Конгресот во 1925 год. во Индијанаполис (Индијана)
1925 — пред сто години
„ИМАМЕ големи очекувања за оваа година“, пишувало во Стражарска кула од 1 јануари 1925. Но, понатаму во статијата стоело: „Не треба да бидеме премногу загрижени што може да се случи. Во спротивно, не би можеле со радост да го правиме она што Господарот го бара од нас“. Какви очекувања имале Истражувачите на Библијата за 1925 год.? И, како успеале да останат зафатени во делото на Господарот и покрај неисполнетите очекувања?
БОЖЈИОТ НАРОД СЀ УШТЕ ТРЕБАЛО ДА ЧЕКА
Многу Истражувачи на Библијата очекувале рајот на Земјата да биде обновен во 1925 год. Зошто? Брат Алберт Шредер, кој подоцна станал член на Водечкото тело, објаснил: „Сметавме дека во 1925 год. помазаниците ќе одат на небото, а верните мажи од минатото, како Авраам и Давид, ќе бидат воскреснати на Земјата и ќе служат како кнезови“. Но, бидејќи тоа не се случило, некои браќа и сестри се разочарале (Изр. 13:12).
И покрај тоа, повеќето Истражувачи на Библијата останале зафатени во проповедничкото дело и станувале сѐ посвесни дека најважното нешто што треба да го прават е да сведочат за Јехова. Да видиме како со помош на радиото успеале да ја пренесат вистината надалеку и нашироко.
СЕ ОТВАРААТ НОВИ РАДИОСТАНИЦИ
Поради успехот кој бил постигнат со радиостаницата WBBR во претходната година, Истражувачите на Библијата изградиле друга радиостаница, овој пат близу Чикаго (Илиноис). Таа станица била наречена WORD. Ралф Лефлер, радиоинженерот кој работел на изградбата на радиостаницата, го рекол следново: „Во студените зимски ноќи, WORD се слушаше надалеку и нашироко“. На пример, едно семејство кое живеело на повеќе од 5.000 километри оддалеченост, во гратчето Пајлт Стејшн (Алјаска), слушало една од првите радиоемисии. По емисијата, семејството им напишало писмо на оние што работеле во станицата за да им се заблагодари за охрабрувачката духовна програма.
Лево: Далноводи на радиостаницата WORD во Батавија (Илиноис)
Десно: Ралф Лефлер работи во радиостаницата
Во врска со огромната покриеност на оваа радиостаница, во Стражарска кула од 1 декември 1925, пишувало: „WORD е една од супер станиците на САД која работи со моќност од 5.000 вати. Сигналот на оваа станица добро се слуша од источниот до западниот брег на САД и од Куба па сѐ до крајниот север на Алјаска. Многумина кои претходно никогаш не чуле за вистината сакаат да дознаат повеќе бидејќи ја слушаат оваа радиостаница“.
Џорџ Неш
Во исто време, Истражувачите на Библијата сакале да почнат да користат радиостаница и во Канада за да ја проповедаат добрата вест. Во 1924 год., во Саскатун (Саскачивен) била изградена радиостаницата CHUC. Таа била една од првите радиостаници во Канада кои емитувале емисии со верска содржина. Во 1925 год., таа мала станица требало да се премести. Затоа, Watch Tower Society станало сопственик на радиостаницата и ги префрлило студијата во еден стар театар во Саскатун, познат како Риџент Билдинг. Тој театар бил купен и реновиран за таа цел.
Благодарение на таа радиостаница, многу луѓе кои живееле во ретко населените места на Саскачивен ја слушнале добрата вест за првпат. На пример, една жена, госпоѓа Греам, која живеела во едно далечно гратче, напишала писмо во кое побарала библиска литература откако слушала една од емисиите. Брат Џорџ Неш рекол: „Нејзината молба ’Поучете нѐ!‘ изгледаше толку јасна и гласна што ѝ го пративме целиот комплет Студии на Светото писмо“. Кратко потоа, госпоѓа Греам почнала да ја шири пораката за Царството на уште пооддалечени места.
НАШИТЕ ВЕРУВАЊА СТАНУВААТ СЀ ПОЈАСНИ
Во Стражарска кула од 1 март 1925, излегла една многу значајна статија со наслов „Раѓање на народот“. Зошто оваа статија била толку важна? Веќе некое време, Истражувачите на Библијата знаеле дека Сатана има организација составена од невидливи зли духовни суштества на небото, како и од религиозниот, трговскиот и политичкиот систем тука на Земјата. Меѓутоа, со помош на оваа статија, „верниот и разборит роб“ им помогнал на браќата и сестрите да разберат дека и Јехова има организација која целосно се разликува од организацијата на Сатана и која дејствува против неа (Мат. 24:45). Освен тоа, робот објаснил дека Божјето Царство било родено во 1914 год. и дека таа година, како резултат на војната што избувнала на небото, Сатана и неговите демони биле исфрлени од небото и оттогаш нивното дејствување е ограничено само на Земјата (Отк. 12:7-9).
