Биди спремен да попуштиш, биди разумен
„Потсетувај ги... да бидат спремни да попуштат“ (ТИТ 3:1, 2, фус.)
1, 2. Што вели Библијата за спремноста да се попушта, и зошто е тоа на место?
ЈЕХОВА, нашиот грижлив небесен Татко, е бескрајно мудар. Бидејќи е наш Творец, ние сакаме тој да нѐ води во животот (Пс. 48:14). А христијанскиот ученик Јаков нѐ потсетува дека „мудроста одозгора пред сѐ е чиста, потоа мирољубива, разумна [„спремна да попушти“, фус.], спремна да послуша, полна со милосрдие и со добри плодови, непристрасна, нелицемерна“ (Јак. 3:17).
2 „Вашата разумност [„спремност да попуштате“, Kingdom Interlinear] нека им биде позната на сите луѓе“, советува апостол Павлеa (Фил. 4:5). Исус Христос е Господар и Глава на христијанското собрание (Еф. 5:23). Затоа е многу важно секој од нас да биде разумен, односно да се подложува на Христовото водство и да биде спремен да им попушта на другите.
3, 4. а) Наведи примери кои покажуваат зошто е корисно да се попушта. б) Што ќе разгледаме сега?
3 Корисно е да бидеме спремни да попуштаме во разумна мера. На пример, откако се открило дека бил планиран терористички напад во Британија, изгледа дека луѓето што патувале со авион главно биле спремни да ги следат правилата и не се бунеле што не смееле да внесат во авионот работи кои пред тоа можеле да ги земат со себе. Освен тоа, кога возиме автомобил, одвреме-навреме има потреба да им дадеме предност на другите возачи, на пример, кога ќе се најдеме на крстосница на која нема семафори, за да не дојде до судир и некој да настрада.
4 Сепак, на мнозина од нас не им е лесно да попуштаат. Затоа, да разгледаме три аспекти на спремноста да се попушти: нашиот мотив, нашиот став кон оние што имаат авторитет и степенот до кој треба да попуштаме.
Зошто спремно да попуштаме?
5. Според Мојсеевиот закон, зошто некој роб би можел да реши да остане со својот господар?
5 Еден пример од претхристијанските времиња ни покажува од кој исправен мотив треба да сме спремни да попуштаме. Според Мојсеевиот закон, Евреите што станале робови требало да бидат ослободени или во седмата година од слугувањето или во прошталната година, во зависност од тоа која се паѓала порано. Но, робот можел да одлучи и да остане во ропство. (Прочитај 2. Мојсеева 21:5, 6.) Зошто еден роб би се решил на ваков чекор? Робот можел да реши да остане да служи кај својот љубезен господар затоа што го сакал.
6. Каква е врската меѓу љубовта и нашата спремност да попуштаме?
6 Слично на ова, бидејќи го сакаме Јехова, ние сме решиле да му го заветуваме својот живот нему и да живееме во склад со тој завет (Рим. 14:7, 8). „Љубовта кон Бог значи да се држат неговите заповеди, а неговите заповеди не се тешки“, напишал апостол Јован (1. Јов. 5:3). Оваа љубов не ја бара својата корист (1. Кор. 13:4, 5). Љубовта кон ближниот е таа што нѐ тера да попуштаме и да го ставиме доброто на другите луѓе пред своите интереси. Наместо да си гледаме прво за себе, поважно ни е да им биде добро ним (Фил. 2:2, 3).
7. Каква улога има спремноста да попуштаме во нашата служба?
7 Не треба да ги спрепнуваме другите ниту со она што го зборуваме ниту со она што го правиме (Еф. 4:29). Всушност, љубовта нема да ни дозволи да направиме нешто кое би ги спречило луѓето што се со поинакво потекло и култура да почнат да му служат на Јехова. Ова честопати значи дека ќе треба да попуштаме, односно да правиме некои отстапки. На пример, за некои сестри што служат како мисионерки можеби било нормално да се шминкаат и да носат свилени хулахопки во својата земја. Сепак, тие не инсистираат да го прават тоа во места каде што таквото нешто би го довело во прашање нивниот морал или би ги спрепнало другите (1. Кор. 10:31-33).
