Дали сте знаеле?
Со какво возило патувал етиопскиот дворјанин кога му пристапил Филип?
ЗБОРОТ кој во Превод Нов свет е преведен со „кола“, на изворниот јазик може да се однесува на различни видови возила (Дела 8:28, 29, 38). Но, се чини дека Етиопјанецот се возел во кола која била поголема од оние кои се користеле за војна или за трки. Да разгледаме неколку причини што нѐ водат до овој заклучок.
Етиопјанецот бил висок службеник кој бил тргнат на долг пат. Тој бил „дворјанин, висок достоинственик на кандакијата, етиопската царица“, кој бил поставен „над целата нејзина ризница” (Дела 8:27). Во минатото, во Етиопија спаѓале денешен Судан и најјужниот дел од денешен Египет. Иако Етиопјанецот по сѐ изгледа не се возел со истото возило за време на целото патување, тој сигурно носел со себе голем багаж за долгиот пат. Во првиот век од н.е., некои од возилата кои се користеле за превоз на патници биле со четири тркала и биле покриени. Во една книга пишува: „Со таквите коли можело да се носи повеќе багаж, патувањето било поудобно и можеби им се овозможувало на луѓето да патуваат подалеку“ (Acts — An Exegetical Commentary).
Етиопјанецот читал кога Филип му пристапил. Во извештајот пишува: „Филип притрча и го чу [дворјанинот] како на глас го чита пророкот Исаија“ (Дела 8:30). Во тоа време, колите за патување не биле направени за со нив да се вози брзо. Бидејќи со таквите коли се патувало многу бавно, дворјанинот можел да чита, а Филип можел да ја стигне колата трчајќи.
Етиопјанецот го замолил Филип „да се качи и да седне до него“ (Дела 8:31). Во една типична кола за трка, возачите стоеле. Но, во една кола за патување имало доволно место за да можат да седат и дворјанинот и Филип.
Во склад со библискиот извештај од Дела поглавје 8 и историските докази кои се достапни, од неодамна, на сликите во нашите публикации, етиопскиот дворјанин е прикажан во кола која била поголема од оние кои се користеле за војна или за трки.