СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 25
ПЕСНА 96 Божјата сопствена книга — богатство
Поуки од пророштвото што го кажал Јаков пред да умре — втор дел
Секого го благослови со неговиот благослов (1. МОЈ. 49:28)
ЦЕЛ НА СТАТИЈАТА
Да видиме кои практични поуки можеме да ги извлечеме од пророштвото што го кажал Јаков на својата смртна постела за осум од неговите синови.
1. Што ќе разгледаме во оваа статија?
СИНОВИТЕ на Јаков се собрале околу него и внимателно слушале како нивниот остарен татко го благословува секого од нив. Во претходната статија видовме дека Рувим, Симеон, Леви и Јуда многу се изненадиле од зборовите што им ги кажал нивниот татко. Затоа, тие сигурно се прашувале што ќе им каже Јаков на останатите осум синови. Да видиме што можеме да научиме од она што Јаков им го кажал на Завулон, Исахар, Дан, Гад, Асер, Нефталим, Јосиф и Венијамин.a
ЗАВУЛОН
2. Што му кажал Јаков на Завулон, и како се исполниле тие зборови? (1. Мојсеева 49:13; види ја и рамката).
2 Прочитај 1. Мојсеева 49:13. Јаков кажал дека потомците на Завулон ќе живеат крај морскиот брег, на северот од Ветената земја. Повеќе од 200 години подоцна, племето на Завулон добило дел од земјата, кој се наоѓал помеѓу Галилејското и Средоземното Море. Иако нивниот дел не излегувал директно на море, сепак бил близу до морскиот брег. Мојсеј прорекол: „Радувај се, Завулоне, на своите патувања“ (5. Мој. 33:18). Ова можеби се однесувало на фактот дека племето на Завулон лесно можело да стигне до брегот на двете мориња каде што можело да тргува со луѓе од разни места. Како и да било, потомците од племето на Завулон имале причина да бидат среќни.
3. Што ќе ни помогне да бидеме задоволни?
3 Што можеме да научиме? Секогаш имаме причина да бидеме радосни без разлика каде живееме или какви ни се околностите. За да останеме радосни, мора да бидеме задоволни со она што го имаме (Пс. 16:6; 24:5). Понекогаш, можеби ни е полесно да се концентрираме на она што го немаме наместо на убавите работи што ги имаме. Затоа, да се трудиме да ги гледаме позитивните работи во нашите околности (Гал. 6:4).
ИСАХАР
4. Што му кажал Јаков на Исахар, и како се исполниле тие зборови? (1. Мојсеева 49:14, 15; види ја и рамката).
4 Прочитај 1. Мојсеева 49:14, 15. Јаков го пофалил Исахар затоа што бил трудољубив и во позитивна смисла го споредил со магаре кое има јаки коски — животно кое може да носи тежок товар. Исто така, Јаков кажал дека Исахар ќе има добра земја. Во склад со зборовите на Јаков, потомците на Исахар добиле плодна земја покрај реката Јордан (Ис. Нав. 19:22). Без сомнение, тие трудољубиво ја обработувале нивната земја, но вложувале голем труд и за да им помагаат на другите (1. Цар. 4:7, 17). На пример, кога судијата Варак и пророчицата Девора побарале помош од Израелците за да се борат против Сисара, племето на Исахар било едно од племињата кое им понудило помош. Ова племе било спремно да се бори и во други прилики (Суд. 5:15).
5. Како можеме да го следиме примерот на потомците на Исахар, и зошто?
5 Што можеме да научиме? Јехова го цени трудот што го вложуваме во службата за него исто како што го ценел трудот на племето на Исахар (Проп. 2:24). На пример, размисли за старешините кои трудољубиво се грижат за собранието (1. Тим. 3:1). Тие не учествуваат во дословни битки, но мора напорно да работат за да го заштитат Божјиот народ од духовни опасности (1. Кор. 5:1, 5; Јуда 17-23). Исто така, тие вложуваат голем труд за да подготвуваат и изнесуваат охрабрувачки говори со цел да го зајакнат собранието (1. Тим. 5:17).