8. Како љубовта кон Бог може да ни помогне да се однесуваме ‚како помали‘?
8 Нашата љубов кон Јехова ни помага да се бориме и со гордоста. Откако слушнал како учениците се расправаат за тоа кој од нив е најголем, Исус зел едно дете и го ставил меѓу нив, а потоа објаснил: „Кој го прима ова дете во мое име, ме прима и мене, а кој ме прима мене, го прима и оној што ме испрати. Зашто, оној што меѓу сите вас се однесува како помал, тој е голем“ (Лука 9:48; Мар. 9:36). На некои од нас воопшто не им е лесно да се однесуваат ‚како помали‘. Сепак, иако наследената несовршеност и склоноста да бидеме горди можеби нѐ тераат да покажеме дека сме некој и нешто, понизноста ќе ни помогне да попуштаме (Рим. 12:10).
9. За да бидеме спремни да попуштаме, што треба да почитуваме?
9 За да бидеме спремни да попуштаме, мора да го почитуваме авторитетот на оние што се поставени од Бог. Сите вистински христијани сфаќаат колку е важно начелото за поглаварство. Апостол Павле јасно им го кажал ова начело на Коринќаните: „Сакам да знаете дека глава на секој маж е Христос, а глава на жената е мажот, а глава на Христос е Бог“ (1. Кор. 11:3).
10. Што покажуваме со тоа што сме подложни на Јеховиниот авторитет?
10 Ако спремно се подложуваме на Божјиот авторитет, покажуваме дека имаме доверба во Бог како наш љубезен Татко. Тој е свесен за сѐ што се случува и ќе нѐ награди во свое време. Добро е да го имаме ова на ум кога другите нема да се однесуваат со почит кон нас или кога ќе ни се налутат и ќе избувнат. Павле напишал: „Ако е можно, колку што зависи од вас, бидете во мир со сите луѓе“. Павле го нагласил овој совет дополнувајќи го со следново упатство: „Не одмаздувајте се, сакани, туку дајте му место на Божјиот гнев, зашто е напишано: ‚Одмаздата е моја, јас ќе вратам, вели Јехова‘“ (Рим. 12:18, 19).
11. Како покажуваме дека се подложуваме на Христовото поглаварство?
11 Мораме да ги почитуваме и оние на кои Бог им дал авторитет во христијанското собрание. Во првото поглавје од Откровение, Исус Христос е прикажан како ги држи ‚ѕвездите‘ на собранието во десната рака (Отк. 1:16, 20). Општо земено, овие „ѕвезди“ ги претставуваат старешинствата, односно надгледниците во собранијата. Овие именувани надгледници се подложуваат на Христовото водство и го следат неговиот пример постапувајќи љубезно со другите. Сите во собранието спремно се подложуваме на „верниот и разборит роб“, кого Исус го поставил да ни дава духовна храна во вистинско време (Мат. 24:45-47). Денес, нашата спремност да го проучуваме и да го применуваме овој материјал покажува дека лично се подложуваме на Христовото поглаварство, а тоа придонесува за мир и единство (Рим. 14:13, 19).
До кој степен да попуштаме?
12. Зошто нашата спремност да попуштиме има граници?
12 Тоа што сме спремни да попуштаме во никој случај не значи дека сме спремни на компромис во однос на нашата вера или на Божјите начела според кои живееме. Каков став зазеле првите христијани кога верските водачи им заповедале да престанат да поучуваат во Исусово име? Петар и другите апостоли смело изјавиле: „Мораме да му се покоруваме на Бог, а не на луѓето“ (Дела 4:18-20; 5:28, 29). Истото важи и денес. Кога властите ќе се обидат да нѐ спречат да ја проповедаме добрата вест, ние не престануваме, иако можеби ќе ги смениме нашите методи за да се справиме тактично со ситуацијата. Ако е невозможно слободно да проповедаме од куќа до куќа, можеме да изнајдеме други начини за да контактираме со станарите и да продолжиме да го извршуваме налогот што ни е даден од Бог. Исто така, ако се случи властите да ги забранат нашите состаноци, ние претпазливо ќе се собираме во помали групи (Рим. 13:1; Евр. 10:24, 25).
