СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 41
ПЕСНА 108 Божјата верна љубов
Божјата љубов трае довека
Благодарете му на Јехова, зашто е добар — зашто неговата лојална љубов трае довека (ПС. 136:1, фус.)
ЦЕЛ НА СТАТИЈАТА
Да ни помогне да сфатиме дека тоа што ќе гледаме на Јеховината љубов како на основно библиско учење може да нѐ охрабри кога се наоѓаме во тешка ситуација.
1-2. Со каков проблем се соочуваат многу христијани?
ЗАМИСЛИ СИ еден брод среде силна бура. Огромни бранови го носат горе-долу. Доколку не му е спуштена котвата, бродот ќе отплови онаму каде што ќе го однесат брановите. Котвата му дава стабилност на бродот и не дозволува морските струи да го одвлечат додека беснее бурата.
2 Кога минуваш низ некоја тешка ситуација, можеби се чувствуваш како тој брод. Можеби чувствата брзо ти се менуваат. Еден ден можеби си сигурен дека Јехова те сака и те поддржува, а веќе следниот можеби се прашуваш дали тој воопшто гледа низ што минуваш (Пс. 10:1; 13:1). Можеби некој пријател ти кажува утешни зборови и некое време се чувствуваш подобро (Изр. 17:17; 25:11). Но потоа, сомнежите ти се враќаат. Можеби дури и си помислуваш дека Јехова кренал раце од тебе. Што може да ти помогне, така да се каже, да ја спуштиш котвата додека се наоѓаш во таква ситуација? Со други зборови, што може да ти помогне да бидеш уверен — и да останеш уверен — дека Јехова те сака и ти помага?
3. Според Псалм 31:7 и 136:1, што значи изразот „лојална љубов“, и зошто можеме да кажеме дека Јехова е најдобар пример за тоа? (Види ја и сликата.)
3 Една работа што може да ти помогне да задржиш стабилност во тешки ситуации е да ја имаш на ум Јеховината лојална љубов. (Прочитај Псалм 31:7, фус.; 136:1, фус.) Изразот „лојална љубов“ ја пренесува мислата на длабока и трајна приврзаност што една личност ја има кон некоја друга личност. Јехова е најдобар пример за лојална љубов. За него Библијата вели дека е „полн со лојална љубов“ (2. Мој. 34:6, 7, фус.). Исто така, за Јехова Библијата вели: „Голема е твојата лојална љубов кон сите што те повикуваат“ (Пс. 86:5, фус.). Размисли што значи ова: Јехова никогаш не ги напушта своите верни слуги! Тоа што ќе имаш на ум дека Јехова е лојален, ќе ти помогне да задржиш стабилност додека минуваш низ тежок период (Пс. 23:4).
Исто како што една пловна котва спречува морските струи да го одвлечат бродот додека беснее бура, нашата увереност дека Јехова нѐ сака ќе ни помогне да задржиме стабилност кога минуваме низ тежок период (види во пасус 3)
ГЛЕДАЈ НА ЈЕХОВИНАТА ЉУБОВ КАКО НА ОСНОВНО БИБЛИСКО УЧЕЊЕ
4. Наведи примери на основни библиски учења, и објасни зошто не е лесно некој да нѐ наведе да престанеме да веруваме во нив.
4 Друго нешто што може да ти помогне да задржиш стабилност во тешки ситуации е тоа што ќе гледаш на Јеховината љубов како на основно библиско учење. На што помислуваш кога ќе го чуеш изразот „основно библиско учење“? Можеби помислуваш на вистините што си ги научил од Божјата Реч. На пример, си дознал дека Божјето име е Јехова, дека Исус е Божјиот единороден Син, дека мртвите не се свесни за ништо и дека на Земјата ќе има рај во кој луѓето ќе живеат засекогаш (Пс. 83:18; Проп. 9:5; Јован 3:16; Отк. 21:3, 4). Откако си ги прифатил овие учења, не е лесно некој да те наведе да престанеш да веруваш во нив. Зошто? Бидејќи си сфатил дека тие се темелат на факти. Да видиме како тоа што на Јеховината љубов ќе гледаш како на основно библиско учење може да ти помогне да не се сомневаш дали Јехова се грижи за тебе и дали забележува низ што минуваш.