ДАН
6. Каква задача добило племето на Дан? (1. Мојсеева 49:17, 18; види ја и рамката).
6 Прочитај 1. Мојсеева 49:17, 18. Јаков го споредил Дан со змија која напаѓа многу поголеми животни, како на пример коњ кој се користи за битка. Дан претставувал опасност за непријателите на Израел. Додека израелскиот народ патувал кон Ветената земја, племето на Дан служело „како заштитна стража“ (4. Мој. 10:25). Тоа било важна задача иако другите Израелци не можеле да видат што сѐ направило племето на Дан за нив.
7. Што треба да имаме на ум во врска со која и да било задача што ја извршуваме во службата за Јехова?
7 Што можеме да научиме? Дали некогаш си извршил некоја задача за која ти се чинело дека никој не ја забележал? Можеби си помогнал околу чистењето и одржувањето на салата за состаноци, си служел како доброволец на некој собир или конгрес или си извршил некоја друга задача. Ако е така, ти си за пофалба! Никогаш не заборавај дека Јехова забележува и цени сѐ што правиш за него. Тој особено цени кога му служиш не затоа што сакаш да добиеш пофалба од другите, туку затоа што сакаш да ја изразиш твојата искрена љубов кон него (Мат. 6:1-4).
ГАД
8. Зошто племето на Гад било лесна мета за непријателите? (1. Мојсеева 49:19; види ја и рамката).
8 Прочитај 1. Мојсеева 49:19. Јаков прорекол дека Гад ќе го напаѓаат разбојници. Повеќе од 200 години подоцна, племето на Гад ја наследило земјата источно од реката Јордан, која се граничела со непријатели. Затоа, племето на Гад било лесна мета за непријателите. Сепак, ова племе сакало да живее таму бидејќи имало многу пасишта за неговата стока (4. Мој. 32:1, 5). Очигледно, луѓето од племето на Гад биле храбри луѓе. Што е уште поважно од тоа, тие имале доверба дека Јехова ќе им помага да ја одбранат земјата што тој им ја дал од кој и да било непријател што ќе ги нападнел. Тие дури со години праќале свои војници за да им помагаат на другите племиња да го освојат останатиот дел од Ветената земја, западно од реката Јордан (4. Мој. 32:16-19). Тие имале доверба дека Јехова ќе ги штити жените и децата додека мажите се во битка. Јехова ги благословил поради нивната храброст и самопожртвуваност (Ис. Нав. 22:1-4).
9. Како нашата доверба во Јехова ќе влијае врз нашите одлуки?
9 Што можеме да научиме? За да му служиме на Јехова и во тешки ситуации, мора да продолжиме да имаме доверба во него (Пс. 37:3). Многумина денес покажуваат дека имаат доверба во Јехова со тоа што спремно прават жртви за да учествуваат во изградба на теократски објекти, за да служат онаму каде што има поголема потреба или за да помагаат во Јеховината организација на други начини. Тие го прават тоа бидејќи се уверени дека Јехова секогаш ќе се грижи за нив (Пс. 23:1).
АСЕР
10. Што пропуштило да направи племето на Асер? (1. Мојсеева 49:20; види ја и рамката).
10 Прочитај 1. Мојсеева 49:20. Јаков прорекол дека племето на Асер ќе биде богато, и тоа навистина се исполнило. Ова племе ги наследило некои од најплодните делови од земјата во целиот Израел (5. Мој. 33:24). Неговата земја излегувала на Средоземното Море и го вклучувала Сидон, кој бил богато феникиско трговско пристаниште. Но, племето на Асер не ги истерало Ханаанците од земјата (Суд. 1:31, 32). Поради богатството што го поседувало, како и поради лошото влијание на Ханаанците, се чини дека племето на Асер ја изгубило ревноста за чистото обожавање. На пример, кога судијата Варак побарал помош од Израелците за да се бори против ханаанската војска, племето на Асер не се понудило да помогне. Како резултат на тоа, ова племе ја пропуштило можноста да има удел во победата што Јехова со чудо им ја дал на Израелците „кај водите на Мегидо“ (Суд. 5:19-21). Племето на Асер веројатно се чувствувало засрамено кога ја чуло победничката песна на Варак и Девора, во која бил и стихот: „Асер седеше на брегот и безделничеше“ (Суд. 5:17).