13. Што рекол Исус во врска со подложноста кон оние што имаат авторитет?
13 Во својата Проповед на гората, Исус укажал дека треба да им се подложуваме на лица кои имаат одреден авторитет: „Ако некој сака да се суди со тебе и да ти ја земе кошулата, дај му ја и наметката. И ако некој што има власт те присили да одиш една милја, оди со него две“ (Мат. 5:40, 41).b Обѕирот кон другите и желбата да им помагаме треба да нѐ наведат да правиме дури и повеќе од она што се бара од нас (1. Кор. 13:5; Тит 3:1, 2).
14. Зошто не треба никогаш да им попуштиме на отпадниците?
14 Сепак, нашата желба да попуштаме никогаш не треба да нѐ наведе да им попуштиме на отпадниците. Мора да имаме јасен и цврст став во овој поглед за да ја зачуваме чистотата на вистината, како и единството на собранието. Во врска со „лажните браќа“, Павле напишал: „Не им попуштивме ниту за миг, не им се покоривме, со цел вистината на добрата вест да остане кај вас“ (Гал. 2:4, 5). Во ретките случаи кога ќе се појави отпадништво, верните христијани цврсто ќе го бранат она што е праведно.
Надгледниците треба спремно да попуштаат
15. На кој начин христијанските надгледници можат да попуштат кога имаат старешински состанок?
15 Од оние што се поставени да служат како надгледници, меѓу другото, се бара и да бидат спремни да попуштат. Павле напишал: „Затоа надгледникот треба да биде... разумен [спремен да попушти, фус.]“ (1. Тим. 3:2, 3). Ова е особено важно кога именуваните браќа се состануваат за да дискутираат за некои собраниски работи. Пред да се донесе некоја одлука, сите присутни можат јасно да си кажат што мислат, иако не е задолжително секој старешина да се произнесе. Во текот на дискусијата, некој може да го промени мислењето додека слуша како другите го насочуваат вниманието на библиските начела што се однесуваат на она за кое се разговара. Наместо упорно да се држи за своето мислење, еден зрел старешина ќе попушти. Иако во почетокот можеби имало различни мислења, откако му се молат на Јехова за таа работа, зрелите и разумни старешини на крајот се единствени во одлуката (1. Кор. 1:10; прочитај Ефешаните 4:1-3).
16. Каков став треба да покажуваат христијанските надгледници?
16 Христијанските старешини треба да се трудат да се држат за теократскиот ред во сѐ што прават. Таков став треба да покажуваат и кога се грижат за стадото бидејќи така ќе бидат пообѕирни и понежни кон другите. „Пасете го Божјето стадо кое ви е доверено“, напишал Петар, „не со сила, туку доброволно; не поради нечесна добивка, туку горливо“ (1. Пет. 5:2).
17. Како сите во собранието можат да бидат разумни во односите со другите?
17 Постарите членови на собранието ја ценат големата помош што ја даваат помладите и се однесуваат со почит кон нив. За возврат, и младите ги почитуваат постарите, кои со години му служат на Јехова (1. Тим. 5:1, 2). Христијанските старешини сакаат да им доверат извесни должности и на други способни браќа, бидејќи на тој начин ќе можат да ги обучат да се грижат за Божјето стадо (2. Тим. 2:1, 2). Секој христијанин треба да го цени следниов совет што го дал Павле под водство на светиот дух: „Бидете им послушни на оние што ве предводат и бидете им подложни — зашто тие бдеат над вашите души како оние што ќе положат сметка за тоа — за да го прават со радост, а не со воздишки, зашто тоа вам би ви било на штета“ (Евр. 13:17).
Спремни да попуштаме во семејството
18. Зошто треба да сме спремни да попуштаме во семејниот круг?
