СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 42
ПЕСНА 44 Молитва на потиштениот
Како можеш да си ги подобриш молитвите
Викам од сѐ срце. Услиши ме, Јехова! (ПС. 119:145)
ЦЕЛ НА СТАТИЈАТА
Тоа што ќе размислуваме за молитвите кои се запишани во Библијата, може да ни помогне да ги подобриме нашите молитви.
1-2. а) Што би можело да нѐ спречи да му ги кажеме нашите најдлабоки чувства на Јехова? б) Од каде знаеме дека Јехова внимателно ги слуша нашите молитви?
ДАЛИ понекогаш имаш чувство дека твоите молитви се механички, дека не се молиш од срце или дека повторуваш исти зборови? Ова може да му се случи на секого од нас. Бидејќи сите сме многу зафатени, можеби имаме склоност да кажуваме кратки и брзи молитви. Или можеби ни е тешко да му ги кажеме нашите најдлабоки чувства на Јехова бидејќи се чувствуваме недостојни да му се обратиме во молитва.
2 Библијата нѐ уверува дека на Јехова не му е најважно колку добро ќе се изразиме додека се молиме, туку тоа да го правиме искрено и понизно. Тој ги слуша „молбите на кротките“ (Пс. 10:17). Јехова внимателно го слуша секој наш збор бидејќи е вистински заинтересиран за нас (Пс. 139:1-3).
3. Кои прашања ќе ги разгледаме во оваа статија?
3 Во оваа статија ќе ги разгледаме следниве прашања: Зошто нема причина да се плашиме да му ги изразиме најдлабоките чувства на Јехова? Што може да ни помогне нашите молитви да бидат подлабоки? Како тоа што ќе размислуваме за сесрдните молитви во Библијата може да ни помогне да си ги подобриме молитвите? И што можеме да направиме ако сме толку вознемирени или оптоварени со грижи што не можеме да ги изразиме нашите чувства со зборови?
НЕМОЈ ДА СЕ ПЛАШИШ ДА МУ ГИ ИЗРАЗИШ ЧУВСТВАТА НА ЈЕХОВА
4. Што може да ни помогне да не се плашиме да му ги изразиме своите чувства на Јехова? (Псалм 119:145).
4 Кога ќе сфатиме дека Јехова ни е верен пријател кој ни го мисли најдоброто, слободно ќе му се молиме и ќе му кажеме што мислиме и како се чувствуваме. Писателот на Псалм 119 се трудел така да гледа на Јехова кога му се молел. Неговиот живот не бил без проблеми. Некои луѓе кажале злобни лаги за него (Пс. 119:23, 69, 78). Освен тоа, понекогаш се чувствувал обесхрабрено поради своите грешки (Пс. 119:5). Сепак, не се плашел отворено да му каже на Јехова како се чувствува. (Прочитај Псалм 119:145.)
5. Зошто не треба да дозволиме негативните чувства да нѐ спречат да се молиме? Наведи пример.
5 Јехова ги поттикнува да му се молат дури и оние што направиле тешки гревови (Иса. 55:6, 7). Затоа, не треба да дозволиме негативното гледиште за себеси да не спречи да му се молиме. Да наведеме еден пример: Еден пилот знае дека може да комуницира со контролорите на летање ако му треба помош. Дали треба да се колеба да побара помош бидејќи му е срам што се изгубил или затоа што направил грешка? Се разбира дека не! Слично на тоа, дури и ако понекогаш се чувствуваме изгубено или сме направиле грев, можеме слободно да му се обратиме на Јехова во молитва (Пс. 119:25, 176).
КАКО МОЖАТ НАШИТЕ МОЛИТВИ ДА БИДАТ ПОДЛАБОКИ
6-7. Како тоа што размислуваме за особините на Јехова ни помага да му ги изразиме најдлабоките мисли и чувства? Наведи пример. (Види ја и фуснотата.)
6 Кога зборуваме отворено со Јехова така што му ги кажуваме најдлабоките мисли и чувства, нашите молитви стануваат подлабоки. Тогаш, што може да ни помогне да се молиме на ваков начин?