11. Зошто треба да задржиме урамнотежено гледиште за материјалните работи?
11 Што можеме да научиме? Ние сакаме на Јехова да му го дадеме нашето најдобро. За да можеме да го правиме тоа, треба да внимаваме да не станеме како луѓето од светот кои мислат дека парите и она што можат да го купат со нив се најважното нешто во животот (Изр. 18:11). Ние се трудиме да задржиме урамнотежено гледиште за парите (Проп. 7:12; Евр. 13:5). Не сакаме да дозволиме ништо да нѐ спречи да ја вршиме нашата служба за Бог. Затоа, не ги трошиме нашето време и нашата сила за да стекнеме материјални работи кои всушност не ни се вистински потребни. Наместо тоа, се трудиме да му го дадеме нашето најдобро на Јехова бидејќи знаеме дека вистински сигурен и удобен живот нѐ чека во иднина (Пс. 4:8).
НЕФТАЛИМ
12. Како можеби се исполниле зборовите што Јаков му ги кажал на Нефталим? (1. Мојсеева 49:21; види ја и рамката).
12 Прочитај 1. Мојсеева 49:21. Јаков рекол дека Нефталим ќе кажува „убави зборови“. Ова можеби се однесува на начинот на кој Исус зборувал додека ја извршувал својата служба на Земјата. Исус, кој бил познат по своето вешто поучување, се населил во Капернаум на подрачјето на Нефталим (Мат. 4:13; 9:1; Јован 7:46). Во врска со Исус, Исаија прорекол дека луѓето од племињата на Завулон и Нефталим ќе видат „голема светлина“ (Иса. 9:1, 2). Поради начинот на кој поучувал, Исус бил „вистинската светлина, која им свети на најразлични луѓе“ (Јован 1:9).
13. Како можеме да го радуваме Јехова со она што го кажуваме?
13 Што можеме да научиме? На Јехова му е важно што кажуваме и како го кажуваме тоа. На кој начин можеме да кажуваме „убави зборови“ со кои ќе го радуваме Јехова? Еден начин е така што ќе ја зборуваме вистината (Пс. 15:1, 2). Освен тоа, можеме да ги изградуваме другите со нашите зборови така што ќе се трудиме да ги пофалуваме наместо да ги критикуваме и да се жалиме (Еф. 4:29). Исто така, можеме да си поставиме за цел повешто да започнуваме разговори кои потоа можат да водат до сведоштво.
ЈОСИФ
14. Како се исполнило пророштвото за Јосиф? (1. Мојсеева 49:22, 26; види ја и рамката).
14 Прочитај 1. Мојсеева 49:22, 26. Јаков мора да бил многу горд на Јосиф. Јехова „[го издвоил] од неговите браќа“ и го употребил на посебен начин. Јаков го нарекол „фиданка од родно дрво“. Дрвото бил самиот Јаков, а Јосиф бил негова фиданка. Јосиф бил првородениот син на Јаков од неговата сакана жена Рахела, а Рувим бил првородениот син на Јаков од неговата жена Лија. Но, бидејќи Рувим го изгубил правото на првородство, Јаков прорекол дека Јосиф ќе го добие двојниот дел од неговото наследство (1. Мој. 48:5, 6; 1. Лет. 5:1, 2). Овој дел од пророштвото се исполнил кога од Ефрем и Манасија, двајца од синовите на Јосиф, настанале две племиња во Израел кои наследиле своја земја (1. Мој. 49:25; Ис. Нав. 14:4).
15. Како реагирал Јосиф на неправдите што ги доживеал?
