СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 24
ПЕСНА 98 Светото писмо е вдахновено од Бог
Поуки од пророштвото што го кажал Јаков пред да умре — прв дел
Соберете се да ви кажам што ќе ви се случи на крајот (1. МОЈ. 49:1)
ЦЕЛ НА СТАТИЈАТА
Да видиме кои практични поуки можеме да ги извлечеме од пророштвото што го кажал Јаков на својата смртна постела за Рувим, Симеон, Леви и Јуда.
1-2. Што направил Јаков кратко пред да умре, и зошто? (Види ја и сликата.)
ПОМИНАЛЕ отприлика 17 години откако верниот Божји слуга Јаков се преселил од Ханаан во Египет заедно со своето семејство (1. Мој. 47:28). За време на тој период, Јаков бил многу радосен затоа што повторно бил со својот сакан син Јосиф и затоа што семејството повторно било заедно. Но, Јаков чувствувал дека неговиот живот полека згаснува. Затоа, ги повикал сите свои синови за да им каже нешто многу важно (1. Мој. 49:28).
2 Во тоа време било вообичаено, пред да умре, таткото да ги собере членовите на семејството за да им ги даде последните упатства (Иса. 38:1). Исто така, во таа прилика тој можел да каже кој ќе биде глава на семејството по неговата смрт.
На својата смртна постела, Јаков им кажува пророштво на своите 12 синови (види во пасуси 1-2)
3. Според 1. Мојсеева 49:1, 2, зошто зборовите на Јаков се особено значајни?
3 Прочитај 1. Мојсеева 49:1, 2. Но ова не била обична семејна средба. Јаков бил пророк. Во таа прилика, Јехова со својот свет дух го водел Јаков да им каже на своите синови кои важни работи ќе им се случат во иднина, а ќе имале големо влијание врз нивните семејства. Затоа, зборовите што Јаков ги кажал во таа прилика, всушност, се пророштво.
4. Што ќе разгледаме во оваа статија, и како тоа ќе ни користи? (Види ја и рамката „Семејството на Јаков“.)
4 Во оваа статија ќе разгледаме што им рекол Јаков на четворица од неговите синови: Рувим, Симеон, Леви и Јуда. Во следната статија ќе ги разгледаме зборовите што Јаков им ги кажал на останатите осум синови. Како што ќе видиме, Јаков не зборувал само за неговите синови туку и за нивните потомци од кои подоцна ќе настанел древниот народ Израел. Тоа што ќе разгледаме што му се случило на израелскиот народ во минатото, ќе ни помогне да дознаеме на кој начин се исполниле пророчките зборови на Јаков. А тоа што подетално ќе ги разгледаме неговите зборови, ќе ни помогне да извлечеме важни поуки во врска со тоа како да го радуваме нашиот небесен Татко Јехова.
РУВИМ
5. Што најверојатно очекувал Рувим да добие од својот татко?
5 Најпрво, Јаков му се обратил на Рувим со следниве зборови: „Ти си мојот првороден“ (1. Мој. 49:3). Како првороден, Рувим најверојатно очекувал да наследи двоен дел од сето она што го поседувал неговиот татко. Освен тоа, можеби очекувал да стане глава на семејството по смртта на татко му и таа чест да ја наследат сите негови потомци во иднина.
6. Зошто Рувим го изгубил правото на првородство? (1. Мојсеева 49:3, 4).
6 Меѓутоа, Рувим го изгубил правото на првородство (1. Лет. 5:1). Зошто? Неколку години претходно, тој имал сексуални односи со Вилха, наложницата на Јаков. Таа ѝ била слугинка на Рахела, саканата жена на Јаков, која починала (1. Мој. 35:19, 22). Рувим ѝ бил син на Лија, другата жена на Јаков. Зошто можеби Рувим имал сексуални односи со Вилха? Можеби чувствувал силна привлечност кон неа и не можел да ги контролира своите сексуални желби. Или можеби сакал Јаков да ја презре Вилха и повеќе да ја сака неговата мајка Лија. Која и да била причината, неговиот татко и Јехова воопшто не го одобрувале она што го направил. (Прочитај 1. Мојсеева 49:3, 4.)
7. Што се случило со Рувим и со неговите потомци? (Види ја и рамката „Пророштвото што го кажал Јаков пред да умре“.)
7 Со зборовите „немој да се возвишуваш“, Јаков всушност прорекол дека Рувим нема да се издигне над своите браќа. Ова пророштво се исполнило. Никаде во Библијата не пишува дека некој од потомците на Рувим станал цар, свештеник или пророк. Сепак, Јаков не се одрекол од својот син, туку му дал наследство, и од потомците на Рувим настанало едно од племињата на Израел (Ис. Нав. 12:6). Во други ситуации, Рувим покажал убави особини. Освен тоа, во Библијата не пишува дека тој некогаш повторно направил неморал (1. Мој. 37:20-22; 42:37).