5. Објасни како некој може да ги отфрли лажните учења.
5 Што ти помогнало да ги отфрлиш лажните учења кога си почнал да ја проучуваш Библијата? Веројатно тоа што си го споредувал она за што те поучувала твојата религија со она што го поучува Библијата. Размисли за еден пример. Да речеме дека некогаш си верувал дека Исус е Семоќниот Бог. Но, додека си ја проучувал Библијата си се прашал: „Дали ова учење навистина е точно?“ Откако си истражил што вели Библијата во врска со тоа, си сфатил дека Исус не е Бог. Потоа, си го заменил лажното учење со библиската вистина: Исус е „првороден од сѐ што е создадено“, „единородниот Син Божји“ (Кол. 1:15; Јован 3:18). Се разбира, може да биде тешко да се отфрли едно лажно учење бидејќи е „цврсто утврдено“ (2. Кор. 10:4, 5). Но откако си ја дознал вистината, не си почнал повторно да веруваш во лажните учења (Фил. 3:13).
6. Зошто можеш да бидеш уверен дека Јеховината „лојална љубов трае довека“?
6 Можеш да направиш нешто слично во врска со она што Библијата го поучува за Јеховината љубов. Додека минуваш низ некоја тешка ситуација, доколку почнеш да се сомневаш дали Јехова те сака, прашај се: „Дали моето размислување е разумно?“ Твоите сомнежи во врска со Јеховината љубов спореди ги со зборовите од Псалм 136:1 — стихот на кој се темели оваа статија. Зошто Јехова ја опишува својата љубов како „лојална“? Зошто мислата дека „неговата лојална љубов трае довека“ се повторува 26 пати во овој псалм? Како што видовме, Јеховината лојална љубов кон неговиот народ е основно библиско учење, како што се и другите учења кои лесно си ги прифатил од Божјата Реч. Идејата дека Јехова смета дека си безвреден и дека не си достоен да те сака е чиста лага. Отфрли ја таа лага исто толку решително колку што би го отфрлил кое и да било друго лажно учење!
7. Наведи некои стихови кои можат да те уверат дека Јехова те сака.
7 Во Библијата има и многу други стихови кои нѐ уверуваат дека Јехова нѐ сака. На пример, Исус им рекол на своите следбеници: „Вие сте повредни од многу врапчиња“ (Мат. 10:31). А самиот Јехова му кажал на својот народ: „Јас ќе те зајакнам и ќе ти помогнам. Ќе те потпрам со мојата праведна десница“ (Иса. 41:10). Забележи колку се јасни овие изјави. Исус не рекол: „Вие можеби сте повредни од многу врапчиња“, и Јехова не рекол: „Можеби ќе ти помогнам“. Наместо тоа, тие велат: „Вие сте повредни од многу врапчиња“ и „Јас... ќе ти помогнам“. Ако некогаш се сомневаш дали Јехова те сака додека минуваш низ некоја тешка ситуација, ваквите стихови можат не само да ти помогнат да се чувствуваш подобро туку и да се увериш дека тој те сака. Тие се темелат на факти. Ако му се молиш на Јехова во врска со своите сомнежи и длабоко размислуваш за овие стихови, тогаш ќе можеш да ги кажеш зборовите од 1. Јованово 4:16: „Самите ја запознавме љубовта која Бог ја има кон нас и ѝ поверувавме“.a
8. Што можеш да правиш ако одвреме-навреме се сомневаш дали Јехова те сака?