На некои им било тешко да го прифатат ова ново разбирање. Од таа причина, во статијата пишувало: „Ако некои од читателите на Стражарска кула не се согласуваат со ова ново разбирање, ги поттикнуваме да бидат стрпливи и да имаат доверба во Господарот додека продолжуваат да му служат со чисто срце“.
Еден од колпортерите (кои сега се нарекуваат пионери) од Британија, по име Том Ејр, кажал што сепак мислеле повеќето Истражувачи на Библијата во врска со оваа статија: „Браќата беа многу среќни за ова објаснување на Откровение поглавје 12. Кога дознавме дека Царството веќе е воспоставено на небото, едвај чекавме да ја споделиме оваа добра вест со другите. Тоа нѐ поттикна да проповедаме во уште поголема мера и ни помогна да видиме како Јехова преку својот народ ќе направи уште поголеми работи во иднина“.
ДА СЕ СВЕДОЧИ ЗА ЈЕХОВА
Денес, Јеховините сведоци многу добро ги знаат зборовите од Исаија 43:10: „’Вие сте мои сведоци‘, вели Јехова, ’и мој слуга кого го избрав‘“. Меѓутоа, до 1925 год., овој стих бил ретко обработуван во нашите публикации. За кратко време тоа се сменило. Во 1925 год., Исаија 43, стихови 10 и 12, биле разгледани во 11 изданија од Стражарска кула!
На крајот од август 1925 год., Истражувачите на Библијата се собрале на еден конгрес во Индијанаполис (Индијана). На конгресната програма имало една порака за добредојде, составена од брат Ратерфорд. Во неа пишувало: „Дојдовме на овој конгрес за да бидеме... зајакнати од Господарот за да можеме со обновени сили да се вратиме на подрачјето и да бидеме негови сведоци“. Во текот на осумдневниот конгрес, присутните биле охрабрени да сведочат за Јехова во секоја прилика.
Во саботата, на 29 август, брат Ратерфорд ја разработил темата со наслов „Повик за акција“. Во говорот истакнал колку е важно да се сведочи. Тој рекол: „Јехова му вели на својот народ: ’Вие сте мои сведоци... а јас сум Бог‘. А потоа му дава јасна заповед со овие силни зборови: ’Подигнете им собирен знак на народите!‘ Нема никој друг на Земјата кој ќе им подигне знак на народите освен [неговиот народ], оние кои го имаат духот на Господарот затоа што се негови сведоци“ (Иса. 43:12; 62:10).
Трактатот Порака на надеж
По говорот на брат Ратерфорд, присутните едногласно ја усвоиле резолуцијата со наслов „Порака на надеж“. Во неа било истакнато дека Божјето Царство е единствената надеж за „мир, благосостојба, здравје, живот, слобода и вечна среќа“. Подоцна, оваа резолуција била преведена на повеќе јазици и била отпечатена во облик на трактат. Биле поделени околу 40 милиони примероци од трактатот.
Иако Истражувачите на Библијата дури по неколку години официјално го прифатиле името Јеховини сведоци, сепак станувале сѐ посвесни за нивната одговорност да сведочат за Јехова.
ПОВТОРНО ДА СЕ ПОСЕТАТ ЗАИНТЕРЕСИРАНИТЕ
Како што бројот на Истражувачи на Библијата во светот растел, организацијата ги поттикнала браќата повторно да ги посетат оние кои претходно покажале интерес за добрата вест. По акцијата во која се делел трактатот Порака на надеж, во Билтенотa било дадено следното упатство: „Повторно вратете се во оние домови каде што бил оставен трактатот Порака на надеж иако таму не била оставена друга литература“.
Во Билтенот од јануари 1925 била напишана следнава изјава од еден Истражувач на Библијата од Плано (Тексас): „За нас беше големо изненадување тоа што на подрачјата кои беа работени повеќе пати имаше подобри резултати отколку на новите подрачја. Едно мало гратче на нашето подрачје беше работено пет пати во последните десет години... Неодамна, сестра Хендрикс и мајка ми повторно проповедаа таму и дадоа повеќе книги од кога и да било порано“.
Еден колпортер од Панама напишал: „Многумина кои првиот пат ме избркаа од нивната врата, имаа сосема поинаков став кога ги посетив вториот или третиот пат. Поголемиот дел од времето оваа година, ги посетував оние на кои веќе сум им проповедал и со некои од нив имав многу убави искуства“.
ПОГЛЕД КОН ИДНИНАТА
Во годишното писмо до сите колпортери, брат Ратерфорд напишал што сѐ се постигнало во проповедничко дело таа година и што ги очекувало понатаму. Тој рекол: „Изминатата година имавте можност да ги тешите потиштените. Ова дело ви донесе голема радост... Следната година ќе имате многу прилики да сведочите за Бог и за неговото Царство и да покажете кои се неговите вистински слуги... Сите заедно да продолжиме на сет глас да го славиме нашиот Бог и нашиот Цар“.
На крајот од 1925 год., браќата почнале да прават планови за да ги прошират објектите во Бруклин. Следната година, 1926, го означила почетокот на најголемиот градежен проект на нашата организација дотогаш.
Изградба на еден од објектите на улицата Адамс во Бруклин (Њујорк) во 1926 год.
a Сега Нашиот живот и служба како христијани — работни листови.