7 Размислувај за Јеховините особини.a Колку повеќе размислуваме за особините на Јехова, толку полесно ќе ни биде да му ги изразиме мислите и чувствата (Пс. 145:8, 9, 18). Да го разгледаме примерот на Кристин, една сестра чиј татко бил насилен. Таа објаснува: „Не ми беше лесно да зборувам со Јехова како со грижлив Татко. Мислев дека тој ќе ме напушти поради моите грешки“. Која особина на Јехова ѝ помогнала? Таа вели: „Јеховината лојална љубов ми помага да се чувствувам безбедно. Знам дека тој секогаш ќе биде покрај мене. Дури и да згрешам, тој сѐ уште ќе ме сака и ќе ми помага. Ова ми олеснува да му ги изразам моите најдлабоки чувства на радост и тага“.
8-9. Како ќе ти користи тоа што ќе размислиш што да кажеш пред да се молиш? Наведи пример.
8 Размисли што да кажеш. Пред да се молиш, би можел да си поставиш неколку прашања. На пример: „Со кои конкретни проблеми се борам во моментов? Дали треба некому да му простам? Дали ми е потребна помош од Јехова во врска со некоја неодамнешна промена во мојот живот?“ (2. Цар. 19:15-19). Исто така, би можеле да се сетиме на начинот на кој Исус нѐ поучил да се молиме со тоа што ќе размислиме што би можеле да му кажеме на Јехова во врска со Неговото име, Неговото Царство и Неговата волја (Мат. 6:9, 10).
9 Кога една сестра по име Алиска дознала дека нејзиниот маж има рак на мозокот во последен стадиум, ѝ било тешко да се моли. Таа се присетува: „Бев толку вознемирена што, кога ќе почнев да се молам, не можев да се сетам што да кажам“. Што ѝ помогнало? Таа објаснува: „Пред да се молам, си одвојувам малку време за да си ги организирам мислите и тоа ми помага да не се молам само за себе и за болеста на маж ми. Кога го правам тоа, чувствувам поголем мир и полесно ми е да се молам за други работи“.
10. Зошто треба да се трудиме да одвоиме време за подолги молитви? (Види ги и сликите.)
10 Одвој си доволно време за молитва. Иако и кратките молитви можат да бидат длабоки, поголема е веројатноста дека ќе му ги кажеме на Јехова најдлабоките мисли и чувства ако одвоиме време за подолги молитви.b Илајџа, сопругот на Алиска, вели: „Се трудам да се молам повеќепати во денот, но се чувствувам поблизок со Јехова кога си одвојувам време да кажам и подолги молитви. Знам дека не мора да брзам додека се молам бидејќи Јехова не е нестрплив, едвај чекајќи да завршам со молитвата“. Обиди се да најдеш време и место кои ќе ти овозможат да се молиш подолго, можеби дури и на глас, без нешто да ти одвлекува внимание, а потоа труди се редовно да се молиш на ваков начин.
Најди време и место кои ќе ти овозможат да се молиш подолго, без нешто да ти одвлекува внимание (види во пасус 10)
РАЗМИСЛУВАЈ ЗА СЕСРДНИТЕ МОЛИТВИ ВО БИБЛИЈАТА
11. Како ќе ти помогне тоа што ќе размислуваш за сесрдните молитви во Библијата? (Види ја и рамката „Дали се чувствуваш исто како нив?“)
11 Можеби ќе ти помогне тоа што ќе размислуваш за сесрдните молитви и песните на фалба, односно псалмите, кои се запишани во Библијата. Додека читаш како Божјите слуги ги изразиле своите најдлабоки мисли и чувства, можеби ќе бидеш поттикнат и ти така да се молиш. А можеби и ќе откриеш нови изрази на фалба кои можеш да ги вклучиш во своите молитви. И, можеби ќе најдеш молитви на Божји слуги кои биле во слични околности како твоите.
12. Кои прашања можеме да си ги поставиме додека размислуваме за содржината на некоја молитва?
12 Додека размислуваш за содржината на некоја молитва запишана во Библијата, прашај се: „Кој ги кажал овие зборови и во какви околности? Дали и јас се чувствувам така? Што можам да научам од оваа молитва?“ Можеби ќе треба дополнително да истражуваш за да одговориш на овие прашања, но ќе вреди сиот труд што ќе го вложиш. Да разгледаме неколку примери.