8 Но, што ако одвреме-навреме сѐ уште имаш сомнежи дали Јехова те сака? Спореди го она што го чувствуваш со она што го знаеш за него. На чувствата не можеме да се потпреме како што можеме да се потпреме на фактите. А факт е дека Јехова нѐ сака, како што пишува во Библијата. Ако не веруваме дека Јехова нѐ сака, тоа е како да велиме дека изјавата „Бог е љубов“, која е запишана во Библијата, не е вистина (1. Јов. 4:8).
РАЗМИСЛУВАЈ ЗА ОНА ШТО ГО КАЖАЛ ИСУС ЗА ЈЕХОВИНАТА ЉУБОВ
9-10. Што ни открива контекстот на зборовите на Исус: „Самиот Татко ве сака“, кои се запишани во Јован 16:26, 27? (Види ја и сликата.)
9 Можеме повеќе да научиме за Јеховината љубов ако размислуваме за она што Исус им го кажал на своите следбеници: „Самиот Татко ве сака“. (Прочитај Јован 16:26, 27.) Исус не ги кажал овие зборови само за да направи неговите ученици да се чувствуваат убаво. Всушност, контекстот ни открива дека во тој момент Исус главно не зборувал за нивните чувства, туку зборувал за молитвата.
10 Исус само што им кажал на учениците дека треба да се молат преку него, а не да му се молат нему (Јован 16:23, 24). Било важно тие да го знаат тоа. По неговото воскресение, можеби учениците ќе биле на искушение да му се молат на Исус. На крајот на краиштата, Исус им бил пријател. Тие би можеле да си мислат дека тоа што тој многу ги сака ќе го поттикне да ги слушне нивните сесрдни молитви и да побара од неговиот Татко да им помогне. Но Исус рекол дека не треба да размислуваат на овој начин. Зошто? Бидејќи тој им кажал: „Самиот Татко ве сака“. Овој факт е дел од основното библиско учење за молитвата. Размисли што значи тоа за тебе: Со тоа што си ја проучувал Библијата, ти си го запознал и си го засакал Исус (Јован 14:21). Но исто како учениците од првиот век, и ти можеш со доверба да му се молиш на Бог знаејќи дека самиот тој те сака. Секогаш кога му се молиш на Јехова, покажуваш дека веруваш во тие зборови (1. Јов. 5:14).
Можеш со доверба да му се молиш на Јехова, знаејќи дека самиот тој те сака (види во пасуси 9-10)b
ИМАЈ НА УМ ОД КАДЕ ДОАЃААТ СОМНЕЖИТЕ
11. Зошто Сатана ќе се радува ако се сомневаме во Јеховината љубов?
11 Што може да нѐ наведе да се сомневаме дали Јехова нѐ сака? Можеби ќе одговориш дека Сатана нѐ наведува да размислуваме на тој начин, и тоа е делумно точно. Ѓаволот „бара некого [од нас] да проголта“, и тој ќе се радува ако се сомневаме во Јеховината љубов (1. Пет. 5:8). Всушност, љубовта го поттикнала Јехова да ја обезбеди откупнината, а Сатана сака да се чувствуваме недостојни за да извлечеме корист од неа (Евр. 2:9). Но кој ќе се радува ако се сомневаме дали Јехова нѐ сака? Сатана. И кој ќе се радува ако толку се обесхрабриме што ќе престанеме да му служиме на Јехова? Сатана. Да разгледаме колку е иронично тоа што тој се обидува да нѐ наведе да се сомневаме во Јеховината љубов. Сатана е всушност тој кој ја изгубил Јеховината љубов. Сепак, една од неговите најлукави сплетки е да нѐ наведе да мислиме дека ние сме тие кои Јехова не ги сака и кои ги отфрлил (Еф. 6:11). Тоа што ќе бидеме свесни што се обидува да направи нашиот непријател, ќе ни помогне да си ја зајакнеме решеноста да му се спротивставиме на Ѓаволот (Јак. 4:7).
