Приближи му се на Бог
„Угледајте се на Бог“
МИЛОСТИВОСТ. Сомилост. Простување. Љубов. За жал, луѓето денес ретко покажуваат вакви убави особини. А ти? Дали некогаш си имал чувство дека залудно си се трудел да стекнеш некоја убава особина? Твоето срце, кое е склоно да се обвинува, може упорно да ти вели дека, поради извесни пречки како што се длабоко вкоренетите лоши навики или болните искуства од минатото, не можеш да стекнеш убави особини. Сепак, Библијата ни ја пренесува следнава утешна мисла: нашиот Творец знае дека секој од нас има потенцијал да стекне убави особини.
Божјата реч ги поттикнува вистинските христијани: „Затоа, угледајте се на Бог, како негови љубени деца“ (Ефешаните 5:1). Овие зборови на еден впечатлив начин ни покажуваат колкава доверба има Бог во оние што му служат. Како? Јехова Бог го создал човекот според својот лик, сличен на него (1. Мојсеева 1:26, 27). Значи, Бог ги создал луѓето со особини слични на неговите.a Според тоа, кога Библијата ги поттикнува христијаните ‚да се угледаат на Бог‘, тоа е како лично Јехова да им вели: ‚Верувам во вас. Знам дека, и покрај вашите маани, можете да бидете како мене до извесна мера‘.
На кои особини на Бог би можеле да се угледаме? Одговорот ни го даваат околните стихови. Забележи дека Павле, пред да го даде советот да се угледаме на Бог, рекол „затоа“. Овој збор се надоврзува на претходниот стих, во кој се спомнати милостивоста, сомилоста и простувањето (Ефешаните 4:32; 5:1). Потоа, во стихот што следи по советот да се угледаме на Бог, Павле им вели на христијаните да покажуваат несебична љубов кон другите (Ефешаните 5:2). И навистина, кога станува збор за милостивоста, сомилоста, простувањето и љубовта, го имаме најголемиот пример на кој можеме да се угледаме — Јехова Бог.
Зошто треба да сакаме да се угледаме на Бог? Забележи ја силната мотивација што е содржана во зборовите на Павле: „Угледајте се на Бог, како негови љубени деца“. Зар овие зборови не нѐ допираат до срце? Во Јеховини очи, оние што му служат се како негови деца кои многу ги сака. Исто како што едно мало дете дава сѐ од себе за да биде како својот телесен татко така и вистинските христијани даваат сѐ од себе за да бидат како својот небесен Татко.
Јехова не ги присилува луѓето да се угледаат на него. Напротив, тој ни дал слободна волја. Значи, дали ќе се угледаш на Бог или не, зависи од тебе (5. Мојсеева 30:19, 20). Но, не заборавај дека во себе имаш потенцијал да покажуваш особини слични на Божјите. Се разбира, за да се угледаш на Бог, најнапред мора да знаеш каков е тој. Библијата може да ти помогне да научиш сѐ за особините на Бог, чија неспоредлива личност привлекла милиони луѓе и во нив се родила желба да се угледаат на него.
[Фуснота]
a Колошаните 3:9, 10 покажува дека ние сме создадени според Божјиот лик во поглед на нашите особини. Оние што сакаат да му угодат на Бог се поттикнати да ја облечат „новата личност“, која „се обновува преку доброто познавање на Божјата волја според сликата на [Бог] што ја создал“.