15 Исто така, Јаков за Јосиф рекол: „Стрелци го стрелаа и го мразеа“ (1. Мој. 49:23). Тие стрелци биле неговите љубоморни браќа кои биле одговорни за многу од неправдите кои тој ги доживеал. Сепак, Јосиф не ги замразил своите браќа и не го обвинил Јехова за она што му се случило. Како што рекол Јаков: „Јосиф не го помрдна лакот од своето место, и неговите раце останаа силни и вешти“ (1. Мој. 49:24, Превод Нов свет, ревидирано издание на англиски од 2013). Додека минувал низ тешки ситуации, Јосиф се потпирал на Јехова и не само што им простил на своите браќа туку и постапувал љубезно со нив (1. Мој. 47:11, 12). Јосиф дозволил неволјите со кои се соочил да го пречистат, односно да му помогнат да стане подобра личност (Пс. 105:17-19). Како резултат на тоа, Јехова можел да го користи на извонреден начин.
16. Како можеме да го следиме примерот на Јосиф кога ќе со соочиме со неволји?
16 Што можеме да научиме? Никогаш да не дозволиме неволјите да нѐ оддалечат од Јехова и од нашите соверници. Не заборавај дека, кога се соочуваме со испити на верата, Јехова може да нѐ обликува (Евр. 12:7). Тој може да ни помогне да ги развиеме или во уште поголема мера да ги покажуваме христијанските особини како што се милоста и простувањето (Евр. 12:11). Можеме да бидеме сигурни дека Јехова ќе нѐ награди за нашата истрајност, како што го наградил и Јосиф.
ВЕНИЈАМИН
17. Како се исполнило пророштвото за Венијамин? (1. Мојсеева 49:27; види ја и рамката).
17 Прочитај 1. Мојсеева 49:27. Јаков прорекол дека племето на Венијамин ќе има извонредни воени вештини „како волк“ (Суд. 20:15, 16; 1. Лет. 12:2). „Наутро“, односно кога со Израел почнале да владеат цареви, од племето на Венијамин произлегол првиот цар на Израел, Саул. Тој бестрашно се борел против Филистејците (1. Сам. 9:15-17, 21). „Навечер“, односно кога Израелците веќе немале свој цар, Естира и Мардохеј, кои потекнувале од племето на Венијамин, го спречиле истребувањето на Израелците во Персиското Царство (Ест. 2:5-7; 8:3; 10:3).
18. Како можеме да бидеме верни по примерот на племето на Венијамин?
18 Што можеме да научиме? Луѓето од племето на Венијамин без сомнение се гордееле кога Саул станал цар бидејќи бил од нивното племе. Но, подоцна, Јехова го поставил за цар Давид, кој бил од племето на Јуда. Сепак, луѓето од племето на Венијамин на крајот ја поддржале таа промена (2. Сам. 3:17-19). Со години подоцна, кога 10 од племињата се побуниле, племето на Венијамин верно ги поддржало племето на Јуда и царот кого Јехова го поставил (1. Цар. 11:31, 32; 12:19, 21). И ние можеме да го следиме нивниот пример така што верно ќе ги поддржуваме оние што Јехова ги поставува за да го водат неговиот народ денес (1. Сол. 5:12).
19. Како ни користи пророштвото што го кажал Јаков пред да умре?
19 Пророштвото што го кажал Јаков пред да умре може многу да ни користи. Тоа што разгледавме како се исполнило неговото пророштво, ни ја зајакнува верата дека ќе се исполнат и другите пророштва од Јеховината Реч. А тоа што разгледавме како биле благословени синовите на Јаков, ни помага подобро да разбереме како можеме да го радуваме Јехова.
ПЕСНА 128 Да бидеме истрајни!
a Кога ги благословил Рувим, Симеон, Леви и Јуда, Јаков го направил тоа по нивниот редослед на раѓање. Но, кога ги благословил останатите осум синови, Јаков не го следел нивниот редослед на раѓање.