ПРИБЛИЖИ МУ СЕ НА БОГ
„Јехова спремно ви прости“
„Оној што не им простува на другите го руши мостот преку кој и самиот треба да помине.“ Овие зборови на британскиот историчар Едвард Херберт, кој живеел пред 400 години, нагласуваат една важна причина зошто треба да простуваме: Порано или подоцна, можеби ние ќе имаме потреба другите да ни простат (Матеј 7:12). Сепак, има една многу поважна причина зошто треба да простуваме. Да видиме што напишал апостол Павле во Колошаните 3:13. (Прочитај.)
Поради тоа што сите сме несовршени, понекогаш ние можеме да ги изнервираме или навредиме другите, а понекогаш тие можат да ни го направат истото нам (Римјаните 3:23). Тогаш, како да задржиме добри односи со другите луѓе? Под водство на Бог, Павле ни дал совет да простуваме и да преминуваме преку пропустите на другите. Овој совет е исто толку важен денес како што бил и пред повеќе од 2.000 години, кога Павле го напишал. Да видиме што можеме да научиме од овие зборови.
„Поднесувајте се еден со друг.“ Изразот „поднесувајте се“ е превод на еден грчки збор што укажува на тоа да се биде трпелив или милостив. Во едно дело пишува дека христијаните ја покажуваат оваа особина со тоа што „се спремни да ги поднесуваат оние чии грешки или лоши постапки ги нервираат“. Зборовите „еден со друг“ ни покажуваат дека трпеливоста треба да биде заемна. Затоа, ако имаме на ум дека и ние ги нервираме другите со некои наши особини, нема да дозволиме она што не ни се допаѓа кај нив да го наруши мирот меѓу нас. Но, што да направиме ако некој ни згреши?
„Спремно простувајте си еден на друг.“ Според еден изучувач, грчкиот збор преведен со изразот „спремно простувајте“ „не е вообичаениот збор за простување... туку збор кој има многу побогато значење и кој покажува дека темелот за простувањето треба да биде милоста“. Во едно дело пишува дека овој збор ја пренесува мислата „да се стори нешто за другиот со радост, да му се направи услуга или нешто за негово добро“. Покажуваме дека сме милостиви со тоа што спремно простуваме дури и ако имаме „жалба против некого“. Но, зошто треба да бидеме спремни да направиме такво добро дело? Затоа што по кратко време можеби оној што нѐ повредил ќе треба да ни прости нам.
„Како што Јехова спремно ви прости вам, така правете и вие.“ Според ова, најважната причина зошто треба да им простуваме на другите е тоа што Јехова спремно ни простува нам (Михеј 7:18). Размисли за момент колку голема добрина им покажува Јехова на луѓето кои се каат за грешките што ги направиле. За разлика од нас, Јехова не греши. Сепак, тој од срце и целосно им простува на оние кои жалат за грешките, иако знае дека никогаш нема да има потреба тие да му простат нему. Навистина, од Јехова најдобро можеме да видиме што значи спремно да им се простува на оние кои се каат!
Милоста што ја покажува Јехова нѐ поттикнува да го следиме неговиот пример (Ефешаните 4:32—5:1). Би било добро да се прашаме: ‚Ако Јехова толку милостиво ми простува мене, зар јас да не му простам на еден несовршен човек на кој искрено му е жал што ми згрешил?‘ (Лука 17:3, 4).
Читање на Библијата во октомври
Галатите 1-6; Ефешаните 1-6; Филипјаните 1-4; Колошаните 1-4; 1. Солуњаните 1-5; 2. Солуњаните 1-3; 1. Тимотеј 1-6— 2. Тимотеј 1-4
Од Јехова најдобро можеме да видиме што значи спремно да им се прости на оние кои се каат!