Дали сте знаеле?
Кои биле „оние од дворецот на цезарот“ што преку Павле им испратиле поздрави на христијаните во Филипи?
▪ Додека бил во Рим, апостол Павле му напишал писмо на собранието во Филипи некаде во 60 или 61 год. од н.е., а цезарот што го спомнал бил императорот Нерон. Но, кој од дворецот на Нерон би им испратил поздрави на христијаните во Филипи? (Филипјаните 4:22).
Погрешно е да заклучиме дека зборовите „оние од дворецот на цезарот“ по секоја цена се однесуваат на најблиските роднини на императорот. Наместо тоа, се однесувале на сите луѓе кои биле во негова служба — како робовите така и оние што порано биле робови во Рим и неговите провинции. Значи, во „дворецот на цезарот“ веројатно имало илјадници слуги. Во палатите и на имотот на императорот тие добивале различни одговорности — од надгледување на работата па до извршување на најниските задачи. Некои од нив биле дел и од владината администрација.
Очигледно некои од слугите на императорот кои живееле во Рим станале христијани. Не е познато дали ја прифатиле верата откако Павле проповедал во Рим. Како и да е, изгледа дека биле посебно заинтересирани за собранието во Филипи. Бидејќи Филипи бил римска колонија во која главно живееле бивши војници и владини службеници, можно е некои од тамошните христијани да им биле пријатели на оние што ги пратиле поздравите преку Павле.
Каков бил деверскиот брак што се спомнува во Мојсеевиот закон?
▪ Во древниот Израел, ако некој човек умрел без син, се очекувало неговиот брат да се ожени со вдовицата за да остави потомство што ќе ја продолжи семејната лоза на починатиот (1. Мојсеева 38:8). Подоцна, овој обичај бил вклучен во Мојсеевиот закон и бил наречен деверски брак (5. Мојсеева 25:5, 6). Начинот на кој постапил Вооз, како што пишува во библиската книга Рут, покажува дека, ако не биле живи браќата на умрениот човек, оваа должност ја преземале другите машки роднини на починатиот (Рут 1:3, 4; 2:19, 20; 4:1-6).
И во времето на Исус се склопувале деверски бракови. Тоа се гледа од зборовите на садукеите запишани во Марко 12:20-22. Јосиф Флавиј, еврејски историчар од првиот век, рекол дека со таквиот брак се зачувувало не само семејното име туку и семејниот имот. Исто така, бил и за доброто на вдовицата. Во тоа време, жената не го наследувала имотот на својот маж. Меѓутоа, детето родено од деверски брак имало право да го наследи имотот на починатиот.
Мојсеевиот закон допуштал некој од роднините да одбие да стапи во деверски брак. Но, било голем срам некој да не сака „да му подигне дом на својот брат“ (5. Мојсеева 25:7-10; Рут 4:7, 8).