18 Потребно е да бидеме спремни да попуштаме и во семејниот круг. (Прочитај Колошаните 3:18-21.) Библијата наведува каква улога има секој член во христијанското семејство. Таткото е поглавар над својата жена и тој ја носи главната одговорност за воспитувањето на децата. Жената треба да го признава авторитетот на својот сопруг, а децата треба да се трудат да бидат послушни бидејќи тоа му се допаѓа на Господарот. Секој член на семејството може да придонесе за единството и мирот во домот со тоа што спремно ќе попушта во исправна и разумна мера. Во Библијата има неколку примери што го потврдуваат ова.
19, 20. а) Каква разлика има помеѓу начинот на кој Илиј постапил со своите синови и начинот на кој Јехова постапил со ангелите? б) Кои поуки можат да ги извлечат родителите од овие примери?
19 Кога Самоил бил дете, Илиј служел како првосвештеник во Израел. Но, синовите на Илиј, Офни и Финес, биле „никаквеци“ и ‚не им било грижа за Јехова‘. Илиј слушал дека луѓето зборуваат лошо за нив. Меѓу другото, чул и дека спиеле со жените што служеле на влезот од шаторот на средбата. Како реагирал? Тој им рекол на синовите дека, ако му грешат на Јехова, никој нема да се заземе за нив. Но, не ги исправил и не ги казнил. Како резултат на тоа, Офни и Финес продолжиле да прават грев. На крајот, Јехова со право решил да ги погуби. И самиот Илиј умрел кога чул дека тие загинале. Колку жално! Очигледно, не било во ред тоа што Илиј не ги спречил да грешат, односно им попуштил на таков неисправен начин и ги оставил да си тераат по свое (1. Сам. 2:12-17, 22-25, 34, 35; 4:17, 18).
20 За разлика од него, да видиме како постапил Јехова со своите ангелски синови. Пророкот Михаија имал извонредно видение за една средба меѓу Јехова и Неговите ангели. Јехова прашал кој од ангелите ќе може да го измами израелскиот цар Ахав, и така овој злобен владетел да биде поразен. Потоа ги сослушал предлозите на повеќе свои духовни синови. На крајот, еден ангел изјавил дека тој може да го измами Ахав. Јехова го прашал како. Бидејќи бил задоволен од одговорот на ангелот, тој му заповедал да го направи тоа што го кажал (1. Цар. 22:19-23). Ако го примениме овој пример на луѓето, зарем членовите на семејството не треба да учат од овој извештај во која смисла треба да попуштаат? Добро е еден христијански сопруг и татко да ги земе предвид мислењето и предлозите на жената и на децата. А жената и децата, пак, треба да сфатат дека, ако веќе кажале што мислат или што сакаат, на крајот сепак ќе треба да ја прифатат и да ја почитуваат одлуката на мажот кој, според Библијата, е овластен да ја донесе.
21. Што ќе разгледаме во следната статија?
21 Навистина сме благодарни што Јехова мудро и со љубов нѐ потсетува да бидеме спремни да попуштаме! (Пс. 119:99). Во следната статија ќе разгледаме како нашата разумност и спремност да попуштиме помагаат да се чувствуваме радосни во бракот.
[Фусноти]
a Апостол Павле употребил еден израз кој не може да се преведе само со еден збор. Во врска со овој израз, во една книга се вели: „Тој означува спремност да не се инсистира на сопствените права и да се покаже обѕир и благост кон другите“. Според тоа, значењето на овој збор ја вклучува спремноста да се попушти и да се биде разумен, да не се инсистира само на строга примена на Божјиот закон или да се бараат сопствените права.
b Види ја статијата „Ако си присилен на служба“, во Стражарска кула од 15 февруари 2005, страници 23-26.
Како би одговорил?
• Од каква корист е тоа што сме спремни да попуштаме?
• Како можат надгледниците да покажат спремност да попуштат?
• Зошто треба да се попушта во семејниот круг?
[Слика на страница 4]
Старешините го следат примерот на Исус така што љубезно постапуваат со другите
[Слика на страница 6]
Кога се состануваат собраниските старешини, молитвата и спремноста да попуштаат им помагаат да бидат единствени