8. Што можеме да научиме од она што му се случило на Рувим?
8 Што можеме да научиме? Треба силно да се напрегаме за да покажуваме самосовладување и треба да бидеме решени да не направиме сексуален неморал. Ако некогаш сме на искушение да направиме грев, треба да застанеме и да размислиме колкава болка ќе им нанесат нашите постапки на Јехова, на нашето семејство и на другите. Исто така, треба да имаме на ум дека „човек што ќе си посее, тоа и ќе си пожнее“ (Гал. 6:7). Од друга страна, она што му се случило на Рувим нѐ потсетува и на тоа колку милостив е Јехова. Иако нема да нѐ заштити од последиците на нашите грешки, Јехова ќе ни прости и ќе нѐ благослови ако се каеме и ако вложуваме труд да го правиме она што е исправно.
СИМЕОН И ЛЕВИ
9. Зошто Јаков им ги кажал на Симеон и на Леви зборовите запишани во 1. Мојсеева 49:5-7?
9 Прочитај 1. Мојсеева 49:5-7. Потоа, Јаков им се обратил на Симеон и на Леви. Од неговите силни зборови се гледа дека тој не ги одобрувал нивните постапки. Со години пред тоа, ќерката на Јаков, Дина, била силувана од еден Ханаанец по име Сихем. Разбирливо е што сите синови на Јаков биле многу вознемирени поради она што ѝ се случило на нивната сестра. Но, Симеон и Леви станале насилни. Тие лажно им ветиле на мажите од Сихем дека ќе склучат сојуз за мир со нив доколку сите се согласат да бидат обрежани. Мажите од Сихем се согласиле. Додека тие сѐ уште биле во болки од обрежувањето, Симеон и Леви ги зеле своите мечеви, влегле во градот без некој да се посомнева и почнале да ги убиваат сите машки жители (1. Мој. 34:25-29).
10. Како се исполниле пророчките зборови на Јаков за Симеон и за Леви? (Види ја и рамката „Пророштвото што го кажал Јаков пред да умре“.)
10 Јаков бил многу вознемирен поради насилството на своите два сина. Тој прорекол дека тие ќе бидат разделени и дека ќе бидат распрснати низ целиот Израел. Тие пророчки зборови се исполниле повеќе од 200 години подоцна, кога Израелците влегле во Ветената земја. Племето на Симеон како наследство добило одредени градови во рамките на подрачјето кое му било доделено на племето на Јуда (Ис. Нав. 19:1). А племето на Леви наследило 48 градови кои биле распрснати низ целиот Израел (Ис. Нав. 21:41).
11. Кои добри работи ги направиле племињата на Симеон и на Леви?
11 Потомците на Симеон и на Леви не ги повториле грешките на своите прататковци. Племето на Леви му било верно на Јехова и го обожавало на исправен начин. Кога Мојсеј отишол на планината Синај за да го добие Законот од Јехова, голем број Израелци почнале да обожаваат едно златно теле. Но, синовите на Леви застанале на страната на Мојсеј и му помогнале да ги погуби оние што го обожавале златното теле (2. Мој. 32:26-29). Јехова одлучил на синовите на Леви да им ја даде честа да служат како свештеници во Израел (2. Мој. 40:12-15; 4. Мој. 3:11, 12). Подоцна, за време на освојувањето на Ветената земја, племето на Симеон храбро се борело покрај племето на Јуда, а тоа било во склад со Јеховината волја (Суд. 1:3, 17).
12. Што можеме да научиме од примерите на Симеон и на Леви?
12 Што можеме да научиме? Никогаш не дозволувај гневот да влијае врз твоите одлуки и постапки. Ако некој постапува лошо со тебе или со некој што го сакаш, нормално е да бидеш вознемирен (Пс. 4:4). Но, треба да имаме на ум дека Јехова нема да биде задоволен од нас доколку нашите зборови и постапки се водени од гнев (Јак. 1:20). Кога некој ќе постапи лошо со нас, без разлика дали во собранието или надвор од него, ние треба да постапиме во склад со библиските начела. Тоа ќе ни помогне да не кажеме или да не направиме нешто со што ќе ги повредиме другите (Рим. 12:17, 19; 1. Пет. 3:9). А доколку си млада личност и твоите родители прават работи кои Јехова не ги одобрува, имај на ум дека ти не мора да го следиш нивниот лош пример. Немој да си мислиш дека е невозможно да му угодиш на Јехова и дека не можеш да го имаш неговиот благослов. Јехова ќе те награди за трудот што го вложуваш да го правиш она што е исправно.