13. Што можеме да научиме од Ана во врска со молитвата? (1. Самоилова 1:10, 11; види ја и сликата).
13 Прочитај 1. Самоилова 1:10, 11. Кога Ана ја кажала оваа молитва, имала два големи проблеми — не можела да има деца и другата жена на нејзиниот сопруг ѝ го загорчувала животот (1. Сам. 1:4-7). Ако се соочуваш со проблем кој долго време те мачи, што можеш да научиш од молитвата на Ана? Таа одвоила време за да му ги каже на Јехова сите свои грижи, и по молитвата се чувствувала многу подобро, како да ѝ паднал голем товар од грбот (1. Сам. 1:12, 18). И ние можеме да се чувствуваме подобро ако му го фрлиме „своето бреме на Јехова“ така што ќе му кажеме какви грижи имаме и како се чувствуваме поради нив (Пс. 55:22).
Ана ја мачело тоа што не можела да има деца и тоа што другата жена на нејзиниот сопруг постојано ѝ се потсмевала, но ѝ олеснало кога отворено му кажала на Јехова како се чувствува (види во пасус 13)
14. а) Што друго учиме од Ана? б) Како тоа што ќе размислуваме за она што го читаме од Библијата може да ни ги збогати молитвите? (Види ја фуснотата.)
14 По неколку години откако го родила својот син Самоил, Ана го одвела кај првосвештеникот Илиј (1. Сам. 1:24-28). Во една сесрдна молитва, таа ја изразила својата увереност дека Јехова ги штити своите верни слуги и се грижи за нивc (1. Сам. 2:1, 8, 9). Нејзините проблеми дома не исчезнале, но Ана се концентрирала на благословите од Јехова. Која е поуката за нас? Подобро ќе се справиме со тешките ситуации во животот ако се концентрираме на тоа како Јехова ни помагал сѐ досега.
15. Што можеме да научиме од молитвата на пророкот Еремија? (Еремија 12:1).
15 Прочитај Еремија 12:1. Пророкот Еремија се чувствувал обесхрабрено бидејќи видел дека злобните имаат успех во животот. Исто така, бил потиштен затоа што другите Израелци му се потсмевале (Ерем. 20:7, 8). Ние разбираме како се чувствувал бидејќи и ние сме биле исмевани и сме виделе како некои луѓе прават лоши работи, а сепак се чини дека добро им оди во животот. Иако му кажал на Јехова колку е вознемирен поради сето тоа, Еремија никогаш не го обвинил Бог дека е неправеден. Неговата доверба во Јеховината правда сигурно се зголемила кога видел како Бог го казнил својот бунтовен народ (Ерем. 32:19). И ние можеме отворено да му кажеме на Јехова колку многу нѐ болат неправдите што ги доживуваме, имајќи доверба дека во свое време тој ќе ги исправи.
16. Што можеме да научиме од молитвата на еден левит? (Псалм 42:1-4; види ги и сликите).
16 Прочитај Псалм 42:1-4. Оваа песна ја напишал еден левит кој не можел да го обожава Бог во храмот заедно со своите соверници бидејќи бил во изгнанство. Од неговиот псалм се гледа како се чувствувал. Би можеле да се поистоветиме со него ако сме во затвор поради нашата вера или ако не можеме да излеземе од нашиот дом поради болест. Можеби нашите чувства одвреме-навреме ќе се менуваат, но добро е во молитва да му кажеме на Јехова како се чувствуваме. Тоа може да ни помогне подобро да ги разбереме нашите чувства и да имаме исправно гледиште за нашата ситуација. На пример, левитот сфатил дека ќе има други можности да го слави Јехова (Пс. 42:5). Исто така, размислувал како Јехова се грижел за него (Пс. 42:8). Тоа што сесрдно ќе му се молиме на Бог може да ни помогне подобро да разбереме зошто се чувствуваме на одреден начин, повторно да имаме мир и да собереме сили за да истраеме.
Левитот кој го напишал Псалм 42 му го излеал своето срце на Бог. Кога во молитва му кажуваме на Јехова како се чувствуваме, тоа ни помага да имаме исправно гледиште за нашата ситуација (види во пасус 16)
17. а) Што можеме да научиме од молитвата на пророкот Јона? (Јона 2:1, 2). б) Како можат некои изрази од Псалмите да ни помогнат кога ни е тешко? (Види ја фуснотата.)