12-13. Како може грешната состојба што сме ја наследиле да предизвика да се сомневаме во Јеховината љубов?
12 Сомнежи во врска со тоа дали Јехова нѐ сака можат да дојдат и од еден друг извор — грешната состојба што сме ја наследиле (Пс. 51:5; Рим. 5:12). Гревот нѐ оддалечува од нашиот Творец. Исто така, тој штетно влијае врз нашиот ум, врз нашето срце и врз нашето тело.
13 Гревот влијае негативно врз нашите емоции така што предизвикува да чувствуваме вина, загриженост, несигурност и срам. Вакви чувства може да имаме ако направиме грев. Но, тие исто така можат да излезат на површина бидејќи сме постојано свесни за нашата несовршеност — состојба која воопшто не е во склад со начинот на кој сме биле создадени (Рим. 8:20, 21). Исто како што едно возило не може најдобро да функционира ако има издишана гума, така и ние, поради нашата несовршеност, не можеме во потполност да го искористиме потенцијалот со кој сме биле создадени. Затоа не нѐ изненадува што понекогаш се бориме со сомнежи за Јеховината љубов. Ако тоа се случи, треба да се потсетиме дека Јехова им покажува лојална љубов на оние што го сакаат и ги држат неговите заповеди (Неем. 1:5).
14. Како тоа што ќе размислуваме за откупнината може да ни помогне да престанеме да се сомневаме дека Јехова нѐ сака? (Римјаните 5:8; види ја и рамката „Чувај се од ’измамливоста на гревот‘“)
14 Понекогаш можеби се чувствуваме недостојни за Јеховината љубов. Всушност, факт е дека ние не сме достојни за неа, но токму затоа таа е толку посебна. Ние со ништо не можеме да ја заслужиме Јеховината љубов. Сепак, бидејќи нѐ сака, Јехова ја обезбедил откупнината за да може да ни ги прости гревовите (1. Јов. 4:10). Исто така, имај на ум дека Исус дошол да спаси грешници, а не совршени луѓе. (Прочитај Римјаните 5:8.) Никој од нас не може совршено да ги прави работите и Јехова не го очекува тоа од нас. Ако сфатиме дека нашата грешна состојба може да нѐ наведе да се сомневаме во Јеховината љубов, ќе бидеме уште порешени да не дозволиме тоа да се случи (Рим. 7:24, 25).
ИЗБЕРИ ДА ОСТАНЕШ ВЕРЕН
15-16. Во што можеме да бидеме сигурни ако му останеме верни на Јехова, и зошто? (2. Самоилова 22:26).
15 Јехова сака да донесеме исправна одлука така што „ќе се [држиме] за него“ (5. Мој. 30:19, 20). Ако го правиме тоа, можеме да бидеме сигурни дека тој ќе ни остане верен. (Прочитај 2. Самоилова 22:26.) Сѐ додека сме му верни на Јехова можеме да бидеме уверени дека тој ќе ни помага во која и да било ситуација во нашиот живот.
16 Како што видовме, имаме многу причини да задржиме стабилност кога минуваме низ тешки ситуации. Ние знаеме дека Јехова нѐ сака и дека ќе ни помага. Токму тоа го вели Библијата. Ако некогаш се сомневаме во неговата љубов, можеме да размислуваме за она што знаеме дека е вистина, наместо да се концентрираме на тоа како се чувствуваме во моментот. Да продолжиме и понатаму да бидеме уверени дека Јеховината лојална љубов трае довека, токму како што вели Библијата.
ПЕСНА 159 Славата тебе ти припаѓа
a Други примери има во 5. Мојсеева 31:8, Псалм 94:14 и Исаија 49:15.
b ОПИС НА СЛИКАТА: Еден брат го моли Јехова да му помогне да се грижи за својата болна жена, да носи мудри одлуки во врска со парите и да ја поучува својата ќеркичка да го сака Бог.