ЈУДА
13. Зошто можеби Јуда бил вознемирен кога дошло ред да чуе што ќе му каже татко му?
13 Откако зборувал со Симеон и Леви, Јаков му се обратил на Јуда. Кога ги чул зборовите што Јаков им ги кажал на неговите постари браќа, Јуда можеби се вознемирил. Всушност, и тој направил неколку сериозни грешки. По сѐ изгледа, заедно со неговите браќа учествувал во грабежот на градот Сихем (1. Мој. 34:27). Освен тоа, им се придружил на неговите браќа кога го продале Јосиф како роб и кога го излажале нивниот татко за тоа (1. Мој. 37:31-33). А подоцна, имал сексуални односи со неговата снаа Тамара мислејќи дека е блудница (1. Мој. 38:15-18).
14. Што му кажал Јаков на Јуда, и кои добри работи ги направил Јуда? (1. Мојсеева 49:8, 9).
14 Сепак, под водство на светиот дух, Јаков кажал само благослови и пофалби за Јуда. (Прочитај 1. Мојсеева 49:8, 9.) Јуда покажал дека многу му се важни чувствата на неговиот остарен татко. Исто така, покажал сочувство кон неговиот помлад брат Венијамин (1. Мој. 44:18, 30-34).
15. На кои начини било благословено племето на Јуда?
15 Јаков прорекол дека Јуда ќе им биде водач на своите браќа. Но, требало да поминат многу години пред да почне да се исполнува тоа пророштво. Околу 200 години подоцна, откако Израелците излегле од Египет и оделе низ пустината кон Ветената земја, племето на Јуда предводело, а другите племиња го следеле (4. Мој. 10:14). Неколку децении подоцна, племето на Јуда предводело во освојувањето на Ветената земја (Суд. 1:1, 2). А Давид, еден од потомците на Јуда, бил првиот во семејната лоза на цареви кои потекнувале од тоа племе. Но, пророштвото за Јуда се исполнило и на други начини.
16. Како се исполнило пророштвото од 1. Мојсеева 49:10? (Види ја и рамката „Пророштвото што го кажал Јаков пред да умре“.)
16 Јаков открил дека Владетелот на целото човештво ќе биде потомок на Јуда и ќе владее засекогаш. (Прочитај 1. Мојсеева 49:10 и фуснота.) Тој Владетел е Исус Христос, оној кого Јаков го нарекол Сило. Во врска со Исус, еден ангел рекол: „Јехова Бог ќе му го даде престолот на Давид, неговиот татко“ (Лука 1:32, 33). Исус е наречен и „лавот од Јудиното племе“ (Отк. 5:5).
17. Како можеме да го следиме примерот на Јехова во начинот на кој гледаме на другите?
17 Што можеме да научиме? Јехова го благословил Јуда и покрај тоа што направил некои сериозни грешки. Но можеби браќата на Јуда се прашувале што видел Јехова кај него. Не знаеме што си мислеле тие, но знаеме дека Јехова видел убави особини кај Јуда и го благословил поради тоа. Како можеме да го следиме примерот на Јехова? Кога некој наш соверник ќе добие некоја важна задача, отпрвин можеби ќе сме на искушение да се концентрираме на неговите несовршености. Но, треба да имаме на ум дека Јехова сигурно ги цени неговите убави особини. Јехова го гледа доброто кај своите слуги. Да се трудиме и ние да го правиме истото.
18. Зошто треба да бидеме стрпливи?
18 Друга поука што може да ја извлечеме од искуството на Јуда е дека треба да бидеме стрпливи. Јехова секогаш си ги исполнува своите ветувања, но тоа не го прави секогаш на начин или во време што ние го очекуваме. Потомците на Јуда не почнале веднаш да го предводат Божјиот народ. Но верно ги поддржувале оние кои Јехова ги поставил да го прават тоа, како на пример Мојсеј од племето на Леви, Исус од племето на Ефрем или цар Саул од племето на Венијамин. И ние треба да го поддржуваме секого кого Јехова ќе го избере да предводи меѓу нас денес (Евр. 6:12).
19. Што можеме да научиме за Јехова од оваа статија во врска со пророштвото на Јаков?
19 Што научивме досега од пророштвото кое Јаков го кажал пред да умре? Јасно е дека „Бог не го гледа она што го гледа човекот“ (1. Сам. 16:7). Јехова е многу стрплив и спремно простува. Точно е дека Јехова не ги оправдува погрешните постапки, но од друга страна тој не очекува совршенство од своите слуги. Тој дури може и да благослови некои поединци кои во минатото направиле сериозни грешки доколку искрено се каат и доколку почнат да го прават она што е исправно. Во следната статија ќе разгледаме што им кажал Јаков на останатите осум синови.
ПЕСНА 124 Секогаш да бидеме верни!