17 Прочитај Јона 2:1, 2. Пророкот Јона ја кажал оваа молитва додека бил во утробата на една голема риба. Иако му бил непослушен на Јехова, Јона бил уверен дека Бог ќе ја слушне неговата молитва. Додека се молел, Јона употребил многу изрази од Псалмите.d Тој сигурно многу добро ги знаел тие стихови. Тоа што размислувал за нив го уверило дека Јехова ќе му помогне. Слично на ова, ако се трудиме да запамтиме некои библиски стихови, ќе можеме да се сетиме на нив и да добиеме утеха кога ќе му се молиме на Јехова во тешки ситуации.
ПРОДОЛЖИ ДА СЕ ЗБЛИЖУВАШ СО ЈЕХОВА ВО МОЛИТВА
18-19. Ако понекогаш ни е тешко во молитва да ги изразиме нашите чувства со зборови, како можат да нѐ утешат зборовите од Римјаните 8:26, 27? Наведи пример.
18 Прочитај Римјаните 8:26, 27. Понекогаш можеби се чувствуваме толку притиснати од грижи што не можеме да ги изразиме чувствата со зборови. Но, не сме беспомошни. Во такви моменти, Божјиот свет дух „се зазема“ за нас. Како? Преку својот дух, Јехова се погрижил во неговата Реч да бидат запишани многу молитви. Кога не можеме јасно да ги изразиме нашите мисли, Јехова може да прифати одредени изрази од тие молитви како молби што ние сакаме да му ги упатиме, и може да ги услиши.
19 Оваа мисла ѝ помогнала на една сестра од Русија по име Јелена. Таа била уапсена затоа што се молела и ја читала Библијата. Јелена била под толку голем стрес што ѝ било тешко да се моли. Таа вели: „Тогаш се сетив дека кога ми е тешко и не знам за што да се молам, Јехова ќе ги прифати молитвите на верните Божји слуги од минатото како да се мои... Тоа ми пружи голема утеха во тој особено тежок период“.
20. Како можеме да си го подготвиме умот за молитва кога сме под стрес?
20 Кога сме под стрес, може да ни биде тешко да се концентрираме додека се молиме. За да си го подготвиме умот, можеме да читаме на глас некои стихови од Псалмите. Исто така, можеме да напишеме како се чувствуваме, како што направил цар Давид. (Види ги Псалмите 18, 34 и 142, како и нивните натписи.) Се разбира, нема правила за тоа како треба да се подготвиме за да се молиме (Пс. 141:2). Направи онака како што е најдобро за тебе.
21. Зошто можеме да се молиме со сето свое срце?
21 Многу нѐ теши тоа што знаеме дека Јехова разбира како се чувствуваме уште пред да му го кажеме тоа (Пс. 139:4). Сепак, тој се радува кога му кажуваме како се чувствуваме и колку голема доверба имаме во него. Затоа, немој да се колебаш да му се молиш на твојот небесен Татко. Учи од молитвите кои се запишани во неговата Реч. Моли се со сето свое срце. Споделувај ја со него и радоста и тагата. Како твој вистински Пријател, Јехова ќе биде секогаш тука за тебе!
ПЕСНА 45 Размислувањето на моето срце
a Разгледај „Некои истакнати особини на Јехова“ кои се спомнати во Библиски стихови за нашиот живот под темата „Јехова“.
b Молитвите кои се кажуваат јавно во име на собранието, општо земено, се прилично кратки.
c Во својата молитва, Ана користела изрази кои се слични со некои од оние што ги запишал Мојсеј. Очигледно, таа одвојувала време за да размислува за она што го пишува во Божјата Реч (5. Мој. 4:35; 8:18; 32:4, 39; 1. Сам. 2:2, 6, 7). Со векови подоцна, Марија, мајката на Исус, користела зборови на фалба кои се слични на оние што ги спомнала Ана (Лука 1:46-55).
d На пример, спореди Јона 2:3-9 со Псалм 69:1; 16:10; 30:3; 142:2, 3; 143:4, 5; 18:6 и 3:8, според редоследот што го користел Јона.