде ќе можеме да се состануваме и да го славиме Јехова. Со никакви пари не може да се купи ваква радост!“ (МАРИЈА, МЕКСИКО).
ЈЕХОВИНИТЕ СВЕДОЦИ со задоволство се собираат за да бидат поучени од Божјата реч, Библијата (Псалм 27:4; Евреите 10:23-25). А уште порадосни се кога можат своите христијански состаноци да ги одржуваат во достоинствени објекти. Затоа, во изминативе неколку години, во десетици земји низ светот Сведоците изградија илјадници нови верски објекти познати како Сали на Царството.
Од која причина се градат овие објекти? Кој учествува во изградбата? И, како влијае оваа градежна програма врз луѓето што учествуваат во неа? Одговорот на овие прашања ќе го добиеме ако дознаеме што се случуваше во Мексико и Белисе.
Потребни се илјадници нови Сали на Царството!
Порано, Јеховините сведоци во Мексико своите христијански состаноци ги одржуваа секаде каде што можеа — во дворови, во домови на Сведоци, во продавници што беа делумно пренаменети за состаноци, во гаражи или, пак, во изнајмени простории. Во тоа време, овие лојални Сведоци честопати си размислуваа колку би било убаво кога би можеле да изградат свои Сали на Царството.
До 1994 год., во Мексико имаше 388.000 Сведоци. Едно истражување што беше направено таа година покажа дека, за да имаат сите свое место за состаноци, би требало да се изградат 3.300 нови Сали на Царството. Навистина огромна задача!
Уште тогаш, секојпат кога беа во можност, собранијата веќе градеа свои Сали на Царството. Но, во наредните пет години, стана јасно дека, за да се задоволи сѐ поголемата потреба, би требало да се изградат повеќе сали и да се градат побрзо. Како е постигната оваа цел?
Патувачки групи од вешти доброволци
Во 1999 год., започна една нова програма за изградба. Низ цело Мексико почнаа да се формираат Групи за изградба на Сали на Царството. Јеховини сведоци од целата држава — од кои многумина имаа искуство во градежната работа — доброволно се пријавија да учествуваат во оваа интересна програма. Сега во Мексико има 35 такви групи, а во Белисе е формирана една.
Секоја група за изградба на Сали на Царството обично е составена од околу осум доброволци, и мажи и жени, кои бесплатно работат цело работно време. Овие весели луѓе се селат од едно место во друго низ земјата за да предводат во проектите за изградба. Секој доброволец работи по осум часа на ден од понеделник до петок, како и секоја втора сабота. Работниот ден започнува во 7.00 часот со разгледување на еден стих од Библијата, а потоа следува појадокот. Сите се спремни да работат сѐ што е потребно. На пример, жените, заедно со мажите, извршуваат работи како што се малтерисување, лепење плочки и молерисување.
Членовите на собранието помагаат така што обезбедуваат сместување за доброволците, им ја перат облеката и им готват. Освен што соработуваат во изградбата на салата, доброволците и Сведоците од тоа место се дружат и на христијанските состаноци и додека проповедаат од куќа до куќа.
Благословите на доброволците
Што мислат овие доброволци за својата работа? Даниел, кој повеќе од три години служи во тоа својство, вели: „Точно е дека работиме и на жешко и на студено време, јадеме храна на која не сме навикнати, често се селиме, далеку сме од семејството и ги немаме повеќето современи удобности. Но проблемите се безначајни во споредба со благословите“.
Кои се некои од тие благослови? Многу од доброволците учат нови градежни вештини. Но, според Карлос, доброволец кој надгледува една од поголемите групи, поголем благослов е нешто друго. Тој вели: „Ние сме како дваесетчлено семејство. Јадеме заедно, работиме заедно, ја проучуваме Библијата заедно, се молиме заедно. Така станавме многу блиски пријатели“.
Освен тоа, групите за изградба стекнуваат блиско пријателство и со собранијата на кои им помагаат. Хозе, кој учествувал во повеќе од 100 проекти, вели: „Прекрасно е да се видат солзите радосници и насмевките на лицата од Сведоците, кои се многу благодарни кога ќе видат дека се исполнил нивниот сон да имаат нова Сала на Царството“. Тој додава: „Многу сме радосни што знаеме дека верата на другите се зајакнува дури и со нашиот мал придонес што сме го имале во изградбата на уште еден објект во кој ќе се учи за вистинскиот Бог“.
Извонредни резултати!
Овие верски објекти не се ниту луксузни ниту раскошни. Напротив, Салите на Царството се едноставни, па затоа можат да се изградат брзо и без многу трошоци. Кога е можно, се користат градежни материјали и методи што се карактеристични за тоа место. На тој начин, една нова сала може да се изгради и за само шест седмици.
Од 2007 год., сите собранија во Белисе имаат нови Сали на Царството — вкупно 17. А во Мексико, од 1999 год., изградени се повеќе од 1.400 сали!
Тоа се навистина извонредни резултати, но сѐ уште има многу работа (Матеј 9:37). Бројот на Јеховини сведоци во Мексико сега порасна на повеќе од 600.000 — и сите тие се состануваат по три пати седмично за да бидат поучени од Божјата реч. Затоа, потребни се уште околу 2.000 нови сали. Ако оваа доброволна градежна програма би зависела само од луѓето, таквата цел би била невозможна. Но, како што покажуваат резултатите, со помош од Јехова Бог, „сѐ е возможно“ (Матеј 19:26).
[Рамка/слика на страница 22]
„Си стојат на зборот“
Изградбата на Сали на Царството влијае позитивно и на луѓето што набљудуваат. На пример, додека се градела една таква Сала во Белисе, некој човек ѝ рекол на својата сопруга, која припаѓа на пентекосталната религија, дека, откако Сведоците ќе ја изградат својата „црква“, тој ќе почне да оди на нивните состаноци. Зошто? Тој рекол: „Се гледа дека Бог е со нив. Не се расправаат додека работат заедно. А кога ќе ветат нешто, тогаш си стојат на зборот“.
[Слика]
Сала на Царството во Оранж Вок (Белисе)
[Рамка/слики на страница 23]
Светска акција
Групи за изградба на Сали на Царството се формирани во 120 земји. Подолу се наведени само неколку од земјите во кои доброволците спремно се ставаат на располагање:
Ангола, Боливија, Венецуела, Гана, Доминиканска Република, Етиопија, Замбија, Индија, Јамајка, Казахстан, Либерија, Молдавија, Нигерија, Папуа Нова Гвинеја, Руанда, Тувалу, Украина, Фиџи, Хонгконг, Хрватска.
[Слики]
Сала на Царството во Акапулко (Мексико)
Членовите на една Група за изградба на Сали на Царството во Мексико
[Слика на страница 23]
Сала на Царството во Тласкала (Мексико)